Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Транспарентност, обем и насоченост на државната помош во Западен Балкан – Клуч за растот?

    Finance Think ја публикуваше студијата „Зајакнување на економиите од Западен Балкан: Атрактивност и транспарентност на државната помош во регионот“. Линкот до целата анализа е тука.
    Целта на оваа студија е да се истражат видовите, износите и мерките на државна помош што Владите од шесте земји на Западен Балкан им ги нудат на домашните и странските компании, со цел поттикнување на иновативноста, технолошкиот напредок, продуктивноста и сл.
    Државната помош во земјите од Западен Балкан се движи од под 0,5% од БДП во Косово и Албанија, до 5,9 % од БДП во Србија (податоци од 2022). Северна Македонија доделува државна помош од 1,9% од БДП или 253 милиони евра (Графикон 1).

    Генерално, во сите земји постојат голем број мерки на државна помош насочени кон три сегменти: земјоделци, домашни компании и странски компании. Во одредена мера, мерките се слични помеѓу земјите, особено оние што се насочени кон земјоделци и кон странските компании што оперираат во слободните економски зони. Ниската транспарентност, недостигот од информации поврзани со мерките и за износот на доделена помош е уште една сличност помеѓу анализираните земји.
    Подетално, резултатите покажуваат дека државната помош доделена на земјоделците опфаќа повеќе од половина од вкупниот износ на државна помош во 4 земји (Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Северна Македонија). Од друга страна, доделената државна помош не може да се поврзе со зголемено растително и сточарско производство, што укажува на потребата да се преиспита целта, моделот и начинот на распределба на овој вид државна помош. На пример, во земјава, во последните две години е забележано значително намалување во износот на помош за сточарско производство, а количината на произведено месо константно се зголемува. Иако помошта за поддршка на растителното производство варира од година во година, производството на градинарски култури е релативно стабилно.
    Државната помош за поддршка на домашните компании се разликува помеѓу земјите, особено од аспект на секторот што се таргетира. Над половина од помошта за домашните компании во Албанија е насочена кон преработувачката индустрија и туризмот. Србија е единствена земја што издвојува поголем дел од државната помош за поддршка на развојот на мали и средни претпријатија. Во Северна Македонија, над 90% од помошта е наменета за сите сектори, а остатокот е насочен кон преработувачката индустрија, енергетскиот сектор и туризмот. Слично е и во Босна и Херцеговина и Косово.
    Доделената државна помош не треба да биде социјална помош за компаниите. Таа треба да води кон зголемена продуктивност, иновативност, конкурентност, работни места, технолошки развој на компанијата примател и на економијата во целина. Зголемениот износ на државна помош доделена за иновации е поврзан со подобар ранг на Македонската економија на Глобалниот индекс на иновации. Воведувањето помош за нови старт-ап и спин-оф компании е поврзано со зголемен број новоосновани компании. Од друга страна, иако помошта за нови вработувања и обука и специјализација на вработените контирнуирано се зголемува, продуктивноста на трудот во земјава не се подобрува.
    Сите земји од Западен Балкан, со исклучок на Косово, нудат широка лепеза на атрактивни мерки за привлекување и поддршка на странски инвеститори. Шемата за државна помош на странските инвеститори во Северна Македонија е оценета како најтранспарентна, едноставна и атрактивна, во споредба со останатите земји. Сите странски компании, без разлика на локацијата, може да ги користат мерките предвидени во Законот за финансиска поддршка на инвестициите, кои според анализата опфаќаат две третини од државната помош доделена на странските инвеститори. За другите анализирани земји, податоци за доделената помош на странски инвеститори се нецелосни (Србија и Албанија) или не постојат (Босна и Херцеговина и Црна Гора) што укажува на потребата од зголемување на транспарентноста на институциите задолжени за менацмент и контрола на овој вид помош.
    Препораките од анализата се насочени кон три сегменти: 1) Подобрување на регионалната соработка, со цел усогласување на политиките за државна помош, овозможувајќи поинтегриран пазар кој може да привлече прекугранични инвестиции и да го стимулира регионалниот развој. Ова може да се постигне преку заеднички иницијативи, размена на најдобри практики и создавање регионални фондови насочени кон заеднички предизвици; 2) Фокусирање на државната помош кон стратешки сектори, преку промовирање иновации, дигитализација и одржливост. Во иднина, помошта треба да се насочи кон сектори како зелени технологии, обновлива енергија и дигитална инфраструктура, со цел позиционирање на земјите како конкурентни играчи на глобалниот пазар; и 3) Зголемување на транспареноста и отчетноста на надлежните институции преку воведување поробустни механизми за мониторинг и известување за видовите и износите на доделена државна помош.

  • Мониторинг: Општините и родовата еднаквост

    Во Република Северна Македонија постои широка национална стратешка и законска рамка за воспоставување и промовирање на родовата еднаквост во општеството: Закон за еднакви можности на жените и мажите, Стратегија за родова еднаквост 2022 – 2027, Национален план за родова еднаквост 2022 – 2024, Национална стратегија за еднаквост и недискриминација 2022 – 2026  и др. Сите овие документи ги артикулираат прашањата за родовата еднаквост, преку низа институционални заложби, мерки и активности. Покрај институциите на национално ниво и општините имаат обврска да реализираат активности за унапредување на родовата еднаквост на локално ниво.
    Според Законот за еднакви можности на жените и мажите, единиците на локалната самоуправа се обврзани, во рамките на своите надлежности, да го почитуваат и применуваат принципот на еднакви можности. Ова подразбира промовирање и унапредување на еднаквите можности меѓу жените и мажите преку преземање основни и посебни мерки, како и изготвување на годишен план за нивна реализација. Дополнително, општините се должни да го инкорпорираат принципот на еднакви можности во своите стратешки планови и буџети, да ги следат ефектите и влијанието на своите програми врз жените и мажите, и редовно да известуваат преку годишните извештаи. Тие, исто така, треба активно да учествуваат во подготовката на стратегијата за родова еднаквост, особено во делот што се однесува на единиците на локалната самоуправа. Покрај тоа, општините се обврзани да формираат комисии за еднакви можности и да назначат координатори за оваа област.
    Во последните две години, под влијание на анти-родовите здруженија и активисти, дел од општините направија измени и дополнувања во своите годишни програми за еднакви можности и интервенираа во родовата терминологија. Притоа, родовите концепти и терминологија се сведени исклучиво на половата димензија, што значително го ограничува поширокото значење и примената на концептот на родова еднаквост.
    Имајќи го предвид ова, НВО Инфоцентарот, со партнерските организации (Спектар од Крива Паланка, Организација на жените од Струмица, Граѓанската иницијатива на жени од Свети Николе и Активо од Велес) спроведе мониторинг за да провери дали општините имаат годишни програми и стратешка рамка за родова еднаквост, како и дали се направени измени во програмите од аспект на родовите концепти и терминологија. Мониторингот го опфати периодот од 2022 до 2024 година (заклучно со септември), а се реализираше во осум општини – Крива Паланка, Куманово, Велес, Струмица, Свети Николе, Лозово, Босилово и Ново Село. До сите општини беа доставени барања за пристап до информации од јавен карактер, а дополнително беа истражени и интернет-страниците на општините, како и објавите во медиумите кои се однесуваат на темите поврзани со мониторингот и мониторираните општини.
    Оваа активност е реализирана во рамки на проектот „Активни граѓани и партиципативна демократија на локално ниво“, поддржана од меѓународниот центар Улоф Палме од Шведска.

    Клучни наоди
    Иако, сите општини имаат обврска да ја интегрираат родовата еднаквост, во согласност со законот за еднакви можности и релевантните стратешки документи, мониторингот покажа дека реализацијата на локално ниво е нерамномерна и со значителни разлики меѓу општините.
    Повеќето од мониторираните општини немаат сопствена стратешка рамка за унапредување на родовата еднаквост, но речиси сите имаат годишни програми за еднакви можности. Во исто време, иако во општините постојат комисии за еднакви можности, тие не се ниту многу активни, ниту доволно транспарентни. Ретко се состануваат, а ниту една општина не достави записници од нивните состаноци во изминатите три години.
    Дури пет општини (Струмица, Куманово, Свети Николе, Босилово, Ново Село) во текот на 2023 година направиле измени и дополнувања во своите годишни програми и терминот „род“ го замениле со „пол“.  Овие измени не се само јазични, туку се концептуални. Ваквата промена на родовата терминологија претставува суштинска трансформација на пристапот кон политиките за еднакви можности на локално ниво. Замената на „род“ со „пол“ ја намалува и ограничува способноста на општините да се справат со комплексните родови прашања, а сето ова сериозно ја поткопува родовата еднаквост како стратешка цел. Промените го ограничуваат опфатот на мерките и ги исклучуваат пошироките аспекти на родовата еднаквост, како што се родовите улоги, родовите стереотипи и родово базираното насилство. Ова доведува до маргинализација на ранливите групи, како ЛГБТИ+ заедницата, но и ја намалува одговорноста на институциите за интеграција на родовата перспектива во јавните политики.
    Прочитајте го целосниот извештај од мониторингот Општините и родовата еднаквост.

  • Вештачката интелигенција како поддршка за граѓаните и заедницата

    Програмата „Здружени за активно граѓанство“ на НВО Инфоцентар, поддржана од Европската Унија, континуирано соработува и ги охрабрува локалните граѓански организации (ГО) да ги развиваат нивните капацитети за мобилизација, застапување и одржлив развој. Едновремено ги поддржува нивните напори да го прошират и зајакнат своето влијание.
    Користењето на алатките на вештачката интелигенција (ВИ) може да е од голема помош за граѓанските организации. Едновремено, користењето на ВИ алатките може да ја направи секојдневната работа на граѓанските организации полесна, побрза и поефикасна.
    Истражете ги можностите што ви ги нуди ВИ и почнете да ги користите веднаш!
    Кампања #ВИзаГО
    Вештачката интелигенција – или скратено, ВИ – веќе не е само технологија на иднината, туку алатка која може да донесе големи придобивки за граѓанските организации. Со вклучувањето на ВИ во секојдневната работа, организациите може да го зголемат своето влијание во заедницата.

    [embedded content]

    Вештачката интелигенција му дава многу можности на граѓанскиот сектор, но исто така, носи, и голема одговорност и серозни предизвици. Како што се зголемува употребата на ВИ, така се зголемува и потребата од етички стандарди и регулација. Многу аспекти на ВИ се сѐ уште нејасни и се наоѓаат во таканаречената „сива зона“.

    [embedded content]

    Во време кога граѓанските организации во својата работа сè повеќе се потпираат на вештачката интелигенција, сајбер-безбедноста станува сè поважна. Кога користите ВИ алатки, треба да внимавате што внесувате како податоци и како ги користите.

    [embedded content]

    Вештачката интелигенција е интегрирана во многу алатки кои можат да бидат корисни за граѓанските организации. Во видеото се опфатени бесплатни и достапни алатки, но и некои платени, кои можат да ја зголемат ефикасноста во работењето.

    [embedded content]

    Социјалните мрежи се одлично место граѓанските организации да ја пренесат својата порака до поголема и разновидна публика. Адаптирањето на вашите објави за секоја платформа со помош на најразлични ВИ алатки може значително да ја зголеми видливоста и влијанието на вашите пораки.

    [embedded content]

    Дали знаете дека можете да ја „научите“ ВИ-алатката како да биде поефикасна за вашата организација? Ова е познато како промпт-инженерство – начин на кој ја наведувате ВИ алатката да ви даде токму тоа што ви е потребно.

    [embedded content]

    Кампањата #ВИзаГО е поддржана од Европската Унија. Содржината на видеата е единствена одговорност на НВО Инфоцентарот и на никаков начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Европската Унија.

  • Потпишан Меморандум за соработка помеѓу Здружението ИНИ и Општина Виница

    Денес нашите партнери, Здружението Иницијатива на невработени интелектуалци „ИНИ“ од Виница, претставувано од претседателот Тодор Цонев и Миле Петков, градоначалник на Општина Виница, потпишаа Меморандум за соработка во рамките на проектот „Преку женски активизам и иницијативи до родово-инклузивни и одговорни општини“. Овој проект го спроведуваме заедно со Здружението ЕХО Едукативно хуманитарна организација и Здружението Иницијатива на невработени интелектуалци. Со ова партнерство започнуваме важен чекор кон реализација на проектот, кој нуди практични решенија за трансформативни промени во заедницата.

    Меморандумот има за цел:

    1. Проценка на актуелните приоритети и потреби на жените и девојките во локалната заедница; 

    2. Мобилизација на жени и девојки во креирање на родово сензитивни политики и програми во заедницата; 

    3. Поддршка во организацијата на 1 локален Форум на заедницата, како и учество на претставници/чки од општинската администрација во реализација на останатите активности поврзани со презентација и одредување на приоритети за подготовка на родово буџетски иницијативи;

    4. Учество на регионална конференција;

    5. Поддршка при мобилизација и создавање на јадро на женски активистки – лидерки, меѓу кои и жени активистки од партиите и раководителки од општинската администрација;

    6. Активно вклучување на вработените во општината во активности/работилници за родово одговорно буџетирање;

    7. Вклучување на жените и девојките од заедницата во креирање на општинските програми и проекти;

    8. Поддршка во мобилизација на жените и девојките од заедницата за учество на отворените денови за промоција на активностите на проектот и родово одговорното буџетирање;

    9. Залагање и застапување за реализација на родово – буџетски иницијативи, предложени од проектниот тим.

    Заеднички градиме поправедна и инклузивна заедница! 

    Проектот „Преку женски активизам и иницијативи до родово-инклузивни и одговорни општини“ е финансиски поддржан од  Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас. Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија за поддршка на граѓанското општество во Северна Македонија, која ја спроведуваат Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), НИРАС од Данска и ФЦГ од Шведска. Целта на програмата е општествените промени во Северна Македонија кои се водени од силен граѓански сектор, од активни граѓани и добра соработка со властите што резултира со проширен граѓански простор, поодржливи граѓански организации и потранспарентно, отчетно и општествено инклузивно владеење на централно и локално ниво. Мислењата кои се изразени овде не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

    www.glasentekstilec.mk | www.eho-org.mk | www.ini.org.mk

  • Клучните постигнувања и резултати на организациите кои спроведоа грантови за брз одговор во борбата против корупцијата

    Петок, 20 декември 2024 14:00

    Пет граѓански организации спроведоа грантови за брз одговор како дел од програмата „Граѓаните против корупцијата“, со вкупна финансиска поддршка од 2.300.000 денари.

    Овие проекти се реализираа од 1 април 2024 во времетраење од 3 до 5 месеци и вклучуваа активности како:

    различни акции за спречување на изборна корупција кон студентите,
    акции за подготовка и препознавање на коруптивно однесување на средношколците како идни учесници во изборните процеси,
    акции за спречување на корупција во носењето на урбанистички планови/проекти,
    хакатон за креирање на апликација за пријавување на корупција;
    обуки за истражувачко новинарство и
    антикорупциски фестивал на стенд ап комедијата.

    Со задоволство ги споделуваме видеата од овие организации во кои се истакнати нивните клучни постигнувања и резултати:

    Организација: Кво Вадис Ад Астра Струмица
    Име на проект: Подготовка на младите како идни учесници во изборните процеси: „Со зајакнати знаења до препознавање и превенција на корупција“

    [embedded content]

    Здружение: Центар за образование и медијација на млади Гостивар
    Име на проект: Дигитални вредности, заедно против корупција

    [embedded content]

    Организација: Институтот за стратешки истражувања и едукација ИСИЕ Скопје
    Име на проект: Акција за спречување на изборна корупција кон студентите

    [embedded content]

    Организација: Младински форум за соработка Скопје
    Име на проект: Не е веќе смешно! Анти-корупциски фестивал на стенд ап комедијата

    [embedded content]

    Здружението за истражување, едукација и креирање еко политики О2 иницијатива Скопје
    Име на проект: Корпоративниот круг на урбанистички планови/проекти, закони, политички партии и изборите

    [embedded content]
    Грантовите за брз одговор се дел од програмата „Граѓаните против корупцијата – ГПК“ спроведувана од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) во партнерство со Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), Институтот за демократија „Социетас Цивилис“, Скопје (ИДСЦС), Стопанската комора на Северна Македонија (СКСМ), 360 Степени, Истражувачка репортерска лабораторија Македонија (ИРЛ) и Балканска истражувачка репортерска мрежа Македонија (БИРН). Програмата е финансирана од Американската агенција за меѓународен развој – УСАИД/Северна Македонија.

    Следно >

    Поврзани:

  • Социјалните мрежи, интернет порталите и говорот на омраза

    Во денешниот дигитален свет, социјалните медиуми играат централна улога во креирањето, дистрибуцијата и консумирањето на информации. Сепак, оваа дигитална револуција донесе и сериозни предизвици, особено во контекст на регулирањето на содржините што се објавуваат онлајн. Прашањата за одговорноста на платформите за кориснички содржини се сè поактуелни, бидејќи социјалните медиуми стануваат главно бојно поле за ширење дезинформации, говор на омраза и други форми на злоупотреба.
    Во контекст на младите, кои се меѓу најактивните корисници на социјалните мрежи, прашањето за медиумската писменост е клучно. Истражувањата покажуваат дека младите се ранливи на дезинформации и говор на омраза, што укажува на потребата од поголема едукација за критичко размислување и одговорно користење на дигиталните платформи. Исто така, постојат и глобални иницијативи за регулација на онлајн содржините, како што се Европскиот акт за дигитални услуги (DSA) и други меѓународни и регионални политики, кои имаат за цел да создадат баланс меѓу слободата на изразување и заштитата од злоупотреби.
    Во 2024 година, Хелсиншки комитет спроведе истражување поврзано со дигиталните права – Процена на знаење, вештини и ставови кај средношколците[i], во кое 49% од испитаниците посочиле дека не добиле формално образование за медиумска писменост, 19,5% од испитаниците посочиле дека не се запознаени со механизмите што постојат за известување и борбата против лажни вести и дезинформации на одредени онлајн платформи, а 60% од испитаниците сметаат дека образованието за медиумска писменост треба да биде задолжителен дел од училишната програма.
    Сепак, во една лавина од информации и размени во онлајн просторот и на социјалните мрежи, покрај говорот на омраза кој се шири преку објавите од приватните профили, интернет порталите подзабораваат за обврската за модерирање на коментарите кои преставуваат ширење на говор на омраза, омаловажување и повикување на насилство кон одредени групи.
    Пресудата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) во случајот “Делфи АС против Естонија” од 2015 година е преседан кој ја отвори оваа дискусија, поставувајќи го прашањето: До кој степен треба да бидат одговорни интернет порталите за содржината што ја објавуваат нивните корисници?

    Насловна страница: Институт за медиуми и анализа (ИМА)

    Во продолжение е целата анализа 

  • Анастасовска: Медиумите да ги отстранат коментарите коишто содржат говор на омраза и имаат потенцијал да предизвикаат штетни последици во општеството

    Институтот за медиуми и аналитика (ИМА) на 18 декември организираше панел – дискусија на тема: „Дискриминацијата и говорот на омраза во медиумите и јавната комуникација“,
    Панелистите  Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Билјана Георгиевска, извршна директорка на СЕММ, Славица Анастасовска од Хелсиншки комитет за човекови права и Сара Миленковска од Коалиција Маргини,  ги претставија нивните наоди и анализи на оваа тема. Модератор беше Петрит Сарачини.
    Говорот на омраза и дискриминацијата се’ повеќе се засилува, особено во последните години на социјалните мрежи. За жал, оваа тема не допира доволно до јавноста, се согласија панелистите.
    Лимко Бејзароски, претседател на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), рече дека според бројот на претставки  на второ место се  претставките за јавно информирање и медиуми.
    Посочи три примери за кои  Комисијата постапувала по службена должност – за изјава на „експониран политичар“ кој во дебатна емисија негирал постоење на турската етничка заедница во Македонија, пратеник кој со коментари на Фејсбук поттикнувал дискриминација на трансродови лица и свештеник на јавен настан на ТВ кој „извршил вознемирување врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет кон ЛГБТ заедницата“.
    Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), рече дека повеќе 90 отсто од пријавите се за онлајн-медиумите.
    Прекршување на кодексот за одговорно новинарство е секојдневие, особено во онлајн-медиумите. Модерирањето на коментарите на профилите на социјалните мрежи на медиумите и бришењето на навредливите и дискриминаторски коментари  треба биде сериозна задача зашто медиумите стануваат  платформа за натамошно ширење на говорот на омраза.
    Славица Анастасовска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права истакна дека се забележува континуиран говор на омраза особено на социјалните мрежи. Тргнувајќи од фактот дека се’ повеќе млади луѓе го користат овој простор, практично и делата од омраза кои што ги регистрира Хелсиншкиот комитет најмногу се случуваат помеѓу млади лица, сторители и жртви.
    „Гледаме континуиран и вирален говор на омраза, особено видлив на социјалните мрежи, но резултати од кривичните пријави до надлежните институции нема.
    Секоја година алармираме до институциите дека треба да се покрене постапка, заради тоа што во овие случаи и кога станува збор за ваков говор на омраза, повикувањето на насилство и одобрување на геноцид, кои се две категории коишто Европскиот суд за човекови права ги смета како особено отежителни и наша обврска како држава да се справуваме со ваквиот тип на говор на омраза – стои“, рече Анастасовска.
    Таа истакна дека досега Хелсиншкиот комитет поднел десетици пријави, но нема ниту едно покренато обвинение и укажа дека порталите мора да внимаваат како ги модерираат коментарите и да ги отстранат тие со говор на омраза зашто стануваат вирални.
    „Оваа година имаме регистрирано повеќе од илјада случаи на говор на омраза. Не се сите кривични, има и вознемирување и поттикнување на насилство во смисла на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Оваа година пикот беше за време, пред и по изборите и вториот врв на говорот на омраза е за Парадата на гордоста, што се случува секоја година“, рече  Анастасовска.
    Во коментарите на онлајн-медиумите има и одобрувања на убиства, семејно насилство и фемициди што дополнително охрабруваат насилни однесувања. Таа заклучува дека тешките и загрозувачки форми на говор на омраза, особено оние кои стануваат вирални, може многу лесно да се пресликаат во физичкиот простор, па затоа е неопходно медиумите проактивно да ги модерираат коментарите на објавените содржини.
    Сара Миленковска од Коалиција „Маргини“ рече дека се забележливи антиродови движења кои веќе се институционализирале и сега креираат антиродиви политики што водат кон замолчување на активисти и уметници кои се занимаваат со овие теми.
    Самата држава, рече, не учествува во заштита на трансродовите лица и главен аргумент на Обвинителството за непостапување по вакви случаи е што кај нас не е регулиран статусот на трансродовите лица поради што и не можат да бидат заштитени.
    Најчесто дискриминацијата и говорот на омраза е по основа на етничка припадност, сексуална ориентација и родов идентитет.

    Во продолжение анализата на Славица Анастасова Социјалните мрежи, интернет порталите и говорот на омраза.

  • Делувањето во партнерство и соработката се едни од клучните фактори за ефективно учество во креирање политики на локално ниво

    „Делувањето во партнерство со што е можно поголем број на граѓански организации и други релевантни чинители, како и одржување на редовни консултации и градење добри релации со носителите на одлуки се едни од клучните фактори за ефективно застапување и учество во креирање политики на локално ниво” беше истакнато на онлајн дебатата: Учество на граѓанските организации во креирање политики на локално ниво, организирана од страна на тимот на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2” на 17 декември 2024 година на платформата ЗООМ.

    Целта на настанот беше да се поттикне дискусија за улогата на граѓанските организации како катализатори на позитивни промени во заедниците и како тие можат да влијаат врз локалните политики за подобрување на квалитетот на животот во заедницата.
    За различните форми и механизми за консултации и граѓанско учество во креирање политики, носење одлуки, комуникација со локалните власти и мобилизација на заедницата зборуваше Златко Талевски, регионален експерт за Пелагонскиот плански регион во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”, осврнувајќи се, меѓудругото и на демотивацијата за активизмот и граѓанското учество: „Има случаи кога резултатите се целосно спротивни од договореното помеѓу граѓаните и носителите на одлуки и ваквиот исход во најголем број случаи ги демотивира луѓето да се активираат и да иницираат промени“ рече тој.

    Во понатамошниот дел од дебатата воведничарите зборуваа за улогата на граѓанските организации во процесите на донесување одлуки и капацитетите на граѓанските организации за ефективно застапување на локално ниво, споделувајќи притоа практични примери и научени лекции.
    Мери Нашоку од Младинскиот културен центар Битола зборуваше за партиципативниот начин на донесување на Стратегијата за развој на волонтерството во општина Битола за периодот 2023-2026 година, посебно истакнувајќи дека клучниот предуслов за успешноста на оваа иницијатива била политичката волја на локалните власти за поддршка на граѓанското учество. Самет Скендери од Институт за социјална промена ИнСоК, Гостивар го сподели со присутните искуството за застапување за остварување на правата на лицата без документи (лица неевидентирани во матичните книги на Република Северна Македонија). „Најголемите предизвици со кои се соочивме беа: комплексност на административните процедури, недоволна јавна свест за проблемот, ограничен пристап до правни ресурси и финансии и отпор од заедницата поради културни причини“ истакна тој.
    Настанот послужи  и за презентирање на новата онлајн алатка на ГРЦ за промоција, поддршка и следење на иницијативи за застапување на граѓанските организации. Алатката ја презентираше Валентина Величковска од Граѓанскиот ресурсен центар, истакнувајќи дека алатката претставува база со релевантни информации за граѓанските иницијативи за застапување и ќе придонесе кон зголемување на видливоста и ширење на овие информации како и поттикнување за здружување на силите со други групи и/или организации кои ја имаат истата заедничка цел.

    Во вториот дел од настанот, присутните имаа можност да дискутираат  за можностите и предизвиците со кои се соочуваат граѓанските организации во процесите на нивно учество во креирање на политики на локално ниво, а беа поврзани главно со: законските одредби и правни поуки за добивање одговор од локалните власти за поднесени иницијативи, особено во случаи кога локалните власти ги игнорираат поднесените иницијативи и не одговараат во законски пропишаните рокови, дури и во случаите кога се работи за информации од јавен карактер.
    Настанот е дел од проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Спроведуван е од Националната фондација за развој на граѓанското општество „Граѓански ресурсен центар“, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијацијата за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар и Медиа плус, Штип.

    < Пред   Следно >

  • Благодарница за велешките извидници од ЗГ “Акцијаш – Ветерани“

    На 19.12.2024 год. (четврток) во просториите на здружението на граѓани “Акцијаш-Ветерани“ Управниот одбор на здружението додели Благодарница на извиднички одред “Димитар Влахов“ – Велес за поддршката која што нашиот одред ја даваше во реализацијата на голем број на активности на  “Акцијаш-Ветерани“. Поаѓајки од фактот дека членството на “Акцијаш-Ветерани“ се луѓето…

  • Мрежата за заштита од дискриминација бара итно да се повлечат законските измени за основно и средно образование

    Усвојувањето на овие измени ќе ги направи законите за основно и средно образование контрадикторни на одредбите и духот на Законот за спречување и заштита од дискриминација, кој го препознава родот, сексуалната ориентација и родовиот идентитет како основи за дискриминација. Усогласувањето и дополнувањето на законските решенија, особено оние закони во чиј центар се наоѓа добробитта на детето, мора да бидат проследени со вистински и значаен придонес од стручната јавност, односно професионалци кои својот професионален капацитет го посветиле на овие области. Недостатокот на ваквиот придонес кон креирањето на законските измени и втората причина за нашата реакција. За жал, уште еднаш бевме сведоци на нетранспарентна постапка, без вклучување на стручната јавност и со оневозможување на општата јавност да учествува во процесот заради фактот што текстот на измените и дополнувањата ја доби својата последна форма и клучни измени по истекувањето на рокот за доставување на коментари преку алатката ЕНЕР.

    Поради тоа, потенцираме дека можните објаснувања од надлежните институции дека експерти биле вклучени во изработката на овие закони е погрешно прикажување на фактите. Нацрт-законите веќе ја пројдоа првата фаза на процесот на усвојување пред Собранието на Република Северна Македонија, а Законодавно-правната комисија и Комисијата за образование, наука и спорт одлучија дека законите се подобни за да продолжат на пленарна седница на Собранието. Пленарната седница на Собранието помина во исклучително краток рок, нетранспарентно и без јавна расправа, и покрај тоа што истата беше побарана и од Комисија за спречување и заштита од дискриминација и Мрежата за заштита од дискриминација.

    Сакаме уште еднаш да потенцираме дека исклучувањето на овие заштитени групи од законот ќе резултира со непостоење на мерки за спречување на насилство и/или физичко малтретирање, но и ќе испрати сигнал дека дејствијата на исклучување и угнетување на овие групи во општеството не се казнува, се охрабрува, а со самото тоа и дека се очекува.

    Со ваквите постапки , Министерството за образование и наука одлучува да ги игнорира постојните информации и истражувања од терен, а коишто говорат за исклучителната ранливост на ЛГБТИ децата и девојчињата, непосредно загрозувајќи ја нивната безбедност, и придонесувајќи кон условите коишто креираат состојба на кревко ментално здравје кај овие деца. Имено, истражувањата укажуваат дека ЛГБТ младите четири пати почесто се изложени на малтретирање од своите врсници во училиштата, а оваа тенденција постојано расте, со можност да стане нормализирана. ЛГБТИ децата во Северна Македонија се меѓу најранливите групи, со зголемен ризик од сајбер насилство, семејно и окружувачко насилство. Речиси 30% од нив три пати почесто се жртви на сајбер насилство во споредба со хетеросексуалните врсници. Дополнително, 15-годишници со хомосексуална и бисексуална ориентација почесто страдаат од психосоматски симптоми (74%), чувства на тага и безнадежност (47%) и сериозни самоубиствени мисли (30%), што укажува на недостаток на семејна поддршка и посебни предизвици со менталното здравје.

    Малтретирањето, исклучувањето од врсничката група и недостатокот на препознавање и поддршка од семејството и наставниците се фактори кои директно влијаат на менталното здравје на децата.

    Имајќи го предвид горенаведеното, бараме итно повлекување на предложените законски измени, отворање на транспарентна јавна дискусија во која ќе бидеме вклучени како експерти во областа на дискриминацијата и правата на маргинализираните деца и млади, и Министерството јавно да покаже дека животите и безбедностa на сите ученици, вклучително и на на ЛГБТИ децата и девојчињата, се подеднакво вредни и ценети.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор