цивил

Данела Арсовска, 20 години успешен менаџер, а сега не e вистински сопственик на ниту една фирма?

На гостувањето во емисијата „Само интервју“ на 28.10.2021, кандидатката за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска потврди дека ја менаџирала спортската сала „Расадник“, откако и беше поставено новинарско прашање: „…имате ли вие некаква врска, или вашето семејство, со таа сала, ја имавте под концесија, дали вие ја менаџиравте?“

Иако Арсовска прво одговори дека поднела тужба за таа работа, откако новинарот и укажа „има некоја Империјал фирма што се спомнува…“, Арсовска потврди:

„Ете така… Мора да ви кажам, јас во овие 20 години сум била менаџер во многу претпријатија, и секаде до моментот додека сум била менаџер тие биле успешни претпријатија…“

Новинарот на Канал 5 експлицитно и постави прашање на Арсовска дали „е оваа сала дел од вашето портфолио?“, на што Арсовска одговори потврдно:

„Да, била пред 20 години, меѓутоа тие сите документи кои што се извадени и лагите кои што се искажани за да се направи целата оваа конструкција, за жал се невистина…“

Арсовска негираше дека салата била оставена во долгови, и укажа дека за таквите тврдења поднела веќе тужба, и дека очекува официјално разјаснување.

Откако новинарот на Канал 5 и укажа „Ама сега не знам колку вие имате удел во тоа, инаку салата се распаѓа, тоа се гледа дека не е добро менаџирано“, Арсовска реагираше: „Јас удел во тоа немам, ама ќе се докаже во следните денови кој лошо ја менаџира…“.

Во претходните денови, СДСМ на прес конференции укажуваше дека Арсовска ја крие поврзаноста со салата Расадник во биографијата објавена на нејзината Фејсбук страница. Според СДСМ, Арсовска била „катастрофален менаџер на скопската сала Расадник, изградена со самопридонес на скопјани, а ја зела под закуп на 25 години за само илјада евра месечно кога на власт беше ВМРО-ДПМНЕ“.

Од СДСМ исто така обвинија дека Арсовска се обидела да ги скрие од јавноста и семејните фирми со седиште на адресата на салата „Расадник“, а дека го криела и нејзиното моминско презиме Јовановска, „за да не се открие нејзиниот непотизам и поврзаноста на нејзините семејни фирми од сала Расадник со хотелите „Империјал“ и „Ројал“.“

„Цивил медиа“ направи проверка во Централниот регистар  (регистар на вистински сопственици) на тековна состојба за физичко лице – вистински сопственик за „Данела Арсовска“. Од добиените податоци се гледа дека Данела Арсовска е 100% вистински сопственик само на субјектот „Независен кандидат за градоначалник на град Скопје Данела Арсовска Локални избори 2021“, чиј организационен облик е опишан како „политичка партија“.

По ваквиот резултат, логично се поставува прашањето: Каков е тој успешен менаџер, како што се претставува во секое свое обраќање Данела Арсовска, кој има(л) врска со повеќе фирми, а сега не е вистински сопственик на ниту една фирма, освен субјектот кој собира финансиски донации за локалните избори?

„Цивил медиа“ направи проверка и во базата „Business and Financial Data Exchange of Southeast Europe“, каде што пребарувањето за „Danela Arsovska” ги дава следните резултати.

Од резултатите во оваа база на податоци се гледа дека покрај тоа што е правен претставник на својот политички субјект регистриран за потребите на кампањата на локалните избори, Данела Арсовска е и „член на надзорен одбор“ на финансиска институција во Скопје – Центар, а исто така и правен претставник во Штип на „екстериторијална организација“, правен претставник на организација на работодавачи во Кисела вода, како и авторизиран претставник на оддел на компанија во Скопје – Кисела вода.

Резултатите од пребарувањата не укажуваат дека Арсовска е сопственик на фирма, со што се потврдува нејзината изјава дека нема фирма на нејзино име.

Но, по изјавата на Арсовска „во овие 20 години сум била менаџер во многу претпријатија“, се поставува прашањето: зошто тие претпријатија не се спомнати во нејзината биографија, како доказ и пример на едно од главните тврдења на нејзината кампања – дека била успешен менаџер?

Покрај доказите за нејзино менаџирање на салата Расадник, што го потврди и Арсовска, СДСМ на неколку прес конференции изнесе повеќе докази дека таа порано била сосопственик и менаџер на повеќе фирми заедно со нејзиниот татко, дел од кои биле регистрирани со седиште во салата „Расадник“, a дел на други адреси.

Кога ја објави својата биографија, Арсовска пред јавноста рече: „сакам да знаете дека секогаш сум и ќе останам транспарентна по сите прашања“. Но, Арсовска ги избегнуваше повеќето новинарски прашања во врска со нејзиното менаџирање на фирми што не се спомнати во нејзината биографија, и остана сосем нетранспарентна за нејзиното минато како менаџер на фирми.

Кога кандидат за градоначалник се претставува како успешен менаџер и постојано тврди дека на градот му треба добро менаџирање, јавноста има право да знае каков менаџер бил тој кандидат во минатото. Ако Арсовска била успешен менаџер во многу претпријатија, како што тврди, јавноста има право да ги знае тие претпријатија, за да оцени дали нивното менаџирање било успешно.

Исто така, јавноста има право да знае, зошто лицето што се претставува како успешен менаџер не е вистински сопственик на ниту една фирма, иако во минатото фигурирало како сосопственик на повеќе семејни фирми заедно со нејзиниот татко?

Цивилмедиа во текот на предизборната кампања се обиде да стапи во контакт со Арсовска и да реализира интервју. И покрај неколкуте обиди, испратени покани и контакти со нејзиниот предизборен штаб, Арсовска не се одѕва на поканата на Цивилмедиа.

Истражувачки тим на ЦИВИЛ Медиа

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор