Linkedinpost10 07 2025.png

Како Северна Македонија се соочува со предизвикот на употребата на супстанции кај младите?

Употребата на психоактивни супстанции претставува сè поголем предизвик низ цела Европа, а Северна Македонија не е исклучок. Иако канабисот сè уште е најчесто користена супстанција, порастот на употребата на синтетички дроги – особено меѓу младите – бара итна и координирана реакција. Ние од ХОПС, длабоко сме посветени на намалување на штетите и подобрување на јавното здравје, и сакаме вниманието да го насочиме кон клучните статистики што ја отсликуваат сериозноста на овој проблем во нашата земја.

Тековна состојба и загрижувачки податоци:

Според истражувањето на ХОПС, резултатите покажуваат високи стапки на употреба на различни супстанции:

  • Канабис: 74% од испитаниците изјавиле дека користеле канабис во последниот месец.
  • Кокаин: 40% од испитаниците користеле кокаин.
  • МДМА (екстази): 30% од испитаниците користеле МДМА.
  • Амфетамини: Значителен процент изјавиле употреба и на амфетамини.

Овие податоци јасно укажуваат на широка распространетост на различни психоактивни супстанции на нелегалниот пазар.

Дополнително, извештајот Substance Abuse among the General Population in the Republic of Macedonia од 2017 година, поддржан од Европскиот центар за мониторинг на дроги и зависности од дроги (EMCDDA), дава поширока слика за состојбата во општата популација. Во него се нагласува присуството на нови психоактивни супстанции, како „legal highs“, „bath salts“ и „research chemicals“ (како катинони, фенетиламини, мефедрон), кои се појавуваат во форма на билни мешавини за пушење, прашоци, кристали или таблети. Нивната непозната јачина и состав дополнително ја усложнуваат ситуацијата.

Младите и влијанието на пандемијата:

КОВИД-19 остави значителни последици врз менталното здравје и секојдневниот живот на младите. Според истражувањето за младински трендови од 2022 година:

  • 58% од младите изјавиле дека нивниот живот значително се променил за време на пандемијата.
  • Речиси половина (43,9%) веруваат дека животот донекаде ќе се врати во нормала, додека 10,2% немаат никаква надеж за тоа.

Овие резултати упатуваат на тоа дека чувството на несигурност и намалената надеж може да ги направат младите поподложни на употреба на супстанции, како начин за справување со стресот и неизвесноста.

Законската рамка и потребата од услуги за тестирање супстанции:

Сегашната законска рамка во Северна Македонија ниту го забранува ниту го овозможува спроведувањето на услуги за проверка или анализа на составот на супстанциите кои сè почесто се користат. Тоа претставува сериозна пречка во превенцијата од предозирања и други штетни последици. Воведувањето вакви услуги е клучен чекор кој бара конкретни законски измени, како и јасна и усогласена пракса од страна на надлежните институции на национално и локално ниво. Со тоа ќе се овозможи безбедно спроведување на програмите и ќе им се даде можност на луѓето кои користат дроги да ги тестираат супстанциите без страв од кривично гонење.

Повик за заедничка акција:

Како организација што работи директно со заедницата, ХОПС смета дека решението лежи во мултисекторски пристап кој вклучува:

  • Измени на законската рамка – неопходно е да се воспостави правна основа за безбедно и ефикасно спроведување на услуги за тестирање супстанции.
  • Воспоставување сервиси за проверка/тестирање супстанции – спроведени од Министерството за здравство во соработка со граѓански организации со искуство во програми за намалување на штети.
  • Едукација и подигање на свеста – преку кампањи насочени кон младите, со информации за ризиците од употреба на супстанции со непознат состав.
  • Психосоцијална поддршка – зајакнување на програмите за ментално здравје кај младите.

Ги повикуваме сите релевантни чинители – образовните институции, граѓанските организации, академската заедница и меѓународните партнери – да ги здружиме силите. Единствено преку заедничка и акција заснована на податоци и добри практики, можеме ефективно да се справиме со проблемот на употреба на психоактивни супстанции и да ја заштитиме иднината на младите во Северна Македонија.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение ХОПС – Опции за здрав живот Скопје

Продолжи со читање

  • Спортот не е имун на нееднаквост и насилство: потребни се конкретни и системски промени за надминување на пречките

    Со конференцијата „Фер игра: еднаквост и нулта толеранција за родово базирано насилство во спортот“, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го заокружи процесот на собирање на податоци кои покажуваат како жените се застапени на позиции на одлучување во спортските организации. Истражувањата укажуваат и на искуствата и препознавањето на различните форми на родово базирано насилство врз жените во спортот, нивото на свесност на спортистките и постоењето, видливоста и користењето на механизмите за заштита. Учесниците на конференцијата отворија широка дискусија која овозможи да се согледаат пречките и бариерите и можните решенија.

  • Говорот на омраза во спортот

    Спортските трибини и натаму остануваат простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено на етничка и национална основа. Таквиот говор, особено кога е јавно манифестиран, има потенцијал да предизвика длабоки поделби да ја наруши меѓуетничката кохезија, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза. Во прилог, нашата колешка Наташа Петковска при гостување […]
    Read More… from Говорот на омраза во спортот
    The post Говорот на омраза во спортот appeared first on Хелсиншки комитет за човекови права.

  • Ограничени ефекти од обидот за регулација на онлајн медиумите

    „Порталите конечно ќе се препознаат како медиуми“. „Конечно и порталите влегуваат во закон“. „Владата со измени на закон ќе ги професионализира онлајн медиумите“. Ова се дел од новинарските наслови со кои се најавија измените на Законот за медиуми, со кои требаше да се регулира медиумскиот простор во Северна Македонија кога се во прашање онлајн медиумите. […]

  • ВИ во редакциите – новинарство што се менува  

    Од печатарска машина до интернетот, преку весниците што се печатеа од денес за утре до интернет-порталите што пренесуваат настани во моментот кога се случуваат – технологијата постојано го преобликува начинот на кој се собираат, се објавуваат и се консумираат вестите. Вештачката интелигенција (ВИ) е последната новина што ја трансформира работата во редакциите, давајќи му шанса […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор