Regionalen Forum Sveti Nikole 1

Можни ли се позитивни ефекти од миграциите?

Миграциите беа носечката тема на десеттиот регионален форум на Цивика мобилитас кој ги опфати вардарскиот и североисточниот регион, а се одржа на 14 јули 2016 г. во Свети Николе. Вкупно 69 претставници на граѓански организации, општини, граѓани и други заинтересирани беа дел од овој речиси целодневен настан.

Regionalen Forum Sveti Nikole 1

На панелот „Миграциите – вистина и предизвик“, заборуваа д-р Златко Николовски, д-р Лилјана Чолакова-Дервишова, Кирил Макаровски, Страхил Тодоров и Неал Раими, а го фасилитираше Убавка Јаневска. Николовски, кој докторирал на прашањата од миграциите и дијаспората и претседател на „Нов контакт“, зборуваше за глобалната состојба, причините за миграциите и нивното влијание врз мирот и безбедноста, но и економско-социјалната состојба во светот и во Македонија. „Потребна е соработка со бизнис-секторот да ги следат студентите уште додека учат, да има државна програма за стипендирање талентирани студенти, мрежа на научници за искористување на потенцијалот“, ова се дел од предлозите на Николовски за да се подобри ситуацијата.

д-р Лилјана Чолакова-Дервишова, претседателката на Здружението на приватни лекари во Република Македонија, зборуваше за иселувањето на здравствените работници и ефектите врз здравствениот систем, особено врз здравјето на луѓето. Здружението на приватни лекари пред три години апелирало до властите за одливот на кадри и за можното негативно влијание на иселувањето на лекарите. Недостигот на лекари по општините е еден од резултатите на иселувањето. Д-р Чолакова зборуваше и за тешкотиите кои ги имаат приватните лекари да започнат своја пракса, особено во руралните средини, како и за мерките кои треба да ги преземе државата за подобрување на здравствениот систем и условите за работа и развој на лекарите.

Кирил Макаровски, од општина Свети Николе зборуваше за придобивките од изградбата на автопатот од Скопје преку Свети Николе до Штип и експресниот пат Велес – Штип, но и за состојбата со иселувањето од Свети Николе. „Секој инвеститор е воден од економски интерес. Има повратници кои вложиле, но не го добиле очекуваниот резултат и пак заминале. Но, со анализи може да и се укаже состојбата и мерките на владата и се надевам ќе прифати и ќе се намали овој процес на иселување на младите“.

Regionalen Forum Sveti Nikole 2

На прашањето од Јанева дали планира да замине од Македонија, Страхил Тодоров, дипломиран лекар, одговори потврдно. Причините, според него, се бројни, започнувајќи од тоа дека „треба да си член на партија или дете од докторска фамилија“ за да се вработиш во јавна здравствена установа до неовозможувачка средина за специјализација, но и понатамошен професионален развој. Нема утврдено минимална плата за општ лекар, а во однос на специјализацијата, тој посочи дека ниту една од опциите, државна или приватна, не се поволни за младите лекари, особено за лекарките и тука ги наведе и должината и трошоците на специјализацијата, немањето осигурување, неможноста на приватните специјализанти да членуваат во синдикат, ограничувањето на бројот на бремености во текот на специјализацијата и др.

Неал Раими од Центарот за интекултурен дијалог од Куманово, зборуваше за можностите надвор од Македонија, но и како искуството стекнато во странство да се искористи во Македонија. Таа информираше за активностите на ЦИД-Куманово за оспособување на младите за вработување, но и за потребата волонтерскиот стаж, да биде земен предвид како работно искуство при вработување. Дел од учесниците беа родители на деца кои сакаат да заминат или заминале или пак млади кои се соочиле со предизвикот за напуштање на својата земја. Емоциите преовладаа кај некои од нив и укажаа на потребата од овозможување простор за вакви дискусии и здружена акција за намалување на иселувањето. Милош Димитровски од Извор-Кратово ги сподели наодите од истражувањето за иселувањето од североисточниот регион, направено во рамките на малиот акциски грант од Цивика мобилитас.

Форумот продолжи со интерактивна работилница, водена од Инес Фетерлеј, од ЦИД-Куманово, во која учесниците беа предизвикувани да дадат мислење за одреден став во однос на причините и последиците од миграциите, како на пример „партиската припадност не влијае на вработувањето“ или за квалитетот на образованието и сл.

Во завршниот дел од форумот, Центарот за ромска заедница „Дром“ ги презентираше наодите од истражувањето за перцепциите и сфаќањата на средношколците и ранливите групи за современите форми на трговија со луѓе во Куманово и Гостивар, додека Флоренс Најтингел наодите од истражувањето за перцепции за семејното насилство, со фокус на насилството врз жените во Општина Куманово, двете направени во рамки на грантовите од Цивика мобилитас. Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ – Велес и Организацијата на жените на општина Свети Николе ги презентираа постигнувањата од своето дејствување.

Во рамките на форумот исто така Жените креативки од Велес, Лозово и Свети Николе се презентираа со изложба на рачно изработени предмети, накит и парчиња облека, како и дел од организациите со својот промотивен материјал.

Форумот заврши со неформално дружење, размена на идеи, но и со магионичарот и илузионист Иван Нацев, кој изведе едночасовна програма за децата од Свети Николе. Регионалниот форум беше организиран во соработка на проектната канцеларија на Цивика мобилитас и Организацијата на жените на општина Свети Николе со Фондацијата за локален развој и демократија „Фокус“ – Велес, Центарот за интеркултурен дијалог – Куманово, Центарот за ромска заедница „Дром“ и Мултиетничкото здружение Флоренс Најтингел – Куманово, сите грантисти на Цивика мобилитас.

Продолжи со читање

  • Меѓународниот ден на Ромите низ призмата на граѓанското општество

    Меѓународниот ден на Ромите е уште една можност за проверка на напредокот на општеството за предизвиците со кои се соочуваат нашите сограѓани, но исто така и е и можност да го препознаеме придонесот на сите оние што секојдневно работат на нивно надминување. Во тој процес, граѓанските организации имаат клучна улога….

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

  • Швајцарскиот амбасадор Зомер во посета на семејствата од Кочани и граѓанските иницијативи

    Повеќе од десет родители и членови на семејствата погодени од трагедијата во дискотеката во Кочани се сретнаа со швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер. На средбата со нивното здружение – Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ учествуваа ипретставници од Амбасадата на Швајцарија и тимот на Цивика мобилитас. Истиот ден,…

  • Социјалната правда не се слави, таа се создава!

    Денот на социјалната правда не е датум што треба само формално да се одбележи. Тој треба да не потсети дека правдата не е апстрактен поим, туку конкретна реалност што директно влијае врз животот на луѓето: врз нивната плата, сигурност, достоинство и иднина. За нас од „Гласен текстилец“, социјалната правда не…

  • Граѓанските организации дискутираа за како подобро да ги промовираат своите постигнувања

    Комуникациите и видливоста на Цивика мобилитас и на граѓанските организации беа тема на работилницата што се одржа на 11 февруари 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар. Вкупно 21 претставник од 20 граѓански организации, актуелни добитници на партнерски грантови (ЦМ-ПГ-2), дискутираа за комуникациските предизвици и како полесно да ги…

  • Граѓанското учество е право и одговорност на сите

    Во фокусот на овој број на Граѓаните за промена е граѓанското учество. Тема која граѓанските организации и во овој квартал не само што ја дискутираа туку и ја практикуваа. Колегите од ПроЛокал, од Битола, тоа го правеа на регионално и на локално ниво, во цела Пелагонија. Заедно со партнерите од…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор