Niras

Младите и нивниот ангажман беа главна тема на разговорите при посетите на колегите од НИРАС

Дел од тимот на Цивика мобилитас ги придружуваше колегите од партнерската организација НИРАС од Данска за време на посетата на граѓанските организации кои го спроведуваат проектот „Младински политики по мерка на младите“ што се одвиваше од 10 до 12 јули оваа година. Тие имаа можност да разговараат со претставници на водечката организација Про Локал и на Центарот за млади Пелагонци „Етнос“, Младинскиот совет Прилеп и Емпауринг – Крушево. Младите, нивниот ангажман, нивните потреби и можности беа во фокусот на разговорите со сите четири организации.

Колегите од Центарот за млади Пелагонци „Етнос“ се осврнаа на прашањата за противпожарната заштита и здравствените услуги во регионот. Тие истакнаа дека локалното население тешко доаѓа до здравствена заштита, дека недостасуваат амбулантни и противпожарни возила. „Дебреште и околните места  имаат потреба од ефикасни мерки и стратегии за превенција на пожари, особено во летните месеци кога ризикот од пожари е поголем“, истакнаа тие. Со проектот поддржан од Владата на Швајцарија, преку Цивика мобилитас се поддржуваат активности за подобрување на свеста кај младите за важноста на превенцијата за пожари и за унапредување на здравствените услуги во заедницата. Еџеис Мустафа, претседателот на „Етнос“ ја потенцираше потребата од поголем ангажман на младите не само за овие, туку и за сите останати прашања.

За време на средбата со претставниците на Про Локал присутните се осврнаа на проблемите со јавниот превоз во регионот. Младите од подалечните општини нема како да дојдат до Битола или да се вратат дома по 19 часот затоа што тогаш престануваат да сообраќајат градските автобуси. Тие го истакнаа значењето на активното учество на младите во јавните дебати и иницијативите за промени во законодавството што се однесува на нивните права и потреби. „Младинската сила е клучна и за локалните бизниси и економскиот развој во помалите општини и населени места, затоа што без активното учество на младите луѓе, опстанокот и развојот на локалните бизниси може да биде значително ограничен“, рекоа учесниците во дискусијата.

За Младинскиот совет Прилеп главен приоритет се младинските политики. Претставниците од оваа организација работат на вклучување на повеќе млади во активности за поддршка на општините за на тој начин да придонесат за развој на локални политики.

Заштитата на животната средина е во фокусот на Емпауринг Крушево. Тие информираа дека текот на јули ќе организираа две фокус групи на кои ќе разговараат со заинтересираните страни и ќе ги вклучат во разговорите за иднината на Крушево. Нивната  цел е подобрување на селекцијата на отпадот и наоѓање начини за превенирање на создавањето на депониите што често предизвикуваат пожари во летните месеци. Тие побарале од локалната власт и градоначалникот да им излезат во пресрет и да им дадат нов простор за младински центар. Со амбициозниот пристап и приврзаност кон заштитата на природата, членовите не само што ги промовираат еколошките вредности, туку и го покажуваат значењето на граѓанската активност и влијание. „Нашата мисија не е само зачувување на природата, туку и креирање на заедница што се грижи за неа“,  рече Зорица Кузманоска, претседателка на здружението и професор во средното училиште во Крушево.

Претставниците на НИРАС можеа да стекнат впечаток и подобро да се информираат за текот на проектот, за ангажманите на грантистите и за предизвиците со кои се соочуваат.

Продолжи со читање

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

  • Швајцарскиот амбасадор Зомер во посета на семејствата од Кочани и граѓанските иницијативи

    Повеќе од десет родители и членови на семејствата погодени од трагедијата во дискотеката во Кочани се сретнаа со швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер. На средбата со нивното здружение – Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ учествуваа ипретставници од Амбасадата на Швајцарија и тимот на Цивика мобилитас. Истиот ден,…

  • Социјалната правда не се слави, таа се создава!

    Денот на социјалната правда не е датум што треба само формално да се одбележи. Тој треба да не потсети дека правдата не е апстрактен поим, туку конкретна реалност што директно влијае врз животот на луѓето: врз нивната плата, сигурност, достоинство и иднина. За нас од „Гласен текстилец“, социјалната правда не…

  • Јавниот интерес пред скриената сопственост

    Во светот долго време се знаеше за постоењето на т.н. „шел“ или празни компании кои без познат сопственик и без вработени си префрлаа меѓу себе огромни суми пари за фиктивни услуги, за да се затскрие трагата на овие пари кои најчесто потекнуваа од црни и неоданочени бизниси. Но по откритијата…

  • Граѓанските организации дискутираа за како подобро да ги промовираат своите постигнувања

    Комуникациите и видливоста на Цивика мобилитас и на граѓанските организации беа тема на работилницата што се одржа на 11 февруари 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар. Вкупно 21 претставник од 20 граѓански организации, актуелни добитници на партнерски грантови (ЦМ-ПГ-2), дискутираа за комуникациските предизвици и како полесно да ги…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор