01 Gender Mkd.jpg

Мониторинг: Општините и родовата еднаквост

Во Република Северна Македонија постои широка национална стратешка и законска рамка за воспоставување и промовирање на родовата еднаквост во општеството: Закон за еднакви можности на жените и мажитеСтратегија за родова еднаквост 2022 – 2027Национален план за родова еднаквост 2022 – 2024Национална стратегија за еднаквост и недискриминација 2022 – 2026  и др. Сите овие документи ги артикулираат прашањата за родовата еднаквост, преку низа институционални заложби, мерки и активности. Покрај институциите на национално ниво и општините имаат обврска да реализираат активности за унапредување на родовата еднаквост на локално ниво.

Според Законот за еднакви можности на жените и мажите, единиците на локалната самоуправа се обврзани, во рамките на своите надлежности, да го почитуваат и применуваат принципот на еднакви можности. Ова подразбира промовирање и унапредување на еднаквите можности меѓу жените и мажите преку преземање основни и посебни мерки, како и изготвување на годишен план за нивна реализација. Дополнително, општините се должни да го инкорпорираат принципот на еднакви можности во своите стратешки планови и буџети, да ги следат ефектите и влијанието на своите програми врз жените и мажите, и редовно да известуваат преку годишните извештаи. Тие, исто така, треба активно да учествуваат во подготовката на стратегијата за родова еднаквост, особено во делот што се однесува на единиците на локалната самоуправа. Покрај тоа, општините се обврзани да формираат комисии за еднакви можности и да назначат координатори за оваа област.

Во последните две години, под влијание на анти-родовите здруженија и активисти, дел од општините направија измени и дополнувања во своите годишни програми за еднакви можности и интервенираа во родовата терминологија. Притоа, родовите концепти и терминологија се сведени исклучиво на половата димензија, што значително го ограничува поширокото значење и примената на концептот на родова еднаквост.

Имајќи го предвид ова, НВО Инфоцентарот, со партнерските организации (Спектар од Крива Паланка, Организација на жените од Струмица, Граѓанската иницијатива на жени од Свети Николе и Активо од Велес) спроведе мониторинг за да провери дали општините имаат годишни програми и стратешка рамка за родова еднаквост, како и дали се направени измени во програмите од аспект на родовите концепти и терминологија. Мониторингот го опфати периодот од 2022 до 2024 година (заклучно со септември), а се реализираше во осум општини – Крива Паланка, Куманово, Велес, Струмица, Свети Николе, Лозово, Босилово и Ново Село. До сите општини беа доставени барања за пристап до информации од јавен карактер, а дополнително беа истражени и интернет-страниците на општините, како и објавите во медиумите кои се однесуваат на темите поврзани со мониторингот и мониторираните општини.

Оваа активност е реализирана во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржана од меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.

Клучни наоди

Иако, сите општини имаат обврска да ја интегрираат родовата еднаквост, во согласност со законот за еднакви можности и релевантните стратешки документи, мониторингот покажа дека реализацијата на локално ниво е нерамномерна и со значителни разлики меѓу општините.

Повеќето од мониторираните општини немаат сопствена стратешка рамка за унапредување на родовата еднаквост, но речиси сите имаат годишни програми за еднакви можности. Во исто време, иако во општините постојат комисии за еднакви можности, тие не се ниту многу активни, ниту доволно транспарентни. Ретко се состануваат, а ниту една општина не достави записници од нивните состаноци во изминатите три години.

Дури пет општини (Струмица, Куманово, Свети Николе, Босилово, Ново Село) во текот на 2023 година направиле измени и дополнувања во своите годишни програми и терминот „род“ го замениле со „пол“.  Овие измени не се само јазични, туку се концептуални. Ваквата промена на родовата терминологија претставува суштинска трансформација на пристапот кон политиките за еднакви можности на локално ниво. Замената на „род“ со „пол“ ја намалува и ограничува способноста на општините да се справат со комплексните родови прашања, а сето ова сериозно ја поткопува родовата еднаквост како стратешка цел. Промените го ограничуваат опфатот на мерките и ги исклучуваат пошироките аспекти на родовата еднаквост, како што се родовите улоги, родовите стереотипи и родово базираното насилство. Ова доведува до маргинализација на ранливите групи, како ЛГБТИ+ заедницата, но и ја намалува одговорноста на институциите за интеграција на родовата перспектива во јавните политики.

Прочитајте го целосниот извештај од мониторингот Општините и родовата еднаквост.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор