Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Резултати од изборот за наградата КВИР МАКЕДОНИУМ 2024

     Комисијата составена од: 

    Биљана Тануровска-Ќулавковски (културна работничка и кураторка), 

    Ѓорѓе Јовановиќ (визуелен уметник), и 

    Дарко Алексовски (визуелен уметник) 

    на 26.12.2024 година одржа средба на која ги разгледа, дискутираше и направи селекција од вкупно 6 добиени апликации и одлучи  главната награда за квир творештвото - „КВИР МАКЕДОНИУМ 2024“ – да ја додели на Крсто Глигоријадис, за концептот на делото „Здолништето на мојот татко“. 
    Комисијата исто така како исклучителен го забележа и уметничкиот концепт на Ивана Секулоска, и им порачува на организаторите на фестивалот Скопје Прајд Викенд да го имаат предвид овој проект за реализација во текот на следното издание. 
    Наградата предвидува: 

    1.000 американски долари во бруто износ, 

    Презентација на делото на фестивалот Скопје Прајд Викенд 2025 – Фестивалот за квир култура, уметност и теорија, и 

    менторска поддршка од Биљана Тануровска-Ќулавковски и Славчо Димитров во процесот на доработка и финализација на поднесениот концепт. 

     
    Во објаснувањето за изборот на наградата, Комисијата изјавува: 
    „Комисијата на наградата Квир Македониум, одлучи наградата да ја додели на Крсто Глигорјадис за уметничко перформативниот концепт во кој го воочува континуитетот на работа и развојот на неговата досегашна практика, која во голем дел е посветена на преиспитување на личните и колективните истории поврзани со разложување на родот и машкоста, и ја демистифицира моралноста како условена општествено историска конструкција. Деконструкцијата на родот и машкоста и нејзината поврзаност со насилството тој ги истражува преку перформативно ритуализирање на телесноста испитувајќи ги интерсекциите на идентитетот и родот, прикажувајќи ја трансформацијата која е условена од општествената контрола и традиционалните културни норми. 
    Во предложениот концепт како особено важен го гледаме и фокусот на перформативните практики и изведбата на „нови телесни“ изразности како поле за истражување, кои Глигорјадис веќе ги користи во неговите претходни дела, но и ги предложува како метод за понатамошно развивање на дела од неговите тековни интереси. Со овој метод, како квир пристап, преку кој го адресира антагонизмот помеѓу индивидуалната изразност и изведбата на субјектот во неа, од една страна, и колективните општествени регулации, од друга страна, тој ги проширува границите на квир уметничката пракса во полето на визуелната уметност, и внесува постапки кои овозможуваат појавности во имагинативното, непознатото, возбудливото, и изненадувачкото кое се појавува во хоризонтот, вон воспоставеното во полето. 
    Покрај овој уметнички концепт, како исклучителен, во смисла на понудена уметничка квир методологија која ги реартикулира традиционално конструираните архетипови и бајки на/за женственоста и женскоста како фрагилност и нежност, во симбол на бунтовност и отпор, е уметничкиот концепт на Ивана Секулоска. Овој концепт исто така нуди еден нов визуелен вокабулар кој наговестува нов генерациски поглед и запис.“  
     
    Организаторите и комисијата им се заблагодаруваат на сите што аплицираа и ги охрабруваат останатите апликанти да земат учество и наредната година. 
    Наградата се доделува во рамки на проектот „Пристап до правда и човекови права“, кој го спроведува Коалиција МАРГИНИ Скопје, а во соработка со Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, ХЕРА и Еквалис, а е финансиран од страна на УСАИД. 
     

  • Врснички едукации 2024

    Во рамките на проектот „Организирани граѓани за организирана иднина“, финансиски поддржан од Меѓународниот центар Олоф Палме и Шведска, во периодот на месец декември ги реализиравме врсничките едукации за теми поврзани со Законот за работните односи, вознемирување на работното место и меѓуврсничко насилство.

    Работилниците беа предводени од 6 врснички едукатори, кои претходно беа едуцирани во Штип.

    Следните училишта беа опфатени со едукациите #ГиЗнамСвоитеРаботилниПраваЈаЗнамСвојатаМоќ 1. ПСУ САБА Штип;2. СОУ „Јане Сандански“ – Штип;3. СОУ „Коле Нехтенин“ – Штип;4. СОУ „Љупчо Сантов“ – Кочани;5. ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип;6. СОУ „Димитар Мирасчиев“ – Штип

    Вкупно беа опфатени околу 150 средношколци.

  • Награда за учество и волонтирање во еко акцијата “Боренка“

    На 21.12.2024 год. (сабота) во младинскиот центар Матично во Скопје, Сојуз на извидници на Македонија организираше волонтерска забава. На оваа манифестација беа доделени и плакети- благодарници за сите учесници кои во последните две години волонтерски се вложија во организација и реализација на еко акцијата “Боренка“. Извидничкиот одред “Димитар Влахов“ –…

  • Прва секторска работилница за младински политики

    На 30.12.2024 година во просториите на Младински Совет Прилеп се одржа и првата секторска работилница за младински политики.

    Оваа работилница имаше за цел да ги постави темелите на креирање ефективни политики за млади кои ќе ги водат локалните и регионалните промени.
    На оваа работилница присуствуваа претставници од Општина Прилеп, претставници од Младински Совет Прилеп како и млади лица кои активно учествуваат во развојот на заедницата.
    На работилницата учествуваше и експертот кој ги презентираше фазите на истражувањето кои ќе помогнат во дефинирање на младинските потреби и предизвици.
    Претставниците од општината споделија информации за предизвиците со кои се соочуваат младите во нашиот град.
    Ние во соработка со нив ќе изградиме подобра иднина овозможувајќи им да прераснат во креативни и активни граѓани.
    Оваа активност е резултат на проектот „Младински политики по мерка на младите“.Проектот е поддржан од владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

  • Нова Година, нови надежи: Отворено писмо до граѓаните и Владата на Република Северна Македонија

    Драги наши сограѓани и почитувани пријатели на здравјето,
    Со секоја Нова Година, доаѓаат нови можности и надежи за подобро утре. Здравјето е основата на секое успешно општество, а неговото унапредување е заедничка одговорност. Нашите сервиси, кои го поддржуваат здравјето на најранливите, се пример за успехот што можеме да го постигнеме заедно. Но, потребно е повеќе – нови извори на поддршка и иновации кои ќе ни помогнат да продолжиме да бидеме пример за регионот.
    Во изминатата година, со посветеност и труд, ХОПС покажа дека Македонија може да биде лидер во намалувањето на ХИВ и поддршката на ранливите групи. Нашите програми за намалување на штети се признати како пример за добри практики, и се гордееме со резултатите што ги постигнавме. Сепак, знаеме дека за да продолжиме со овој напредок, потребно е да ги зајакнеме постоечките ресурси и да најдеме нови начини за финансирање.
    Македонија секогаш знаела да направи многу со малку – тоа е нашата приказна, нашето наследство. Но, прашањето е: дали сè уште сме тие луѓе? Дали ќе ги искористиме своите умови и срца за да ја претвориме оваа земја во вистински дом за сите? Здравјето не е само приватна работа, туку и јавен интерес, а јавниот интерес бара јавна акција.
    Замислете го ова: една мала држава која ги надминува своите ограничувања. Држава каде што секое дете има пристап до најдобрите здравствени услуги, каде што секоја мајка знае дека има поддршка, каде што секој граѓанин чувствува дека е дел од голема, заедничка приказна. Ова не е утопија – ова е визија која бара само тимска работа, верба и малку повеќе љубов кон она што сме и што можеме да бидеме. Нека нашите напори не бидат само должност, туку и гордост – бидејќи здравјето е право, а не привилегија.
    Затоа, во духот на Нова Година, ве повикуваме сите – институции, граѓани, донатори и соработници – да се прашаме: „Кога, ако не сега? Кој, ако не ние?“ Ова не е само момент за размислување, туку за акција. Нека Новата 2025 година биде година кога Македонија ќе покаже дека знае, сака и може. Заедно, за сите нас.
    Со желба за здравје, просперитет и заедничка визија, Ваши, Тимот на ХОПС

  • Промените преку грантовите на Цивика мобилитас

    Годинава остави зад себе бројни траги, а  дел од нив Цивика мобилитас успеа да ги долови и инспиративно да ги пренесе преку четири приказни кои ја одразуваат силата на граѓанскиот активизам и неговото влијание на општеството. Преку проектите поддржани од Владата на Швајцарија, тимот на Цивика мобилитас го следеше напредокот на осумнаесет тековни проекти низ 8 плански региони на Македонија, фокусирајќи се на примери со  успешни промени што беа резултат на поддржаните проекти.
    Првата приказна ја посветивме на унапредувањето на здравствените права на девојките, жените и ранливите групи. Здружението за правата на жените на Шуто Оризари,  „Заедно посилни“ организираше форумите што создадоа платформи за размена на информации, и помогнаа во решавањето на проблемите на корисничките. Пристап до бесплатни задравствени услуги доби малолетна девојка благодарение на правната и медицинската помош од организацијата. Таа сега може да се грижи за себе и своето дете, без да се стравува од финансиски трошоци. Оваа приказна потврдува дека дури и малите акции можат да доведат до големи промени во животите на луѓето.
    Втората приказна е поврзана со проектот на Женската граѓанска иницијатива „Антико“ од Скопје, која во партнерство со „Секогаш соживот“ од село Канатларци и „Адрион“ од Желино, овозможи едукација за економска независност и вработување на жени од четири општини. Преку организирањето на бесплатни курсеви за професионални козметичарки во Тетово, Кочани, Прилеп и Могила, проектот помогна на повеќе од 30 жени кои ќе им помогнат да се вклучат на пазарот на труд и да ја зајакнат својата економска независност. Таква е приказната на Е.А., самохрана мајка на три деца од Тетово, која ја започнува својата професионална кариера во козметичката индустрија благодарение на бесплатниот курс. За Е.А., овој курс не беше само едукација, туку шанса да обезбеди подобра и посигурна иднина за себе и своите три деца. Љубовта и посветеноста на своето семејство, заедно со желбата за финансиска независност, ја поттикнаа да ги преземе одлучувачките чекори. Преку оваа приказна, покажуваме како граѓански иницијативи можат да го променат животот на жените и да ги охрабрат за нови можности.
    Тркалезната маса во Неготино, што беше дел од проектот „Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата“ организирана од Центарот за помош на лица со ментален хендикеп „Порака“, „Еко-Живот“ од Кавадарци и Здружението на лица со церебрална парализа и други попречености од Велес, не беше само место за размена на идеи, туку и за дефинирање на конкретни акции. Овој настан беше многу повеќе од споделување на проблеми, тој беше повик за акција. Иницијативата за создавање на платформа „Пристапен доктор“ и предложените промени во системот за здравствена заштита, како и едукација на докторите, имаат потенцијал да го олеснат животот на стотици семејства во Македонија. Оваа тркалезна маса потсети дека инклузијата не е само одговорност на одредени групи, туку на целото општество, кое треба да работи заедно за да создаде средина во која сите се ценети и почитувани. Проектот предвидува мултидисциплинарни центри и едукации за докторите, има потенцијал да ги подобри здравствените услуги и да го направи здравствениот систем поинклузивен за сите.
    Потоа ја објавивме приказната што се фокусира на еколошката свест и иновацијата. Таа е дел од проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ на Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ). Работилниците за циркуларна економија и преработка на биоотпад, кои ги организираа заедно со Еко Логик и Флорозон, не само што помогнаа младите да стекнат нови вештини, туку и ги воведоа во процесите на создавање одржливи решенија за животната средина. Овие активности придонесоа за подигнување на свеста и активирање на нова генерација која ќе работи на зачувување на природните ресурси и создавање на одржливи решенија за идните предизвици. Досега се одржаа пет работилници на кои учествуваа 95 ученици и 9 наставници од основните училишта „Димо Хаџи Димов“ од Општина Карпош, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од Кисела Вода, како и „Војдан Чернодрински“ и „Страшо Пинџур“ од Ѓорче Петров. Овие се дел од планираните 20 работилници, кои ќе продолжат да се реализираат до октомври 2026.
    Со овие четири инспиративни приказни, Цивика мобилитас успеа да ги долови најзначајните промени што ги направија грантистите, поттикнувајќи социјален активизам и промени во општеството. Веруваме дека ова е само почеток за резултатите што не очекуваат во иднина.
     

    Следно >

    Поврзани:

  • Одржана обука за новите 14 грантисти за спроведување на локални иницијативи

    На 26 декември 2024 се одржа онлајн обука за избраните грантисти на повикот за акциски грантови за локални иницијативи. На настанот беа обучени претставници на 28 организации, кои во следните девет месеци ќе спроведуваат акциски грантови за локални иницијативи во шестте различни области: Подобрување на околината за развој на граѓанското општество; Добро управување, владеење на правото и борба против корупција; Локален економски развој, социјална економија и социјална инклузија; Зелена агенда: климатски промени, животна средина и чиста енергија; Родова еднаквост и млади; Здравје, здравствена заштита и здравствена култура.

    Грантистите преку своите локални иницијативи ќе работат на справување со различните локални предизвици на целните групи како зголемување на транспарентноста и отчетноста на локалните власти, јакнење на локални младински совети и формирање на младински парламенти, зголемување на вклученоста на жените и младите во локалните процеси на донесување одлуки, зголемување на социјалната и економската вклученост на младите и жените од различни етнички заедници, подобрување на социјалната вклученост на старите лица, јакнење на отпорноста на локалната заедница кон климатските промени и  справување со еколошките проблеми, справување со корупцијата, подобрување на можностите за квалитетна палијативна нега во домот и други предизвици. Повеќе детали за локалните иницијативи на овие 14 акциски грантови се достапни на веб-страната на Граѓанскиот ресурсен центар.
    Во однос на регионалната покриеност на грантовите два гранта ќе се спроведуваат во Скопскиот регион, два во Југозападниот регион, еден во Југоисточниот регион, два во Североисточниот регион, два во Источниот регион, по еден грант во Пелагонискиот и Полошкиот регион, Полошкиот и Југозападниот регион, Североисточниот и Источниот регион и во Пелагонискиот и Југозападниот регион.

    На обуката, грантистите се запознаа со клучните правила и процедури за спроведување на проекти финансирани од Европската Унија, како што се финансиското работење и потребни пропратни документи за финансиски известување, набавки за добра и услуги на проект, процесите на известување и мониторинг, комуникација и видливост.
    Акциските грантови за локални иницијативи се дел од проектот „ЕУ поддршка на Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2“ финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Националната фондација за развој на граѓанско општество Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Медиа плус, Штип и Асоцијација за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Причините и состојбата со миграцијата на младите од Полошкиот регион

    Истражување на перцепциите на младите на возраст од 15-29 години за причините и состојбата со миграцијата на младите од Полошкиот регион.

    Целиот извештај може да го најдете на следниот линк:

    Hulumtim i perceptimeve të të rinjve të moshës 15-29 vjeç për arsyet dhe situatën me migrimin e të rinjve nga rajoni i Pollogut.

    Raportin e plotë mund ta gjeni në linkun e mëposhtëm:

  • Свечено доделување сертификати за курсистките од општина Тетово

    На 27-ми декември 2024 година, во Тетово се одржа свечена церемонија за доделување Сертификати на курсистките кои успешно ја завршија обуката за Козметичар-Естетичар кои ги организиравме. Оваа обука беше дел од програмата за економско јакнење на жените и создавање нови можности за нивно активно вклучување на пазарот на труд.

    Вкупно 8 курсистки успешно го завршија курсот, стекнувајќи нови вештини и знаења за професионален ангажман во областа на Козметичар – Естетичар.

    Програмата опфати теоретски и практични сесии, насочени кон унапредување на стручните вештини и стекнување конкретни компетенции кои ќе им помогнат на жените во нивниот кариерен развој.

    Церемонијата заврши со доделување на Сертификатите, кои курсистките ги примија со гордост и насмевка. Настанот беше исполнет со емоции, благодарност и надеж за нови можности и успеси во иднина.

    Настанот се реализира во рамките на партнерскиот проект „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество.“ се спроведува од „Женска граѓанска иницијатива АНТИКО“, Скопје и проектните партнери Здружението „СЕКОГАШ СОЖИВОТ“– с. Канатларци – Прилеп и „ЗОК АДРИОН“, Желино.

    Поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas.Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија, кој го спроведуваат МЦМС,НИРАС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде се на Здружението “Секогаш Соживот не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

  • Дали младите од Македонија имаат доволно можности за активно учество?

    На 23 декември 2024, Младински Совет Прилеп беше дел од Завршната конференција, каде беа претставени предложените измени за подобрување на Законот за младинско учество и младински политики. 
    Водени од трите национални мрежи: Коалиција на младински организации СЕГА, Национален младински совет на Македонија и Сојуз за младинска работа, а  со поддршка на младинските организации, се изработија предлози кои ќе ја унапредат младинската политика во земјава!

    Со овие предлози, ќе осигураме дека: 

    Ќе се формира Националното собрание на млади! 

    Ќе се формира Национално советодавно тело!

    Секој град ќе има Локален младински совет!

    Ќе се отворат Младински Центри во секоја општина! 

    Државата и општините ќе одвојат дел од буџетот за младински активности!

    Ќе се воведат прекршочни одредби за градоначалниците кои нема да го спроведуваат законот!

    Нашата цел е реално остварување на правото на младите на младинско организирање и младинско учество!

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор