[Aggregator] Downloaded image for imported item #43323

Апел од Платформата за борба против корупција за непотпишување на указот на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик и користење на уставното право на вето

Денес, 28.01.2026 Платформата за ГО за БПК поднесе допис до Претседателката на Република Северна Македонија проф. д-р Гордана Силјановска Давкова со кој бара да не го потпише указот на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.

Во прилог го објавуваме интегрално доставеното барање:

“Почитувана Претседателке,

Платформата за борба против корупција Ви се обраќа со почит и со чувство на висока одговорност, имајќи ја предвид Вашата уставна улога како гарант на владеењето на правото и уставноста на законите.

Платформата за борба против корупција за усвоениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик за овие прашања веќе јавно реагираше и во повеќе наврати ги искажа своите ставови и аргументи, вклучително и на јавната расправа во Собранието, како и преку официјални дописи доставени до надлежните институции. По внимателна анализа на усвоениот Закон за изменување и дополнување на Кривичниот законик, сметаме дека постојат сериозни и основани причини поради кои Ве повикуваме да не го потпишете указот за прогласување на законот и да го искористите Вашето уставно право на вето.

Иако ја поздравуваме потребата од интервенција во Кривичниот законик, особено по измените од 2023 година, усвоените решенија, наместо да обезбедат правна стабилизација во преодниот период до донесување на целосно нов КЗ, создаваат дополнителна правна несигурност, и ризик од институционална конфузија и натамошно уназадување во борбата со високата корупција.

Особено укажуваме на следниве прашања од суштинско значење:

  • Со измените на кривичните дела за злоупотреба на службена положба и несовесно работење (членови 353 и 353-в) се предвидуваат пониски максимални казни во однос на состојбата пред 2023 година, што директно влијае врз казнената политика и врз роковите за застарување на кривичното гонење за тешки облици на корупција и злоупотреба на јавната функција.
  • Заштитата на јавните средства во ставот 5 од членот 353 се сведува претежно на злоупотребите во постапките за јавни набавки, и тоа само на еден сегмент од истите, без да се обезбеди сеопфатна кривичноправна заштита од злоупотреба на средствата од државниот буџет, локалната самоуправа и јавните фондови преку други механизми.
  • Кај кривичното дело несовесно работење во службата, се укинува јасната инкриминација на несовесно постапување на службени лица во органите на државната управа, што во пракса претставуваше клучна алатка за заштита на правата на граѓаните во управните постапки.
  • Предложените решенија за проширената конфискација концептуално и процесно ги мешаат различните модели на конфискација, што е во судир со Законот за кривичната постапка и со меѓународните стандарди, и отвора ризик од нејасна и нееднаква примена, како и од повреди на правната сигурност и презумпцијата на невиност.

Дополнителна загриженост претставува и фактот што измените кои се однесуваат на борбата против корупцијата се носат во ист законски пакет со одредби за усогласување со Истанбулската конвенција и зајакнување на заштитата на жените и жртвите од семејно и родово базирано насилство. Иако овие измени се неопходни и заслужуваат недвосмислена поддршка, нивното комбинирање со суштински и контроверзни промени во антикорупциското кривично законодавство ја отежнува стручната и јавната расправа и создава ризик важните прашања поврзани со корупцијата да не бидат соодветно разгледани во нивниот целосен опсег.

Воедно, сметаме дека начинот на донесување на овие измени, без соодветни јавни консултации и без систематско вклучување на јавните обвинители и судиите, не соодветствува на чувствителноста и значењето на материјата која се уредува.

Почитувана Претседателке,

Имајќи ја предвид Вашата академска и професионална посветеност на уставното право и владеењето на правото, веруваме дека ќе ги земете предвид овие аргументи и ќе го искористите Вашето уставно овластување да го вратите законот на повторно разгледување во Собранието. Таквиот чекор би овозможил суштинска доработка на спорните решенија и би спречил долгорочни негативни последици врз борбата против корупцијата и правната сигурност.

Стоиме на располагање за секое дополнително образложение или стручна консултација.

Со почит,
Платформа на граѓански организации за борба против корупција“

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Македонски центар за меѓународна соработка

Продолжи со читање

  • Светски ден за борба против ракот: само 10 отсто од жените опфатени со скрининг за рак на грлото на маткатa

    Иако ракот на грлото на матката е едно од ретките малигни заболувања што речиси целосно може да се превенира, во Северна Македонија секоја година заболуваат околу 200 жени, а помеѓу 40 и 60 жени го губат животот од оваа болест. Алармантен е податокот дека во 2024 година со организираниот скрининг…

  • 🎨 ЈАВЕН ПОВИК ЗА ЗАНАЕТЧИИ

    Учество во активности за дигитална трансформација на традиционални занаети Здружението на граѓани Иницијатива за европска перспектива (ИЕП) објавува јавен повик за избор на најмалку 5 локални занаетчии за учество во обука и соработка со млади во рамки на проектот: „Дигитално оживување на занаетчиството: Оспособување на младите од руралните средини преку технолошки поттикнати модели на социјални […]
    Source

  • ЈАВЕН ПОВИК ЗА МЛАДИ

    Обука за дигитални и социјално-претприемачки вештини за млади за дигитална трансформација на традиционални занаети Здружението на граѓани Иницијатива за европска перспектива (ИЕП) објавува јавен повик за избор на 30 млади лица за учество во сеопфатна обука за дигитални и социјално-претприемачки вештини, која се реализира во рамки на проектот: „Дигитално оживување…

  • Правилно постапување со био отпад

    Продолжуваме со кампањата за подигање на јавната свест за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад, погледнете како правилно се постапува со био отпад на следното видео

  • МЦМС придонесe во креирањето на новиот Закон за здруженија и фондации

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) активно се вклучи во процесот на јавна консултација за Предлог Законот за здруженија и фондации, оставајќи детални коментари на платформата ЕНЕР (Единствен национален електронски регистар на прописи на Република Северна Македонија).

  • Во каква средина работат организациите чиј фокус се родовите прашања

    Македонскиот центар за меѓународна соработка го објави „Истражувањето во фокус: мониторинг на овозможувачката околина за организации кои работат во областа на родовата еднаквост и правата на жените”, кое обезбедува сеопфатна, анализа заснована на докази на условите во кои делуваат овие организации во Северна Македонија.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор