222

Да се биде новинар или не

Во демократските општества или, пак, во оние што претендираат да се демократски, новинарството се смета за слободна професија. Што значи тоа во практика и дали секој може да биде новинар?

Секој може да каже дека е новинар, но тоа не значи дека ќе биде прифатен од фелата, јавноста и од еснафските здруженија. Кога станува збор за професионални новинари, без разлика дали работат во традиционални или во онлајн медиуми, речиси и да нема дилема, но кога, од друга страна, се злоупотребува новинарството со цел намерно да се влијае врз јавниот дискурс, тогаш новинарството станува пропаганда. Во Македонија има сè повеќе очигледни примери кога лица блиски до политичките партии се претставуваат како слободни новинари или граѓански активисти или, пак, и двете во исто време. Тие објавуваат колумни, даваат лични осврти на важни општествени случувања, а често и јавно се пресметуваат со политички неистомисленици на социјалните мрежи. Новинарите се свесни за злоупотребата на нивната професија од овие поединци, но пошироката јавност, за жал, не ги препознава секогаш овие расипани јаболка во новинарската кошница.

gra se 1

Како новинарите и јавноста да се заштитат од натрапниците во оваа професија?

Сè додека партиите не се откажат од плаќање на непрофесионалните медиуми, и тоа со јавни ресурси, а истовремено приватните компании не станат навистина општествено одговорни и ги вложуваат своите пари за реклами кај професионалците, а со тоа да го поддржат квалитетното новинарство, граѓаните ќе бидат жртви на дезинформации и на евтини медиумски содржини.

gra se 2

Фото: unsplash.com

Решението на ова прашање не е едноставно, посебно во услови кога секој може да регистрира домен и речиси без вложувања, да има своја онлајн платформа, без притоа да се почитуваат минималните стандарди за еден медиум.

Затоа локалните еснафски здруженија пред две години вложија дополнителни напори да се засили медиумската саморегулација во земјата, преку создавање на регистарот на професионални онлајн медиуми во Македонија. Идејата на Промедиа.мк, како што се нарекува овој регистар, ѝ служи на јавноста да знае кои онлајн медиуми ги исполнуваат минимум критериумите да бидат медиуми, како што се имање импресум и контакт, да се почитува кодексот, медиумот да користи .мк домен, да има јавно објавени ценовници и слично.

За разлика од правилата предвидени во Изборниот законик за платената политичка програма во партиската кампања, каде што се бара само онлајн медиумот да е регистриран 30 дена пред пријавата да учествува во кампањата, Промедиа предвидува 12 облигаторни услови и препораки за да може да бидат дел од овој регистар. Поради ова, речиси секој може да се пријави да шири политичка пропаганда платена со парите од граѓаните, но не може секој да биде дел од регистарот на професионални онлајн медиуми. Токму ова ја покажува искрената волја на еснафските здруженија да придонесат во воспоставување некој ред, за разлика, пак, од политичките партии кои преку Изборниот законик оставаат можност да ги корумпираат медиумите и да ги наградат оние „лажни новинари“, кои прават штета на јавниот интерес на сметка на интересот на партиите или на поединци.

Приватните фирми што се јавуваат како рекламери имаат сериозна улога во подобрување на состојбата. Тие имаат општествена обврска да се рекламираат во професионалните медиуми, а не во оние што шират пропаганда, па дури и говор на омраза. Тоа е и, впрочем, една од целите на Промедиа – одговорните приватни компании да ги наградат професионалните медиуми, а на долг рок да се маргинализираат оние што прават штета.

Дали може да помогне дефинирањето на новинарството со закон?

Дефинирањето на тоа кој е новинар, а кој не, може да биде опасна практика, бидејќи им се дава можност на владите да фаворизираат лица што ги промовираат нивните политики на сметка на оние што конструктивно ги критикуваат. Освен ова, дефинирањето на новинарите може да биде и вовед во нивно лиценцирање од страна на владите, со што се нарушува концептот на слободна професија, а со тоа и ризикот да се суспендира правото на слобода на изразување и правото на информирање.

gra se 3

Фото: pixabay.com

Дел од државите на овој континент се обидуваат да дефинираат со закон што е новинар и таков обид постои и во Македонија во Законот за медиуми од 2013 година. Па, така, според овој закон „новинар е лице што врши активности на прибирање, анализа, обработка, обликување информации што се објавуваат во медиум или има склучен договор со него или е лице што врши новинарска дејност како самостојно занимање (слободен новинар)“. Проблемот со оваа дефиниција е што работата на новинарот се поврзува со работен договор, а законот се однесува на радиодифузерите, па затоа имало и домашна судска практика во минатото, која била на штета на новинарите, зашто дел од нив не биле препознаени од судот.

Во меѓународен контекст, еснафските здруженија претендираат да го дефинираат поимот новинарство, а не новинарот. Па, така, според Американскиот прес-институт, новинарството е активност на собирање, оценување, креирање и презентирање вести и информации. Она што е основа за сите кредибилни членски организации на медиумски работници, вклучително и во Македонија, е тоа што имаат јасни правила кој може да биде член, за што одлучува комисија, како што е, на пример, најмалку две години да врши новинарска дејност и при пристапувањето да се обврзе дека ќе го почитува кодексот на етика. Доколку некој е одбиен за членство, не значи дека не е новинар, туку едноставно еснафот во тој момент ценел дека не ги исполнува критериумите да биде дел од професионалниот колектив во медиумскиот сектор.

Во јавната комуникација, новинарството окупира мал простор и голем дел е отстапен на содржини поврзани со забава, рекламирање, па и пропаганда, но и покрај тоа, новинарството има исклучителна важност. Преку одговорното новинарство се следи работата на јавните установи и се информираат граѓаните, со што им се помага да одлучуваат свесно на избори, но и за други општествени околности. Затоа, тие што ja имаат привремено власта во едно општество, не можат да одлучуваат кој е новинар, а кој не, бидејќи на тој начин има очигледен конфликт на интерес што би бил на штета на граѓаните.

Автор: Драган Секуловски

Насловна фотографиј: pixabay.com

———————————————————————————————————————————————————————-

Текстот е подготвен во  рамки на проектот „Building Resilient Journalism in the Western Balkans”, што го координира Мрежата за професионализација на медиумите во Југоисточна Европа (СЕЕНПМ), чија што членка е МИМ. Проектот е поддржан од „National Endowment for Democracy“ (НЕД).

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор