Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Прва средба и обука за циркуларна економија 

    Во рамки на ЦЕ Академијата одржана од Арно имавме можност да се запознаеме со основите на циркуларната економија. Преку воведна презентација од проф. д-р Наташа Данилоска, беа претставени концептите на 8R и нивната примена во создавање одржливи бизнис модели. Дискусиите ја нагласија важноста на интегрирањето на циркуларните принципи во секојдневните проекти и организации.Што научивме од ЦЕ Академијата:Идентификација и развој на циркуларни бизнис модели: Како да се изработат иновативни решенија кои поттикнуваат реупотреба и намалување на отпадот.
    Интегрирање на одржливост во организациите: Стратегии за долгорочно одржливо управување.
    Планирање на социјално, економски и еколошки одговорни идеи: Како циркуларната економија може да генерира вредност за заедницата.
    Иновативни решенија за намалување на отпадот: Идеи кои користат ресурси повторно и ја поддржуваат еколошката рамнотежа.Што следува во рамки на Академијата?Достапност на едукативни материјали: Академијата обезбедува ресурси за сите кои сакаат да дознаат повеќе за циркуларната економија и нејзините принципи.
    Менторска поддршка: Учесниците ќе имаат можност да добијат насоки и поддршка за развивање на сопствени циркуларни идеи.
    Развивање нови проекти: Академијата поттикнува креирање решенија кои имаат позитивно влијание врз животната средина, со фокус на иновации и одржливост.Нашето решение: Велосипедски паркинг БУРЕ-CycleКако дел од нашата посветеност на циркуларната економија, горди сме да го претставиме велосипедскиот паркинг БУРЕ-Cycle – иновативно и одржливо решение кое ги комбинира еколошките и функционалните аспекти на урбаното живеење.Што е велосипедски паркинг БУРЕ-Cycle?БУРЕ Cycle претставува паркинг за велосипеди изработен од реупотребени материјали, како што се:Метални буриња: Користени и отпадни буриња се преработуваат за создавање на основната структура на паркинзите.
    Гуми за велосипеди: Наместо да завршат како отпад, старите гуми добиваат нова функција во рамките на нашиот дизајн.Ова решение:Намалува производството на нови суровини: Го поттикнуваме рециклирањето и минимизираме отпадот.
    Е издржливо: Паркинзите се дизајнирани да издржат различни временски услови со минимално одржување.
    Е економично: Ниските трошоци за производство и иновативниот дизајн ги прават достапни за широк спектар на корисници.Кој може да го користи БУРЕ-Cycle?БУРЕ-Cycle е иновативно решение кое може да го користи широк спектар на корисници, вклучувајќи училишта, општини, бизниси и заедници. Ова решение е особено корисно за градови со висок сообраќај на велосипеди, каде што БУРЕ-Cycle обезбедува одржливи и практични инфраструктурни решенија за паркирање на велосипеди. Локалните власти и образовни институции можат да ги користат паркинзите како дел од своите иницијативи за зголемување на еколошката свест и промовирање на зелените транспортни опции. Истовремено, бизнисите и заедниците можат да ги имплементираат како начин за промовирање на одржливи превозни средства, нудејќи ефикасни и достапни решенија за сите учесници во урбаниот живот.Како БУРЕ-Cycle е циркуларно решение?Ова не само што помага во зачувување на животната средина, туку исто така поттикнува економски развој преку создавање на нови можности за работа и иновации, преку намалено производство, но зголемено реискористување на веќе постоечки производи.

  • Од отпад до иновација: Младите како носители на еколошка трансформација

    Промената започнува од нас, но најмногу од младите. Токму тие, со нови знаења и свесност, можат да бидат носители на позитивни промени во своето опкружување. Кога младите се запознаваат со предизвиците во нивната околина, стануваат активни учесници во процесот на трансформација.Ме инспирираа одржаните едукативни работилници на тема „Техники за трансформација на биоотпадот“, што ги организираше Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во партнерство со Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија. Работилниците се одвиваа во биотехнолошката лабораторија во средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ во Скопје а беа наменети за ученици од основните училишта. Имав привилегија да присуствувам на една од работилниците и лично да ги набљудувам експериментите во друштво на учениците од ООУ „Кирил Пејчиновиќ“ од Кисела Вода.Тивки, многумина од нив срамежливи, учениците пристигнаа во лабораторијата. Како што ми објаснува Тамара Радовановиќ од РЕЦ, многу од учениците, овде, за прв пат се сретнуваат со ваков тип настава. „На почетокот се малку скептични и срамежливи, но како што напредуваат активностите, гледаат дека навистина станува збор за нешто интересно и значајно за нивната иднина“, вели таа, додека учениците ги облекуваат белите мантили и ги подготвуваат рацете за работа.Работилницата ја отвораат експертите Горан Трајковски и Само Суљовиќ од Јавното претпријатие „Дрисла“, како и Викторија Брндевска Стипановиќ од Факултетот за шумарски науки. Учениците заинтересирано слушаат, а атмосферата полека се менува. Од срамежливи ученици, тие станаа ентузијасти, подготвени да се вклучат во експериментите за одржливо управување со органски отпад.„Особено се интересни разновидните реакции на учениците кога успешно ќе го завршат експериментот. Во секој случај, со активностите кои ги правиме во текот на работилниците, ретко кој останал рамнодушен, ниту тие, ниту ние“, додава Тамара со насмевка.„Дали знаевте дека од кора од јаболка може да се добие пектин, кој потоа се користи за правење слатки и крем за лице? Или дека од масло од сусам може да се произведе биодизел?“ прашуваа експертите, пред да започнат со експериментите кои ги поттикнаа креативните способности на учениците.На работилницата се случуваше „хакирање на биоотпадот“. Процес кој звучи како нешто од научно-фантастичен филм, но во реалноста беше прилично практичен и инспиративен. Учеа како од кора од јаболка може да добијат пектин. Сведочеа и учествуваа во процесот на создавање биодизел од масло од сусам. Тоа беше свет на бескрајни можности, а јас го делев воодушевувањето на учениците од него.„За мене беше фасцинантно како од лушпи од јаболка можевме да создадеме материјал кој може да се користи за слатки или други производи“, ја сподели својата зачуденост со мене Сара Данова, ученичка од осмо одделение. Учениците беа целосно фокусирани, а телефоните исклучени. Тие активно учеа за процесите на преработка на биоотпадот и можностите за добивање на нови производи. Неколку часа подоцна, за прв пат ги употребија своите телефони за да ги фотографираат своите достигнувања, уверени дека она што го создале е вредно да се документира.„Процесот на чекање до финалната фаза и крајниот производ кога ќе се направи таа биопластика беше доста интересен. Имав чувство како да беше вистинска пластика“, рече Сара. Времето летна. По четири часа, се најдовме опкружени со малите научни достигнувања на учениците. Се гледаа само среќни лица и насмевки. „Првпат сум во ваква лабораторија, а делот кога го правевме пектинот ми беше посебно интересен“, рече Давид Цветановски, ученик од деветто одделение. „Прво што помислив беше дека тој може да биде корисен за правење колачиња, а со тоа и да не се фрлаат лушпите од јаболка за џабе. Нешто што е корисно во секојдневниот живот“.Искуствата од работилницата не беа само забава. Разговорот со обучувачите отвори нови перспективи за важноста на циркуларната економија. Според резултатите од едно истражување на Асоцијацијата на биогасни централи и производители на биомаса, 50 проценти од компаниите не се свесни за регулативите поврзани со биоотпадот, а 93 проценти веруваат дека нивниот отпад НЕ влијае негативно на животната средина. Токму овие бројки укажуваат на потребата од едукација и свест, нешто што беше евидентно на оваа работилница.Проектот продолжува со успешни активности, кои не само што ја зголемуваат свеста за циркуларната економија, туку и создаваат нови генерации што ќе придонесат за поодржлив развој на нашето општество. Досега се одржаа пет работилници на кои учествуваа 95 ученици и 9 наставници од основните училишта „Димо Хаџи Димов“ од Општина Карпош, „Св. Климент Охридски“ и „Кирил Пејчиновиќ“ од Кисела Вода, како и „Војдан Чернодрински“ и „Страшо Пинџур“ од Ѓорче Петров. Овие се дел од планираните 20 работилници, кои ќе продолжат да се реализираат до октомври 2026.„Среќни сме што благодарение на овој проект, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, имаме можност да продолжиме да работиме и повторно да ја користиме лабораторијата. Во неа е вложено многу и едноставно е добро кога се користи за нејзината намена “, рече Мина Дамјановиќ од РЕЦ.„Овие експерименти не само што ни помогнаа да научиме нови работи, туку и да ги поврземе нашите знаења со она што се случува во природата и секој ден“, кажаа учениците, уверени дека она што го научиле ќе им биде корисно и во иднина.На крајот на денот, сите излеговме од лабораторијата со нова перспектива и ветување дека ќе ги пренесеме овие знаења. Инспирирани да продолжиме со истражување, учење и делење на она што го научивме.„Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“ е проект на Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) во партнерство со Здружението за заштита и унапредување на животната средина Еко Логик и Флорозон-Центар за еколошка демократија од Скопје.

  • Обединети за поголемо вклучување на жените во спортот

    Македонскиот центар за меѓународна соработка организираше три работилници посветени на родовата еднаквост во спортот. Настаните беа фокусирани на подигање на свесноста за родовата дискриминација и создавање стратегии за поддршка на еднакви можности за жените и мажите во спортските активности на националните спортски федерации и спортските клубови во Северна Македонија. Вкупно 44 учесници (26 жени и 18 мажи) од Скопје и Куманово дискутираа за потребата од промени во спортските политики за поголемо вклучување на жените во спортот.

    Претставниците на федерациите и спортските клубови (раководни лица и спортисти) добија знаење за успешно да ја детектираат и превенираат дискриминацијата и достапните правни средства за заштита од неа со посебен осврт на дискриминацијата во спортот. Имено, со работилницата е создадено сеопфатно разбирање за дискриминацијата во сите нејзини форми, што треба да зголеми инклузивноста и застапеност на жените во спортот. Спортот е област каде родовите стереотипи се длабоко вкоренети. Жените и девојките редовно се соочуваат со бариери како што се ограничен пристап до спортска инфраструктура, недостаток на позитивни примери и нееднаква распределба на материјалните и нематеријалните ресурси. Дополнително, женските спортски активности често се помалку медиумски застапени, што води до минимизирање на нивните постигнувања и обесхрабрување тие да се вклучат и/или продолжат со спортската кариера.

    На овие три работилници учесниците ги истражија основните прашања за човековите права на спортистите и актуелната состојба во спортот. Преку интерактивни сесии, тие се запознаа со родовите улоги, стереотипите и дискриминаторските практики, а работеа и на креирање акциски планови за унапредување на родовата еднаквост во своето непосредно опкружување. Како резултат од ова, сите учесници успешно мапираа и предложија повеќе мерки за подобрување на состојбата, како што се: воведување квоти за родова застапеност во телата за управување на спортските федерации, кампањи за поттикнување на интересот кај девојчињата и жените за активно учество во спортот, обезбедување еднаков пристап и услови до спортските ресурси и лиги за сите. Како дел од препораките, беше истакната потребата за примена на родово-трансформативениот пристап. Ова подразбира создавање услови во кои правата и можностите не зависат од полот и родот, а спортот се користи како средство за промоција на општествената еднаквост меѓу мажите и жените.

    Учесниците ги споделија своите размислувања за тоа како ќе го применат стекнатото знаење. Еве некои од нив: „Кога ќе правам презентација, односно упис на нови членови ќе информирам дека секое запишано девојче во клубот ќе ја добие прва членарина бесплатно, а ќе добие и клупска маица“; „Како член на Управниот одбор и потпреседател на училишниот спорт ќе давам предлози за носење одлуки за еднаков пристап и можности до сите ресурси и натпревари за девојчињата и момчињата“; „Ќе работам на поголемо насочување на спортистките во жени тренери и лично ќе бидам пример за опкружувањето околу мене и мојата организација, барем да не паѓаме под нивото на родова сензитивност“.

    Родовата еднаквост во спортот е основно човеково право и обврска за сите нас и затоа заедничкиот ангажман на институциите, спортските организации и целото општеството е клучен за надминување на долгогодишните предрасуди и дискриминација со која се соочуваат спортистките. Наша цел е спортот да стане симбол на еднаквост и инклузивност, градејќи основа за поправедно општество.
    Проектот „Фер игра: поддршка за родова еднаквост во спортските политики“ го спроведуваат Олимпискиот комитет на С. Македонија со партнерите: Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Спорт Соушл Солушнс и Македонски параолимписки комитет. Проектот е финансиски поддржан од Европската Унија.

    Следно >

    Поврзани:

  • Дигитална писменост и кибербезбедност во Република Северна Македонија: Документ за политики

    Документот за политики за дигитална писменост и кибербезбедност во Република Северна Македонија е развиен со поддршка на регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанско општество за поврзан Западен Балкан имплементиран од Centar za promociju civilnog društva (CPCD), Центар за истражување и креирање политики (ЦИКП) и Институт за демократија и медијација (ИДМ), а финансиски е поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Содржината на документот е единствена одговорност на имплементаторите на проектот и не ги одразува ставовите на Кралството Норвешка.

    Во денешниот меѓусебно поврзан свет, во кој дигиталните технологии ги оформуваат нашите секојдневни интеракции и протокот на информации со невидена брзина, суштински неопходно е младите луѓе да ја разберат важноста на заштитата на личните податоци, правото на приватност, човековите права идигиталните права, медиумската писменост, кибернасилството и дигиталното родово насилство. Затоа, целта на овој документ за политики е да даде препораки за вклучените чинители – Министерството за образование и наука, средните училишта и различните тела (Државен испитен центар, Центар за стручно средно образование, Биро за развој на образованието) – да пристапат кон:
    Клучни пораки и препораки:
    Развој на национална рамка за подобрување на формалното образование во делот на дигиталните права
    Обука и професионален развој на наставниците
    Развој на инфраструктурата
    Образовни ресурси
    Следење и евалуација

  • Преку вмрежување до посилно граѓанско општество

    На 24 декември 2024 во Ресурсниот центар во Гостивар се одржа регионална средба за вмрежување организирана од страна на тимот на проектот „ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2”. Средбата претставуваше можност за граѓанските организации од регионот да разменат искуства, да ги споделат достигањата во 2024 година, да разговараат за идни иницијативи но и да градат партнерства и да соработуваат за зајакнато граѓанско општество во Полошкиот регион.

    „Граѓанскиот сектор бележи значајни успеси и добро е кога можеме тие успеси да ги споделуваме и да учиме едни од други. Во текот на оваа година, во просториите на Ресурсниот центар во Гостивар беа организирани 225 настани со вкупно 2.350 учесници. Самиот центар се позиционира како дом за граѓанските организации во Гостивар, место каде тие можат да добијат поддршка за своите идеи, активности и партнерства. Сето тоа придонесува за зајакнување на секторот во регионот“ сподели Лулзим Хазири извршен директор на Асоцијацијата за демократски иницијатив АДИ, Гостивар, организација што го раководи Ресурсниот центар во Гостивар.

    Валентина Величковска, извршна директорка на Граѓанскиот ресурсен центар (ГРЦ) ги сподели постигнувањата во 2024 и услугите кои ГРЦ ги обезбедува како што се Академија за граѓанските организации, Инструмент за самооценка на организациските капацитети, Онлајн база на иницијативи за застапување на граѓанските организации, обуки, работилници, советодавна, финансика поддршка и обезбедување на простор.
    Средбата ја поддржаа голем број организации кои досега соработувале со ГРЦ, но привлече и нови кои изразија желба за идна соработка, што дополнително го потврдува значењето на ваквите иницијативи за граѓанскиот сектор. Еден од учесниците, Кајл Карл од Центарот за млади и заедницата – Гостивар ја истакна важноста на ваквите средби. По завршувањето на студиите во Соединети Американски Држави, тој започнал со волонтирање во Македонија, препознавајќи го големиот потенцијал и можности, поради што решил да продолжи да работи и живее во земјата.
    „Вмрежувањето е од огромно значење за граѓанските организации. Споделувањето на предизвиците често раѓа креативни идеи и отвора можности за нови соработки“ изјави Кајл.

    Граѓанскиот ресурсен центар останува посветен на зајакнување на капацитетите и отпорноста на граѓанските организации, создавајќи поволна средина за нивната ефикасност, отчетност и независност, како и за вклучување на граѓаните и државните институции во градењето на поодржливо граѓанско општество.
    Настанот беше организирана во рамки на проектот „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2” финансиран од Европската Унија. Спроведуван е од Националната фондација за развој на граѓанското општество „Граѓански ресурсен центар“, Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Асоцијацијата за демократски иницијативи – АДИ, Гостивар и Медиа плус, Штип.

    < Пред   Следно >

    Поврзани:

  • Резиме од економската анализа на Програмата за партиципација при користењето на здравствена заштита на одделни заболувања на граѓаните и здравствена заштита на родилките и доенчињата

    Од 65,360 милиони денари, колку што изнесува буџетот за Програмата за партиципација за 2024 година, само 10 милиони денари се алоцирани за партиципација за породување и партиципација за специјалистичко-консултативно и болничко лекување на доенчиња. Притоа за родилки единствено е вклучена партиципација за породување (6 милиони денари), додека за доенчињата се…

  • Коментар во однос на предложениот Закон за безбедност на мрежи и информациски системи

    Институтот за развој на електронски комуникации ИНРЕКОМ Скопје пред сѐ ја поздравува иницијативата за унапредување на заштитата од кибер напади врз комуникациските и информациските мрежи и системи во Македонија. Со донесување на ваков закон ќе се транспонираат европските NIS 1 и NIS2 директиви и ќе се зацврсти правната сигурност во дигиталниот простор во Македонија.
    Сублимирано, ИНРЕКОМ смета дека новоформираното Министерството за дигитална трансформација треба да покаже кооперативност во насока на прифаќање на овие забелешки содржани во коментарот на Законот, а во насока на негово подобрување. Особено што ова е одлична можност Министерството на дело да ја покаже својата решителност да ја послуша стручната јавност и невладиниот сектор, вклучително и ИНРЕКОМ како институт со стручност и компетентност во македонското граѓанско општество, кој има особени познавања на предметната проблематика.
    Целиот коментар може да го прочитате подолу:
    Коментар на извештајот од ЕК 2024

  • Еко Логик станува дел од коалицијата за заштита на урбаното зеленило

    Од 17 декември, Еко Логик официјално е дел од коалицијата посветена на борбата против злоупотребата на урбаното зеленило. Оваа иницијатива обединува граѓански организации, активисти и граѓани, со цел да се обезбеди достапно зеленило во секое соседство и општина, како и да се создадат услови за транспарентност и одговорност во неговото управување.Коалицијата ќе работи на застапување за зелени јавни простори, заедно со механизми за пријавување случаи на корупција кои се однесуваат на злоупотреба на урбаното зеленило. На граѓаните ќе им биде достапна и поддршка од стручен тим за решавање на овие случаи.За првите чекори во оваа иницијатива, имавме можност да учествуваме на јавна дебата на тема заштита на урбаното зеленило, каде се разговараше за предизвиците и можностите за подобрување на состојбата во урбаните средини.Оваа активност е дел од поширока рамка на проектот “Граѓаните против корупцијата во животната средина,” кој е финансиран со цел поддршка на транспарентноста и инклузијата во процесите поврзани со управувањето на природните ресурси.Соработката и отворениот дијалог меѓу граѓанските организации и институциите се клучен чекор кон создавање одржливи и зелени урбани простори. Еко Логик ќе продолжи активно да се ангажира во заштитата на природните вредности и промоцијата на еколошките принципи во урбаните заедници.

  • Извештај Up2neb Living Labs

    Придонесот на Living Labs во Поттикнувањето на Одржливост, Инклузивност и Естетика: Искуства од Проектот UP2NEBLiving Labs претставуваат иновативен пристап кој ги вклучува локалните заедници во заедничко креирање решенија за актуелните општествени и еколошки предизвици. Во рамките на проектот UP2NEB, овие лаборатории беа дизајнирани да ги истражат и зајакнат трите клучни принципи на иницијативата Нова Европска Баухаус: одржливост, инклузивност и естетика.Методологија и ПристапМетодологијата за Living Labs беше развиена преку соработка со сите партнери во проектот, со посебен акцент на активно вклучување на младите. Активностите вклучуваа интерактивни работилници, дискусии водени од експерти и креативни методи, кои овозможија учесниците да ги изразат своите идеи и приоритети.Клучните алатки вклучуваа дигитални материјали, интерактивни предавања, како и практични активности како што се „Писмо до иднината“ и „Синхрони аплаузи“. Оваа пристапна рамка обезбеди подеднакво учество и вклученост на сите учесници, без разлика на нивната возраст, професионална позадина или искуство.Резултати од Living Labs во МакедонијаВо Македонија, Living Lab-от беше организиран од страна на Eco Logic на 5 август 2024 година и опфати три главни теми:ОдржливостУчесниците работеа на концепт за мини-град кој промовира фер и одржлива заедница. Градот беше дизајниран со обновливи извори на енергија, интегриран систем за рециклирање и поддршка на одржливо производство. Зелените зони, парковите и јавните простори беа планирани со цел зачувување на биодиверзитетот и промовирање на климатска правда.ЕстетикаЕстетиката беше инспирирана од традиционалните прилепски куќи, кои ги спојуваат културните темели со современите архитектонски елементи. Учесниците користеа локални материјали, како прилепскиот мермер, за да создадат дизајн што ја нагласува културната историја и уметноста на регионот.ИнклузивностРаботната група дизајнираше парк кој е отворен и достапен за сите, независно од возраста или способностите. Преку внимателно планирање, паркот беше замислен како простор за социјална интеракција и заедничко дружење, што го поттикнува чувството на припаѓање и заедништво.Клучни ЗаклучоциLiving Labs активностите во рамките на проектот UP2NEB успешно ги агажираа младите и ги мотивираа да размислуваат за иднината на своите заедници. Нивните идеи и придонеси обезбедија вредни податоци кои ќе се искористат за создавање на обука за млади, прилагодена на потребите на локалното население, во согласност со принципите на Новата Европска Баухаус иницијатива.Овие активности покажаа дека кога младите се вклучени, нивната креативност и енергија можат да доведат до значајни и позитивни промени во заедницата.Иднината ја градиме заедно – одржливо, естетски и инклузивно.

  • СВЕЧЕНО ДОДЕЛУВАЊЕ СЕРТИФИКАТИ ВО КОЧАНИ

    На 20.12.2024 година, во општина Кочани се одржа значаен настан кој го обележа завршувањето на обуките за фризери кои ги организиравме. Свеченото доделување на Сертификати беше момент на гордост и радост за 7-те жени од општината, кои успешно ги завршија курсевите.

    Курсистките кои успешно го завршиа курсот со задоволство и гордост ги примија своите Сертификати. Овие обуки не само што им обезбедија нови вештини, туку и ја отворија вратата за економско јакнење преку можности за самовработување и нови кариерни перспективи.

    Секој Сертификат беше потврда за трудот, посветеноста и стремежот на овие курсистки да направат позитивна промена во својот живот. Настанот беше исполнет со инспиративни зборови и искрена благодарност.Понатаму остануваме посветено на создавање можности за развој и унапредување на жените, верувајќи дека ваквите иницијативи ќе донесат долготрајни придобивки за заедницата.

    Настанот се реализира во рамките на партнерскиот проект „Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество.“ се спроведува од „Женска граѓанска иницијатива АНТИКО“, Скопје и проектните партнери Здружението „СЕКОГАШ СОЖИВОТ“– с. Канатларци – Прилеп и „ЗОК АДРИОН“, Желино. Поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas.

    Цивика мобилитас е проект на Владата на Швајцарија, кој го спроведуваат МЦМС,НИРАС и ФЦГ. Мислењата кои се изразени овде се на Здружението “Секогаш Соживот не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор