Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Граѓаните кои ја преземаат иницијативата во своите заедници, ја градат надежта оддолу

    Во овој број посветен на граѓанското учество, ги носиме приказните на оние кои не се помируваат со статус кво.
    Од Битола до Скопје, низ конференции, обуки, маршеви и локални анализи, граѓанскиот сектор ја води својата и битката на оние кои ги застапува за поинклузивно, одговорно и одржливо општество. Студентската конференција „Дигитална слобода и родова еднаквост“ ја отвори темата за дигиталното родово-базирано насилство, а младите беа охрабрени да ги скинат синџирите на онлајн вознемирувањето и злоупотребата. Паралелно, во рамки на програмата „Менторки на иднината“, девојките ја зајакнуваат својата емоционална интелигенција и лидерски капацитети, градејќи мрежи на поддршка и соработка.

    Најавено е и Европското дебатно првенство за средношколци, кое во 2026 ќе се одржи во Скопје, во организација на Младинскиот образовен форум (МОФ). Настан што се очекува да внесе свежа енергија во културата на аргументирана дебата и критичко размислување.
    Граѓаните на 8 Март маршираа со порака: „Нека јадат ружи“, инсистирајќи дека борбата за родова еднаквост не е симболика, туку итна потреба. Истовремено, организации како Кризниот центар „Надеж“ и ЕСЕ ги истакнаа реалните предизвици: семејно насилство, доцнење на лекови за пациентите со ретки болести, отежнат пристап до гинеколошки услуги и недоволна поддршка за ранливите групи.
    Зелените политики, пак, остануваат закочени на локално ниво – анализите покажуваат дека најголем дел од општините (72%) немаат воопшто или немаат ажурирани локални еколошки акциски планови. На глобалната агенда за климатска акција ѝ недостига локално спроведување.
    Во сета оваа динамика, граѓанскиот сектор останува гласен чувар на јавниот интерес. Барањата за неселективна правда по трагични несреќи, транспарентност при јавните набавки, подобар пристап до информации и ефикасни здравствени програми, се повторуваат, додека истражувањата откриваат и недоверба на граѓаните во медиумите, придружена со ниска медиумска писменост.
    Граѓанските организации организираа и обуки за одржлив туризам, а го одбележаа и Денот на извидништвото. Владата донесе решение за составот на новиот Совет за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, а се одржа и првиот состанок на работната група за подготовка на новата Стратегија за соработка со граѓанскиот сектор. Се надеваме дека ова е чекор кон посистемска поддршка на граѓанското општество.
    Но клучната лекција е следнава: без активни граѓани нема одговорни институции. Без учество, нема промена. А промената се случува и ќе се случува таму каде што граѓаните не чекаат дозвола да се вклучат, туку го менуваат општеството со секој мал чекор, глас и иницијатива.
    Погледнете што нуди новиот број „Граѓаните за промена“ #20

    Следно >

    Поврзани:

  • Денот на Планетата Земја 22 Април

    На денот на Планетата Земја се потсетивме, зошто е важно постојано да делуваме за позитивни промени, да ги учиме младите да бидат подобри, поодговорни и активни. Се потсетивме, дека доколку делуваме сите заедно промените се можни и остварливи!

    Денот на Планетата Земја 22 Април, го одбележавме отпочнувајќи ги настаните на отворено со Караванот за демонстрирање на експерименти во училиштата, преку „Работилница за повторна употреба и пренамена на био-отпад за ученици” коишто ќе ги рализираме со ученици од 20 основни училишта од Скопскиот регион.

    Започнавме во ООУ “Св. Климент Охридски” кадешто триесетина ученици од основното училиште придружени од 4 волонтери соученици кои им асистираа на нашите Експерти имаа можност да се запознаат со опремата од Биотехнолошката Лабораторија и заедно да изведуваме експеримети за пренамена на органскиот отпад. На овој начин им покажавме на учениците како може да се намали количеството на био отпадот во Македонија кое завршува на депонија.

    Со овој настан Центар за ресурси во животната средина (РЕЦ) – Северна Македонија беше дел од глобалната прослава и акции што се спроведуваат со цел да се заштити планетата Земја.

    Овие настани на отворено со караванот за демонстрирање на експерименти во училиштата се реализираат во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија во партнерство со Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon / Флорозон – Центар за еколошка демократија.

  • Платформа за борба против корупција: Препораките на Антиорупциската комисија отвораат простор за нови злоупотреби, особено кај јавните набавки

    Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата  реагира на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), презентирани на јавна седница на ДКСК, а пренесени преку медиумите, во рамки на антикорупциската проверка на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
    Наместо да придонесе за поголема транспарентност, отчетност и борба против корупцијата, ДКСК, преку своите наводни укажувања за „регулаторни ризици“, испраќа сериозно загрижувачки сигнали за затворање на институциите и креира можности за ограничување на правото на јавноста да знае. Ваквите препораки не само што ја поткопуваат улогата на ДКСК како клучна институција за спречување на корупцијата, туку и директно отвораат простор за нови коруптивни злоупотреби, особено во сферата на јавните набавки.

    Намалена транспарентност – зголемени ризици од коруптивни и штетни јавни набавки

    Прво, ДКСК препорачува да се „преиспита членот што ја регулира обврската за објавување на целокупната документација за јавните набавки. ДКСК смета дека поимот „целокупна документација“ во однос на јавните набавки не е прецизно дефиниран поради што може да се случи да се објават доверливи информации и повреда на правата на трети лица.“
    Платформата укажува дека примената на одредбата од Законот за слободен пристап за пристап до целокупната документација за јавните набавки, концесиите и за договорите за јавно-приватно партнерство (член 10 став 1 алинеја 18) до сега во примената овозможувала зголемена транспарентност и пристап до релевантни документи од страна на граѓанските организации и медиуми. На овој начин беа обелоденети сторени злоупотреби во голем број на тендерски постапки за кои се водат судски постапки, но и се спречени можни коруптивни и штетни јавни набавки.
    Исто така, ДКСК требала да земе предвид дека заштитата на доверливите податоци во јавните набавки веќе е регулирана во Законот за јавни набавки (член 30). Исто така, и укажуваме на ДКСК дека во Законот за слободен пристап уреден е делумниот пристап, како и предвидени се исклучоци во случаи кога е потребна заштита на информации со степен на тајност. Ја потсетуваме ДКСК и јавноста дека во јануари 20205г. веќе беше направено уназадување на заштитата од корупција во јавните набавки со измените на Законот за јавните набавки на тој начин што беше укината управната контрола на јавните набавки што ја спроведуваше Бирото за јавни набавки.  Во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета и при историски највисок државен буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, ДКСК дава препораки за ограничување на транспарентноста со што ја поткопува улогата на клучна институција за спречување на корупцијата.

    Препораки со долгорочни негативни последици кои влијаат на независноста

    ДКСК дава насоки за пропишување и допрецизирање на постапка, како и утврдување на рок за Собранието на РСМ во случаите кога констатира престанок на функцијата и разрешувањето на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и неговиот заменик, пред истекот на мандатот.
    За Платформата оваа препорака е политички мотивирана затоа што е дадена непосредно по обид на пратеници во Собранието на РСМ да се усвојат измени на Законот за слободен пристап во кои беше предвидено предвремено разрешување на Директорот на Агенцијата во случај кога парламентарното мнозинство нема да го усвои годишниот извештај за работа. И укажуваме на ДКСК дека независните регулаторни тела, како што е Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап, па и самата ДКСК имаат мандат подолг од мандатот на избраните функционери во извршната власт, со цел да бидат партиски и политички независни. За дадената препорака веќе е регулирано во Законот за слободен пристап дека во случај на престанок на функцијата или разрешување на директорот на Агенцијата, до изборот на нов директор на Агенцијата, функцијата на директор на Агенцијата, ја врши заменикот на директорот, со сите овластувања кои ги имал директорот. Така што не може единствен аргумент за оваа препорака на ДКСК да биде „евентуално одолговлекување, селективност и неизвесност во управувањето со институцијата“.

    Препроаки за воведување критериуми со кои ќе се намали постојната транспарентност

    ДКСК се осврнува на обврската на имателите на информации редовно да ажурираат листа на информации со кои располагаат и јавно да ја објавуваат. ДКСК смета дека оваа одредба „нема прецизни критериуми за тоа кои информации треба задолжително да бидат објавени, ниту на кој начин и во кој формат, што остава широк дискрециски простор на имателите на информации да одлучуваат што ќе објават и како. ДКСК смета дека тоа е „ризик од ограничена транспарентност со можност за селективно објавување или прикривање на информации од јавен интерес““.
    Платформата е загрижена што ДКСК нашла ризик од ограничена транспарентност во услови кога во Законот за слободен пристап е утврдена формата за објавување на информациите и документите и тоа: (а) се објавува информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности и (б) се обезбедува пристап до документ без оглед на неговата физичка форма или карактеристики, пишан или печатен текст, карти, шеми, фотографии, слики, цртежи, скици, работни материјали, како и звучни, гласовни, магнетски или електронски, оптички или видео снимки во која било форма, како и пренослива опрема за автоматска обработка на податоци со вградени или преносливи мемории за складирање на податоците во дигитална форма (член 3). Дополнително, загрижува непознавањето на проблематиката од страна на ДКСК кога вели дека „нема прецизни критериуми за тоа кои информации треба задолжително да бидат објавени“. Законот за слободен пристап уредил дека сите информации кои ги создаваат и со кои располагаат институциите, освен исклучоците (член 6) се информации од јавен карактер. Дури има предвидено и институт на „активна транспарентност“, а тоа значи утврдени се  информации кои задолжително треба да објавени без да бидат побарани. Какви критериуми препорачува ДКСК е нејасно, а уште повеќе загрижува што зборуваат за формат не земајќи го предвид најавениот почеток на процесот за подготовка на Законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор.

    Задоцнети препораки во тек на активен процес за измени на Законот

    ДКСК за прекршочните одредби утврдила постоење несразмера одговорност. Предвидени се само 500 евра глоба за раководното лице ако не назначи службено лице за посредување со информации и не обезбеди информирање на јавноста за тоа лице, но предвидени се и 250 евра казна за службеното лице за повеќе прекршоци  – ажурирање на листата на информации, помагање на барателите, почитување рокови за одговор на барањата. ДКСК препорачала јасно да се разграничи и прекршочната одговорност меѓу раководното и службеното лице за информации во Агенцијата, согласно нивните реални надлежности. 
    За Платформата индикативно е што ДКСК посочува на наводни „регулаторни ризици“ во Законот за слободен пристап, за кој е најавен почеток за изменување на Законот пред 5 месеци, односно на 21 ноември 2024г., а во моментот се одвиваат јавни консултации преку ЕНЕР за предложените измени. ДКСК посочила на несразмерност во одговорноста на одговорните и службените лица, но отсуствуваат предлози што конкретно препорачува. Укажуваме дека граѓанското општество со години наназад се залага за постоење одредби за прекршочна одговорност на одговорните лица   кои неосновано не овозможат пристап до информацииите или го попречуваат службеното лице да го спроведе второстепеното решени за обезбедување пристап до информациите.
    Оттука, Платформата смета дека предлог решенија кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, се неприфатливи и спротивни на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики.
    Дополнително, Платформата е загрижена што при проверката на Законот за слободен пристап од страна на ДКСК отсуствуваат клучните аспекти на антикорупциската проверка, како што е вклучувањето на повеќе актери, односно при подготовка на Извештајот немаат обезбедено соработка со граѓанското општество што би обезбедило независност и објективност при анализата.
    Потсетуваме дека антикорупциската проверка на (предлог) законите превентивен механизам со цел детектирање, спречување и минимизирање на ризиците во однос на можноста за корупција и судир на интереси кои може да резултираат при спроведување на законите. Со вакви насоки, ДКСК не само што не го унапредува системот за спречување на корупција, туку ризикува да даде легитимитет за политики и практики што водат кон заробување на институциите и недостапност на информациите од јавен интерес, кои во моментов се информации од јавен карактер.
    Ги повикуваме надлежните институции, особено Министерството за правда и Собранието, да ги земат предвид постојните законски механизми и да не подлегнуваат на насоки што ја ограничуваат транспарентноста, која е клучна алатка во борбата против корупцијата.

  • Еко Логик на EntreComp Project Incubator во Рим

    Date:
    17/04/2025

    Еко Логик учествуваше на EntreComp Project Incubator, кој се одржа од 13 до 17 април 2025 година во Рим, Италија. Овој настан беше дел од Youth@Work партнерството и беше организиран од Италијанската Национална агенција за Еразмус+, со поддршка од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност од Македонија. Во текот на оваа енергична недела, […]

    Еко Логик учествуваше на EntreComp Project Incubator, кој се одржа од 13 до 17 април 2025 година во Рим, Италија.Овој настан беше дел од Youth@Work партнерството и беше организиран од Италијанската Национална агенција за Еразмус+, со поддршка од Националната агенција за европски образовни програми и мобилност од Македонија.Во текот на оваа енергична недела, учесниците од цела Европа имаа можност да учествуваат во динамични активности, како што се тим билдинг, запознавање со EntreComp Рамката, користење на Scaffold карти за дизајнирање проекти и инспирација од наградени иницијативи.Учесниците ги претставија своите проектни идеи и се поврзаа со Сервал Искендер од TOBB Брисел, што создаде мост помеѓу младинското претприемништво и европските институции.Целото искуство беше водено и збогатено од фантастичниот тим:Мониа Изабела Вишњевска и Ајтач Узунлас – тренери на Youth@Work
    Ралуца Дироецу – координатор на Youth@Work
    Анна Вилани и Лука Пиноко – Италијанска Национална агенција за Еразмус+Со нетрпение ги очекуваме резултатите од новите идеи и поврзувања кои ќе се претворат во конкретни акции!Дознајте повеќе за проектот тука: Youth@Work Partnership

    OTHER Activities Events News

    Со огромно задоволство ве покануваме на настан преку кој ќе се одбележи успешната соработка помеѓу наставници и ученици, кои заедно создадоа значајни едукативни материјали, интегрирајќи теми од уметност, технологија, природни и општествени науки. Овој настан ќе биде вистинска инспирација за вашиот професионален развој. На него ќе бидат претставени: Ако не сте во можност да присуствувате […]
    Read more

    Еко Логик, во соработка со Национален Парк Галичица, организираше едукативна работилница за промоција на прирачникот H4U. Настанот беше отворен за сите и привлече учесници на возраст од 4 до 90 години, кои заедно учествуваа во низа едукативни и забавни игри. Целта на оваа работилница беше на пристапен начин, преку интерактивни активности, да се доближат темите […]
    Read more

    Во рамки на проектот H4U , тимот на Еко Логик имаше можност да го презентира новиот едукативен прирачник пред учениците од 9-то одделение во ООУ „Тодор Ангелевски“ во Битола. Овој настан претставуваше одлична можност да ги запознаеме учениците со значењето на природните живеалишта и биодиверзитетот, преку интерактивни и креативни активности кои се во согласност со […]
    Read more

    Во рамки на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, во партнерство со Еко Логик и Флорозон Центар за еколошка демократија, на 10 април, во средата, се реализираше едукативна работилница во Биотехнолошката лабораторија. Работилницата, која беше организирана […]
    Read more

    Во свет каде што одржливоста станува сè поважна, Eco Logic со гордост е дел од проектот „Тренери за одржливост“ – кофинансиран од програмата Еразмус+. Во партнерство со организации од Германија (WNB e.V.), Италија (CSCI Novara) и Кипар (Synthesis), работиме на развој на иновативни образовни материјали и алатки кои ќе ги поттикнат идните генерации да станат […]
    Read more

    Со задоволство ви го претставуваме сетот алатки за одржливост, создаден во рамките на ГЕА проектот, во соработка со нашите партнери од Италија, Белгија, Германија, Литванија и Грција. Овој сет претставува вреден ресурс за сите кои сакаат да го продлабочат своето знаење за животната средина, граѓанската наука и одржливите начини на живеење. 🔗 Истражете го сетот […]
    Read more

  • Кои се начините за ефикасна борба против говорот на омраза

    Говорот на омраза како малигна општествена појава е постојано присутен во јавниот дискурс во Република Северна Македонија. Постојаното видоизменување на оваа појава и проникнувањето во различните сфери од општествениот живот бараат адекватно приспособување на правниот систем, но и на реакциите од страна на институциите.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права во рамки на проектот „Борба против говорот на омраза во Република Северна Македонија“ поддржан од  Советот на Европа, на 16 април , во Скопје, организираше панел дискусија за актуелната состојба со говорот на омраза во Северна Македонија. Модераторка на дискусијата беше адвокатката  Бојана Неткова.
    Марија Андреева, проектна раководителка во Програмската канцеларија на Советот на Европа во Скопје, рече дека борбата против говорот на омраза и нетолераницијата се остварува во партнерство со граѓанските организации и другите здруженија, како и во соработка и поддршка на надлежните институции. Препораката на  Комитетот на министри за борба против говор на омраза, усвоена во 2022 година е клучен документ кој  ги повикува владите да развиваат сеопфатни стратегии за спречување и борба против говорот на омраза. Притоа се издвојуваат неколку пристапи: соодветна правна рамка, собирањето на податоци и подигнувањето на свеста, а ова е можно со градење на квалитетна соработка на сите засегнати страни во општеството.
    Билјана Георгиевска, извршна директорка на  Советот за етика во медиумите, рече дека од вкупно 86 жалби до Советот во 2024 година, 4 се однесувале на говор на омраза. Но нивниот број зависи од препознавањето на прекрушувањето. Најголем број на прекршители, кога станува збор за говорот на омраза во медиумската сфера, се онлајн медиумите, поточно нивниот однос кон коментарите на нивните профили на социјалните мрежи. Тие одбиваат да ги модерираат коментарите на нивните содржини со изговор дека немаат доволно ресурси. Георгиевска нагласи дека жалбите за говор на омраза доаѓаат главно од невладините организации кои се најактивни во овој дел. Подобрување на состојбите можно е само со соработка меѓу институциите, а недоволната соработка доведува до нерешавање на случаите на говор на омраза.
    Славица Анастасовска, правна советничка во Хелсиншкиот комитет за човекови права, ги претстави податоците од минатата година за случаите на говор на омраза, при што се покажува дека се повторуваат вкоренетите предрасуди. Регистрирани се вкупно 1590 случаи во периодот од 1 јануари 2024 до 31 март 2025 година, од кои најголемиот број се однесуваат на говор на омраза врз основа на етничка или национална припадност, а по нив следува сексуалната ориентација и родовиот идентитет. Хелсиншкиот комитет за овој период  иницирал вкупно 10 постапки и тоа пет до Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при Министерството за внатрешни работи, една до Секторот за економски и компјутерски криминал при Сектор за внатрешни работи Скопје,  две до Основното јавно обвинителство во Скопје, една до Комисијата за спречување и заштита од дискриминацијa.  За ниту една постапка која е инцирана пред органите на прогонот до овој момент нема јавно обвинителска одлука.
    Подигнувањето на општествената свест во борбата против говорот на омраза се недоволни без јасна и сеопфатна законска рамка и ефикасна имплементација од страна на институтциите, беше кажано на дискусијата.

  • Eco-Panel discussion on environmental topics

    One inspiring initiative emerged from a discussion on global environmental issues, sparked by a high school student. The project was called Eco-Journey. Its first major activity was an engaging Eco-Panel discussion on environmental topics.

    Our panelists were Frosina Pandurska Dramikjanin, Merita Maksuti, Tamara Radovanovikj Angjelovska, and Kiril Arsovski Przo and they shared valuable insights and provided us with essential information about global environmental challenges. They emphasized the importance of environmental literacy and activism, leaving us both informed and inspired.

    We are truly grateful for their contribution. It was an honor and a pleasure to host this event and welcome such esteemed guests to our school.

  • Работилница на тема дигитални права и слободи

    Вчера, 14-ти април, 2025 година, Платформата за одржлив развој „Лице в лице“, во соработка со „Рурална коалиција“ во просториите на Правен факултет – Кичево, Универзитет “Св. Климент Охридски” – Битола одржа работилница посветена на едно од важните прашања во современото живеење и општество – дигиталните права и слободи Оваа средба…

  • Завршен тридневниот регионален настан на СЕЛДИ: Поттикнување промени: Антикорупциско застапување и влијание врз политики

    Со силна енергија, инспиративни дискусии и практична размена на знаења, МЦМС, во име на СЕЛДИ мрежата, успешно го реализираше тридневниот настан „Поттикнување промени: Антикорупциско застапување и влијание врз политики“. Настанот се одржа од 14 до 16 април 2025 година во Скопје, обединувајќи над 30 претставници од граѓански организации, добитници на мали грантови од СЕЛДИ програмата и претставници на сите партнерски организции на СЕЛДИ од сите шест земји од Западен Балкан и Бугарија.

    Програмата започна со сесии посветени на јакнење на практичните вештини на граѓанските организации – од ефективна комуникација со медиуми, преку градење партнерства и мрежи, до стратегии за мобилизација на ресурси, застапување и влијание врз јавни политики. Воедно, учесниците имаа можност накратко да ги претстават своите организации и да ја споделат целта на проектите што ги спроведуваат во рамки на СЕЛДИ програмата за мали грантови. Ова им овозможи подобро да се запознаат со работата на колегите од регионот и да почнат да размислуваат за можни поврзувања, синергии и идни можности за заедничка соработка.

    Вториот ден го одбележа Средбата на високо ниво „Иновации против нелегалната моќ“, каде се дискутираше за системските предизвици на корупцијата во регионот. Институции, експерти и претставници на граѓанскиот сектор ги адресираа прашањата за политичката волја, заробеноста на државите, и потребата од поактивна вклученост на граѓаните. Се нагласи дека во време на политички и економски несигурности, здруженото делување е клучно за градење општества отпорни на корупција. Поврзувајќи ги локалните антикорупциски иницијативи со глобалните и регионалните политички процеси, настанот им овозможи на партнерите и грантистите на СЕЛДИ да стекнат стратешки увиди за да го засилат своето влијание.

    Дополнително, граѓанските организации имаа можност да ги согледаат глобалните антикорупциски трендови, променливите донаторски стратегии и импликациите од геополитичките промени, вклучително и процесот на пристапување во ЕУ.Третиот ден беше резервиран за запознавање со методологиите што СЕЛДИ ги користи за проценка на корупцијата и состојбата на заробеност на државите, како и да добијат конкретни насоки и совети за подготовка на влијателни документи за јавни политики. На оваа сесија учесниците дискутираа и за тоа како истражувањето и фактите можат да прераснат во конкретни реформи и да придонесат во напорите за справување со корупцијата.

    Во текот на овие три дена присутните имаа можност не само да учат, туку и да разменат искуства и добри практики, поставувајќи темели на една нова платформа на организации кои ги споделуваат истите вредности и кои со својата експертиза и соработка ќе придонесат кон посилен, поотчетен и поотпорен регион. Настанот претставуваше и вистинска можност за градење нови партнерства, регионални соработки и синергии кои ќе продолжат да ја движат борбата против корупцијата и по завршувањето на проектите.

    Следно >

    Поврзани:

  • Магдалена Илиевска е добитничка на „МОФ награда за медиумска извонредност кај младите“

    Магдалена Илиевска со својот труд именуван „Културен мозаик на вредности“ е победничка на јавниот повик на Младински образовен форум за „МОФ награда за медиумска извонредност кај младите“.
    Повикот беше дел од проектот „Младите во Западен Балкан – Виртуелна разгледница“, на кој можеа да учествуваат млади од 15 до 30 години од Македонија кои активно се занимаваат со медиуми, новинарство или медиумска писменост.
    Учесниците на повикот можеа да изберат тема за улогата на младите на Западен Балкан, за иновативен приста кон медиумската писменост и дигиталниот активизам, или тема за интеркултурен дијалог. Трудовите можеа да бидат во било кој мулдимедијален формат – подкаст, есеј, напис, мим, видео, фотографија или кој било друг форма.

    Во продолжение, прочитајте го победничкиот труд на Магдалена Илиевска:
    Културен мозаик на вредностиЕден од главните предизвици со кои се соочуваат сите земји од светот, а посебно земјите од Западен Балкан е мултикултурализмот. Мултикултурализмот претставува постоење на повеќе култури на еден простор, при што ниедна од нив не е доминантна, туку сите од нив се прифатени и се потпираат една на друга со цел да си овозможат заедничка егзистенција. Поимот мултикултурализам се поистоветува со поимот демократија, бидејќи идејата за демократија потекнува од два клучни принципи: индивидуална автономија и еднаквост (рамноправност). Мултикултурализмот во себе вклучува и меѓукултурен дијалог. Меѓукултурен дијалог означува отворена размена на мислења помеѓу поедницни и групи со различно етничко, културно, јазично или верско потекло, врз основа на заемно почитување. Меѓукултурниот дијалог претставува моќно средство за надминување на конфликтите, стереотипите и поттикнување за водење на дијалог и ислушување на другите, кои се од различни култури, верски заедници и сл. Со постоењето на мултикултирализам и меѓукултурен дијалог се негуваат човековите права и владеење на правото. Ричардсон и Фоуерс мултикултурализмот го дефинирале како социјално-интелектуално движење, кое сфаќајќи ја различноста како основна карактеристика и основен принцип за изразување на сопствениот идентитет, поставува барање за рамноправност меѓу сите културни групи.
    Република Северна Македонија од секогаш била мултикултурно општество. На нејзина територија живееле и живеат: Македонци, Срби, Албанци, Бошњаци, Власи и др. Тоа претставува потенцијал, предизвик и мозаик за развој на нашата држава и општеството, кој може да претставува пример за соживот на соседните држави. Иако Уставот на Република Северна Македонија им гарантира права и слободи на сите граѓани, како и заштита на националните малцинства, еден од клучните правни акти за внатрешното уредување на малцинските права во Република Северна Македонија е Охридскиот рамковен договор, склучен на 13 август 2001 година, во текот на ескалацијата на насилствата помеѓу етнички албанската ОНА и македонските вооружени сили во Конфликтот од 2001. Истиот бил потпишан од најголемите политички претставници од тоа време и специјални претставници на ЕУ и САД.  Со него се гарантира дека мултиетничкиот карактер на македонското општество мора да се сочува и да најде свој одраз во јавниот живот. Овој договор го промовира мирот и хармоничниот развој на едно современо општество, почитувајќи го етничниот идентитет на сите граѓани. И покрај тоа што со склучувањето на Охридскиот рамковен договор, Република Северна Македонија стана мултикултурна држава, најголем дел од истражувањата покажуваат меѓуетничка поделеност и предрасуди.
    Најголеми етнички стереотипи се присутни кај младите од сите националности. Следстено на тоа може да се каже дека иако Република Северна Македонија се промовира како мултикултурна држава, далеку сме од тоа. Се’ уште го немаме искористено и достигнато  целукопниот потенцијал за градење на едно општество за сите. Општество каде што ќе владее толеранцијата, како главен предуслов и каде што ќе се изгради културен мозаик на вредности, орнамент од различни култури. Толеранцијата значи почитување на различностите и водење на интеркултурен дијалог на повиско ниво. За постикнување на тоа потребен е придонес на секој еден од нас, а најголема улога во градење на мултикултурно општество ја имаат токму медиумите. Потребно е промовирање на успешни и позитивни приказни за градење на соживот во мултикултурно општество, за да можеме мултикултурата да ја сфатиме како вредност и да стане наше најголемо национално богатство. Потребно е градење на регинален мултикултурен центар, каде што би можеле да учиме едни за други преку заеднички проекти. Организирање на мултикултурни кујни, каде што би можеле да се запознаеме со традиционални јадења од различни култури и националности, бидејќи култура во себе носи свои вредности и карактеристики.
    Само преку запознавањето на различностите на другите, истите би можеле да ги почитуваме и прифатиме како предности и да ги изградиме мостови на разбирање едни со други.
    „Две нешта ја исполнуваат душата секогаш со понов и со поголем восхит – тоа се ѕвезденото небо над мене и моралниот закон во мене“.

  • Конференција на ХЕРА: Младите се гласни, бараат образование без табуа, засновано на факти!

      Учесниците на Националната конференција „Преку инклузивно образование до еднаквост – Патот кон младинско општество!“, организирана од ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување, […]

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор