[Aggregator] Downloaded image for imported item #41466

Посилен систем за поправедна заштита – нов проект за борба против корупцијата во здравството

Започнува имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ чија главна цел е градење транспарентен и одговорен здравствен систем кој одговара на потребите на сите граѓани, особено на жените и маргинализираните групи. Станува збор за национална иницијатива која се темели на три главни активности – обуки на здравствените работници за зајакнување на нивната улога во борбата против коруптивните практики, зголемување на свеста на граѓаните за препознавање и пријавување корупција, како и реформа на политиките и процесите во здравството.

Проектот, кој ќе трае 18 месеци, го спроведува Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ, во партнерство со Македонската асоцијација на гинеколози и опстретичари МАГО. Преку активностите директно ќе бидат таргетирани 1.850 жени од маргинализираните групи, околу 700 здравствени работници, 30 претставници од надлежни јавни институции и 90 новинари, но и целокупната јавност.

„Корупцијата е еден од најсериозните проблеми во државата, а тоа особено се одразува во здравството, имајќи ја предвид сензитивноста на овој сектор и неговата важност за секој граѓанин. Според истражување на Светската здравствена организација, 46 отсто од домаќинствата плаќаат од џеб за здравствените услуги иако јавните трошоци за здравство постојано се зголемуваат. Нашето истражување пак покажа дека 95 отсто од Ромките и жените од руралните средини плаќаат за примарни гинеколошки прегледи иако оваа услуга би требало да биде бесплатна. Овие бројки укажуваат дека е неопходно сите заедно како општество да работиме за искоренување на корупцијата во здравството“, вели Јасминка Фришчиќ, извршна директорка на ЕСЕ.

„Ние како здравствени работници не смееме да замижиме пред фактот дека корупцијата е присутна во здравството. Напротив, сметам дека треба директно да се вклучиме во сите активности насочени кон препознавање и спречување на коруптивните дејства. На тој начин ќе ги заштитиме пациентите, но ќе се заштитиме и себеси и угледот на нашата професија. Сите жени треба да имаат еднаков пристап до редовни и квалитетни гинеколошки услуги и верувам дека преку работата на овој проект ќе ја постигнеме таа цел“, рече д-р Глигор Тофоски, претседател на Македонската асоцијација на гинеколози и опстретичари МАГО.

Со цел поширока национална застапеност на планираните активности, во имплементацијата се вклучени и граѓанските организации Мајка од Куманово, Станица П.Е.Т. од Прилеп, Женски форум од Тетово и Граѓанска иницијатива на жени од Свети Николе. Имплементацијата на проектот „Посилен систем за поправедна заштита: Намалување на корупцијата во здравството“ е поддржана од Expertise France преку Француската агенција за развој.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор