Prva
|

Тематски форум за користење на податоците за вистинските сопственици во борбата против корупцијата

САМО ЗА ДВА МЕСЕЦА, 3.000 ФИРМИ ШТО ДОБИЛЕ ТЕНДЕРИ ГИ ОБЕЛОДЕНИЛЕ СВОИТЕ ВИСТИНСКИ СОПСТВЕНИЦИ НА ЕЛЕКТРОНСКИОТ СИСТЕМ ЗА ЈАВНИ НАБАВКИ

Повеќе од 30 претставници на клучни јавни институции, граѓански организации, медиуми и меѓународни организации денеска дискутираа за можностите и начините на користење на податоците од Регистарот за вистински сопственици на правните субјекти како алатка за борба против корупцијата.

Швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Сомер истакна примери за откривање и враќање на значајни средства стекнати преку нелегално финансирање, токму преку меѓународна размена на податоци за вистински сопственици. Тој ја истакна и посебната улога на граѓанските организации и истражувачките новинари во откривање на корупцијата и важноста во таа смисла да имаат навремени и доволни податоци за вистинските сопственици. Амбасадорот Сомер, исто така, говореше и за важноста на податоците за вистински сопственици за поддршка на фер и отворен пазар.

Според заменик-претседателот на Владата за добро владеење, Арбен Фетаи, транспарентноста на податоците за вистинските сопственици не е само регулаторен услов, туку камен-темелник на етичкото управување и фер конкуренцијата. Тој ги повика сите засегнати страни да соработуваат за подобрување на квалитетот на податоците, интероперабилноста меѓу институциите како што се Централниот регистар, Управата за финансиско разузнавање, Бирото за јавни набавки и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), како и за зајакнување на процесите на верификација за да се обезбеди точност и сигурност на овие податоци.

Посебно беше истакнато остварувањето на заложбата од Националниот план за Партнерството за отворена власт со која од средината на ноември минатата година фирмите што учествуваат во јавните набавки доброволно ги обелоденуваат своите вистински сопственици на Електронскиот систем за јавни набавки (ЕСЈН).  Досега тоа го направиле повеќе од 3.000 фирми. Во оваа смисла, директорката на Бирото за јавни набавки, Маре Богева Мицовска ја нагласи централната улога на Електронскиот систем за јавни набавки. Оваа единствена платформа за спроведување на јавните набавки постојано се развива и надоградува со нови функционалности за унапредување на транспарентноста и интегритетот во јавните набавки.

Директорката на Централниот регистар, Анета Стамнова ја претстави актуелната состојба со користењето на податоците од Регистарот на вистински сопственици, при што како најчести корисници се јавуваат банките, а од институциите, Агенцијата за финансиско разузнавање во рамките на нејзините законски обврски за спречување перење пари и финансирање тероризам.

Претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата, Адем Чучуљ, објави дека се работи на директно поврзување на податоците од неколку институции, како Централниот регистар, Катастарот на недвижности, МВР и Управата за јави приходи за директна проверка и користење на податоците, кои би биле достапни и за јавноста.

Новинарката Фросина Димовска од Балканската истражувачка мрежа – БИРН Македонија наведе примери на користење на податоци за вистински сопственици за откривање на злоупотреби, но и конкретни пречки со коишто се соочуваат како истражувачки новинари во обезбедувањето, проверката и вкрстувањето на податоците.

Две спроведени истражувања од граѓанскиот сектор, кои ги презентираше Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, покажаа дека, и покрај формалното воспоставување на Регистар на вистински сопственици во земјава пред точно пет години, неговиот потенцијал останува во голема мера неискористен во системот за борба против корупцијата. Ограничениот пристап, недоследностите на податоците, слабите механизми за верификација, недостатокот на институционална интероперабилност и недоволниот јавен надзор значително ја намалуваат превентивната и истражната вредност на податоците за вистинските сопственици.

Врз основа на наодите од истражувањата, на искажаните планови и заложби на вклучените институции, на европската и светската практика на користење на податоците од Регистрите на вистински сопственици ќе се изработи документ за јавни политики со препораки за подобрување на користењето на информациите за вистинските сопственици во борбата против корупцијата во Северна Македонија.

Проектот „Користење на податоците за вистинските сопственици за намалување на корупцијата“ е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Центар за граѓански комуникации ЦГК

Продолжи со читање

  • Пет иницијативи предводени од млади за интегритет, свест и зајакнување на заедницата

    Младински Совет Прилеп:
    Пет иницијативи предводени од млади за интегритет, свест и зајакнување на заедницата
    Во Северна Македонија, младите стануваат активни застапници за транспарентност, отчетност и општествена благосостојба. Преку низа иницијативи предводени од млади, поддржани од Младински Совет Прилеп, локалните тимови од Кочани, Прилеп, Кривогаштани, Кичево и Скопје креираа и реализираа активности кои се однесуваат на корупција, јавни услуги, човекови права и граѓанска одговорност.
    Подолу е прикажан преглед на пет влијателни иницијативи, секоја од нив ја покажува силата на младинско лидерство.

  • Како да го зачуваш своето ментално здравје во бременоста

    Овој едукативен материјал е наменет за бремени жени и има за цел да ја истакне важноста на менталното здравје во периодот на бременост. Преку разбирливи информации и практични совети, материјалот помага во препознавање на најчестите емоции, нуди насоки за грижа за себе и укажува кога е важно да се побара…

  • Платформата БПК бара итно именување на раководството во АСПИ

    Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата ги повикува пратениците во Собранието на Република Северна Македонија итно да именуваат директор и заменик-директор на Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер.

  • Превенција од дроги кај младите во согласност со европските стандарди: Интервју со проф. д-р Игњатова

    Од Вашето клиничко и професионално искуство, што е нешто што најчесто се превидува кога зборуваме за употребата на психоактивни супстанции кај младите и ризиците што ги носи тоа? Она на што не се обраќа доволно вниманиеили, се превидува, кога се зборува за употребата на психоактивни супстанции кај  младите се „причините на причините”  за употреба на […]
    The post Превенција од дроги кај младите во согласност со европските стандарди: Интервју со проф. д-р Игњатова appeared first on ХОПС.

  • Еко Логик на IDEAS Networking Event: Стратешко вмрежување и перспективи за иднината на европското финансирање

    IDEAS Networking Event, организиран од CESIE ETS, повторно се потврди како една од водечките европски платформи за вмрежување на организациите во областа на образованието, обуките, иновациите и истражувањето. Настанот обедини организации, експерти и носители на одлуки од цела Европа со заедничка цел – размена на знаење, градење стратешки партнерства и навигација во услови на постојани […]

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор