Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Марш и бојкот за 8 Март: Ако немаат леб, нека јадат ружи!

    Овој 8 Март не сакаме ружи. Што ќе ни се ружи кога немаме за леб?
    Не е време за симболични гестови и излитени фрази. Живееме во нехуман и неодржлив систем базиран на системско силеџиство што ни ги окупира улиците, домовите, болниците, училиштата, институциите, јавните простори и социјалните медиуми и ни ги ограничува одлуките и можностите, сегашноста и иднината.
    Општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведочиме војни, геноцид и еколошки катастрофи и од свој џеб плаќаме за невиденото лакомење на малкумина кои лажно ги креваат цените на основните продукти и кириите. Во кризи, товарот несразмерно ја погодува жената. Токму затоа, велиме, не сакаме ружи, туку повикуваме на феминистичка борба за слобода, солидарност и автономија.
    Ако, сепак, ја земеме ружата како симбол на женската самоодбрана, активност и влијание, тогаш не можеме да останеме глуви и неми на угнетената позиција во која се наоѓаме. Овој систем на нееднаквост и надмоќ се храни од женската слобода и труд.
    Затоа жената нема време, можност и привилегија да здивне: нема повеќе од 20 минути пауза во фабрика, ниту смее да земе слободен ден од работа во маркет; како земјоделка, нема право на породилно отсуство, а ниедна мајка сè уште не може да го сподели родителското отсуство со таткото. Мајката не може да најде ниту градинка што е доволно блиску, а пак на бремената жена ѝ се заканува отказ и/или кариерно уназадување. Жената што работи хонорарно нема здравствено, социјално, ниту пензиско осигурување.
    Нашата работа е често невидлива, омаловажувана, помалку платена и присвојувана. Во Македонија жените заработуваат помалку од мажите за истата работа, а на секои 10 вработени мажи, има само 7 вработени жени. Вработените жени редовно се соочуваат со сексуално вознемирување, мобинг, вулгарни коментари за својот изглед, сексистички хумор, омаловажување и потсмев на своите работни места.
    Жената не може ниту слободно да се движи низ својот град – улиците немаат доволно осветлување, а јавниот превоз, кој таа почесто го користи, е крајно нефункционален или, како што е случајот во руралните места, непостоечки. Жената не е безбедна ниту во јавните, ниту во приватните простори – таа е брутално напаѓана од своите роднини и интимни партнери, од пријатели и непознати, кои ја демнат, уценуваат, тргуваат, тепаат, силуваат, убиваат…
    И покрај сето ова, ние жените и понатаму на грб ги носиме семејствата и заедниците. Без нашиот труд, светот би застанал. Ние сме клучни за неговото функционирање – тој не би издржал без нас ниту еден ден.
    Затоа овој 8 Март, со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, но свесни за секојдневните системски недостатоци кои го загрозуваат нашето постоење, ве повикуваме на женски марш и на солидарен женски бојкот кој ќе ја покаже тежината што со себе ја носи женската родова улога.
    Како ќе го правиме ова?

    На 8 март (сабота) колективно ќе ги бојкотираме големите маркети, ланци и трговски центри кои преку вештачки наметната инфлација нѐ доведуваат до раб на егзистенција! Тој ден купуваме локално, а идеално би било еден ден да се воздржиме од било какво купување.
    За да ја истакнеме вредноста на сè што секојдневно правиме во домот, овој 8 Март ќе ги бојкотираме домашните обврски. Обврските нека ги преземат мажите во домовите, наместо да ни подаруваат ружи.
    За да ја почувствуваме моќта на солидарноста, на 8 Март сите заедно ќе маршираме со почеток во 13 часот пред Универзална сала, каде што ќе одадеме почит на жртвите на овој систем и по нашето обраќање ќе продолжиме по предвидената рута. Маршот традиционално ќе го завршиме во паркот Жена борец, со обраќање до јавноста и институциите.

    Овој 8 Март жените ќе одморат – од пазарење, готвење, чистење, чување деца и од општата и севкупна организација на животот. Еден ден, кога жените ќе здивнат од домашните обврски и ќе стивнат економските активности.
    Овој 8 Март мажите ќе ја поддржат борбата за родова еднаквост со тоа што ќе му се приклучат на женскиот бојкот на маркети и трговски центри, ќе ги преземат домашните обврски и ќе маршираат заедно со нас.
    Овој 8 Март сите заедно ќе му се спротивставиме на силеџиството на овој систем и ќе ги сопреме неговите запчаници барем на еден ден.
    Овој 8 Март прогласуваме ЖЕНСКИ БОЈКОТ и повикуваме на ЖЕНСКИ МАРШ – за слобода и автономија од силеџискиот систем!
    Колективно авторство
    Извори:
    Реактор – Истражување во акција. (2024). Достапност на градинки и родова еднаквост на пазарот на труд – Анализа на поврзаноста по општини.
    Државен завод за статистика. (2023). Анкета за работна сила 2023.
    Реактор – Истражување во акција. (2022). Родово-базирана дискриминација и работнички права во Северна Македонија.

  • Учениците од ООУ „Круме Кепески“ учеа за циркуларна економија и биоотпад

    Одржливиот развој започнува со едукација! Во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ спроведуван од Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија во партнерство со Еко Логик и Флорозон Центар за еколошка демократија, реализиравме интерактивна работилница со ученици од…

  • Крводарителска акција по повод Светскиот ден на извидништвото

    На 1.3.2025 год. (сабота) по повод Светскиот ден на извидништвото , извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, огранизираше крводарителска акција. На неа се собраа 68 крвни единици. Истата се изведе во просториите на Младинскиот центар, лоцирани во Градската библиотека.   Акцијата заеднички ја реализираа Општинската организација на Црвен крст, извидничкиот…

  • Студија на законодавството со предлози за промени на политики и поврзани препораки

    ИОХН-С и ФРП во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“ изработија Студија на законодавството со предлози за промени на политики и поврзани препораки.

    Студијата е достапна на следниот линк: https://www.isshs.edu.mk/wp-content/uploads/2025/02/Студија-на-законодавството-со-предлози-за-промени-на-политики-и-поврзани-препораки-f2.pdf

  • Силна осуда на напади врз жените и загрижувачкиот пораст на мизогинијата во јавната сфера

    Деновиве во јавната сфера сме сведоци на засилени мизогини напади врз жени што поттикнуваат дискриминација и родово-базиран говор на омраза. Овие напади се уште позагрижувачки имајќи го предвид фактот дека доаѓаат од истакнати функционери и новинари, односно јавни личности кои имаат значајна моќ и одговорност во јавната сфера.
    Најостро ги осудуваме нападите на Драган Павловиќ Латас на коишто се изложени новинарките на ИРЛ, Сашка Цветковска и Деница Чадиковска, а со цел да се наруши нивниот интегритет и да ја дискредитира нивната работа. Поттикнувањето на насилство и говор на омраза кон новинарките е особено загрижувачки бидејќи доаѓа од новинар кој треба да знае дека како јавна личност има исклучително влијание врз јавното мислење, како и дека неговите зборови предизвикуваат сериозна штета.
    Во ситуација кога сме соочени со опасното влијание на засилени антиродови движења кои што ги подриваат основните темели на човековите права и демократските институции, враќајќи ги жените во патријархалните опресивни и стереотипни матрици, ваквиот напад носи дополнителна тежина, и го интерпретираме како напад врз сите жени.
    Ова не е прв напад на новинарките во дигиталниот простор. На дигитално родово-базирано насилство преку социјалните медиуми на антиродовите движења изминатиов период беа изложени и новинарките Снежана Лупевска Созен и Марија Митевска со цел да се дискредитира нивната работа на емисијата КОД, за финансирањето на антиродовите движења. Да не заборавиме и на повиците на насилство и заканите по живот преку лажен профил кон новинарката Рита Бехадини преку социјалната мрежа Фејсбук, кои беа пријавени но сè уште нема судска разврска.
    Новинарките во Македонија постојано работат со предизвици, под закана за нивната безбедност, а голем број од нив и со нерегулирани работни односи. Тие се дискриминирани на повеќе начини и во самите редакции, и надвор на терен, но и во дигиталниот простор, а нападите кон нив се сè посилни, особено родово-базираниот говор на омраза.
    Ја повикуваме јавноста да ги препознае и осуди ваквите обиди за дискредитација и загрозување на новинарките и жените, а од надлежните институции – Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство бараме итна реакција и преземање мерки за заштита на слободата на медиумите и безбедноста на новинарките, како и соодветно казнување на родово-базираниот говор на омраза. Неказнивоста мора да престане!
    Од друга страна, пак, од говорницата на Собранието, министерката Гордана Димитриеска-Кочоска употреби родово-базиран дискриминаторски говор насочен кон пратеничката Славјанка Петровска. Изјавата на Димитриеска-Кочоска претставува уште една потврда за распространетоста и толеранцијата на родовата дискриминација која се практикува со цел да ги понижи жените, особено во јавната сфера.
    Како Родова платформа, ја осудуваме реториката на министерката која се обиде да ги сведе жените на нивната репродуктивна функција, да ги инструментализира за националистички, профитерски и патријархални цели, како и да ги дискредитира еднаквите можности, различноста и слободата помеѓу и на жените. Овој опасен наратив директно придонесува кон уназадување на позицијата на жените во општеството. Особено загрижува тоа што доаѓа директно од министерка и од законодавниот дом, место каде законите што се носат и реториките што се употребуваат влијаат на сите жени во ова општество. Да се сведе улогата на една жена само на „мајка“, а притоа да не се адресираат и решаваат проблемите на жените кои се позасегнати од сиромаштијата, грижата за децата и старите лица, без родова и социјална инфраструктура, е крајно непочитување и игнорантски пристап. Притоа, наративот на министерката директно влијае и на жените на јавни функции и нивното учество во политичкиот живот и во процесите на одлучување, односно го минимизира проблемот на и онака малото учество на жените во политиката.
    Во време кога се продлабочува сиромаштијата, користењето на вакви наративи, особено во законодавниот дом каде што нашите претставници треба да работат за наше добро, гледаме уште еден напад врз жените што покажува несолидарност, непочитување и игнорирање на проблемите коишто го тиштат граѓанинот и работниците, а преку манипулација на традиционалните стереотипи, постојните предрасуди и дополнително изложување на и онака ранливите граѓанки.

  • Повик за доделување грантови

    Националниот совет за родова рамноправност објавува јавен повик за предлог проекти во рамки на проектот„Од несвесни за различностите до трансформативни локални заедници кои ја препознаваат различноста и инклузивната еднаквост“.

    Рокот за поднесување апликации е до 24.03.2025 година, 16:00 часот.

    За повеќе информации кликнете на следниот линк https://nsrr.org.mk/%d0%be%d0%b3%d0%bb%d0%b0%d1%81%d0%b8/ .

  • Анализа – Соодветна заштита, помош и поддршка на жртвите на РОДОВО – БАЗИРАНО и СЕМЕЈНО НАСИЛСТВО во општина Шуто Оризари

    Општина Шуто Оризари, како една од 10-те урбани општини на територија на град Скопје, се соочува со сериозни предизвици во однос на обезбедување заштита на жртвите народово- базирано и семејно насилство.Според извештаите на локалните здруженија на граѓани, насилството врз жените во Шуто Оризари е често присутно, а жртвите се без соодветна поддршка и ресурси. Факторикакви што се економската нестабилност, сиромаштијата, недостаток на образование и културните предрасуди ја зголемуваат ранливоста на жените што живеат во овааопштина. Жените во општината Шуто Оризари, особено Ромките, и натаму наидуваат на голем број пречки при остварување на правото на заштита од семејно и родовобазирано насилство1, особено при пристапот до институциите, па оттука е забележана и висока недоверба кон институциите.Според податоците од последниот Попис на население во Република С Македонија од 2021 година2, во општина Шуто Оризари живеат 25 726 лица; од нив 50,37% се мажи, а49,63% се жени. Според етничка припадност, составот на населението во општина Шуто Оризари е следен:
    • Роми 43,80% (мажи 50,11%, жени 49,89%)• Албанци 34,32% (мажи 51,20%, жени 48,80%)• Македонци 3,52% (мажи 50,44%, жени 49,56%)• Други 18,36% (мажи 52,94%, жени 47,06%)
    Публикацијата „Соодветна заштита, помош и поддршка на жртвите на родово-базирано и семејно насилство во општина Шуто Оризари“ е еден од резултатите од спроведенитеактивности во рамките на проектот „Зајакнување на женскиот глас“, што го спроведува здружението „Иницијатива на правата на жени од Шуто Оризари“. Овој проект се спроведува во рамките на проектот „На пат кон ЕУ: Спречување на насилството врз жените во Република С Македонија
    Повеќе за анлизата на следниот линк:

    Анализа Соодветна заштита, помош и поддршка

  • Измените на Законот за полиција се чекор назад во заштитата на жртвите на семејно и други форми на насилство врз жени

    Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, Платформата за родова еднаквост и Мрежата за заштита од дискриминација изразуваат длабоко несогласување и загриженост за предложените измени на Законот за полиција, кои значат чекор назад во заштитата на жртвите на семејно и други форми на насилство врз жени. Овие измени воведуваат несигурност и дополнителни бариери кои сериозно ја влошуваат безбедноста на жртвите.
    Што предвидуваат измените?
    Со важечкиот закон на полициски службеник кој сторил семејно насилство оружјето ќе му се одземе штом ќе се добие известување од надлежниот центар за социјална работа и одземањето трае се до правосилно завршување на судската постапка која се води против тој службеник.
    Меѓутоа, со изменетиот член 31 од предлог законот, ја дерогира оваа можност и предвидува спроведување на цела постапка од внатрешната контрола при МВР, која потоа дава мислење дали треба на полицискиот службеник да му се одземе оружјето.
    Ваква предложената измена на овој член е во спротивност со Истанбулската Конвенција и со Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство и доколку би се усвоила како таква би ги довела во прашање спроведувањето на привремените мерки за заштита на жртвите на овие форми на насилство.
    Исто така со овие измени се брише членот 31-а со кој што раководителот на организациската единица беше обврзан да го упати на задолжителен психолошки и психијатриски преглед полицискиот службеник кој е обвинет за кривично дело или прекршок со елементи на насилство или за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство и со кој се обврзува наодот од таквиот преглед да се достави до  Министерството за внатрешни работи.
    Усвојувањето на овие измени ќе ги остави жртвите на родово базирано и семејно насилство незаштитени и го зголемува ризикот од ескалација на насилството од страна на сторителот.
    Доколку поминат овие измени, недовербата која жртвите ја имаат кон  институциите само ќе се зголеми, особено кога насилникот е дел од полицискиот систем.
    Оттука, категорично се спротивставуваме на предложените измени на Законот за полиција. Бараме итно повлекување на истите, со цел да се осигура дека законот навистина ќе биде во служба на заштитата на сите граѓани, особено на најранливите.

    Во продолжение е поопширно правното мислење кон реакцијата на предложените измени на Законот за полиција:
    Во известувањето за почетокот на процесот на подготовка на предлог-законот за измена и дополнување на Законот за полиција е наведено дека целта на предлог-законот е да овозможи содржинско и нормативно-правно допрецизирање на законските решенија во правец на нивно унапредување и усогласување со прописи донесени по донесувањето на основниот текст на Законот за полиција. Во нацрт-извештајот за процена на влијанието на регулативата е допрецизирано дека се врши усогласување на Законот за полиција со Законот за внатрешни работи, со цел хармонизирање на прописите во надлежност на Министерството за внатрешни работи и надминување на недоследностите на конкретни законски решенија.
    Но, со увид во Законот за внатрешни работи, произлегува дека токму одредбите кои се бришат од Законот за полиција се целосно уредени во Законот за внатрешни работи. Дотолку повеќе што  овие одредби истовремено се усвоиле и во Законот за полиција и Законот за внатрешни работи – измените се објавени во истиот Службен весник бр. 33/15 од 05.03.2015 година.

    Член 155-а од Законот за внатрешни работи
    Член 31-а од Законот за полиција

      (1)     Работник на Министерството кој е овластен да носи службено оружје, а за кој е поведена постапка за кривично дело или прекршок со елементи на насилство, односно за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство, раководителот на организациската единица во која работи го упатува на задолжителен психијатриски и психолошки преглед односно советување со психолог (психолошко советување). (2)     Наодот од психијатрискиот и психолошкиот преглед, односно советувањето со психолог (психолошко советување) со задолжителен наод и мислење за способноста на работникот да биде распореден на работно место со овластување за носење и употреба на службено оружје, се доставува до Министерството.
      Полицискиот службеник за кој е поведена постапка за сторено кривично дело или прекршок со елементи на насилство, односно за кој е добиено известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство, раководителот на организациската единица во која работи го упатува на задолжителен психијатриски и психолошки преглед односно советување со психолог (психолошко советување).     Наодот од психијатрискиот и психолошкиот преглед, односно советувањето со психолог (психолошко советување) со задолжителен наод и мислење за способноста на полицискиот службеник да биде распореден на работно место со овластување за носење и употреба на службено оружје, се доставува до Министерството.

    Иако одредбата во оваа форма останува во Законот за внатрешни работи, иако Законот за полиција се повикува на Законот за внатрешни работи, сметаме дека постоењето на овој член како таков во Законот за полиција е од големо значење, бидејќи целосно и недвосмислено упатува на сериозен, сеопфатен третман во борбата против насилството и особено семејното насилство, кога сторител е полициски службеник.
    Од друга страна, одредбата од член 31, особено одредбите од ставовите 2-4 на овој член се од особено значење бидејќи ја вршат најзначајната превентивна функција кога против лице кое поседува службено оружје се поведува кривична постапка за насилство или семејно насилство – одземање на оружјето.

    Сегашен член 31
    Предлог-измена на член 31

      Полицискиот службеник е овластен да носи оружје и други средства за присилба.   Оружјето од ставот (1) на овој член со муницијата, времено ќе му биде одземено на полицискиот службеник за кој е започната постапка за сторено кривично дело или прекршок со елементи на насилство, до правосилноста на одлуката во кривичната односно прекршочната постапка.   На полицискиот службеник времено ќе му се одземе оружјето од ставот (1) на овој член со муницијата, кога Министерството ќе добие известување од надлежниот центар за социјални работи дека сторил семејно насилство, до правосилноста на одлуката на надлежниот суд за привремена мерка за заштита.   Одземањето на оружјето и муницијата од ставовите (2) и (3) на овој член, трае до завршувањето на постапката која последна ќе заврши со правосилна одлука.
      Полицискиот службеник е овластен да носи оружје и други средства за присилба.   Во случај кога е пријавено односно кога е добиено сознание за сторено кривично дело со употреба на оружје од страна на полициски службеник, организациската единица надлежна за внатрешна контрола во Министерството презема мерки согласно закон и изготвува извештај во кој се произнесува во однос на прашањето дали е потребно времено да се одземе од полицискиот службеник службеното оружје и муницијата.   Во случај на времено одземање на оружјето и муницијата од ставот 2 на овој член, полицискиот службеник времено се распоредува на соодветно работно место во Министерството без овластување за носење и употреба на службено оружје.   Одземањето на оружјето и муницијата трае до правосилноста на одлуката донесена во постапката која се водела против тој полициски службеник за кривичното дело поради кое му е одземено оружјето.

    Видно од предложената измена, наместо досегашното решение со секоја постапка за кривично дело насилство или семејно насилство на лицето кое поседува службено оружје, оружјето веднаш да му се одземе, се носи преодно решение во кое ќе се прави посебна процена дали е воопшто потребно да се одзема службено оружје од лице против кое се води кривична постапка за насилство сторено со употреба на оружје. Имено, самиот Закон за полиција предвидува дека средствата за присилба, меѓу кои и огненото оружје, можат да се употребат само ако целта на постапувањето на полицијата не може да биде остварена на друг начин (член 80, став 3). Ова значи дека огнено оружје може да се употреби исклучиво како последен чекор и под одредени услови. Овој принцип има толкава тежина што во никој случај не може да се дозволи прво да се проценува за потребата за одземање на оружјето, наместо веднаш времено одземање на оружјето до спроведување на соодветната постапка. Дополнително, семејното насилство често и се случува без употреба на оружје, самото поседување на оружје е начин на заплашување, малтретирање и загрозување на животот на жртвата. Оттаму и новиот член е целосно спротивен на напорите за заштита на жртвите на семејно насилство.
    Дополнително на ова, се брише и посебната одредба со која се уредува дека доколку ЦСР го извести Министерството за внатрешни работи дека полицискиот службеник сторил семејно насилство треба оружјето веднаш да му се одземе.  Во пракса ова значи дека доколку станува збор за насилно кривично дело во кое полицискиот службеник не користел оружје ќе се цени дека не постои основ за одземање на службеното оружје! Во контекст на семејно насилство ова сериозно ја влошува позицијата на жртвите чиј насилник е полициски службеник. Најпрво е избришана најголемата олеснителна околност за нив – околноста да го пријават насилството во Центарот за социјални работи, а да не мораат да пријават во полиција, а потоа, за да ја добијат соодветната заштита во домот, мора да докажат дека насилникот против нив користел оружје! Тука мораме да потенцираме дека во најголемиот број случаи семејното насилство не е изолиран испад туку серија на разни видови на насилства кои не секогаш се физички, но може да содржат закана за употреба на сила, а кога сторителот има службено оружје кое не му е одземено, заканата е прилично реална.
    Сакаме да потенцираме и дека постапката за одземање на оружје од сторител при вршење на семејно насилство не се однесува само на полициски службеници. Напротив, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство уредува дека кога полициски службеник излегува на лице место по пријава за насилство врз жени или семејно насилство привремено го одзема оружјето од сторителот и покренува постапка предвидена со закон за одземање на дозволата за оружје, дозволата за колекционерско оружје односно дозволата за носење на оружје. (член 49 ст.1 и 4 од Законот). Сето ова се прави превентивно, за да не дојде до користење на оружјето од страна на пријавеното лице во афект или заради одмазда за пријавувањето на насилството.
    Во овој закон е и обврската на Центарот за социјални работи секогаш кога има сознание дека родово-базирано насилството е сторено од лице кое поседува огнено оружје веднаш го известува Министерството за внатрешни работи. Доколку станува збор  за  лице кое има пристап и ракува со службено огнено оружје, ЦСР веднаш, а најдоцна во рок од 24 часа, доставува писмено известување до институцијата или правното лице во која лицето е вработено и за истото го известува Министерството за внатрешни работи. (член 48 од Законот). Оттука, со бришењето на ставот 3 од член 41, се врши и повреда на одредбите од Законот за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство.
    ****
    Со овие измени, на жртвите на семејно насилство им се испраќа порака дека нивната безбедност е условена, дека институциите ќе проценуваат дали нивниот страв е доволно „оправдан“ за да се преземат мерки и дека ако нивниот насилник е полициски службеник, тој ќе има привилегија да остане вооружен додека системот одлучува дали поседувањето службено оружје претставува закана. Наместо итна и недвосмислена заштита, тие добиваат неизвесност, дополнителен товар да го докажуваат сопственото страдање и чувство дека институциите повеќе се грижат за правата на сторителот отколку за нивната безбедност. Ако претходно можеа да се обратат до Центарот за социјални работи и да знаат дека тоа ќе резултира со итно одземање на оружјето, сега им се вели дека мораат да се изложат пред полицијата – можеби пред колегите на нивниот насилник – и да чекаат дали системот ќе одлучи да ги заштити.
    Ова не е само законска измена, туку порака дека жртвата мора да се бори на два фронта – против насилникот и против институциите што треба да ја заштитат, но сега ѝ наметнуваат дополнителни бариери. Наместо да почувствува сигурност, на жртвата ѝ се вели дека нејзиниот збор не е доволен, дека дури и ако преживее насилство, ќе мора да се докаже како „доволно загрозена“ за да добие заштита. На овој начин, законот наместо да биде нејзиниот штит, станува уште една пречка што ќе мора да ја надмине за да преживее.

  • ЈАВЕН ПОВИК изнајмување на техничка и аудио опрема за Националната конференција за родова еднаквост и дискриминација на работното место

    Здружението Гласен Текстилец од Штип во рамките на проектот „Институционално и економско зајакнување на девојките и жените од Источен регион“ ја организира Националната конференција за родова еднаквост и дискриминација на работното место, која ќе се одржи на 7 март 2025 година (петок) со почеток во 16:00 часот во Хотел Оаза – Штип. На конференцијата ќе бидат разгледувани важни теми поврзани со родова еднаквост, дискриминацијата и предизвиците на работното место. Со цел да поттикнеме соработка и конструктивен дијалог, ќе се организираат излагања и дискусии со експерти, работодавачи, Национални институции играѓански организации, кои ќе дадат конкретни препораки за создавање на безбедни и инклузивни работни средини за жените.

    НАРАЧАТЕЛ: Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ од Штип, со седиште на ул.Сутјеска бр.59 во Штип.

    ЦЕЛ НА ПОВИКОТ:

    Изнајмување на техничка/аудио опрема за Национална конференција. Опремата треба да биде комплетна и да биде наменета за околу 50 присутни.

    ВРЕМЕНСКА РАМКА:

    Рок за доставување на понудите 28.02.2025 година;

    Рок за избор на најповолен понудувач и известување 03.03.2025 година;

    Реализација: 7 март 2025 со почеток во 16:00 часот, хотел Оаза Штип.

    ДОСТАВУВАЊЕ НА ПОНУДИТЕ

    Понудите се доставуваат во електронска форма на blagojche.dishoski@glasentekstilec.mk или на ул.Сутјеска бр. 59, 2000 Штип.

    Понудите што ќе пристигнат по наведениот рок, нема да бидат земени предвид.

    ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ:

    Благојче Дишоски: 075316108, секој работен ден во периодот од 09 до 16 часот.

    Проектот е финансиски поддржан од The Kvinna till Kvinna Foundation и Шведска.

  • Граѓаните сметаат дека треба да бидат внимателни во односите со другите луѓе

    МЦМС го спроведе редовното истражување на општата доверба и довербата во институциите. Резултатите покажуваат дека довербата во луѓето останува поделена, односно нешто над половината од граѓаните (52,6%) изјавиле дека имаат целосна или делумна доверба во луѓето. Најголема сигурност граѓаните чувствуваат во својот најблизок круг, па околу 2/3 рекле дека имаат доверба во соседите, додека довербата во колегите (52,8%) и сонародниците (52,2%) е мнозинска но, значително пониска. Најголема претпазливост испитаниците изразуваат кон непознатите, при што 84,1% изјавиле дека имаат целосна или делумна недоверба.

    Меѓучовечката доверба е на ниско ниво, при што 84,9% од граѓаните сметаат дека треба да бидат внимателни во односите со другите, а само 14,3% веруваат дека на повеќето луѓе може да им се верува. Овој висок степен на претпазливост се потврдува и кај одговорите на прашањето: „Дали сметате дека луѓето воопшто би ве искористиле или ќе се обидат да бидат чесни кон вас?“ Вкупно 76,0% од испитаниците сметаат дека луѓето би се обиделе да ги искористат. Од нив, најголем дел (21,5%) силно веруваат во тоа, позиционирајќи се на најниската точка од скалата.
    Нема раст на довербата кај ниту еден од општествените сектори споредено со резултатите од анкетата направена во 2021 година. Банките и финансиските институции (59,2%) и понатаму уживаат највисоко ниво на доверба. На исто ниво како во 2021 година е довербата во медиумите (55,5%), деловниот (51,2%) и граѓанскиот сектор (49,6%). Најголем е падот на довербата во јавниот сектор (од 46,8% на 27,1%), потоа следуваат политичките партии (од 36,2% на 27,6%) и меѓународната заедница (од 46,2% на 39,5%). Во споредба со 2021 година, најголем пад на довербата е забележан кај етничките Албанци, особено во јавниот сектор и политичките партии. Кај етничките Македонци, најзначителен пад има во јавниот сектор.
    Проверката на довербата во различните професии покажа дека граѓаните најмногу им веруваат на наставниците и професорите, со целосна или делумна доверба од 72,0%, а веднаш по нив се свештениците и верските лица (70,8%) и лекарите (65,9%). Од друга страна, судиите (18,4%) и цариниците (22,9%) се професиите во кои граѓаните имаат најмалку доверба, додека деловните, бизнис-консултантите (44,9%), полицијата (44,0%) и државните службеници (36,5%) се рангираат нешто подобро, но сепак остануваат во рамките на малцинството.
    Истражувањето е спроведено со теренска анкета на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници. Популациската рамка на примерокот беше население постаро од 18 години, а критериуми за репрезентативност беа: пол, етничка припадност, возраст, место на живеење и региони. Собраните податоци се обработени со честота и пропорција на одговорите. Податоците се со ниво на доверба од 95% и со грешка од +/- 3%. Анкетата е направена во периодот од 20 април до 25 мај 2024 година. За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект.

    Следно >

    Поврзани:

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор