Кожуф 848x400

Кожуф – природно богатство од национално и меѓународно значење кое бара итна заштита

Центарот за климатски промени ја информира јавноста дека на 10 јуни 2026 година во Народниот театар во Гевгелија во заедничка организација со Фондација за локален и ИТ развој од Гевгелија, се одржа форумот „Дијалог за иднината на Кожуф“, посветен на природните вредности на планината Кожуф, нејзиното значење за зачувување на биодиверзитетот и потребата од воспоставување соодветна заштита на ова исклучително значајно подрачје.

Во рамки на форумот беа презентирани научни и стручни сознанија за природните карактеристики на Кожуф, кој претставува едно од највредните природни подрачја во државата. Планината се одликува со разновиден релјеф, значајни геолошки и геоморфолошки појави, развиена хидрографска мрежа и исклучително богата биолошка разновидност. На нејзината територија се среќаваат карстни и глацијални форми, палеовулкански појави, бројни извори и водотеци, како и вредни шумски и планински екосистеми.

Особено значење има богатството на растителниот и животинскиот свет. Кожуф претставува живеалиште на повеќе ендемични и ретки видови, меѓу кои Алшарската темјанушка (Viola allchariensis), Арсеновата темјанушка (Viola arsenica), Алшарската матерка (Thymus alsarensis), Кавадаречкиот различник (Centaurea kavadarensis) и други видови со ограничето распространување и висока научна вредност.

Природните вредности на Кожуф се препознаени и на меѓународно ниво. Подрачјето е дел од Емералд мрежата согласно Бернската конвенција, а воедно е идентификувано како значајно подрачје за птици, растенија и пеперутки. Овие меѓународни признанија ја потврдуваат неговата исклучителна улога во зачувувањето на биолошката разновидност и природното наследство.

На форумот беше истакнато дека заштитата на Кожуф не претставува само прашање на зачувување на природата, туку и предуслов за долгорочно одржливо управување со природните ресурси, зголемување на отпорноста кон климатските промени и создавање нови можности за локален развој. Притоа беше нагласена и важноста на активното учество на локалната заедница во сите фази од процесот на заштита и идно управување со подрачјето.

Заклучокот од форумот е дека Кожуф претставува природно богатство од исклучително национално и меѓународно значење кое бара навремена, системска и долгорочна заштита. Зачувувањето на неговите природни вредности, живеалишта и видови е од суштинско значење за биодиверзитетот, природното наследство и одржливиот развој на регионот. Во следниот период неопходно е да се започне со работа на терен и анализа на биолошката разновидност, пределските карактеристики вклучително и социо-економските аспекти на подрачјето  со цел утврдување на природните вредности и потенцијалниот степен на заштита на подрачјето.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Центар за климатски промени (ЦКП)

Продолжи со читање

  • До кога оваа држава ќе создава и ќе штити насилници? – реакција на Мрежа за заштита од дискриминација, Платформа за родова еднаквост и Национална мрежа против насилство врз жени и семејно насилство

    Уште колку жени треба да бидат убиени за да се демонтира овој систем поволен за насилници, а погубен за жените? Уште еднаш јавноста со ужас […]

  • Климатска акција – каде е најпотребна?

    Кога температурите растат, некои семејства можат да го разладат домот, додека други мора да избираат меѓу повисока сметка за струја и уште една ноќ во прегреана соба. За луѓето што работат на отворено, пак, жештината често е неизбежен дел од работниот ден. Истиот топлотен бран носи различен ризик, во зависност

  • Меѓу формална усогласеност и недостиг на суштински реформи

    Коментар по повод Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија, од 4 ноември 2026 година Европската комисија повторно не констатира назадување во ниедна област, односно поглавје, но напредокот останува објективно незадоволителен, а македонскиот пристапен пат е во состојба на тапкање во место. Иако во однос на претходната година е забележан барем мал напредок на […]
    The post Меѓу формална усогласеност и недостиг на суштински реформи appeared first on EPI.

  • ВРАЌАЊЕ НА ПРИРОДНИТЕ СРЕДСТВА ЗА ЛАДЕЊЕ

    Со зголемениот фокус на енергетската ефикасност и заштитата на животната средина, природните средства за ладење повторно добиваат сè поголемо значење во современите системи за ладење. Строгите европски регулативи и потребата од одржливи технолошки решенија го забрзуваат преминот кон технологии кои имаат помало влијание врз животната средина, а истовремено нудат висока ефикасност и долгорочна економска исплатливост.

    На почетокот на воведувањето на првите ладилни уреди околу 1900 година, како средства за ладење се користеа природните и лесно достапни хемиски соединенија-амонијакот NH3 и јаглеродниот диоксид CO2. Во 20-тите и 30-тите години од XX век се појавуваат CFC и HCFC соединенија. Во 80-тите години беше потврдена штетноста на средствата за ладење врз озонската обвивка на земјата по што тие се заменуваат со  HFC и HFO соединенија и нивните смеси.
    HFCs, или флуорираните јаглеводороди, и покрај тоа што немаат потенцијал на осиромашување на озонската обивка, имаат значителни потенцијали на глобално затоплување, делувајќи како стакленички гасови. Токму затоа, преку Кигали Амандманот кон Монтреалскиот Протокол за супстанциите што ја осиромашуваат озонската обвивка, светот се обврза на значително намалување на нивната потрошувачка, па дури и нивно целосно исфрлање од употреба, како што се пропишува со Директивата на ЕУ 2024/573. Денес, природните флуиди за ладење се сметаат за најдолгорочно решение, бидејќи имаат минимален потенцијал на глобално затоплување – GWP (Global Warming Potential) и потенцијал на осиромашување на озонската обвивка – ODP (Ozone Depletion Potential
    Во природните флуиди спаѓаат: R-290 (пропан), R-600a (изобутан), R-744 (CO₂) и R-717 (амонијак). Поради нивната висока запалливост, употребата на првите два флуида е ограничена на мали ладилни уреди, додека јаглеродниотдвооксид и амонијакот имаат широка примена во големите системи за ладење.
    Амонијакот (NH3 или R-717), е природен флуид кој главно се користи во големи индустриски постројки или ладилници поради неговите одлични термодинамички својства кои овозможуваат постигнување многу ниски температури  Овие системи, благодарение на нивната големина, овозможуваат високи перформанси и ефикасност.
    Главните придобивки од системот за ладење со NH3 се:

    Повисоки перформанси: во споредба со други гасови, како што се R-290 и CO2, за големи индустриски ладилни системи.
    Висока енергетска ефикасност: јa намалува потрошувачката на електрична енергија и овозможува побрз поврат на инвестицијата.

    Лесно управување и безбедност: се карактеризира со сигурна работа под строги законски регулативи, при што секој дефект или протекување брзо се открива поради неговиот специфичен мирис.

    Одржливост: тоа е природен флуид со нула GWP и ODP.
    Економичност: ниската цена и широка достапност го прават најисплатлива финансиска опција.
    Оптимизиран дизајн: употребата на цевки со помал дијаметар во системот за ладење овозможува намалено полнење со средство за ладење, енергетски ефикасни компоненти и дизајн.
    Здравствена сигурност: системот не користи вода, со што целосно се елиминира ризикот од појава на бактеријата легионела.

    Суперкритичниот јаглерод двооксид (sCO2) е флуидна состојба на јаглерод двооксид кога тој се одржува на или над неговата критична температура и критичен притисок (304.128 K, 30.9780 °C, 73.773 bar).  Во оваа состојба, тој се шири како гас, но притоа има густина како течност. Системите за ладење во кои состојбата на CO2 се менува над и под критичната точка се нарекуваат транскритични CO2 (R-744) системи за ладење. Водени од строгите регулативи на ЕУ за флуорираните гасови, тие станаа доминантна, стандардна технологија за нови инсталации во супермаркетите низ цела Европа. До 2025 година, над 111.650 европски малопродажни објекти за храна користеа транскритични CO2 системи. Клучни пазарни трендови во Европа (2026):

    До 2024 година, речиси 30% од европските малопродажни места за храна ја усвоија транскритичната CO2 технологија, зголемувајќи го бројот од 68.500 во 2023 година на над 90.000 во 2024 година.
    Првично фаворизирана во земјите со поладна клима (Северна Европа), технологијата сега е стандардна низ цела Европа, вклучително и во потоплите јужни региони благодарение на подобрената ефикасност.
    Големите синџири на супермаркети забрзано ја менуваат технологијата. На пример, TESCO веќе имаше над 1.000 транскритични CO2 продавници во Велика Британија до 2022 година, а Schwarz Group (Lidl/Kaufland) има 4.800 продавници со ладилни уреди кои користат CO2 или пропан технологија од 2024 година.
    Регулативите на ЕУ дополнително го стимулираат некористењето на средства за ладење со висок GWP.

  • ГЛОБАЛНАТА ПОТРЕБА ЗА ЛАДЕЊЕ ЗАБРЗАНО РАСТЕ: ШТО ПОКАЖУВААТ ПРОГНОЗИТЕ ДО 2050?

    Поради климатските промени, порастот на температурите и зголемувањето на животниот стандард во многу земји, побарувачката за уреди за ладење бележи континуиран и значителен раст на глобално ниво. Климатизацијата повеќе не се смета само за прашање на удобност, туку сè почесто станува неопходност за безбедно и квалитетно живеење, особено во урбаните средини и регионите изложени на екстремни горештини.

    Според проценките на International Energy Agency (IEA), бројот на клима уреди во светот би можел да порасне од околу 1,5 милијарди во 2015 година на дури 5,5 милијарди до 2050 година. Истовремено, бројот на ладилници во домаќинствата се очекува да надмине 2 милијарди уреди. До 2050 година, речиси две третини од домаќинствата во светот би можеле да располагаат со некаков систем за климатизација.

    Извор: International Energy Agency (IEA), The Future of Cooling. https://www.iea.org/reports/the-future-of-cooling
    Најголемиот дел од овој раст ќе доаѓа од земјите во развој, пред сè Кина, Индија и Индонезија, каде што растечката средна класа и урбанизацијата создаваат сè поголема побарувачка за решенија за ладење. Овие три пазари заедно се очекува да претставуваат околу половина од вкупниот глобален број клима уреди до 2050 година.
    Сепак, ваквиот тренд носи и сериозни предизвици. Без значителни подобрувања во енергетската ефикасност, потребата од електрична енергија за ладење простории би можела да се зголеми повеќе од три пати до 2050 година. Тоа би значело дополнителна потрошувачка на електрична енергија еквивалентна на денешната вкупна потрошувачка на Кина и Индија заедно.
    Затоа, развојот и примената на енергетски ефикасни технологии, паметни системи за управување и еколошки прифатливи решенија за ладење ќе бидат клучни за намалување на енергетскиот притисок и постигнување на глобалните цели за одржлив развој и намалување на емисиите на стакленички гасови.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор