Седум младински истражувања за јавни политики во Западен Балкан
Како да се подобрат можностите за младите, да се зајакне регионалната соработка и да се одговори на предизвиците со кои се соочуваат општествата на Западен Балкан? Одговори на овие прашања нудат седум истражувања и предлози за јавни политики, изработени од млади истражувачи и истражувачки од Македонија, Србија и Албанија во рамки на Регионалната програма за младинско лидерство и мобилност (RYLMP) 2025–2026.
Истражувањата опфаќаат теми кои непосредно влијаат врз квалитетот на животот на младите и општествениот развој во регионот, меѓу кои миграцијата на младите, родово базираното насилство, младинското учество, вработувањето на млади лица со попреченост, високото образование, медиумската писменост и управувањето со електронски отпад.
Во текот на програмата, учесниците работеа во регионални истражувачки тимови, со поддршка од ментори, преку истражувања, обуки и средби со релевантни институции и организации од трите земји. Како резултат на нивната работа, изработени се следните седум истражувања и препораки за јавни политики.
Иселување на младите и одлив на мозоци во Западен Балкан
Истражувањето ги анализира институционалните одговори на миграцијата на младите и одливот на мозоци во Македонија, Србија и Албанија. Посебен акцент е ставен на недостигот од квалитетни работни места, слабата поврзаност помеѓу образованието и пазарот на трудот, како и ниската доверба во институциите. Меѓу препораките се унапредување на кариерното советување, поголема достапност на практикантска работа и подобра координација меѓу институциите.
Препознавање на фемицидот како посебно кривично дело
Истражувањето ги разгледува правните и институционалните недостатоци во превенцијата и справувањето со фемицидот во трите земји. Анализата предлага законски измени, подобрување на механизмите за процена на ризик, поефикасно следење на случаите и поодговорно медиумско известување, со препораки приспособени на националните контексти.
Механизми за учество на младите во креирањето јавни политики
Истражувањето се фокусира на разликата помеѓу формално обезбедените можности за младинско учество и реалното влијание на младите врз процесите на креирање јавни политики. Меѓу препораките е воспоставување механизам преку кој институциите ќе обезбедуваат повратни информации за предлозите на младите, вклучително и образложенија за нивното прифаќање или одбивање.
Ревидирање на управувањето со електронскиот отпад
Истражувањето ги анализира предизвиците во управувањето со електронскиот отпад и можностите за подобрување на постојните системи во регионот. Предложените мерки вклучуваат зајакнување на одговорноста на производителите, подобрување на механизмите за собирање и следење податоци, како и развивање на локалните капацитети за собирање и рециклирање електронски отпад.
Регионална соработка во високото образование на Западен Балкан
Истражувањето ги разгледува можностите и пречките за регионална соработка меѓу високообразовните институции на Западен Балкан. Посебно внимание се посветува на зависноста на академската мобилност од меѓународни извори на финансирање и недостигот од одржливи национални механизми за поддршка. Препораките опфаќаат воспоставување регионална програма за академска мобилност, заедничко финансирање и поедноставување на признавањето на академските постигнувања.
Медиумска и информациска писменост на Западен Балкан
Истражувањето ја анализира застапеноста на медиумската и информациската писменост во средното образование во земјите од регионот. Идентификувани се предизвици поврзани со нејзината интеграција во наставните програми, капацитетите на наставниот кадар и следењето на образовните резултати. Препораките вклучуваат системска обука на наставниците, дефинирање јасни образовни цели и развивање механизми за оценување на резултатите.
Вработување на млади лица со попреченост
Истражувањето ги анализира политиките и практиките за вработување на млади лица со попреченост во Македонија, Србија и Албанија, со посебен осврт на пречките со кои се соочуваат при пристапот до пазарот на трудот. Анализата го разгледува јазот помеѓу постојните законски и институционални механизми за поддршка и нивната практична примена, вклучително и достапноста на услугите за вработување, кариерното советување, дискриминацијата и приспособувањето на работните места. Препораките се насочени кон препознавање на младите лица со попреченост како посебна целна група во политиките за вработување, подобрување на поддршката при преминот од образование кон вработување и обезбедување поинклузивен пазар на трудот.
Регионалната програма за младинско лидерство и мобилност (RYLMP) заеднички ја спроведуваат Младински образовен форум (МОФ) од Македонија, Иницијативата на младите за човекови права (YIHR) од Србија и Центарот за наука и иновации за развој (SCiDEV) од Албанија, со финансиска поддршка од Фондацијата Отворено општество – Западен Балкан (OSF-WB).
Преку истражување, регионална соработка, градење капацитети и застапување, програмата им овозможува на младите активно да придонесуваат во процесите на креирање јавни политики и да предлагаат конкретни решенија за предизвиците со кои се соочуваат општествата во регионот.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Младински Образовен Форум


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52511](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/10/youth-policy-papers_-western-balkans.webp)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52637](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/korupcija-info_1-e1793953451343-768x402.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52641](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/Работилница_со_млади_-_Струга_1-768x512.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52632](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/44-768x410.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52591](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/foster-logo-rgb-01-1024x546-1-768x410.png)