ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО Промоција на студија и уметничка изложба

ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО – Промоција на студија и уметничка изложба

ДИЈАЛОГ – Центарот за делиберативна демократија, со поддршка од Civica Mobilitas, го спроведува проектот ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО и на 23 ноември, 2020 година го одржа настанот ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО – Промоција на студија и уметничка изложба, преку платформата Zoom. Проектот се спроведува со цел да се детектираат причините за емигрирање на македонските иселеници, условите за подобрување на животниот стандард и стил во новата држава на престој, предизвиците/жртвите направени на сметка на придобивките и научените лекции. Поспецифично, истражувањето се занимаваше со прашањата – Во кој степен иселениците биле вклучени во процесите на креирање политики на локално и национално ниво пред заминувањето? Колкаво ниво на доверба во институциите, нивно познавање и комуникација со истите постоело пред граѓаните да се одлучат за заминување? На настанот се обратија авторките на трудот ЕМИГРАЦИИТЕ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА „НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА“ д-р Јосипа Ризанкоска и доц. д-р Јасмина Трајкоска Наумоска; Сара Мустафа, Национален координатор за мали грантови нa Цивика мобилитас; Николина Ризанкоска-Антеска, проектна координаторка, како и м-р Марија Конеска, визуелен уметник чиј проект ИСПРАЗНЕТО ГНЕЗДО беше инспирација за истражувањето. Поставката може да ја видите во видеото што премиерно беше прикажано на онлајн настанот. Трудот ЕМИГРАЦИИТЕ НА ГЕНЕРАЦИЈАТА „НЕЗАВИСНА МАКЕДОНИЈА“  е објавена на веб-страницата на ДИЈАЛОГ, на македонски јазик  и на англиски јазик. „Градот не останува само без луѓе, останува и без живот! Тоа е причината поради која го започнав моето истражување. Преку разговор со моите сограѓани, познати и непознати, почнав да одам од куќа в куќа, запознавајќи се со причините ЗОШТО ЛУЃЕТО СЕ ОТСЕЛУВААТ. Поминав стотици куќи, запишував инфромации, ги фотографирав куќите, а некаде го евидентирав и физичкиот изглед на иселениците“, изјавува Марија Конеска. „Проблемот со масовното иселување не е новост. И во описот за потребата од оваа студија се осврнуваме на мноштвото истражувања и документи за јавни политики кои го тангираат проблемот, особено во делот на младинското емигрирање и таканаречениот феномен на одлив на мозоци. Она што е оригинално во нашето истражување е целната група. Ова е најверојатно единственото досега емпириско истражување кое опфаќа 915 испитаници – иселеници во последните три декади. Затоа ние оваа генерација на иселеници ја нарековме генерација ‘Независна Македонија’. Наодите ја побиваат досега водечката хипотеза дека иселениците главно заминуваат од државата поради економски причини и ја потврдуваат алтернативната хипотеза дека лошата политичка клима ги тера македонските граѓани на масовно емигрирање. Фактот дека половина од испитаниците планираат засекогаш да живеат надвор, 63% не би се вратиле ниту при евентуално интегрирање на Северна Македонија во Европската Унија е сериозен аларм за курсот на политиките во државата. Уште попоразителни се оние 87% кои познаваат некого во државава што се спрема или планира да емигрира“, објаснува д-р Јосипа Ризанкоска, претседателка на ДИЈАЛОГ. „Карактеристиките на добро владеење стануваат многу полесно препознатливи за луѓето кои се иселуваат во политички системи во кои јавните политики обезбедуваат достоинствен живот. Тогаш човекот како да станува свесен дека политиката е многу повеќе од политичките партии и дека политиката може да го направи нашиот живот достоинствен или неподнослив. Знаеме дека на сите веќе кога ќе се зборува за поимот ‘политика’ им се појавува негативно чуство, сепак оваа студија потврдува за важноста на политиката како неопходност во насока на организирање квалитетен живот и потреба од граѓанско и политичко образование на граѓаните. Кога зборувам на граѓаните мислам и на оние кои имаат минимална желба за да политички партиципираат на локално или централно ниво, и на оние кои работат во јавните институции или кои обавуваат јавна функција. Политичката и граѓанската едукација ќе ги научи овие луѓе дека постои еден огромен простор надвор од политичките партии во кој може да се делува за јавно добро“, вели доц. д-р Јасмина Трајкоска Наумоска. Масовното иселување од Македонија и феноменот на „одлив на мозоци“ во последните една до две децении станаа препознатлив белег на земјата. Во моментов, и покрај недостатокот на официјални статистики, македонската дијаспора се проценува на над 700.000 лица. Ваквото непостоење на демографски информации, како резултат на неуспешниот попис од 2011 година остави простор за шпекулации со бројките за луѓето кои живеат во државата. Тоа пак, има директни импликации врз креирањето на политиките во земјата. Според Државниот завод за статистика (2020), во периодот од 2005 до 2019 година, од државата се отселиле вкупно 11.273 граѓани и трендот се движи во надолна линија. Сепак, од различни споредни податоци гледаме дека тоа воопшто не соодветствува на реалноста, напротив, во последните декади постои тренд на масовно иселување на македонското население, најчесто во западните развиени земји. Иако бројот на граѓани кои привремено престојуваат во странство поради образование, привремена работа, доквалификација, и сл. не е вклучен во овие официјални податоци за иселени лица, бројката е многу поголема. Оваа студија се заснова на емпириски податоци од анкета со 915 македонски иселеници во светот. Анкетата беше спроведена онлајн во септември 2020 година. Испитаници може да бидат било кои иселеници од Македонија, без оглед на род, возраст, етничка припадност и без оглед на годината на иселување. Под иселеник во оваа студија подразбираме лице родено во Македонија, кое има моментален статус на резидент во странска држава, а може да е сѐ уште државјанин на Македонија или да се откажало од македонското државјанство за да го земе тоа на новата држава. Во испитувањето не се земени предвид втора ганерација на иселеници (лица родени во странска држава на еден или двајца родители Македонци). Испитаниците може да бидат членови на исто семејство доколку истите формираат различни домаќинства (или живеат независно) по емигрирањето. На прашањето „Според вашето искуство, полесно беше да се иселите отколку да останете во Македонија?” 74% од испитаниците одговориле позитивно, а само 10% одговориле негативно. Убедливо најголем број испитаници кои моментално живеат во Европа доаѓаат од Германија (37%), а потоа се Обединетото Кралство, Австрија, Словенија, Шведска и Швајцарија. Земји во кои има исто така поголем број иселеници се Норвешка, Франција и Холандија. На прашањето „Кои беа трите најголеми причини за Вашето иселување од Македонија?“, испитаниците во најголем дел навеле друга причина – политиката. Речиси 70% од испитаниците како една од трите најважни причини ја навеле неповолната политичка клима во државата, што подразбира партизирано општество, непотизам, корупција, недоверба во изборните процеси, клиентелизам, загаден медиумски простор и сл. Можеби најпоразителни се податоците во врска со ставот на иселениците за можно враќање во татковината, како и сознанијата за тоа колкав е процентот на потенцијални иселеници од земјава. Убедливи 62% од испитаниците не би се вратиле во Македонија поради нејзината интеграција во Европската Унија, а скоро 20% одговориле дека можеби би се вратиле. Додека 14% не знаат, само 3,3% позитивно одговориле на ова прашање. Конечно, дури 87% од испитаниците изјавиле дека познаваат некој кој или се подготвува или во догледна иднина планира да се отсели од Македонија. Меѓу главните препораки на авторките на студијата е неопходноста од итно спроведување попис на населението, што би овозможило планирање на ефективни (демографски, социјални и економски) политики во земјата и кон иселениците. Понатаму како дел од неопходните чекори се наведува дека јавните политики треба исклучиво да се базирани на анализи и докази, а не на чисто партиски и/или Владини интереси, како и дека е потребна департизација на државните институции преку воведување на системот на заслуги (мерит систем) при вработување во институциите на локално и централно ниво, како основна мерка за зголемување на нивната ефикасност и ефективност. Исто така е неопходен услов за подигнување на нивото на доверба во нив од страна на граѓаните (како мерка против непотизмот и клиентелизмот).

Продолжи со читање

  • Започнаа подготовките за XXVI Вардарска регата Гемиџии 2026

    На 14.3.2026 год. (сабота) претставници на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, во состав Владимир Ивановски, Иван Гушев и Ангелче Гушев ги посетија извидниците во Солун каде што ги започнаа разговорите за реализација на XXVI Вардрската регата Гемиџии 2026. Оваа година заради зголемени финасиски трошоци се доведува во прашање организирањето…

  • Работна средба со извидниците на Првата извидничка чета од Поликастро

    На 14.3.2026 год. (сабота) во Поликастро, Република Грција се одржа работна средба помеѓу претставниците од Првата извидничка чета на Поликастро и претставниците на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Република Македонија. На оваа средба се разговараше за поддршка на извидниците од Поликастро односно поддршката што по трет пат треба да…

  • Годишно Собрание на одредот за неговата активност во 2025

    На 15.03.2026 год. (недела) во големата сала на во Домот на НВО во Велес се одржа редовното Годишно собрание на извиднички одред “Димитар Влахов“ – Велес. Собранието се одржа по следниот ред Процедурален дел: Отварање на Собранието Воведен збор на старешината Избор на работни тела на собранието Работно претседателство –…

  • Реакција за Предлог-законот за високо образование

    Младинскиот образовен форум (МОФ), како организација која скоро 27 години работи на промовирање и заштита на правата на младите во образованието, внимателно го анализираше Предлог‑законот за високо образование. Во текот на […]
    The post Реакција за Предлог-законот за високо образование appeared first on МОФ.

  • Спортот не е имун на нееднаквост и насилство: потребни се конкретни и системски промени за надминување на пречките

    Со конференцијата „Фер игра: еднаквост и нулта толеранција за родово базирано насилство во спортот“, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го заокружи процесот на собирање на податоци кои покажуваат како жените се застапени на позиции на одлучување во спортските организации. Истражувањата укажуваат и на искуствата и препознавањето на различните форми на родово базирано насилство врз жените во спортот, нивото на свесност на спортистките и постоењето, видливоста и користењето на механизмите за заштита. Учесниците на конференцијата отворија широка дискусија која овозможи да се согледаат пречките и бариерите и можните решенија.

  • Говорот на омраза во спортот

    Спортските трибини и натаму остануваат простор каде што се шират навредливи и дискриминаторски пораки, особено на етничка и национална основа. Таквиот говор, особено кога е јавно манифестиран, има потенцијал да предизвика длабоки поделби да ја наруши меѓуетничката кохезија, а има потенцијал да предизвика и злосторства од омраза. Во прилог, нашата колешка Наташа Петковска при гостување […]
    Read More… from Говорот на омраза во спортот
    The post Говорот на омраза во спортот appeared first on Хелсиншки комитет за човекови права.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор