граѓански импулс (8)
|

Граѓански импулс #14 – месечен осврт на активностите на грантистите

февруари 2026

Февруари донесе низа активности на грантистите на Цивика мобилитас. Од еколошки иницијативи и младинско учество, до родово одговорно буџетирање и барања за квалитетна здравствена заштита. 

Здружението на еколози „Натура” од Струга и Извиднички одред „Мирко Милески” ги отпочнаа активностите на проектот „Граѓанска мрежа за чист воздух во Југозападниот регион”. Во февруари одржаа координативни средби со претставници на општините Вевчани, Охрид и Кичево, на кои беа претставени целите на проектот – пред сè формирањето на Регионален граѓански совет за воздух и изградбата на мрежа за мониторинг на воздух во која ќе бидат вклучени училишта, граѓани и локални организации. Проектот предвидува инсталација на вкупно 30 инструменти за мерење на квалитетот на воздухот во пет општини од Југозападниот регион, со цел да се зајакне соработката меѓу граѓанскиот сектор и локалната самоуправа.

Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ), Еко логик и Флорозон одржаа уште една работилница за повторна употреба и пренамена на био-отпад за ученици во ООУ „Братство“, како дел од настаните на отворено со караванот за демонстрирање експерименти во училиштата.

Со караванот, организациите досега обучија околу 600 ученици и 30 наставници од основните училишта во општините Карпош, Кисела Вода и Ѓорче Петров. Работилниците покажуваат дека децата најдобро учат кога експериментираат – создаваат нови производи од биоотпад, а дел од нив она што го научиле почнуваат да го применуваат и дома. Така, еколошката свест не застанува во училницата, туку се пренесува и во семејствата. За пошироката јавност, организациите подготвија и серија едукативни видеа за органскиот отпад, а нивната нова статија овој пат е посветена на компостирањето, на придобивките и ефектите од тој процес. 

Во Берово, Зелен институт и Здружението на сопственици на приватни шуми започнаа обука на анкетари од страна на експерти и изработка на првите интервјуа за био-отпадот со директорите на ЈП за комунални работи „Услуга“, ЈП Македонски шуми – подружница Берово, најголемиот овоштарник во Малешевијата „Малеш“ и националниот хотелско-угостителски комплекс „Манастир“. Посетата во Берово како дел од проектот „Нула био-отпад: во партнерство со граѓаните“,  ја започнаа со средба кај градоначалникот Петар Ружински и потпишување Меморандум за соработка.  

Во североисточниот регион, Центарот за климатски промени и партнерските организации зборуваа за законските обврски, практичното спроведување, процедурите за основање на собирните центри како и управувањето со градежен отпад. Дискусијата меѓу институции, јавни претпријатија и експерти, со фокус на подобрување на системот за селекција, собирање и третман на отпадот на локално и регионално ниво се одвиваше на Регионалниот форум, дел од проектот „Регионално партнерство за подобро спроведување на Зелената Агенда на локално ниво“.

Во рамки на проектот „Младински политики по мерка на младите”, Младинскиот совет Прилеп организираше обука на тема „Застапување и учество во носење одлуки“Учесниците се запознаа со законската рамка за младинско учество и младински политики (ЗМУМП), со улогата и функционирањето на Локалниот младински совет, како значаен механизам за младинско учество на локално ниво.  

Во трговскиот центар „Блис” во Битола се одржа креативно-едукативна работилница посветена на врската помеѓу купувањето и менталното здравје. Учесниците разговараа за свесната потрошувачка, за емоционалната вредност на купувањето и за прашањето дали тоа навистина носи среќа. 

На 27 и 28 февруари, пак, во Крушево се одржа дводневна обука за застапување и учество во носење одлуки, организиран од „Европска гледна точка“. Учествуваа претставници на граѓански организации и членови на работните групи за развој на локални политики кои директно работат на подобрување на младинските состојби во општина Новаци. 

Над 60 жени од рурални и урбани средини од Делчево, Штип и Виница учествуваа на работилницата „Застапување за родово одговорно буџетирање и подготовка на родово буџетски иницијативи”, организирана во рамки на проектот „Преку женски активизам и иницијативи до родово инклузивни и одговорни општини” на Гласен текстилец, ЕХО од Штип и ИНИ од Виница. Учесничките се стекнаа со конкретни знаења за родово одговорно буџетирање, за механизмите на граѓанско учество во креирањето на локалните политики и за начинот на подготовка на родово буџетски иницијативи. 

По повод Светскиот ден за борба против ракот на 4 февруари, одбележан оваа година под мотото „Обединети во нашата уникатност”, граѓанските организации ХЕРА, ЕСЕ, Заедно посилни и Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари, упатија јавен повик до Владата и Министерството за здравство со барање финансиската поддршка за скрининг на рак на грлото на матката да се зголеми на најмалку 35 милиони денари годишно, да се подобри достапноста до гинеколошки услуги, да се засили ХПВ вакцинацијата и да се инвестира во континуирани здравствени едукативни кампањи. На тој начин, здравствениот систем да ги стави луѓето и нивните реални потреби во центарот, со посебен фокус на жените и ранливите групи. 

Иницијативата за правата на жените од Шуто Оризари одржа и консултативна работилница на која беше потврдено дека Ромките и доенчињата, и покрај постоењето на државни превентивни програми, сè уште се соочуваат со сериозни пречки во пристапот до бесплатна и квалитетна здравствена заштита. 

Сите овие иницијативи ни покажуваат дека сведочиме на динамичен и активен граѓански сектор на сите фронтови и во сите региони во земјава. 

Продолжи со читање

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

  • Швајцарскиот амбасадор Зомер во посета на семејствата од Кочани и граѓанските иницијативи

    Повеќе од десет родители и членови на семејствата погодени од трагедијата во дискотеката во Кочани се сретнаа со швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер. На средбата со нивното здружение – Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ учествуваа ипретставници од Амбасадата на Швајцарија и тимот на Цивика мобилитас. Истиот ден,…

  • Социјалната правда не се слави, таа се создава!

    Денот на социјалната правда не е датум што треба само формално да се одбележи. Тој треба да не потсети дека правдата не е апстрактен поим, туку конкретна реалност што директно влијае врз животот на луѓето: врз нивната плата, сигурност, достоинство и иднина. За нас од „Гласен текстилец“, социјалната правда не…

  • Јавниот интерес пред скриената сопственост

    Во светот долго време се знаеше за постоењето на т.н. „шел“ или празни компании кои без познат сопственик и без вработени си префрлаа меѓу себе огромни суми пари за фиктивни услуги, за да се затскрие трагата на овие пари кои најчесто потекнуваа од црни и неоданочени бизниси. Но по откритијата…

  • Граѓанските организации дискутираа за како подобро да ги промовираат своите постигнувања

    Комуникациите и видливоста на Цивика мобилитас и на граѓанските организации беа тема на работилницата што се одржа на 11 февруари 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар. Вкупно 21 претставник од 20 граѓански организации, актуелни добитници на партнерски грантови (ЦМ-ПГ-2), дискутираа за комуникациските предизвици и како полесно да ги…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор