Screenshot

Новите медиуми и интернет-војувањето

Војните во киберпросторот

Во декларациите на последните неколку самити на НАТО, особено по самитот на НАТО во Лисабон во 2010 година, заклучоците за кибербезбедноста станаа една од неодминливите точки. Безбедноста во киберпросторот денес станува интегрален дел од безбедноста на државите. Дефинирањето на релативно новите „кибер закани и напади“ (cyber threats and attacks, англ.) и стратешкото планирање за заштита од нив, го проширија просторот на воено-безбедносното дејствување од копно, море и од воздух, и на киберпросторот, односно во мрежниот виртуелен простор на новите комуникациски технологии.

„НАТО-сојузниците го препознаваат киберпросторот како оперативно подрачје комплементарно на копното, воздухот и морето. Ова ќе овозможи Алијансата подобро да ги заштити своите мрежи, мисии и операции, со поголем фокус на киберобучувањето и планирањето. Позицијата на НАТО во киберпросторот останува одбранбена, но ова е јасен знак дека Алијансата ја зајакнува својата колективна одбрана во сите области“ (Клучни одлуки на самитот на НАТО во Варшава, 17 февруари 2017 година)

Кибернападите се дефинираат како „секаков вид злонамерна активност што се обидува да собере, наруши, негира, деградира или уништи ресурси на информациски систем или да ја уништи самата информација“. Кибертероризмот, пак, е „употреба на компјутерски и мрежни алатки за да се блокираат или за да се исклучат клучните делови од  инфраструктурата на некоја земја, какви што се енергетската инфраструктура, транспортот, функционирањето на владините институции, или, пак, да се присили или да се заплаши некоја влада или цивилното население“.

Безбедносните закани преку новите комуникациски технологии вклучуваат различни видови напади врз информациските системи на различни држави, сојузи, институции, компании или други организации. Тие можат да бидат реализирани преку пренесување компјутерски вируси, или т.н. „malware“, во некој систем, преку кражба на податоци, „фишинг“ напади, уништување уреди, блокирање или преземање веб-страници и различни други операции со сериозни последици за инфраструктурата на државите.

cyber 1

Фото: pexels.com

Во документарниот филм „Совршено оружје“ (HBO, 2020), базиран на истоимената книга на Дејвид Сенгер (David E. Senger), опишани се неколку од најзначајните киберконфликти од претходната деценија, почнувајќи од нападот на нуклеарните постројки во Иран, нападот на казиното „Sands“ во Лас Вегас од ирански хакери, кибернападот врз компанијата Сони во 2014 година, сè до претседателските избори во САД во 2016 година и наводното руско мешање во овие избори.

Она што се потврдува како тенденција во оваа нова форма на војување е тоа што таа сè повеќе ги пресликува тактиките на конвенционалното војување од времето на двете светски војни и студената војна. Таков, на пример, е приодот на водење т.н. „тотална војна“, односно војување на сите фронтови, така што најчесто овие активности се реализираат преку кибернапади не само врз државната инфраструктура и институциите, туку и преку напади врз самите граѓани, како што беше случај со конфликтите во Мјанмар и во Украина. Tокму во овие случаи употребата на т.н. „интернет-војување“ во голема мера ги вклучи социјалните мрежи, а нападите преку нив имаа за цел да ја поткопаат довербата во институциите, да внесат вознемиреност и страв кај граѓаните или, пак, да мобилизираат групи за учество во различни насилни дејства.

Различните видови напади преку информациските системи во многу земји, постапно ја вклучија и политиката, така што интернет или онлајн-војувањето, стана вообичаен, или конвенционализиран, начин за водење и на политичката борба во овие средини. Партиските активисти и приврзаници, паралелно со јавниот политички натпревар, развиваат различни тајни или полутајни начини во политичката борба: кампањи на говор на омраза насочен кон поединци или групи, политичка мобилизација за протести или други настани, дискредитација на противниците, пласирање дезинформации и лажни вести, како и други контроверзни активности главно преку социјалните мрежи.

Според истражувањето на Оксфордскиот универзитет од 2020 година, докажано е присуство на дезинформациски манипулации во 81 земја во светот. Во овие земји се потврдени активности на барем една политичка партија или организација што ги користи социјалните мрежи за манипулирање на јавното мислење. Вo најголем број случаи станува збор за организирано ширење дезинформации во тек на избори или креирање кризи. Во овој извештај се користи и терминот „кибертрупи“ за именување на политичките онлајн групи, што поблиску ни ја доловува природата на овие операции, и нивна не само политизација, туку и милитаризација на интернетот и на социјалните мрежи.

Има ли кибертрупи во Македонија?

Опишаните трендови на агресивна политизација на новите медиуми не ја заобиколија ниту РС Македонија. Како и повеќето други земји, социјалните мрежи во земјава ги поминаа трите фази на нивна (а) популаризација, (б) комерцијализација и (в) политизација. Користењето, на пример, на Фејсбук од повеќе од еден милион корисници од Македонија, на оваа социјална мрежа ѝ дава големо значење не само во забавна или комерцијална, туку и во политичка смисла. Политичките фактори многу бргу го сфатија потенцијалот на социјалните мрежи, а многу членови и „лепачи на плакати“ станаа партиски онлајн активисти.

Една од најчестите појави во политичката онлајн борба е употребата на дезинформации и лажни вести. Тие се пласираат на онлајн медиумите или на социјалните мрежи, за да потоа, во зависност од одекот и од реакциите, постапно се прошират на традиционалните медиуми и во реториките на политичките партии. Може да се потврди дека онлајн платформите во голем мера се користат како експериментална комуникациска сфера каде што се тестираат различни полуинформации, дезинформации и наративи, така што оние што добиваат поголемо внимание или реакции, стануваат составен дел од политиките на политичките партии и другите групации.

cyber 3

Фото: pexels.com

Главниот фокус на дезинформациите се онлајн медиумите, но поради слабите професионални стандарди и медиумската партизација, голем број од нив често завршуваат  и во електронските и печатените медиуми, без особена проверка или професионално филтрирање. Главните регистрирани активности при користење на дезинформациите во политички цели се:

  • Дискредитација на политичките противници и водење негативни кампањи кон поединци или групи.
  • Зголемување на политичката и на граѓанската поларизација, со цел мобилизација на граѓаните за гласање, учество на собири или протести, одредени кампањи и сл.
  • Зголемување на етничките или меѓуверските тензии за политички цели (на пример, да се обвини некоја страна за национализам или за неспособност во менаџирање кризи).
  • Зајакнување на радикалните политички наративи што повикуваат на бунт, на нетолеранција или други видови отпор.
  • Оспорување политички договори, процеси или планови (на пример, Преспански договор, референдум за името и др.).
  • Нарушување на слободата и на угледот на професионалното новинарство и на локалните медиуми.
  • Промоција на псевдонаука, суеверија и теории на заговор.

Главни активности на ваквите политички организирани групи се засилување на одредена пропагандна содржина преку планско ширење, кое вообичаено се врши преку масовно објавување, споделување, „лајкување“, коментирање, линкување и сл. На тој начин се креира лажна виралност, популарност, морална паника или чувство на страв. Ваквото организирано дејствување на социјалните мрежи често успева да изврши своевидно „хакирање“ на алгоритмите што ги користат социјалните мрежи и агрегаторите на вести и овие пораки и содржини да ги пласира до пошироката јавност во земјава.

Исто така, клучна активност на социјалните мрежи во политички цели се организираните кампањи на напади врз поединци или групи. Овие активности немаат за цел да бидат во ударните вести, туку во прикриена форма да вршат притисок врз некого. Планските напади се вршат преку исмевање, навредување, директни напади во форма на говор на омраза или други видови вербални напади и притисоци. Нивната цел е елиминирање спротивни или различни наративи и ставови од оние што овие корисници ги застапуваат. За овие цели често се користат преработени податоци од социјалните мрежи или службени документи, а кои можат да бидат врамени, деконтекстуализирани или манипулирани на различни начини („фотошопирани“ материјали, монтирани видеа, креирани мемиња, пораки извадени од контекст и сл.).

Од другите чести техники на директно или на прикриено партиско-политичко дејствување на интернет, може да се напомене и креирањето „ботови“, т.е. лажни профили или налози за ширење онлајн пропаганда. Лажните профили можат да бидат под контрола на некое лице или, пак, да бидат целосно автоматизирани под контрола на компјутерска програма.

Можеме да заклучиме дека новите медиуми стануваат сè поважен фактор во политичката комуникација. Политичкиот натпревар и борбата помеѓу различните политички групи често предизвикуваат сериозни тензии во општеството, при што се користат многу манипулативни содржини и техники. Токму затоа особено е важно да се познаваат овие нови методи на политичко дејствување на интернет, со цел да се заштитиме од нив, но и да овозможиме преку граѓанска вклученост и поддршка во општеството, главен збор да имаат конструктивните политики и толерантната политичка комуникација.

Автор: Сеад Џигал

Насловна фотографија: pexels.com

Продолжи со читање

  • Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество на средба со организациите во Куманово

    На 1 октомври 2026 година претставници на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество се сретнаа со граѓанските организации и активистите од Североисточниот регион. Средбата беше посветена на улогата, работата и соработката со Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, како значаен механизам за унапредување на дијалогот меѓу институциите и граѓанските организации.

  • OТВОРЕНО ПИСМО | Дали претседателката Сиљановска-Давкова легитимира организации поврзани со движења против правото на абортус?

    Мрежа за заштита од дискриминација испраќа отворено писмо до претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, по повод нејзината неодамнешна средба со претставнички на здружението „Јас сум жена“. Со […]

  • Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина

    Од 5 до 7 октомври, во Приштина се одржа Civil Society & Think Tank Forum 2026, официјалната платформа на граѓанското општество во рамки на Берлинскиот процес, на кој учествуваше и Finance Think. Во текот на трите дена, низ повеќе тематски дискусии, претставниците на граѓанските организации и тинк-тенковите од Западен Балкан имаа можност да дадат свои […]
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина first appeared on Finance Think.
    The post Finance Think на Форумот за граѓански организации и тинк-тенкови 2026 во Приштина appeared first on Finance Think.

  • Граѓанското општество од Западен Балкан го даде својот придонес во пресрет на Самитот на Берлинскиот процес

    Овогодишниот Форум на граѓанското општество и тинк-тенк организации (CSF 2026) се одржа во Приштина од 5 до 7 октомври. Форумот, како официјална платформа на граѓанскиот сектор во рамките на Берлинскиот процес, уште еднаш ја потврди незаменливата улога на граѓанскиот сектор како мост меѓу граѓаните, експертската заедница и донесувачите на одлуки.

  • Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе

    Одржана базична обука за прва помош во Свети Николе На 4 и 5 октомври 2026 година, во просториите на ООУ „Гоце Делчев“ во Свети Николе, се одржа базична обука за прва помош, организирана со поддршка на Operation Florian од Велика Британија. На обуката учество земаа членови од три доброволни противпожарни друштва: ДПД Свети Николе, ДПД…

  • ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ

    Вчера (7.10.2026 година) на Пленарна седница на Собранието на Република Северна Македонија, на прво читање беа разгледани предлог измени и дополнувања на Законот за животната средина. Веќе за 13.10.2026 година е закажана седница на Комисијата за транспорт, дигитална трансформација, животна средина и просторно планирање на […]
    The post ЗАКОНИТЕ МОРА ДА ГИ РЕШАВААТ ПРОБЛЕМИТЕ ЗА ЗАШТИТАТА НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА, А НЕ ДА ГИ КРЕИРААТ appeared first on Myla.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор