Човековите права се наша секојдневна неопходност
Хелсиншкиот комитет за човекови права се приклучува кон глобалните заложби по повод Меѓународниот ден на човековите права – 10 Декември, кој годинава се одбележува под мотото „Наша секојдневна неопходност“. Темата нагласува дека човековите права се фундаментални, позитивни и достижни аспекти од секојдневниот живот – како што се домот, храната и мирот – со цел луѓето повторно да се поврзат со нивните основни принципи во време на глобални предизвици.
На денешен ден во 1948 година, Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човековите права, документ што во изминатите 77 години стана темел на современиот систем за заштита и унапредување на човековите права, со посебен фокус на ранливите и маргинализирани групи. Сепак, глобалните кризи како војната во Украина, хуманитарната катастрофа во Палестина, бројните вооружени конфликти ширум светот, глобалното засилувањето на антидемократските идеологии дополнително го отежнуваат остварувањето на основните човекови права. Најсилно се погодени оние кои веќе живеат на општествените маргини: сиромашните, ранливите и дискриминираните заедници.
Во Северна Македонија, овие глобални предизвици добиваат и домашни, уште понагласени облици. Долгогодишната структурна дискриминација останува сериозен проблем и најизразено ги погодува ромската заедница, лицата со попреченост, ЛГБТИ луѓето, жените, лицата сместени во затворени институции.
Истовремено, сведочиме дека антиродовите движења директно се спротивставуваат на основните вредности на човековите права и го поттикнуваат ширењето на поделби во општеството. Политичката нестабилност, пак, ги пренасочува институционалните ресурси од клучните области како што се човековите права, родовата еднаквост и социјалната правда.
Особено загрижува фактот што институциите сè уште не постапуваат ефикасно во случаите на говор на омраза, а кривичните дела сторени од омраза врз маргинализираните заедници често остануваат целосно игнорирани. Ова дополнително ја продлабочува општествената поларизација и создава средина во која исчезнува разликата меѓу вистината и дезинформациите, со тешки последици по солидарноста и културата на јавна комуникација.
Хелсиншкиот комитет за човекови права повикува на засилени институционални мерки против дискриминацијата, активно спречување и санкционирање на говорот и делата од омраза, заштита на демократските стандарди и основните слободи и вложување во политики што создаваат инклузивно и солидарно општество.
Во време на сè поголеми кризи и неизвесност, денешниот ден нè потсетува на заедничката обврска – да не отстапуваме од визијата за подобар, поправеден и похуман свет. Човековите права, достоинството и еднаквоста мора да останат темел врз кој се гради секоја демократска и стабилна држава.
The post Човековите права се наша секојдневна неопходност appeared first on Хелсиншки комитет за човекови права.
This post was originally published on this site

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #42643](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2025/12/chovekovite-prava-se-nasha-sekojdnevna-neophodnost-640-x-418-px.jpg)





![[Aggregator] Downloaded image for imported item #42640](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2025/12/magazin-768x555.png)