Untitled design

Младите го тестираат протоколот за управување со кризи произлезен од трагедијата во Кочани

На 16 март 2025 година, во ноќниот клуб „Пулс“ во Кочани, пожар предизвикан од пиротехнички средства за неколку минути ја зафати целата просторија и одзеде шеесет и три животи, оставајќи повеќе од сто повредени. Ова е најболната и најтешка трагедија што и се случила на Македонија. Токму таа трагедија во која се покажа дека на институциите им треба повеќе време за да реагираат, заедницата мора да биде побрза, беше мотивација за проектот „Поврзани во криза: Млади што градат отпорност и заедништво“, што го спроведуваат „Младите можат“ од Скопје и Супортко Кочани, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Еден од првите конкретни чекори беше симулацијата на кризна состојба, во која учествуваа дваесетина млади луѓе.

Симулацијата е тест-фаза на првиот национален протокол за младинско управување со кризи во Северна Македонија. Целта е, овој протокол да ги дефинира улогите на младинските центри, граѓанските организации и општините во фазите на превенција, реакција и психосоцијална поддршка. На тој начин, младите првпат формално ќе бидат препознаени како чинители во системот за цивилна заштита и општествена отпорност. Наместо институциите и граѓанскиот сектор да делуваат секои за себе, како што се случи за време и по трагедијата во Кочани, идејата е да се воспостави траен, координиран модел во кој младинските центри ќе бидат интегрирани во општинските планови за реагирање при кризи, а Министерството за социјална политика, демографија и млади и Центарот за управување со кризи ќе имаат редовна комуникација со мрежата на младински центри. Затоа протоколот прво беше тестиран во контролирани услови, преку игра во која учесниците ги играат улогите на реалните актери пред да се продложи со следните чекори до официјалното усвојување и примена во вистинска криза.

Пред самата симулација, истражувањето на моменталната состојба со младинските центри и граѓанскиот сектор откри низа значајни предизвици. Претставниците од  „Младите можат“, според добиените податоците велат дека „повеќе од половина од младите изјавиле дека кризите негативно влијаат врз нивното ментално здравје и социјалниот живот.  Во таа смисла, психолошката поддршка се издвои како нивна најголема потреба, а беше евидентна и ниската доверба на родителите во институциите“. Супортко Кочани го гледа истиот проблем од друг агол. За нив, најголемиот забележан предизвик е тоа што младинските организации имаат огромна желба да помогнат во криза, но им недостасуваат јасни насоки како да се координираат со институциите, што често доведува до самоиницијативно, а со тоа и ризично дејствување, додека институциите пак се мачат да дојдат до навремени и точни информации од терен.

Овие наоди директно ја обликуваа работата на експертската група при подготовката на нацрт-протоколот. Сара Николовска од „Младите можат“ посочува дека „посебно внимание беше посветено на улогата на младинските центри како безбедни простори за поддршка, на јасната распределба на улогите и одговорностите меѓу институциите, како и на механизмите за психосоцијална поддршка и вклучување на младите“. За Супортко Кочани, овие наоди значеа целосна промена во пристапот кон изработката на документот. „Тоа нè натера да не правиме само уште еден сув теоретски документ, туку практична рамка. Го направивме прирачникот со јасно поделени улоги: точно се знае кој координира, кој проверува информации и каде е границата меѓу хуманитарната помош и професионалните спасувачки служби“, објаснува Клаудија Николова од Супортко Кочани.

Симулацијата беше осмислена како интерактивна друштвена игра во која секој учесник доби улога што одговара на реален актер од протоколот – претставник на општина, на Центарот за управување со кризи, на младинскиот центар, психолог и други релевантни чинители. Преку различни сценарија и предизвици, учесниците требаше да донесуваат одлуки, да комуницираат меѓусебно и да постапуваат според чекорите предложени во протоколот, велат од Младите можат. Супортко Кочани дополнително ја надгради играта со стрес-тест карти и реални сценарија, со поплавени улици, прекинати врски, паника на социјалните мрежи. Целта, како што посочуваат спроведувачите на проектот, беше преку игра да се види како учесниците ќе се снајдат со самиот прирачник во пракса и како ќе го поднесат притисокот од брзо носење одлуки.

Најголемиот предизвик за учесниците беше координацијата меѓу различните институции и донесувањето брзи одлуки во услови на ограничени информации, рече Николовска од „Младите можат“, додавајќи дека учесниците сфатиле дека ефективното справување со криза зависи од навремена комуникација, доверба и меѓусебна соработка. Клаудија Николова од Супортко Кочани го опишува најнапнатиот момент низ конкретна сцена: „Најнапнато беше кога беа соочени со лажни вести и паника од социјалните мрежи, а во исто време им се јавуваат загрижени родители и волонтери кои сакаат веднаш да тргнат да ‘спасуваат’. Имаше многу неизвесност и реално согледување колку е тешка одлуката кога треба да се прогласи нешто за безбедно.“ Учесниците беа сериозно вклучени во своите улоги, а чувството на одговорност и неизвесност ја направи играта многу реалистична за сите страни.

Симулацијата покажа дека протоколот претставува добра основа, но истовремено отвори и прашања за дополнителни подобрувања. Од „Младите можат“ нагласуваат дека токму затоа по завршувањето на играта беше организирана уште една средба на експертската група, на која биле разгледани сите забелешки и предлози добиени од учесниците, а документот дополнително бил унапреден. „Сега ни е јасно кои процедури треба дополнително да се прецизираат – на пример, кој точно ја дава последната потврда за безбедност на објектите и како побрзо да се отстранат дезинформациите пред да предизвикаат масовна паника“, додава Николова од Супортко Кочани.

За организаторите, најголемата вредност на симулацијата е во тоа што протоколот не е само документ на хартија. „Највредно беше тоа што протоколот не остана само документ на хартија, туку беше ставен на практичен тест. Преку директното учество на младите добивме искрени реакции, конкретни предлози и увид во тоа како предложените процедури функционираат во реална динамика“, посочи Сара Николовска од „Младите можат“, додавајќи дека еден од највпечатливите моменти бил кога учесниците сфатиле дека добрата намера сама по себе не е доволна доколку нема јасно дефинирани улоги, координација и навремена комуникација. Сличен впечаток имаат и од Супортко Кочани, каде учесниците сфатиле дека во криза најважно е да се почитува „ланецот на команда, а не да се прават херојски потези на своја рака што можат да ја загрозат безбедноста“.

Своите впечатоци од игрите ги споделија и волонтерите кои учествуваа во тестирањето, а нивните искуства открија колку реалистично играта ги пренела притисоците на вистинска криза. „Многу ми се допадна динамиката во играта затоа што ни даде чувство како навистина да сме во кризен штаб“, вели Деа Андреева, волонтерка од Кочани. Таа истакнува дека најголемо изненадување за неа било колку лесно се создава паника преку социјалните мрежи и лажните вести.

Тој елемент на хаос и брзо носење одлуки му оставил впечаток и на волонтерот Денис Божинов, кој посочува дека најинтересниот, но и најнапнатиот дел настанал кога учесниците почнале да добиваат конфликтни информации од сите страни. „Требаше во секунда да пресечете што е следно“, опишува тој.

Учесниците чувствувале дека нивните одлуки навистина имаат тежина. За волонтерката Миа Андреева преку сопствените грешки и одлуки во играта можело јасно да се види што точно од прирачникот треба да се подобри во реалноста. „Знаевме дека нашите забелешки реално ќе влијаат на крајната форма на протоколот што ќе го користат младинските центри“, вели таа.

Искуството од играта им дало на волонтерите и јасна претстава за тоа што недостасува во моменталната верзија на протоколот. Божинов смета дека „документот треба да содржи појасен чекор за брза проверка на информации пред да се пуштат во јавност, со цел да се спречи ширење на дезинформации“. Андреева пак укажува на потребата од попрецизен дел за комуникација со родителите во кризни ситуации, кои често се најголемиот извор на притисок кога ќе настапи паника.

Следните чекори на проектот се насочени кон финализирање на националниот протокол врз основа на сите собрани препораки, негова промоција и застапување пред релевантните институции, а централна активност во наредниот период ќе биде организирањето на голема национална симулација за негово тестирање во поширока рамка. Паралелно, продолжуваат активностите кои ја зајакнуваат отпорноста на младите и соработката меѓу младинските центри, институциите и граѓанското општество.

Продолжи со читање

  • „Секој новинар е и активист и секој активист е и новинар”

    Сара Танаскоска е млада новинарка од Струга. До неодамна, работела во медиум каде локалните теми ретко наоѓале место. Не поради незаинтересираност, туку поради тоа што системот едноставно не нудел простор за тоа. „Сакам повеќе да придонесам за својата локална заедница. Досега немав можност во некој медиум темелно да ги обработувам…

  • „Не ни треба уште една апликација, туку некој конечно да нè слушне“

    Младите од Крушево, Куманово и Тетово меѓу бавните процедури и новиот обид за дигитален дијалог со општините Во многу општини низ Северна Македонија, патот од идеја до реална промена кај младите често завршува уште пред да почне. Обид да се пријави проблем, неколку обиди да се најде вистинската институција, и…

  • Нов етички кодекс за новинарите: процес што ја враќа довербата во медиумите

    Во време кога информациите се шират со огромна брзина, а границата помеѓу проверена вест и дезинформација станува сè поневидлива, темата за етичко новинарство повторно се наметнува како клучна за општеството. Новинарството, како глас на јавноста, носи одговорност што денес е поголема од кога било, особено во услови кога медиумскиот простор…

  • Само ни треба шанса!

    Млади од Полошкиот регион бараат услови за останување, не причини за заминување. „Секој втор мој пријател веќе е во Германија. Јас уште се двоумам, сакам да останам, но не гледам перспектива”, вели Арбен, 24-годишен програмер од Тетово, кој секој ден се наоѓа пред истото прашање: да остане или да замине….

  • Јавниот интерес пред скриената сопственост

    Во светот долго време се знаеше за постоењето на т.н. „шел“ или празни компании кои без познат сопственик и без вработени си префрлаа меѓу себе огромни суми пари за фиктивни услуги, за да се затскрие трагата на овие пари кои најчесто потекнуваа од црни и неоданочени бизниси. Но по откритијата…

  • Дали Македонија конечно ќе знае каде ѝ се стипендистите?

    Македонија секоја година губи потенцијал на млади луѓе колку еден цел мал град. Само во Словенија, во последните неколку години, заминуваат просечно по околу 1000 македонски студенти. Додека најдобрите умови од нашите средни училишта ги освојуваат амфитеатрите во Виена, Берлин, Љубљана или Амстердам, државата со години се соочуваше со институционален…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор