[Aggregator] Downloaded image for imported item #43063

Месечен осврт на Civica Mobilitas

Ако треба да се опише месецот со еден збор тогаш септември дефинитивно беше зелен. Најприсутни и најистакнати беа проектите кои работат во полето на животната средина, a по нив и оние кои се занимаваат со борбата против корупција, родовата еднаквост и реформите во образованието.

Во Европа се собрани околу 225 милиони тони цврст комунален отпад во 2020 година, а речиси половина може да се рециклира или искористи повторно. Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ) во новата статија ги претставува проблемите и можните решенија за биоотпадот во нашите градови, со фокус на одржливи практики и подобра иднина за животната средина. РЕЦ и партнерските организации ги споделија пораките за тоа како да го подобриме управувањето со биоотпадот за да придонесеме кон циркуларна економија на утринската програма на ТВ Алфа и така ја доближија оваа можност до поголем број домаќинства.

Анализата на „Крик“ открива дека многу млади ретко се информираат за состојбата на животната средина, а малкумина знаат како и каде да пријават загадување.

Еколошката свест кај младите во Република Северна Македонија е на ниско ниво, а изворите на информации често се ограничени или недоверливи. Инфографикот на „Крик“ нуди јасна слика за тоа од каде младите најчесто ги добиваат своите информации, кои се клучните пречки за активно вклучување и како образовниот систем влијае врз нивната еколошка свест. Овие податоци ја нагласуваат потребата за креирање механизми преку кои секој млад човек ќе знае каде да пријави проблем и како да се вклучи во заштитата на природата.

На 25 септември во просториите на „Млади Хаб“ – Скопје се вмрежија ментори и спроведувачи на зелени иницијативи и за зелени социјални активности. Овие учесници претходно ја завршија обуката „Зелено застапување преку зелена социјална работа и зелена младинска работа“ во Струмица и Скопје и сега, со следните задачи ќе придонесат кон одржлив развој и заедничка грижа за природата.

Циркуларната економија е еден од столбовите на Зелената агенда, па во истата насока Центарот за климатски промени и Младинската организација Креактив организираа работилница за 300 основци во Кавадарци каде се зборуваше за текстилниот отпад како еден од најбрзорастечките видови отпад. Покрај работилницата, следниот чекор беше голема собирна акција за отпаден текстил на градскиот плоштад во Кавадарци каде беше поставен и контејнер за донирање текстил од страна на граѓаните.

Здружението „Екотуризам 2016“ Охрид со поддршка од општина Дебрца, за учениците од прво до деветто одделение од основното училиште „Дебрца“ организираше едукативен настан посветен на запознавање на биолошката разновидност на Белчишко Блато.

Во рамки на истиот проект, ЦКП и партнерите во Скопје го одржаа тематскиот форум „Одржливо и функционално Скопје – перспективи и можности“ каде што присутните граѓани, експерти, институции и граѓански организации  се согласија за два од најголемите предизвици со кои се соочува градот – управување со отпад и зголемена урбанизација.  На Форумот беше отворена дебатата за иднината на Скопје во контекст на Зелената агенда за Западен Балкан (ЗАЗБ), чија цел е климатската неутралност до 2050 година.  Дел од заклучоците кои Центарот за климатски промени можеше да ги извлече од форумот се дека Скопје треба да биде град за луѓето, а не за автомобилите и бетонот; Зелените површини и парковите се јавен ресурс кој мора да се заштити; Урбаното планирање мора да биде транспарентно и насочено кон пешачки и велосипедски патеки и јавен транспорт.

За улогата на младите во процесот на европската интеграција, предизвиците со кои се соочуваат и начините како може да се зајакне регионалната соработка, во интервју за Балканскиот институт за регионална соработка (БИРС) зборуваше Владимир Ѓорѓевски, директор на локалната подружница на Regional Youth Cooperation Office (RYCO) во Скопје.

Граѓанските организации и ЈП „Пела Линк“ усвоија две конкретни мерки за подобар јавен превоз за младите од Пелагонија и тоа: Пилот викенд линија за млади (Новаци – Могила – Битола) и Кампања за добро однесување во јавниот превоз. Мерките ќе бидат разгледани на пленарна седница на Регионалната платформа за млади. Преку проектот, Про локал и партнерите им даваат шанса на младите не само да ги кажуваат своите потреби, туку и активно да креираат решенија.

Сте се запрашале ли досега дали и колку општината во која живеете е отворена кон вас? Одговорот  може да го пронајдете во наодите од Индексот на отвореност за 2025 година, кој беше презентиран на тематскиот форум „Отворена општина – активна заедница“, од Фондацијата „Метаморфозис“, Рурална коалиција и Центарот за социјални иновации „Блинк 42-21“. Индексот открива кои општини се наоѓаат на врвот на листата, а кои се најзатворени, и можеби ќе се изненадите, но големината на општината не е важна кога е во прашање отвореноста и транспарентноста кон своите граѓани.

Септември го заокруживме со одбележување на 13 издание на „Ден на гравот“ во Теарце,  манифестација која ја промовира земјоделската култура, економскиот раст како и развојот на културниот живот.

Сите овие активности, настани, иницијативи кои ги спроведуваат организациите, а се дел од проектите поддржани од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, придонесуваат кон менување на моменталната состојба, која според анализата на „Крик“ укажува дека е потребно подлабоко и практично еколошко образование. Од друга страна, дел од нив се посветени кон транспарентноста која треба да е повисока за да се спречи корупцијата на секое поле во општеството.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение Центар за ресурси во животната средина (РЕЦ)

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор