цивил

Изборниот пораз што го доживеа владејачката гарнитура е последица од мултифакторни болести

Новонастанатата ситуација на државната политичка сцена ми даде желба да го споделам моето видување кон овој пресврт.

Во  неколку наврати критикував политички одлуки и изјави на премиерот Заев. Квантитативно, во исто толку наврати и го поддржав. Повеќепати бев разочарана од политичарот во него, но никогаш од човекот, што имав прилика да го запознам уште како градоначалник. Убедена сум дека полош момент, односно полоша причина за оставка, премиерот не можеше да избере. Имаше моменти кога лично јас, од позиција на поддржувач на прогресивните политики на владата, што впрочем и ја гласав, ваквата оставка ќе ја перципирав како чин на прифаќање на вина за неизбежните грешки. На истата веројатно ќе гледав како на достоинствен начин да се замине од позиција за која квалитетите со кои располага Зоран Заев не се соодветни со потребите што ги има општеството.

Но, фактот што ова заминување од функција се случува како резултат на губење на локални избори, со посебен акцент на изгубеното Скопје, е невешто бегање од барањето одговорност токму во носителите на локалните позиции. Изборниот пораз што го доживеа владејачката гарнитура е само рефлектирање на мултифакторни болести со кои се соочува нашето општество. Оние што бараа лични привилегии – ги добија повеќе отколку оние кои се бореа за општината, регионот и државата. И можеби тоа е најпогубното во политиката што ја водеше Заев, што тој не владееше како политичар, туку како човек. Им служеше на луѓето како поединци, веројатно со надеж дека решените индивидуални ситуации полека ќе ја менуваат сликата на општеството. За сметка на тоа, таа индивидуализирана политика пушти корени и погуби еден елан на народна солидарност која бараше мир и правда.

Заев жалеше поединци, им прости и на оние што посегнаа по неговиот физички интегритет, на оние што случајно или намерно потфрлија во извршувањето на функциите што им беа дадени и со тоа го осакати државичето за правдата којашто насушно ја чекаа огромен број граѓани.

Впрочем, поради ваквите ликови огромен дел од оние што беа неопределени, а сепак повеќе наклонети кон СДСМ – престанаа да даваат поддршка и да се изјаснуваат, немо гледајќи како пропаѓа идејата и желбата што всушност ги донесе на власт тие несреќни функционери.

Овие гласови не беа толку ЗА опонентите и против Заев, колку што беа контра гореспоменатите ликови. Молкот од највисоките носители на државни функции само сведочи дека во круговите на Владата царува една нелагодност, една несмасност, една ноторна неспособност што се изразува преку игнорирање на вонсериски скандал, имајќи предвид дека фотелјата сега е слободна. Суровата традиција на давање курбан сега и преносно истапи во сржта на самиот државен врв, со надеж дека благословот со ново, поудобно столче кога-тогаш ќе стаса.

ТАЊА КАРМЗОВА КОСТИГЛИОЛА


Авторката е поетеса. Живее и работи во Париз.
Сите права се задржани. Текстот е личен став на Авторката.

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор