(НЕ)ПРЕМИНЛИВИТЕ БАРИЕРИ НА БОЛОНСКИОТ ПРОЦЕС ВО СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА
Иако Северна Македонија е дел од Европскиот простор за високо образование од 2003 година, формалното усвојување на Болонскиот процес често се судира со структурни, финансиски и културни предизвици, ограничувајќи го неговиот вистински потенцијал за модернизација, академска мобилност и хармонизација на образованието со европските стандарди.
Болонскиот процес претставува една од најважните трансформации во европското високо образование. Овој процес, започнат во 1999 година, има за цел создавање Европски простор за високо образование каде студентите, професорите и научниците ќе имаат можност за слободно движење, меѓусебно признавање на дипломите и развивање на заедничка академска култура. За Северна Македонија, Болонскиот процес претставува можност за модернизација на високото образование, за зголемување на квалитетот на студиите и за интеграција во европските стандарди.
Сепак, и покрај постојаните јавни изјави од страна на владини претставници, експертите во земјата истакнуваат дека резултатите од спроведувањето на Болонскиот процес во Северна Македонија не биле линеарни и често биле проследени со бројни тешкотии. Реформата често била перцептирана како бирократски процес, додека нејзиниот потенцијал за развивање нови вештини, зголемување на мобилноста и подобрување на квалитетот на образованието не е целосно искористен.
Според Извештајот на Европската комисија за 2024 година, Северна Македонија забележала ограничен напредок во образованието, со препораките од претходната година кои се спроведени само делумно, додека се истакнува дека земјата останува членка на Европскиот простор за високо образование, без да се навлегува во детали за спроведувањето на Болонскиот процес. Во меѓувреме, експертите нагласуваат дека иако земјата е дел од Болонскиот процес од 2003 година и има напредок во мобилноста на студентите и професорите, главниот предизвик останува подобрувањето на квалитетот на високото образование, обезбедувањето акредитација и хармонизацијата на дипломите со европските стандарди. Според нив, мобилноста постои, но често се гледа повеќе како личен искуствен процес отколку како академски и професионален напредок. Генерално, експертите за образованието сметаат дека Северна Македонија има потреба од поцелосна стратегија, одржливо финансирање и поголема свест на академската јавност за да го направи Болонскиот процес реален инструмент за модернизација и конкурентност во високото образование.
Структурни предизвици, помеѓу форма и содржина
Балканските земји, вклучувајќи ја и Северна Македонија, го гледале Болонскиот процес како можност за модернизација на високото образование и за зголемена интеграција во Европската Унија. Сепак, во случајот на Северна Македонија, овој процес одразува напнатости од политичкиот и економски транзициски период, како и предизвици во развојот на стабилни институции.
Редовниот професор на Факултетот за образовни науки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Кирил Барбареев, во интервју за БИРЦ во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, истакнува дека една од главните слабости од почетокот на спроведувањето на Болонскиот процес е неговата перцепција претежно како едноставна реформа на високото образование. Тој нагласува дека Болонскиот процес всушност е тесно поврзан со економските, технолошките и културните промени, кои водат кон глобални стандарди и побарувања на пазарот на труд, вклучувајќи појавување на нови професии и занаети, интелектуализација на работната сила, потреба од повисоки нивоа на образование, развој на отворено општество, меѓународна соработка и користење на нови комуникациски алатки.
Тој подвлекува дека многу земји постепено развиле и подготвиле инфраструктура и човечки ресурси за да одговорат на овие промени, додека се поставува дилемата дали сме способни да се прилагодиме на Болонскиот процес како синтеза за модерни студии, модернизација, хармонизација и признавање на дипломите на европскиот пазар, како и за мобилност на студентите и професорите.
Еден од клучните проблеми на Болонскиот процес останува празнината помеѓу формата и содржината. Редовниот професор на Факултетот за општествени науки при Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, Вели Кречи, вели дека реформите биле спроведени брзо: „Брзавме со спроведувањето на системот без да го прилагодиме постојниот образовен модел“, вели тој.
Според него, секоја трансформација бара добро подготвен план и одреден период за постепено спроведување. „Не успеавме целосно да ги искористиме придобивките кои ги нуди Болонскиот процес, кој не подразбира само мобилност, туку пред сè промена во начинот на учење и настава. Клучно е да се нагласи вклученоста во образовниот процес и развојот на вештини преку практични методи, како пишување на истражувачки трудови, користење на истражувачки алатки, презентација на резултати итн. Преку ваков пристап, студентите не само што стекнуваат знаење, туку развиваат и способност за критичка анализа и пренесување на истото“, вели Кречи.
Овој проблем не е типичен само за Северна Македонија. И други земји од регионот, како Албанија или Босна и Херцеговина, имале слични тешкотии, гледајќи го Болонскиот процес често како повеќе бирократски процес отколку суштинска трансформација. Според експертите, во Македонија, овие тешкотии се комбинирани и со недостаток на одржливи инвестиции во образование и научни истражувања, што го успорува процесот.
Академска мобилност, достигнувања и ограничувања
Една од основните столбови на Болонскиот процес е мобилноста на студентите и академскиот дел. Во овој контекст, Северна Македонија има корист од програми како Erasmus+, станувајќи дел од широка мрежа соработка со европските универзитети. Раководителот на Секторот за високо образование во Министерството за образование и наука, Ахмед Ќазими, истакнува дека секоја година голем број студенти, наставници и истражувачи учествуваат во различни проекти и програми за мобилност во многу универзитети во Европа и обратно.
Според него, Министерството за образование и наука работи на отстранување на административните и сите други видови пречки со цел зголемување на бројот на студенти кои учествуваат во програмите за мобилност, преку подобрување на законската рамка, финансиска поддршка, обезбедување на поголеми стипендии за мобилност преку национални и меѓународни фондови, поддршка на институциите и охрабрување на универзитетите да создадат флексибилни студиски програми кои овозможуваат повеќе интеракција со европските академски институции и зајакнување на соработката со странски универзитети.
Ова се оценува како едно од најопипливите достигнувања на процесот. Студентите имале можност да студираат еден семестар или една година на европските универзитети, запознавајќи се со поразвиени образовни системи, нови педагогички методи и поинтернационална атмосфера. Професорите, исто така, имале можност да разменуваат искуства и да создаваат нови истражувачки партнерства.
Сепак, експертите за високо образование истакнуваат дека мобилноста често се ограничува на индивидуално ниво и не успева да се воспостави како структурна промена во институции. Поранешниот заменик-министер за образование и наука во Владата на Северна Македонија и универзитетски професор, Петар Атанасов, истакнува дека во земјата не функционира ниту внатрешната мобилност, сè изгледа статично во високото образование. Според него, додека студентите се движат надвор од земјата, соработката помеѓу универзитетите во Македонија е минимална.
Професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово, Али Пајазити, истакнува дека Северна Македонија е дел од Болонскиот процес од 2003 година, што претставува нов пристап во високото образование. Тој подвлекува дека, според Извештајот на Европската комисија за 2024 година, главниот предизвик останува подобрување на квалитетот на високото образование преку развој на акредитациски и процеси за обезбедување на квалитет, како и потребата од нов модел за финансирање на високото образование. Пајазити истакнува и дека, според Светската банка, многу компании имаат тешкотии во пронаоѓање на вработени со доволни технички, когнитивни, социјални и емоционални вештини, додека една третина од дипломираните лица не одговара на барањата на пазарот на трудот, а друга третина е прекумерно едуцирана за позицијата која ја има.
„Болонскиот процес повеќе е редуциран на форма отколку на суштина“, истакнува тој. Пајазити подвлекува дека во периодот 2014–2020 година, 3.291 студент и 893 професори реализирале меѓународна академска мобилност во рамки на различни проекти, додека 107 наставници имале обуки или предавања надвор од земјата. „Можностите се многу големи, но кај албанските универзитети искористувањето на фондовите за мобилност е незадоволително. Постојат случаи кога мобилноста повеќе се гледа како авантура, туризам, отколку како искуство и можност за академски и професионален напредок“, вели тој.
Во споредба со другите земји од регионот, мобилноста во Северна Македонија е умерена. Според експертите, Северна Македонија треба да ги интензивира напорите за да не заостанува во регионалната и европската академска интеграција.
Образование, пазар на труд и јавна свест
Еден од најважните аспекти на Болонскиот процес е усогласување на високото образование со потребите на пазарот на трудот. Поранешната текстилна работничка од Штип, сега активистка за истражување и заштита на правата на текстилните работници во помалите градови во Северна Македонија преку здружението „ Гласен текстилец “, Кристина Ампева, истакнува дека извештаите за Болонскиот процес јасно покажуваат дека секоја трансформација бара добро дефиниран план и определени периоди за целосно спроведување. Според неа, Болонскиот процес не вклучува само движење и промени во академските податоци и признавање на дипломите. Практиката, вели таа, треба да се подобри, овозможувајќи повеќе места за студенти во студиските програми и олеснување на процедурите за признавање на дипломи на ниво на диплома, магистратура и докторски студии. Само на тој начин, според неа, студентите можат да стекнат квалитетно признавање и да развијат добри вештини за научно истражување и професионален напредок.
Таа подвлекува дека за да се обезбеди вистинска и сеопфатна дебата за јавната свест за Болонскиот процес, треба да се организираат јавни дискусии и да се создаде култура на критичко размислување. „Овие дискусии треба редовно да се одржуваат, најмалку три пати годишно, вклучувајќи експерти, образовни институции и студенти“, истакнува Ампева, подвлекувајќи ја важноста од активното вклучување на сите чинители во образовниот систем.
За подигање на свеста кај јавноста за Болонскиот процес, универзитетскиот професор Али Пајазити предлага да се организираат едукативни кампањи од страна на државните институции, универзитетите и професионалните организации преку семинари, работилници и онлајн ресурси. Тој нагласува дека е важно да се објаснат целите и придобивките од Болонскиот процес не само за студентите и наставниците, туку и за поширокото општество. Според него, треба да се истакнат долгорочните предности за студентите, едукаторите и економијата, вклучувајќи ја важноста на истражувањето и иновациите, мобилноста на студентите, стандардизацијата на академските структури, образование базирано на компетенции, меѓународно признавање на квалификации, транспарентност, одговорност и учење базирано на студентот.
Што се однесува до зголемувањето на свеста кај јавноста и експертите за важноста на Болонскиот процес, универзитетскиот професор Петар Атанасов истакнува дека всушност, свеста треба да се зголеми за потребата од поквалитетно образование и повеќе истражувачки проекти. „Болонскиот процес е само индикатор за да видиме каде сме и колку треба да напредуваме за да ги постигнеме потребните стандарди“, истакнува тој.
Министерството за образование и наука истакнува дека активно работи на зголемување на свеста за важноста на Болонскиот процес преку мултидимензионален пристап кој вклучува академската заедница, студентите и пошироката јавност. „Во рамките на универзитетите, систематски се организираат стратешки форуми, панел дискусии и работилници, каде универзитетските професори, студентите и соодветните експерти развиваат конструктивен дијалог за предизвиците и можностите што ги нуди Болонскиот процес. Овие активности служат како платформа за размена на најдобри европски практики и прилагодување на успешните модели во нашиот образовен систем“, истакнува раководителот на Секторот за високо образование во Министерството за образование и наука, Ахмед Ќазими.
Универзитетскиот професор, Вели Креци, нагласува дека само преку сеопфатни дискусии и анализи може да се разјасни што претставува, а што не претставува Болонскиот процес. „Имам чувство дека пошироката јавност директно ги поврзува проблемите во високото образование со овој процес. Како професионална заедница, имаме обврска да го разјасниме овој претпоставка со цврсти аргументи, за да не заостануваме зад европските образовни трендови. Болонскиот процес во Европа е во напредна фаза, и не можеме да дозволиме да заостануваме во неговото спроведување“, вели тој.
Научното истражување, кое е уште еден значаен аспект на Болонскиот процес, и покрај тоа што за 2025 година има многу поголема финансиска поддршка од страна на владата, сепак останува на ниско ниво на инвестиции во Северна Македонија.
Според експертите, Болонскиот процес во Северна Македонија е спроведен само делумно и често формално. Повеќе резултати има во зголемување на меѓународната мобилност, но недостатокот на внатрешна мобилност и ограниченото користење на фондовите остануваат големи пречки. Во целиот пејзаж што го претставува Болонскиот процес, хармонизацијата помеѓу високото образование и пазарот на труд сè уште е на недоволно ниво. Јавната свест и перцепцијата за Болонскиот процес исто така се големи предизвици. За нивно надминување, неопходно е универзитетите и државните институции да развијат информативни кампањи, да ги зајакнат партнерствата со пазарот на труд и да создадат политики кои ја поддржуваат научната истражувачка работа и иновациите. Според експертите, само на овој начин Северна Македонија може да го смета Болонскиот процес не како бирократска обврска, туку како вистинска можност за интеграција, модернизација и одржлив академски и општествен развој.
Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.
This post was originally published on this site