Author: Здружение ХЕЛСИНШКИ КОМИТЕТ ЗА ЧОВЕКОВИ ПРАВА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА Скопје

  • Повик за дизајн и принт на промотивни материјали

    Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската Унија како дел од програмата, IPA III Civil Society Facility and Media Programme 2023 , согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. IPA III/2024/461-642“, спроведува постапка на прибирање на понуди, со упатување на покана – барање за доставување на понуди.
    Потребна е набавка – дизајн и принт на визуелен идентитет, лого и промотивни материјали за проектот (опишани под точка 1).
    За горенаведениот предмет понудите да бидат испратени најдоцна до 20.06.2025 година (понеделник) до 16:00 часот, по електронска пошта на jana.sotirovska@mhc.org.mk.
    Со оваа покана ви ја доставуваме потребна документација која ги содржи сите информации кои ќе ви помогнат за изработка на понудата.
    1 Опис на бараната набавка:
    Хелсиншкиот комитет за човекови права го спроведува проектот „Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото“, финансиран од Европската унија. Во рамки на проектот  потребно да се изготви визуелен идентиет на проектот, дизајн и принт на визуелен идентитет, лого и промотивни материјали.
    1.1 Опис на бараните услуги:

    Дизајн на визуелен идентитет и лого на проектот – Фундаменталните човекови права на прво место-активен придонес за владеење на правото (Развивање на најмалку три предлози за визуелен идентитет на Проектот);
    Дизајн на промотивни материјали и подготвка за печат (меморандум, банер, папка, тефтер, пенкало, торба);
    Принт на промотивни материјали (50 промотивни сетови (еден сет содржи – промотивна страница, папка, пенкало, тефтер, торба), 1 банер);

    Општи информации

    Од понудувачот се бара да достави најекономична и најдобра понуда во согласност со горенаведените материјали. Со тоа што во понудата секоја од горенаведените ставки треба да биде посебно образложена. Критериумите за избор на понудата се наведени под точка 3 на овој документ.
    Цените при наведената понуда да бидат изразени без ДДВ.

    Критериум за доделување на договорот за набавка

    Критериумите за доделување на договорот за набавка се:

    економски најповолна понуда
    најдобар квалитет
    најкраток рок на испорака

    За носител на набавката ќе биде избран оној понудувач чија понуда е најсоодветна според наведените критериуми.

    Евалуација на понудите

    При евалуацијата на понудите ќе се земат предвид понудените цени, рокот на испорака и квалитетот на материјалите. Евалуацијата на понудите ќе се врши од страна на Комисијата, формирана од страна на Хелсиншкиот комитет за човекови права за спроведување на постапкатa.
    Доколку вашата понуда биде избрана ќе бидете информирани;
    Наведете рок на испорака по прифаќање на работата;
    Во случај на потреба од дополнително појаснувања, слободно контактирајте не.
    Напомена: Проектот е ослободен од ДДВ. По направен избор за најповолен понудувач ќе биде доставено решение и потврда од УЈП и СЕП. 

  • Хелсиншки комитет: Забраната на мирни собири и протести пред Собранието е во спротивност со Уставот

    Во Собранието на Република Северна Македонија во процедура на разгледување е ставен предлог закон за прогласување на просторот околу Собранието за безбедносна зона. Предлог законот е поднесен по скратена постапка.
    Законот предвидува сериозни ограничувања во просторот околу законодавниот дом, вклучувајќи забрана за протести, јавни собири и летови со дронови, како и градежни активности и поставување инфраструктура. Образложението за овој закон е дека се носи од безбедносни причини.
    Во предлог законот се наведува дека се работи за безбедносен аспект, кој што е од јавен интерес,  па оттаму се поставува прашањето зошто толку се брза со донесувањето на овој закон и зошто Собранието не организираше јавна расправа и поширока дебата.
    Овој закон се носи по скратена постапка и притоа се упатува на тоа дека тој ќе влезе во сила истиот ден кога ќе биде усвоен.  Нејасно е зошто Собранието инсистира законот да влезе во сила од моментот на неговото објавување ако се има предвид дека Уставниот суд, во неколку претходни случаи, има укинато закони токму поради отсуство на соодветно образложение при повикување на исклучокот на кој упатува Уставот за влегување во сила на закон со денот на неговото објавување.
    За нас е несфатливо зошто во образложението за донесувањето на законот се наведува дека во безбедносната зона околу Собранието се забранува одржување на јавни собири, протести или манифестации ако основната причина за носењето на ваков закон е да се спречи градење на објекти и поставување инфраструктура во непосредна близина на зградата на Собранието и непречено функционирање на пратениците и службите на Собранието.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права предупредува дека обидот на Собранието да го ограничи правото на јавен собир, протест или манифестации пред и во близина на зградата на Собранието ќе има штетни последици за човековите права и слободи.
    Потсетуваме дека Уставот на РСМ наведува дека граѓаните имаат право мирно да се собираат и да изразуваат јавен протест без претходно пријавување и без посебна дозвола. Користењето на ова право може да биде ограничено само во услови на воена и вонредна состојба. Дополнително и Европскиот суд за човекови права не го толерира генералното ограничување на собири и протести и смета дека такво нешто би било оправдано само доколку постои реална опасност од тоа протестите да резултираат во нереди, и само доколку тоа не може да биде спречено со употреба на помалку рестриктивни мерки.
    Оттаму, Хелсиншкиот комитет за човекови права бара итно повлекување на ваквиот текст на предлог законот и бараме претставниците на граѓаните во законодавниот дом при носење на законите секогаш да внимаваат на непречено и загарантирано уживање на човековите права и слободи.

  • Справување со предизвиците: Обука за работа со зависници и сторители на родово базирано насилство

    На 21 и 22 мај, во Струмица се одржа дводневна обука посветена на стручно усовршување на професионалците кои работат со лица со зависности и сторители на родово базирано насилство. Настанот се одржа во рамките на проектот ,,Градење на услуги засновани на заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешно осудени лица” во организација на Хелсиншкиот комитет за човекови права со партнерските организации Македонското здружение на млади правници, Македонското пенолошко друштво и организацијата Избор, а со поддршка на Европската Унија.
    Обуката ја спроведоа проф. др. Лилјана Игњатова и Ивана Костовска, а ја следеа претставниците на Секторот за пробација при Управата за извршување за санкции и на Секторите за ресоцијализација при Казнено-поправните установи. На обуката учесниците имаа можност да се запознаат со научно базираните пристапи за објаснување на природата на болестите предизвикани од употребата на дрога, како и со основните вештини за советување на лица со зависности.
    Учесниците имаа интерактивна сесија за препознавање на митови и факти поврзани со родово базираното насилство, како и за психосоцијалниот третман на сторителите на семејно насилство.
    Вториот ден започна со интерактивна работилница за мотивирање на клиенти за лекување и совладување на отпорот. Истовремено учесниците имаа можност и да ја посетат терапевтската заедница „Покров“ и да се запознаат со нејзината работа која е единствена од таков вид во државата.
    Обуката беше одлична можност за продлабочување на знаењата, размена на искуства и развој на нови професионални вештини за обезбедување на квалитетни услуги и поддршка за лицата со зависности како и за работа со сторители на насилство.

  • СОСТОЈБАТА СО ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА – МЕСЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА МАРТ 2025

    На 8 март, по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, во Скопје се одржа Маршот организиран од Платформата за родова еднаквост и независниактивист(к)и за женски права. На Маршот беаистакнати неколку барања, од кои првото се однесуваше на правда за сите жени што ги загубија животите поради системска негрижа и фемициди.
    По трагедијата поради пожарот во Кочани, Северна Македонија повторно се соочи со двоен предизвик: борба за вистинска одговорност за изгубените животи и справување со загрижувачкиот пораст на говорот на омраза, особено на социјалните мрежи и во некои медиуми.
    Хелсиншкиот комитет за човекови права предупреди дека ваквите напади можеа да имаат сериозни последици врз слободата на изразување и безбедноста на граѓаните, потсетувајќи дека говорот на омраза и повиците за насилство претставувааткривично дело. Комитетот упати апел кон јавните личности, политичарите и сите корисници на социјалните мрежи да бидат одговорни во својот јавен говор.

  • Тркалезна маса: Пробациска служба – алатка за унапредување на пенитенцијарниот систем

    На тркалезната маса на тема: Пробациска служба – алатка за унапредување на пенитенцијарниот систем, организирана од Хелсиншкиот комитет за човекови права во партнерство со Македонско здружение на млади правници, Македонско пенолошко друштво и Здружението ИЗБОР, на 29 април, беше презентиран документот „Мониторинг на спроведување на стратегијата за развој на пробациска служба во Република Северна Македонија (2021-2025)“ за период на следење 2024 година. Документот го изработи Хелсиншкиот комитет за човекови права.
    Целта на анализата беше да се процени дали, во колкава мера и на кој начин се одвива имплементацијата на предвидените активности, каков е нивниот квалитет и динамиката на меѓуинституционалната соработка во полето на пробацијата.
    На тркалезната маса свое излагање имаа директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов и раководителката на Одделението за надзор над извршување на пробациски работи, Дијана Ѓеровска, кои ја презентираа состојбата во казнено – поправните установи, како и активностите и плановите за натамошниот развој на пробациската служба.
    Иако има значаен напредок во развојот на пробациската служба, останува потребата за нејзин непречен континуиран развој, бидејќи таа претставува алатка на современата кривична правда и е иднината на затворскиот систем. Со развојот на пробациската служба, во голема мера ќе се придонесе кон намалувањето на пренатрупаноста во затворите.
    Тркалезната маса се одржа во рамки на проектот „Воспоставување услуги во заедницата за поддршка преку ресоцијализација и реинтеграција на поранешни осудени лица“, финансиран од Европската унија.

  • Платформата за родова еднаквост силно ја поддржува Иницијативата на жени од Шуто Оризари и нивната реакција на последниот случај на фемицид

    Овој трагичен настан укажува на неуспехот на институциите во навремена и соодветна заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство. Апелираме до надлежните институции итно да го преиспитаат своето постапување во овој случај, да преземат одговорност и конечно да ја исполнат својата обврска – да заштитат, да постапат навреме и да спречат нови случаи на фемицид. 
    Случаите на фемицид не се изолирани инциденти – тие се последица на институционален занемарување и континуирано игнорирање на сигнали за помош. Сите жени, особено оние од маргинализирани заедници, не смеат да бидат оставени сами во борбата за своја безбедност. Затоа, изразуваме целосна солидарност со Иницијативата на жени од Шуто Оризари.
    Во прилог ја пренесуваме реакцијата во целост.
    ***
    До кога ќе потфрла системот во заштитата на жените жртви на семејно и родово базирано насилство?
    Овој викенд, просведочивме на уште еден случај на фемицид, во кој жртва е жена од Шуто Оризари. Најнапред, сакаме да изразиме длабоко сочувство до најблиските на жртвата. Овој случај на семејно насилство, за жал, е добро познат на институциите, на нашите сограѓани од Шуто Оризари и на нашиот тим од Центарот за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано и семејно нсилство „ИСИ АРКА“.
    Имено, Р.А. дојде во нашето советувалиште, но иако и беше понудена придружба од нашиот тим до полициската станица „Пролет“, бевме одбиени – токму поради тоа што жртвата ја имаше изгубено целосно довербата во институциите. Па, зарем може да имаат жртвите доверба во истите, ако секој пат кога се обиделе да го пријават случајот на насилство, наидуваат на зборовите „повторно ли ти тука, и онака ќе се вратиш пак кај маж ти“?!
    Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари може да постапува и понуди помош и поддршка само со согласност од страна на жртвата. За овој случај на насилство, последно дознавме дека и покрај бројните обиди за пријава во соодветните институции од страна на жртвата, сепак, надлежните лица во полициската станица воопшто не преземале некаков чекор – до таму, што нема ниту изготвен записник за пријавувањето од страна на полициските службеници. Уште колку вакви случаи на насилство со траорен исход треба да просведочиме, за институциите да сфатат дека нивното непостапување е по цена на човечки живот?!
    Постојаното адресирањето на недостатоците на системот за заштита на жртвите од страна на нашето здружение е само со една и единствена цел – институциите да ја препознаат својата улога во овој ланец, да преземат одговорност и да започнат сонавремено постапување, со што би се превенирало насилството и би ставиле крај на ваквите случаи! Семејното насилство не е карактеристика само на одредена етничка заедница, сите подеднакво сме подложни на истото. Напротив, нашето истражување за „Соодветна заштита, помош и поддршка на жртвите на родово базирано и семејно насилство во општина Шуто Оризари“, покажува дека во периодот од 2020 до 2024 година, најголемиот број на жртви (околу 70 % во текот на годините) се од македонска етничка припадност, додека пак, бројот на жртви на семејно насилство од ромска етничка припадност во 2023 година изнесувал 6,79 %. Затоа, време е да ставиме крај на стереотипите и апатичноста кај вработените во институциите – не е решение да се советуваат жртвите дека е залудно да ја започнат постапката за пријавување на сторителите, бидејќи „и онака ќе се вратат во домот на насилниците“!
    За сериозноста и бројот на случаи на насилството од септември 2023 година до сега, сведочат и податоците во нашиот Центар „ИСИ АРКА“ – во овој период вкупно 123 жени се обратија до нас и побараа помош токму за спречување и заштита од семејно насилство. Оваа бројка говори дека од една страна, потребата за навремено постапување на институциите и меѓуинституционална соработка е неопходна, а од друга страна, подигнувањето на јавната свест на овие теми уште од најмала возраст, игра клучна улога во препознавањето на формите на насилство и механизмите за заштита од истото.
    Се надеваме и сакаме да веруваме дека ваков случај нема да се повтори, дека ова е последната жртва на фемицид и дека конечно, ова ќе го вклучи алармот на државата да ги преземе следните чекори за соодветна заштита и поддршка на жртвите на семејно и родово базирано насилство:
    1. Зголемување на тимовите за постапување и спречување на насилство при Министерството за внатрешни работи;
    2. Зголемување на тимовите за постапување при Центрите за социјални работи;
    3. Градење на капацитетите на службениците при МВР и ЦСР преку обуки за облиците на насилство и соодветен третман на жртвите;
    4. Сензибилизација на службениците кои имаат законска обврска да постапуваат при случаи на семејно и родово-базирано насилство;
    5. Работилници за подигнување на јавната свест за превенција и заштита од семејно и родово базирано насилство, со цел охрабрување на жртвите и враќање на довербата кон институциите;
    6. Редовни работилници во образованието за препознавање на облиците на насилство и механизмите за заштита од истите.
    Силно веруваме дека Основното Јавно Обвинителство ќе ги преземе сите неопходни чекори во истрагата и на насилникот ќе му биде изречена максимална казна за стореното дело врз Р.А., за правдата да биде задоволена.
    Апелираме до сите жени кои имаат потреба од било каква помош и поддршка во случаи на родово базирано и семејно насилство, да се обратат кај нас. Во нашиот Центар за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано и семејно насилство „ISI ARKA“ нудиме бесплатни психо-социјални и правни услуги, секој работен ден од 9:00 часот до 17:00 часот. Центарот „ИСИ АРКА“ се наоѓа на адресата „Хаџи Јован Шишко“ бр. 15, а може да не контактирате и на телефонскиот број: 070 385 831.

  • Дали знаеш дека те следат?

    Во рамки на проектот „Надзор и цензура во Западен Балкан“ финансиски поддржан од БИРН – Балканска истражувачка репортерска мрежа и од  Фондациите Отворено општество – Западен Балкан, беше спроведена кампања „Дали знаеш дека те следат?“ на социјалните мрежи.
    Целта на кампањата е подигнување на свеста за начините на надзор и цензура. Кампањата детално ги опишува клучните аспекти на надзор и цензура од страна на државни и други актери во земјите на Западен Балкан и нивните краткорочни и долгорочни последици врз маргинализираните и ранливите групи, како и на сите граѓани во општеството.

  • ПОВИК ЗА АНГАЖИРАЊЕ ЕКСПЕРТ ЗА ОДРЖУВАЊЕ ЕДНОДНЕВНИ ОБУКИ ЗА ГОВОР НА ОМРАЗА

    Општи информации 
     Хелсиншкиот комитет за човекови права, во рамки на проектот „Зајакнување на националните заштитни механизми против говор на омраза во Република Северна Македонија” финансиран од страна на Европската Унија како дел од програмата EuropeAid/174503/DD/ACT/MK, согласно Договорот за грант потпишан меѓу Хелсиншкиот комитет за човекови права и Европската Унија бр. NDIZI-THE-NEAR/2022/441-698, oбјавува повик за ангажирање два експерти за одржување на 10 еднодневни обуки за зајакнување на капацитетите на полициски службеници за постапување во случаи на говор на омраза. 
     Главната цел на проектот е да се зајакнат ефективните механизми за заштита на правата на граѓаните во Република Северна Македонија при практикување на слободата на изразување и борба против говорот на омраза во согласност со меѓународните и европските стандарди. Влијанието на акцијата е специјално дизајнирано да овозможи синергија помеѓу работата на секторот на граѓански организации и релевантните институции како заштитни механизми од говор на омраза, врз основа на собирање податоци и директен ангажман со избраните целни групи. Ова ќе се постигне преку отворен политички дијалог со цел да се обезбеди посветеност на Владата за понатамошно подобрување на целокупната ситуација преку оперативно и институционално зајакнување на капацитетите за справување со говорот на омраза во согласност со најдобрите европски практики.  
     
    Позиција 
    Два експерти за одржување 10 еднодневни обуки за зајакнување на капацитетите на полициските службеници за постапување во случаи на говор на омраза 
     
    Тема на обуките 
    Избраните експерти ќе треба да одржат 10 еднодневни обуки за полициски службеници и останати службеници во Министерството за внатрешни работи за препознавање, спречување и борба против говорот на омраза, за постапување во случаи на говор на омраза и собирањето докази, со посебен фокус на најдобрите практики на Европската Унија, особено на судската пракса на Европскиот суд за човекови права.  
    Обуките ќе бидат наменети за Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, за Тренинг центарот при Министерството за внатрешни работи и по една обука за секој Сектор за внатрешни работи (Скопје, Куманово, Битола, Штип, Велес, Охрид, Тетово и Струмица). 
     
    Избор на експерт 
    На овој повик имаат право да учествуваат сите физички лица што ги исполнуваат следниве критериуми: 

    Работно искуство од најмалку 7 (седум) години, особено релевантно во областа на говорот на омраза, дела од омраза, дискриминација и/или заштита на човекови права; 

    Минимум 5 (пет) обуки посетени во текот на работното искуство во областа на говорот на омраза, дела од омраза, дискриминација или заштита на човекови права; и 

    Минимум 3 (три) обуки во кои кандидатот бил обучувач. 

    Искуството се докажува по пат на приложена кратка биографија (CV) во кои се наведени обуките што се посетувани и обуките каде што кандидатот бил обучувач, којашто треба да содржи и краток опис на содржината на обуките. 
     
    Работни задачи 

    Подготвување на концепт и методологија за спроведување на обуките 

    Утврдување на целите на обуките 

    Подготовка на тестови за учесниците пред одржување на обуката за оценување на моменталните капацитети и тестови за евалуација 

    Подготовка на писмени материјали и вежби за проширување на знаењата 

    Постојана комуникација со проектниот тим на Хелсиншкиот комитет за човекови права за спроведување на сите задачи, вклучително и утврдување на роковите за нивно завршување 

     
    Спроведување на работните задачи 
    Времетраењето на ангажманот ќе започне на почетокот на мај по склучување на договорите со ангажираните лица и ќе трае до завршување на активностите, односно до 15 јули 2025. 
    Еднодневните обуки ќе бидат спроведени во периодот од мај-јуни 2025 година. 
    Хелсиншкиот комитет ќе потпише договор со надворешните соработници каде што ќе бидат дефинирани меѓусебните права и обврски.  

    Начин  на пријавување 
    За пријавување на овој повик кандидатите треба да достават: 

    професионална биографија (CV), вклучително со обуките што се посетувани и обуките каде што кандидатот бил обучувач, којашто треба да содржи и краток опис на содржината на обуките; и 

    финансиска понуда за спроведување на обуките 

     
    Документите за пријавување задолжително да се достават на имејл адресата natasha.petkovska@mhc.org.mk најдоцна до 27.04.2025 година со назнака „Избор на експерт за одржување еднодневни обуки за говор на омраза“. По доставување на пријавите, тимот на Хелсиншкиот комитет ќе ги оценува во неколку чекори: проверка дали се доставени потребните документи; евалуација на персоналните биографии и евалуација на финансиските понуди. 
    За дополнителни прашања, Хелсиншкиот комитет за човекови права ви стои на располагање на горенаведената имејл адреса.   
     
    Скопје, 23.04.2024 година. 
    Оваа активност се спроведува со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на овој документ е единствена одговорност на Хелсиншкиот Комитет за човекови права, и под ниеден услов не ги рефлектира ставовите и позицијата на Европската унија. 

  • Мониторинг на заштита од дискриминација на жени од маргинализирани заедници – инфографик за период од 1 октомври до 31 декември, 2024

    Хелсиншкиот комитет за човекови права спроведува мониторинг на постапувањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) при заштитата од дискриминација на жените од маргинализирани заедници.

    Овој мониторинг е во рамките на проектот „Еднаквост сега – Зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација“, финансиран од Цивика мобилитас, кој го имплементира во партнертство со ХОПС- Опции за здрав живот и Коалиција Маргини.

    Инфографикот го опфаќа периодот од 1 октомври до 31 декември 2024 година.

  • Платформа за борба против корупција: Препораките на Антиорупциската комисија отвораат простор за нови злоупотреби, особено кај јавните набавки

    Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата  реагира на препораките на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), презентирани на јавна седница на ДКСК, а пренесени преку медиумите, во рамки на антикорупциската проверка на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.
    Наместо да придонесе за поголема транспарентност, отчетност и борба против корупцијата, ДКСК, преку своите наводни укажувања за „регулаторни ризици“, испраќа сериозно загрижувачки сигнали за затворање на институциите и креира можности за ограничување на правото на јавноста да знае. Ваквите препораки не само што ја поткопуваат улогата на ДКСК како клучна институција за спречување на корупцијата, туку и директно отвораат простор за нови коруптивни злоупотреби, особено во сферата на јавните набавки.

    Намалена транспарентност – зголемени ризици од коруптивни и штетни јавни набавки

    Прво, ДКСК препорачува да се „преиспита членот што ја регулира обврската за објавување на целокупната документација за јавните набавки. ДКСК смета дека поимот „целокупна документација“ во однос на јавните набавки не е прецизно дефиниран поради што може да се случи да се објават доверливи информации и повреда на правата на трети лица.“
    Платформата укажува дека примената на одредбата од Законот за слободен пристап за пристап до целокупната документација за јавните набавки, концесиите и за договорите за јавно-приватно партнерство (член 10 став 1 алинеја 18) до сега во примената овозможувала зголемена транспарентност и пристап до релевантни документи од страна на граѓанските организации и медиуми. На овој начин беа обелоденети сторени злоупотреби во голем број на тендерски постапки за кои се водат судски постапки, но и се спречени можни коруптивни и штетни јавни набавки.
    Исто така, ДКСК требала да земе предвид дека заштитата на доверливите податоци во јавните набавки веќе е регулирана во Законот за јавни набавки (член 30). Исто така, и укажуваме на ДКСК дека во Законот за слободен пристап уреден е делумниот пристап, како и предвидени се исклучоци во случаи кога е потребна заштита на информации со степен на тајност. Ја потсетуваме ДКСК и јавноста дека во јануари 20205г. веќе беше направено уназадување на заштитата од корупција во јавните набавки со измените на Законот за јавните набавки на тој начин што беше укината управната контрола на јавните набавки што ја спроведуваше Бирото за јавни набавки.  Во услови кога според оценките на сите релевантни меѓународни и домашни чинители корупцијата во јавните набавки е широко распространета и при историски највисок државен буџет, нови задолжувања и секојдневни индиции за злоупотреба на јавните пари, ДКСК дава препораки за ограничување на транспарентноста со што ја поткопува улогата на клучна институција за спречување на корупцијата.

    Препораки со долгорочни негативни последици кои влијаат на независноста

    ДКСК дава насоки за пропишување и допрецизирање на постапка, како и утврдување на рок за Собранието на РСМ во случаите кога констатира престанок на функцијата и разрешувањето на директорот на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер и неговиот заменик, пред истекот на мандатот.
    За Платформата оваа препорака е политички мотивирана затоа што е дадена непосредно по обид на пратеници во Собранието на РСМ да се усвојат измени на Законот за слободен пристап во кои беше предвидено предвремено разрешување на Директорот на Агенцијата во случај кога парламентарното мнозинство нема да го усвои годишниот извештај за работа. И укажуваме на ДКСК дека независните регулаторни тела, како што е Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап, па и самата ДКСК имаат мандат подолг од мандатот на избраните функционери во извршната власт, со цел да бидат партиски и политички независни. За дадената препорака веќе е регулирано во Законот за слободен пристап дека во случај на престанок на функцијата или разрешување на директорот на Агенцијата, до изборот на нов директор на Агенцијата, функцијата на директор на Агенцијата, ја врши заменикот на директорот, со сите овластувања кои ги имал директорот. Така што не може единствен аргумент за оваа препорака на ДКСК да биде „евентуално одолговлекување, селективност и неизвесност во управувањето со институцијата“.

    Препроаки за воведување критериуми со кои ќе се намали постојната транспарентност

    ДКСК се осврнува на обврската на имателите на информации редовно да ажурираат листа на информации со кои располагаат и јавно да ја објавуваат. ДКСК смета дека оваа одредба „нема прецизни критериуми за тоа кои информации треба задолжително да бидат објавени, ниту на кој начин и во кој формат, што остава широк дискрециски простор на имателите на информации да одлучуваат што ќе објават и како. ДКСК смета дека тоа е „ризик од ограничена транспарентност со можност за селективно објавување или прикривање на информации од јавен интерес““.
    Платформата е загрижена што ДКСК нашла ризик од ограничена транспарентност во услови кога во Законот за слободен пристап е утврдена формата за објавување на информациите и документите и тоа: (а) се објавува информација во која било форма што ја создал или со која располага имателот на информацијата согласно со неговите надлежности и (б) се обезбедува пристап до документ без оглед на неговата физичка форма или карактеристики, пишан или печатен текст, карти, шеми, фотографии, слики, цртежи, скици, работни материјали, како и звучни, гласовни, магнетски или електронски, оптички или видео снимки во која било форма, како и пренослива опрема за автоматска обработка на податоци со вградени или преносливи мемории за складирање на податоците во дигитална форма (член 3). Дополнително, загрижува непознавањето на проблематиката од страна на ДКСК кога вели дека „нема прецизни критериуми за тоа кои информации треба задолжително да бидат објавени“. Законот за слободен пристап уредил дека сите информации кои ги создаваат и со кои располагаат институциите, освен исклучоците (член 6) се информации од јавен карактер. Дури има предвидено и институт на „активна транспарентност“, а тоа значи утврдени се  информации кои задолжително треба да објавени без да бидат побарани. Какви критериуми препорачува ДКСК е нејасно, а уште повеќе загрижува што зборуваат за формат не земајќи го предвид најавениот почеток на процесот за подготовка на Законот за отворени податоци и повторна употреба на податоците од јавниот сектор.

    Задоцнети препораки во тек на активен процес за измени на Законот

    ДКСК за прекршочните одредби утврдила постоење несразмера одговорност. Предвидени се само 500 евра глоба за раководното лице ако не назначи службено лице за посредување со информации и не обезбеди информирање на јавноста за тоа лице, но предвидени се и 250 евра казна за службеното лице за повеќе прекршоци  – ажурирање на листата на информации, помагање на барателите, почитување рокови за одговор на барањата. ДКСК препорачала јасно да се разграничи и прекршочната одговорност меѓу раководното и службеното лице за информации во Агенцијата, согласно нивните реални надлежности. 
    За Платформата индикативно е што ДКСК посочува на наводни „регулаторни ризици“ во Законот за слободен пристап, за кој е најавен почеток за изменување на Законот пред 5 месеци, односно на 21 ноември 2024г., а во моментот се одвиваат јавни консултации преку ЕНЕР за предложените измени. ДКСК посочила на несразмерност во одговорноста на одговорните и службените лица, но отсуствуваат предлози што конкретно препорачува. Укажуваме дека граѓанското општество со години наназад се залага за постоење одредби за прекршочна одговорност на одговорните лица   кои неосновано не овозможат пристап до информацииите или го попречуваат службеното лице да го спроведе второстепеното решени за обезбедување пристап до информациите.
    Оттука, Платформата смета дека предлог решенија кои може да влијаат негативно врз борбата против корупцијата, се неприфатливи и спротивни на европските заложби за демократско, инклузивно и стручно креирање на јавните политики.
    Дополнително, Платформата е загрижена што при проверката на Законот за слободен пристап од страна на ДКСК отсуствуваат клучните аспекти на антикорупциската проверка, како што е вклучувањето на повеќе актери, односно при подготовка на Извештајот немаат обезбедено соработка со граѓанското општество што би обезбедило независност и објективност при анализата.
    Потсетуваме дека антикорупциската проверка на (предлог) законите превентивен механизам со цел детектирање, спречување и минимизирање на ризиците во однос на можноста за корупција и судир на интереси кои може да резултираат при спроведување на законите. Со вакви насоки, ДКСК не само што не го унапредува системот за спречување на корупција, туку ризикува да даде легитимитет за политики и практики што водат кон заробување на институциите и недостапност на информациите од јавен интерес, кои во моментов се информации од јавен карактер.
    Ги повикуваме надлежните институции, особено Министерството за правда и Собранието, да ги земат предвид постојните законски механизми и да не подлегнуваат на насоки што ја ограничуваат транспарентноста, која е клучна алатка во борбата против корупцијата.

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор