462fb237 54d8 443e 8a00 Ac1da0644bd3

Од образованието очекуваме да биде коректор на општеството | Оддржан Јавен форум за родова еднаквост

На 30 октомври 2024 година, во хотел Арка, Скопје, се одржа Јавен форум за еднаквост во образованието. На првиот панел се дискутираше за предизвиците и можностите во воведувањето нови инклузивни образовни политики, додека во вториот панел фокусот беше ставен на институционалното насилство кон младите. Настанот го организираше Коалиција Маргини како дел од проектот „Fostering Gender and Sexual Equality through Culture and Education in North Macedonia,“ поддржан од фондацијата Heinrich Böll, а со цел да се отвори простор за поширока дискусија и да ѝ се даде на борбата за инклузивно образование интерсекционална димензија.

На првиот панел на јавниот форум, Ангел Димитриевски од Здружението за едукативен развој Еквалис, како модератор на панелот, отвори дискусија за влијанието на сегрегацијата во училиштата, особено етничката поделба. Тој истакна дека ова создава ситуации каде учениците не се во можност да ги запознаат другите и остануваат дистанцирани од своите врсници од различните заедници, што води кон социјална изолација и предрасуди​. Освен тоа, тој како модератор се осврна на тоа дека пристапот до образование честопати изгледа како прашање на луксуз, бидејќи факт е дека иако имаме бесплатно образование, многу аспекти од секојдневниот живот во образованието ги потенцираат класните разлики.

Весна Матевска од ХЕРА – Aсоцијација за здравствена едукација и истражување зборуваше за предизвиците на наставниците при имплементацијата на инклузивните политики. Таа истакна дека, и покрај напорите за создавање инклузивна училишна средина, наставниците се соочуваат со ограничувања и честопати не успеваат да спречат сегрегација. Ова доведува до дополнителни поделби меѓу учениците, особено меѓу децата со попреченост и ромските деца, кои се често исклучени од главните паралелки​.

Елвис Шаќири од Ромалитико – Институт за истражување и анализа на политики забележа дека во многу случаи наставниците немаат обука за соодветен пристап кон децата од маргинализираните заедници. Тој сподели лични примери за начинот на кој Ромите сè уште се прикажуваат негативно во наставните содржини, што дополнително ги маргинализира ромските деца. Според него, родителите често одбиваат нивните деца да учат заедно со ромски деца, што резултира некои училишта да се перципираат како „ромски школи“, иако иронично – во иститне нема вработени Роми​.

Гере Трипков од Здружението на граѓани Equality посочи на потребата од имплементација на европските стандарди и добрите примери и методи од странство, особено за правата на лицата со попреченост, кои во Македонија често се заглавени во административни пречки и недостаток на инфраструктура. Тој предложи системски промени и поддршка за локалните самоуправи, како и континуирана обука за наставниците, за тие подобро да се снаоѓаат во работа со различни категории на ученици​. Тој порача дека за ова потребна ни е критична маса која нема да се откажува после остварување на партикуларни интереси. Според него, време е да си ги засукаме ракавите, реално да ги именуваме проблемите  и да бараме трајни промени за сите.

Ирена Цветковиќ, извршна директорка на Коалиција Маргини, и модераторка на вториот панел го покрена прашањето за поширокото разбирање на инклузивното образование и бројните предизвици со кои се соочуваме во пракса, и значајноста од тоа образовните реформи да ги следат потребите и да претставуваат решение на проблемите.

Драгана Дрндаревска од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација презентираше поразителни податоци од ново истражување за институционално насилство врз ЛГБТИК луѓето, од кое дознаваме дека институционалното насилство кон ЛГБТИК младите е еден од најголемите предизвици во образованието. Таа истакна дека од 44 интервјуирани ЛГБТИК лица, 22 пријавиле дека во последните три години имале контакт со образовна институција, а речиси сите од нив (95%) доживеале некаква форма на насилство или повреда на права. Во образовниот процес, соучениците се најчести сторители (43%), проследени од наставниот кадар (16%). Инцидентите вклучуваат дискриминација, вознемирување, говор на омраза и булинг, што длабоко влијае врз менталното здравје и личниот развој на ЛГБТИК младите. Истражувањето покажува дека училиштето за ЛГБТИК луѓето е најчесто небезбедно место каде младите наместо да ги изразат своите потенцијали, се соочуваат со средина каде владеат хетеропатријархални односи на моќ кои го гасат интересот за учење и напредок.

Душан Томшиќ, член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, укажа на потребата за проширување на дефиницијата за инклузивно образование, која не била прифатена од страна на Министерството за образование и наука. Тој забележа дека сегашниот систем честопати ги исклучува учениците кои имаат потешкотии да се вклопат во редовното образование, поставувајќи ги пред комисија за проценка која може да ги насочи кон посебни училишта. Томшиќ посочи дека овој пристап, наместо да вклучува, ги сегрегира учениците и ги поставува во неповолни позиции во понатамошните социјални сфери. Тој истакна дека одвојувањето треба да се избегнува и се залага за системски промени кои ќе го намалат сегрегациското влијание на образовниот систем.

Виолета Петроска-Бешка, истражувачка и професорка во пензија од Институтот за психологија на УКИМ, зборуваше за тоа како образованието е огледало на состојбите во општеството. Таа истакна дека насилството кое го гледаме на улиците и во секојдневието се пресликува и во училишните средини. Петроска-Бешка ја подвлече потребата за образовна реформа насочена кон децентрализирање на традиционалните хиерархии и промовирање на родова еднаквост. Според неа, целта е да се намали фрустрацијата и насилството преку градење на училишта каде што учениците ќе имаат поголемо задоволство од престојот, што ќе придонесе за поинклузивни општествени ставови и практики.

Форумот ја истакна важноста на интерсекционалниот пристап во креирањето политики во образованието, и потребата од обединувачка рамка за инклузија на сите идентитети, вклучувајќи ги родот, родовиот идентитет и сексуалната ориентација. Препознавајќи ги предизвиците со кои се соочуваат младите од маргинализираните групи се потенцираше потребата од промени во политиките кои ќе осигураат заштита и еднаков пристап за сите. Со ова се отвора патот кон борбата против дискриминацијата и создавањето на инклузивни образовни простори каде младите ќе се чувствуваат сигурни и поддржани.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Коалиција Маргини

Продолжи со читање

  • Национален младински форум „Тука сме за да останеме!“: Време е младите да добијат реална моќ во одлучувањето

    Денес се одржа Националниот младински форум „Тука сме за да останеме!“, кој создаде простор за директен дијалог меѓу млади луѓе од целата држава и претставници […]

  • ЈАВЕН ПОВИК ЗА АНГАЖИРАЊЕ НА ЕКСПЕРТ/ТИМ ЗА ГРАФИЧКИ ДИЗАЈН И МУЛТИМЕДИЈАЛНА ПРОДУКЦИЈА

    Центарот за правни истражувања и анализи (ЦПИА) објавува јавен повик за ангажирање експерт или тим за подготовка на визуелни и мултимедијални содржини во рамки на кампања за животна средина, јавна партиципација и пристап до правда. Ангажманот опфаќа развој на креативен концепт и подготовка на најмалку 10 содржини за социјални медиуми, вклучително инфографици, кратки анимации и […]

  • Како да се слушне гласот на граѓаните? РЕСИС организираше работилница и дебата во Велес

    Како граѓанските барања и проблеми да бидат повидливи и слушнати од локалната власт? Токму ова прашање беше во срцето на работилницата и јавната дебата што Институтот РЕСИС ја одржа во Велес со граѓани и со претставници на општините од Вардарскиот Регион.

  • Етичка рамка за колумни

    Колумната, како уникатен новинарски жанр, ги надминува традиционалните правила на новинарството и во медиумската теорија се смета за една од најслободните и „најживи“ форми, во која доминираат авторскиот став и интерпретацијата. За разлика од класичниот коментар или уредничкиот текст, колумната често остава простор за личен тон, анегдота, полемика, намерна провокација или потсмев. Во неа не […]

  • Изборите се ранлив момент кога граѓаните се изложени на манипулации и надворешни влијанија

    На 19 мај, во Скопје, Фондацијата Метаморфозис во соработка со International IDEA го организираше настанот „Зајакнување на отпорноста кон изборни манипулации со информации“, посветен на справувањето со странското мешање и манипулациите со информации (ФИМИ), дезинформациите и заканите по изборниот интегритет. Настанот се реализираше во рамки на проектот „Справување со изборно поврзани манипулации со информации и […]

  • Дојди на донаторски кружок

    Почитувани, Седмиот донаторски кружок на Конект ќе се одржи на 04.06.2026 г. во просториите на Македонски Телеком (Кеј 13-ти Ноември“ бр. 6, Скопје) со почеток од 19 часот. Приемот на гостите започнува во 18.30 часот.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор