May

Придонесот на граѓанските организации во медиумската слобода

„Обликување иднина во мир“ е глобалната порака под која оваа година се одбележува 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, посветен на улогата на новинарството во заштитата на човековите права, демократските процеси и јавниот интерес.

Денот се одбележува од 1993 година, по одлука на Обединетите нации и препорака на УНЕСКО, со цел да се истакне значењето на медиумските слободи, но и да се укаже на ризиците и притисоците со кои се соочуваат новинарите ширум светот.

Во домашниот контекст, овие процеси во значајна мера се потпираат и на граѓанскиот сектор, кој преку различни иницијативи придонесува за јакнење на професионалните стандарди, јавната дебата и медиумската писменост. Програмата Цивика мобилитас во изминатите години континуирано поддржува вакви иницијативи, насочени кон развој на медиумската сфера и зајакнување на информираното општество.

По повод денешниот ден, разговаравме со претставници на Македонскиот институт за медиуми, еден од грантистите на Цивика мобилитас, за нивните ставови за улогата на граѓанските организации, нивните постигнувања, предизвиците со кои се соочуваат, како и перспективите за идниот развој на медиумската слобода.

„Граѓанските организации имаат клучна улога во заштитата и унапредувањето на слободата на медиумите преку континуирана поддршка на новинарите, јакнење на професионалните стандарди и застапување на подобри политики“, велат од МИМ.

Според нив, тие делуваат како коректив на институциите, но и како партнер на медиумската заедница, обезбедувајќи простор за дијалог, критичко преиспитување и заеднички одговор на заканите кон слободата на изразување. Во македонскиот контекст, ваквата улога е особено значајна поради долгогодишните структурни слабости во медиумската сфера.

Од МИМ посочуваат дека нивната работа со години е насочена кон јакнење на квалитетното новинарство преку едукација, анализи и јавни дебати, како и кон унапредување на медиумската писменост.

„Веќе 25 години, МИМ ги доделува наградите за најдобра истражувачка сторија, со цел да поттикне и промовира квалитетното, професионално и одговорно новинарство, во интерес на јавноста и унапредување на демократските процеси во државата. МИМ беше дел од процесот на вклучување на медиумската писменост во основното образование, при што беа обучени повеќе од 10.000 наставници ширум земјата“, додаваат тие.

Институтот активно го поддржува развојот на капацитетите на новинарите и уредниците, а особено во локалните медиуми.  Преку истражувања, обуки и студиски посети, МИМ континуирано учествува во подобрување состојбата во медиумската сфера, борбата против дезинформациите и во промовирањето на медиуми кои служат на јавниот интерес.

Во исто време, тие предупредуваат дека состојбата во медиумите останува ранлива. „Најголемиот предизвик за слободата на медиумите и понатаму е ранливата економска и професионална положба на медиумите и новинарите“.

Според нив, политичките и економските притисоци, автоцензурата и ширењето на дезинформации сериозно ја загрозуваат улогата на новинарството како столб на демократијата. Овие проблеми особено се изразени кај локалните медиуми, кои често работат со ограничени ресурси и без соодветна институционална поддршка.

Преку Цивика мобилитас досега се поддржани вкупно 30 проекти директно поврзани со организации кои работат во полето на информации, комуникации и медиуми, и со буџет од над 60 милиони денари.

Така на пример, за прв пат во нашата земја беше формирана Програма за жени новинарки благодарение на проектот „Жени новинарки за посилно граѓанско општество“, преку кој дваесет новинарки поминаа низ менторски и процеси на обука и создадоа 35 медиумски содржини на теми како родовата еднаквост, човековите права и положбата на маргинализираните заедници. Со ова, Платформата за истражувачко новинарство и анализи – ПИНА отвори нов простор за гласови кои ретко добиваат видливост.

Истовремено, Македонскиот институт за медиуми, во партнерство со Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, ја спроведе кампањата „Исто-исти“, преку која новинари и граѓански организации заеднички креираа медиумски содржини и отворија јавна дебата за правата и видливоста на лицата со попреченост. Со обуки, видео-стории и јавни настани, беше зајакната соработката меѓу медиумите, институциите и организациите.

Борбата против дезинформациите доби силен одговор преку работата на Центарот за слобода – ЦИВИЛ, чија медиумска платформа објави над 2.500 содржини и вклучи повеќе од 300 соговорници, паралелно со формирање на мрежа за мониторинг од над 650 лица за следење на изборни процеси и други чувствителни општествени прашања.

Во обид да се воспостават јасни професионални стандарди во онлајн просторот, Здружението за развој на медиуми Онлимит Медиа, Здружението на новинарите на Македонија и Советот за етика во медиумите на Македонија го иницираа создавањето на платформата promedia.mk – регистар што обедини над 150 онлајн медиуми и претставува важен механизам за саморегулација.

Паралелно, Институтот РЕСИС изгради мрежа од повеќе од 50 граѓански организации и спроведе истражувања и анализи кои директно влијаат врз креирањето медиумските политики и јакнењето на институционалните капацитети. Центарот за истражувачко новинарство СКУП, пак, преку документарни филмови отвори теми од висок јавен интерес, од здравство и животна средина до безбедноста на новинарите, придонесувајќи кон поширока регионална дебата.

Овие примери покажуваат дека поддршката на граѓанскиот сектор не значи само финансирање проекти, туку создавање конкретни алатки, знаења и платформи што го менуваат медиумскиот екосистем.

Гледано напред, од МИМ нагласуваат дека клучно е континуирано инвестирање во професионалните стандарди, безбедноста и независноста на новинарите, подобрување на медиумските политики со цел создавање услови за одржливо функционирање на медиумите и развој на дејноста, како и во медиумската писменост на граѓаните.

Истовремено, неопходно е стратешки да се зајакне улогата на новинарите и медиумите во современото дигитално опкружување, каде дезинформациите, притисоците и брзината на информациите ја прават нивната одговорност уште поважна.

„Потребна е и посилна соработка меѓу медиумите, граѓанскиот сектор и институциите“, додаваат од МИМ.

Цивика мобилитас, преку поддршката на овие иницијативи, продолжува да игра значајна улога во создавањето информирано општество и заштитата на јавниот интерес, особено во време на брзи медиумски и технолошки промени.

Продолжи со читање

  • Наша моќ, наша планета: Граѓанскиот сектор предводник на промените

    Секоја година, 22 април нè потсетува дека планетата не се заштитува само со големи ветувања, туку со секојдневни работа, одлуки, практични решенија и заедници кои знаат дека имаат моќ да направат промена. Овогодинешното мото на Денот на планетата Земја, „Нашата моќ, нашата планета“, особено силно се поврзува со работата на…

  • Меѓународниот ден на Ромите низ призмата на граѓанското општество

    Меѓународниот ден на Ромите е уште една можност за проверка на напредокот на општеството за предизвиците со кои се соочуваат нашите сограѓани, но исто така и е и можност да го препознаеме придонесот на сите оние што секојдневно работат на нивно надминување. Во тој процес, граѓанските организации имаат клучна улога….

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

  • Швајцарскиот амбасадор Зомер во посета на семејствата од Кочани и граѓанските иницијативи

    Повеќе од десет родители и членови на семејствата погодени од трагедијата во дискотеката во Кочани се сретнаа со швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер. На средбата со нивното здружение – Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ учествуваа ипретставници од Амбасадата на Швајцарија и тимот на Цивика мобилитас. Истиот ден,…

  • Социјалната правда не се слави, таа се создава!

    Денот на социјалната правда не е датум што треба само формално да се одбележи. Тој треба да не потсети дека правдата не е апстрактен поим, туку конкретна реалност што директно влијае врз животот на луѓето: врз нивната плата, сигурност, достоинство и иднина. За нас од „Гласен текстилец“, социјалната правда не…

  • Граѓанските организации дискутираа за како подобро да ги промовираат своите постигнувања

    Комуникациите и видливоста на Цивика мобилитас и на граѓанските организации беа тема на работилницата што се одржа на 11 февруари 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар. Вкупно 21 претставник од 20 граѓански организации, актуелни добитници на партнерски грантови (ЦМ-ПГ-2), дискутираа за комуникациските предизвици и како полесно да ги…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор