Screenshot

Војната со дезинформациите може да ја добие само професионалното новинарство

Живееме во време во кое се залагаме за почитување права и слободи. Но, она што мора да го сфатиме е дека заради одржување рамнотежа на тој систем на права и слободи, секогаш мора да ги знаеме и да ги почитуваме обврските, кои ги имаме како должност кон професијата. Ова е особено важно, затоа што живееме во време што нуди можност секој поединец во дигиталниот простор да биде своевиден медиум. И тоа е убавата страна од придобивките што ги носи демократијата и развојот на дигиталните алатки. Но, тоа никако не значи дека сите ние треба да прифатиме хаос, затоа што слободата не е тоа.

Денес често се среќавате со терминот медиумска писменост. Тој значи дека ние како што знаеме да читаме и пишуваме, треба да поседуваме и способност за анализа, односно критички вештини за да може да провериме дали она што е напишано и сме го прочитале, навистина е точно. Секој од нас како дете читал приказни за деца, но во одреден период од својот раст и развој, разбрал дека приказните не секогаш се реалност. Тоа е практично процесот што го минува секој од нас, односно да пишува, да чита и на крај критички да размислува и да анализира.

За да можеме да ја разбереме суштината на медиумската писменост, ќе се обидам да го појаснам процесот преку кој се создаваат информациите или пораките што преку медиумите стигнуваат до вас. Кога гледаме некоја вест за некој настан, ние благодарение на медиумот, имаме впечаток дека тој настан се случува, а ние сме дел од него, иако физички не сме присутни на местото и во времето во кое тој се случува.

КАКО СЕ СОЗДАВА ИНФОРМАЦИЈА

Луѓето што работат во медиумите добиваат одредени податоци. Тие податоци потоа мора да ги проверат. Целиот процес е дел од системот на комуникација во кој податокот станува информација. Многу важно е да разбереме дека медиумите како секој од нас, користат јазик на кој комуницираат. Ако ја сфатиме суштината на јазикот на кој се комуницира, ќе научиме како да се заштитиме од манипулација, односно да не бидеме уловени од некоја кромид вест или дезинформација. Во таа насока, треба да внимаваме на одредени комуникациски „патки“, кои често треба да предизвикаат поголемо внимание. На пример, „шокантно“, „сензационално“ и слично.

mla cha 2

Фото: pixabay.com

Секој од нас треба да е свесен дека информациите што ги има на медиумите, не се и не смеат да бидат пропаганда, туку проверени и потврдени факти, затоа што медиумското право не значи прекршување на туѓите права и слободи.

Информациите што како порака ги добиваме преку медиумите, треба да бидат верификувани како точни. Односно процесот на обликување една вест поминува низ проверување на податоците кој, кога, каде, зошто и како. Во тој процес, изворите на фактите се многу важни. За жал, сите ние сме сведоци дека некои информации се прават за да донесат профит или моќ, наместо вистинито да ја информираат јавноста. Да, факт е дека и медиумите како и секоја друга компанија, треба да имаат своја цел за пазарно опстојување, односно да обезбедат финансии. Секој од нас работи за плата. И ова е факт што не треба да биде спорен. Но, клучно е да ја задржиме независноста на медиумите од еден или од малку центри на моќ, затоа што така ќе можат да влијаат врз уредувачката политика, а тоа неминовно води кон дополнително уривање на кредибилитетот.

МЕДИУМИТЕ НЕ ТРЕБА ДА БИДАТ АРЕНА, НИ АЛАТКА ЗА НЕЧИИ ИНТЕРЕСИ

Демократијата и дигиталните мрежи донесоа цела војска од влијателни личности што сметаат дека се кадарни да создадат вести. За жал, притоа, не се посветува внимание на еден значаен момент, дека постои разлика меѓу факти и мислења. Убаво е да имаш став и мислење, но тоа никако не значи дека твоето мислење е факт од кое треба да се обликува една информација што ѝ се сервира на јавноста преку медиумите.

Социјалните мрежи и онлајн медиумите создаваат серија од сцени, кои наликуваат на циркус без пари. Притоа не се внимава на основните професионални начела за кои секогаш се залагаат новинарите.

За жал, сите ние сме сведоци дека токму медиумите што се достапни преку интернет, придонесуваат за брзо и ефикасно ширење дезинформации. Тие се користат како алатка за поединци или групи за брза заработка преку привлекување голем број следбеници да отворат атрактивна, непроверена и искривена содржина, која често има елементи на фиктивни податоци. Има и опција во која овој вид медиуми се користат за злонамерна дискредитација на поединци, групи, организации или институции. Овој тип медиуми, без разлика дали се претставуваат преку поединци, групи или анонимни ликови, предизвикуваат огромни штети и на демократските процеси, но и на новинарството.

Македонија не е ексклузивен пример во таа насока. Лажните наративи во светот се дел од глобалната информациска војна што живее и опстојува низ цели системи и мрежи. Глобалниот проблем само се пресликува на локално ниво и нам може да ни изгледа дома и многу пострашно. Зошто? Затоа што Македонија во медиумската писменост се наоѓа некаде при европското дно, па оттаму подложноста на дезинформации ја прави и поранлива. Сведоци сме дека групи медиуми преку копи пејст „новинарство“ користејќи ги и социјалните мрежи постојано продуцираат наративи што имаат за цел да ја поткопаат довербата во системот, но ја поткопуваат и довербата во новинарството. Некогаш се тие инспирирани од локални случувања и политички ситуации (избори, пожари, криза, попис), а некогаш од глобални случувања во кои земјава е актер (Преспански договор, Договор со Бугарија, членство во НАТО, почеток на преговори со ЕУ). Не е лесно да се зауздаат ефектите од продукција на лажни вести, особено не во време на новите технологии и социјалните мрежи. Тие неминовно доведоа до сериозна промена во начинот на добивање на вестите, па оттаму електронските медиуми знаат да предничат во трката за информирање, за жал, понекогаш во трката за дезинформирање.

mla cha 3

Фото: pixabay.com

Што можеме да направиме? Ние како новинарска заедница имаме обврска да ги засилуваме професионалните стандарди, особено сега, во време на дезинформативни сценарија. На една лажна вест не можете да одговорите со друга лажна вест. Треба да работиме на саморегулацијата во насока на препознавање на професионалците наспроти непрофесионалците во медиумите. Напорите што ги прави ЗНМ во соработка со Советот за етика во медиумите во Македонија преку создавање на регистарот на професионални онлајн медиуми Промедиа.мк е еден чекор во таа насока. Но тоа не е доволно, потребна е дополнителна професионализација на редакциите, преку реафирмирање на етичноста во работењето. Етичкиот кодекс ги дефинира правата и обврските на новинарите. Тој служи како насока како новинарските задачи да се реализираат на најдобар начин, професионално и одговорно.

Се разбира потребна е и изразена искрена политичка волја за кревање на квалитетот наспроти пропагандистичкото новинарство. Но, видете го само Изборниот законик во делот на рекламирање за онлајн медиумите. Не се бара никаков критериум, само тековна состојба не постара од 30 дена. Ова во превод значи дека политичка партија односно поединци можат да основаат десет портали во август, а на нивните сметки да стигнат десетици илјади евра во октомври. И тоа наши пари, на македонските даночни обврзници. Без никакви критериуми, бидејќи партијата е таа што одлучува кому ќе му даде пари. Во регистарот на ДИК сега има 200 онлајн медиуми што чекаат пари од државата. За добар дел од нив не сме ни слушнале дека постојат, а добар дел од нив се дел од тие таканаречени групации што се создадени од политички партии за да можат да водат пропагандистичка војна. И во овој дел од законот мора да има промени.

На крајот, да ни биде на сите јасно, професионалното новинарство чини пари. Во услови кога пазарот е мал, комерцијалните рекламери недоволни да го покријат големиот број медиуми, а странските фондови го ограничија интересот во Македонија, треба да се размислува за модел преку кој ќе се поддржи професионалното новинарство, а со тоа и да се стимулираат содржини во интерес на јавноста. Тоа ќе го подигне квалитетот во традиционалното, но и на онлајн новинарството, како предуслов за креирање пазарна сцена во која ќе доминираат кредибилни медиуми, наспроти оние што се создадени за да креираат лажна слика за општествените појави.

Автор: Младен Чадиковски

Насловна фотографиј: pixabay.com

———————————————————————————————————————————————————————-

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Продолжи со читање

  • Направи добро дело за заедницата

    Во рамките на прославата по повод 22 февруари – Светскиот ден на извидниците, а во рамките на кампањата “Направи добро дело“ поттикната од страна на Сојуз на извидници на Македонија, на 21.2.2026 год. (сабота) членовите на извиднички одред “Димитар ВЛахов“ – Велес го исполнија предизвикот за оваа седмица “Направи добро…

  • INNO KIDS Педагошка рамка – Поддршка на иновативно и одржливо образование

    Педагошката рамка на INNO KIDS претставува современ образовен модел кој има за цел да го подобри квалитетот на учењето преку иновативни и интерактивни наставни пристапи. Проектот е кофинансиран од Европската унија и се фокусира на развој на вештини, критичко размислување и одржливо образование кај учениците. Главната визија на рамката е да поттикне учење кое не […]

  • Социјалната правда не се слави, таа се создава!

    Денот на социјалната правда не е датум што треба само формално да се одбележи. Тој треба да не потсети дека правдата не е апстрактен поим, туку конкретна реалност што директно влијае врз животот на луѓето: врз нивната плата, сигурност, достоинство и иднина. За нас од „Гласен текстилец“, социјалната правда не…

  • Над 200 милиони евра годишно за државна помош – потреба од поголема транспарентност и контрола

    Над 200 милиони евра годишно се издвојуваат за државна помош во Северна Македонија, но средствата се раштркани низ различни институции, што го отежнува нивното следење и управување. Според податоците на Комисијата за заштита од конкуренција, државната помош во 2023 година изнесувала 206 милиони евра (околу 1,5% од БДП), а во 2024 година достигнала 235,2 милиони […]
    The post Над 200 милиони евра годишно за државна помош – потреба од поголема транспарентност и контрола first appeared on Finance Think.
    The post Над 200 милиони евра годишно за државна помош – потреба од поголема транспарентност и контрола appeared first on Finance Think.

  • ФТ Став бр. 67 за минималната плата, продуктивноста, инфлацијата и неформалното вработување

    Finance Think го поддржува порастот на минималната плата за да го зачува животниот стандард на примателите. Клучното прашање не е дали минималната плата треба да расте, туку со кое темпо и врз кои економски основи. Непропорционално и значајно зголемување на минималната плата и сите останати плати во економијата без паралелно зголемување на новосоздадената вредност крие […]
    The post ФТ Став бр. 67 за минималната плата, продуктивноста, инфлацијата и неформалното вработување first appeared on Finance Think.
    The post ФТ Став бр. 67 за минималната плата, продуктивноста, инфлацијата и неформалното вработување appeared first on Finance Think.

  • Јакнење на управувањето со државната помош во Западниот Балкан

    Денешната панел-дискусија, „Јакнење на управувањето со државната помош во Западен Балкан: транспарентност, ефикасност и усогласување со ЕУ“, обедини разновидна група носители на политики, претставници на јавни институции од Западен Балкан, меѓународни организации, како и актери од истражувачката и граѓанската сфера. Дискусијата истакна дека државната помош често се перципира како техничко или административно прашање, додека во […]
    The post Јакнење на управувањето со државната помош во Западниот Балкан first appeared on Finance Think.
    The post Јакнење на управувањето со државната помош во Западниот Балкан appeared first on Finance Think.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор