КОМПОСТИРАЊЕ ВО РОВОВИ – ПРАКТИЧНА ТЕХНИКА ЗА СПРАВУВАЊЕ CО БИО-ОТПАДОТ ОД ДОМАЌИНСТАВАТА ВО ПЕРИ-УРБАНИ И РУРАЛНИ СРЕДИНИ
Што е тоа компост?
Компостот е природен органски материјал добиен со контролирано разградување на био-отпад – процес во кој микроорганизми (бактерии и габи), со присуство на кислород, влага и соодветна температура, ги претвораат органските остатоци во стабилна „почвена хумусна“ маса. Резултатот е темен, ронлив материјал со земјен мирис, кој ја подобрува структурата на почвата, ја зголемува нејзината плодност и водозадржувачка способност, и придонесува за намалена потреба од вештачки ѓубрива.
Од што се добива компост?
Компостот најчесто се добива од мешавина на „зелени“ и „кафеави“ материјали. „Зелени“ се свежи, влажни и богати со азот, како на пример остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, чај, свежо косена трева, зелени листови. „Кафеави“ се суви и богати со јаглерод т.е. суви листови, слама, ситни гранчиња, струготини од необработено дрво, картон/хартија без печатени бои и пластика. Со цел постигнување максимален ефект во најкус временски период, препорачливо е „зелените“ и „кафеавите“ материјали меѓусебно да се комбинираат во приближно балансиран однос (повеќе „кафеави“ за да нема непријатни мириси и премногу влажност). Процесот на компостирање ќе биде целисходен само доколку се исполнети следниве три услови: оптимален процент на влага на ровот (како исцедена сунѓер), периодично проветрување (кислород) и доволно време. Во компостот не се ставаат месо, риба, млечни производи, масна храна, измет од миленици, пластика и материјали со хемиски премази бидејќи истите значително ќе влијаат врз квалитетот на органската маса.
Компостирањето во ровови (понекогаш наречено „закопување на био-отпад“ или trench composting) е едноставна, нискобуџетна и многу распространета техника, особено во дворови, градини, овоштарници и мали земјоделски парцели. Самата техника подразбира дека наместо во компостер, био-материјалот се поставува во ископан ров и се покрива со земја, каде што постепено се разградува и ја збогатува почвата директно „на лице место“.
Методот на компостирање во ровови се применува многу едноставно и е особено практичен за дворови, градини и помали парцели. Процесот започнува со избор соодветна локација во градината или дворот, по можност на место каде што се планира садење во следната сезона – на пример во меѓуредите, по периферијата на леите или во близина на овошни дрвја. Потоа се ископува ров со вообичаена длабочина од 20 до 40 сантиметри и ширина од 20 до 30 сантиметри, при што димензиите може да се приспособат во зависност од типот на почвата и количината на органски материјал што се располага. Во ровот се додава био-материјал во слоеви, најчесто комбинација од кујнски растителен отпад и „суви“ материјали како суви листови, слама или картон, со што се обезбедува подобар баланс на материјалите и се намалува ризикот од непријатни мириси. Доколку внесениот материјал е премногу сув, може лесно да се навлажни за да се поттикне процесот на разградување. По полнењето, ровот целосно се покрива со земја – препорачливо со слој од најмалку 10 до 15 сантиметри – и земјата се набива умерено, со цел да се спречи излегување мириси и да се ограничи пристапот на животни. На крај, локацијата се означува за да се знае каде е поставен ровот. Разградувањето најчесто трае од неколку недели до неколку месеци, при што процесот е побрз во потоплите сезони; по завршување, почвата на тоа место станува потемна, поронлива и видливо побогата.
Оваа техника е толку популарна затоа што овозможува минимален мирис и помала појава на инсекти, бидејќи органскиот отпад е покриен со земја и не е изложен на воздух како кај купчините. Дополнително, не е потребно редовно превртување и одржување како кај класичната компостна купчина, а придобивките се директни – органската материја и хранливите елементи остануваат во зоната на коренот и веднаш придонесуваат за подобрување на почвата. Методот е особено погоден за домаќинства со двор или градина, каде што количините на био-отпад се умерени и има доволно простор за примена, при што трошоците се минимални, а не е потребна никаква специјална опрема.
За најдобар ефект, рововите треба да се планираат на безбедно растојание од бунари и водотеци и да се избегнуваат места каде што се задржува вода, бидејќи прекумерната влага може да го забави процесот и да создаде непожелни услови. Во зимски период разградувањето природно е побавно, па затоа овој метод често се користи како „инвестиција“ за пролетната сезона, кога почвата ќе биде подготвена и збогатена. Доколку се располага со поголеми количини органски отпад, практично решение е да се применува ротација – на пример, да се користи еден ров во еден период, а потоа следен ров на друга локација – со што се избегнува преоптоварување на едно место. Клучна препорака за добар баланс и побрза разградаба е секогаш покрај влажниот кујнски отпад да се додава и сув материјал како лист, слама или картон, што ја стабилизира мешавината и ја подобрува ефикасноста на компостирањето.
Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
Содржината на оваа статија е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение на граѓани за заштита и унапредување на животната средина "ECO - LOGIC"


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #44127](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/02/630311151_895856849832384_2455287352878253917_n.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #44301](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/02/raf1-1018x1024-1-768x773.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #44384](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/02/mk-grc-mala.png)
![[aggregator] downloaded image for imported item #40356](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2025/09/web-page-cover-scaled-1-768x337.webp)

