Граѓански импулс #11: месечен осврт на активностите на грантистите
ноември 2025
И во претпоследниот месец од 2025 година, граѓанските организации – актуелни грантисти на Цивика мобилитас со исто темпо продолжија да ги отвораат важните прашања и да нудат решенија за секојдневните предизвици во заедниците низ сите осум плански региони во земјата. Од животната средина и одржливиот развој, преку родовата еднаквост и социјалната инклузија, до образованието и економското јакнење на жените и младите, се покажа дека граѓанскиот сектор е присутен и ангажиран таму каде што е најпотребно.
Родовата еднаквост и локалните буџети остануваат еден од приоритетите на грантистите. Резултатите од Анализата за потребите на жените и девојките од источниот регион, што ја изработи Гласен текстилец од Штип, заедно со партнерските организации од проектот „Преку женски активизам и иницијативи до родово инклузивни и одговорни општини“, покажуваат дека иако родовата еднаквост формално се признава, таа сè уште не е интегрирана во креирањето на јавните политики и буџетските приоритети. Повеќе од половината анкетирани жени сметаат дека општеството е понаклонето кон мажите, а над 60% никогаш не учествувале во јавни дебати, форуми или консултации организирани од општините. Голем дел немаат информации за локалниот буџет и значењето на родово одговорниот буџет, а само 10% веруваат дека нивното мислење би било земено предвид, што укажува на ниско ниво на доверба во институциите и потреба од системска промена.
ХЕРА, заедно со ЕСЕ, „Заедно посилни“ и Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари, ја започнаа националната кампања „Кога се штеди на превенција – последиците се скапи“. Кампањата повикува на воспоставување систем кој ја става превенцијата во центарот на здравствените политики, бидејќи секој денар заштеден денес се плаќа поскапо утре – на штета на здравјето на граѓаните и на системот кој троши повеќе за лекување. Друг проблем е недостатокот на информации за постојните мерки. На пример, бројките од Анализата покажуваат дека 92% од жените Ромки не знаат дека имаат право на бесплатен гинеколошки преглед. Ова покажува дека некогаш не е доволно да се воспостават мерки, туку, корисниците треба да се запознаени со нив за да можат да ги користат.



Во областа образование, во новото издание на „Успешни приказни“, Лорик Идризи од Балкански институт за регионална соработка (БИРС) се осврна на работната култура и општествената свест. За проектот „Застапување за инклузивен развој“, во интервју, говореше и универзитетската професорка Мирјана Малеска, која ја критикува преоптовареноста на наставните програми, застарените учебници и отпорот кон промени, кои го држат системот заробен во минатото.
Жените од Кратово, Крива Паланка и Куманово повторно се обединија преку проектот „Активни жени“ на втората регионална средба. Хуманитарното здружение „Мајка“ од Куманово, Регионалниот центар за одржлив развој (РЦОР) Кратово, „Спектар“ од Крива Паланка и Фондацијата за развој на мали и средни претпријатија Куманово информираат за зголемено учество на жените во донесувањето одлуки и развојот на заедниците. Жените од руралните средини сѐ повеќе се охрабруваат активно да ги артикулираат своите проблеми, да ги адресираат до локалните власти и да се вклучат во процесите на креирање локални политики.



Жените од село Канатларци ги истакнаа најважните потреби, како детска градинка, поддршка за женско претприемништво и подобрување на инфраструктурата. Нивните барања беа слушнати благодарение на Женската граѓанска иницијатива Антико и партнерските организации кои го спроведуваат проектот „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество“.
Во ноември, „Антико“, Адрион и „Секогаш соживот“, организираа и настан во Кривогаштани како дел од кампањата „16 дена активизам против родово базираното и семејното насилство“, каде жените научија за механизмите за пријавување и улогата на заедницата во спречувањето насилство.



Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во партнерство со Еко логик и Флорозон од Скопје, продолжија со караванот за демонстрирање експерименти во училиштата. Овој пат, учениците во ООУ „Мирче Ацев“ од општина Ѓорче Петров и од ООУ „Вера Циривири – Трена“ од општина Карпош, учеа како да го преработат био-отпадот во биодизел и органска пластика.
Истовремено, овие организации објавија статија која го прикажува успешното управување со био-отпадот во европските градови како Милано, Каталонија, Франција и Австрија, и ја нагласува важноста на едукацијата, финансиските стимули и соработката меѓу граѓаните и општините.



Инвестицијата во едукација за одржлива иднина започнува уште од најмала возраст. Во ООУ „Петар Мусев“ – Богданци, партнерската организација на Центарот за климатски промени, Фондацијата за локален развој и развој на информатички технологии – Гевгелија, реализираше една од серијата обуки од проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената агенда на локално ниво“, каде децата ги се запознаа со Европскиот зелен договор и Зелената агенда за Западен Балкан.
Првата студија на случај „Пријавувањето на загадувач – (н)е твоја, моја, наша работа!“, изработена од Центарот за младински активизам КРИК, Центарот за социјални иницијативи „Надеж“ и Здружението на социјални работници на Македонија (ЗСРМ), ги прикажува предизвиците и чекорите кои секој од нас може да ги преземе во борбата за почиста животна средина. Студијата е дел од „ЗЗЗ – Заеднички за зелено застапување за заштита на животната средина“, проект поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Преку активностите, грантистите на Цивика мобилитас во ноември, уште еднаш потврдија дека тие се дел од поширок процес на градење поинклузивни заедници, поодговорни институции и поактивни граѓани низ целата земја.








