Радовиш: Жените од руралните средини бараат поголемо учество во одлучувањето и институции поблиску до нивните потреби
Радовиш, октомври 2026 – Поголемо учество на жените од руралните средини во локалното одлучување, подобра информираност, достапни механизми за граѓанско учество и посилна соработка со институциите беа во фокусот на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана во Радовиш.
Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Здружението „Женска акција“ – Радовиш, во рамки на проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“.



Слаѓана Начевска од „Женска акција“ ги презентираше предизвиците со кои се соочуваат жените на терен, посочувајќи дека од вкупно 26 месни заедници во Општина Радовиш, само една има жена за претседателка. Како главни пречки за поголемо учество беа издвоени традиционалните родови улоги, недоволната информираност, економската зависност, ограничениот пристап до превоз и недовербата дека нивните иницијативи ќе доведат до конкретни промени.
Во дискусијата учествуваа претставнички на Општина Радовиш и Општина Конче, членки на женските кружоци од Ораовица и други рурални средини, како и претставнички на граѓанскиот сектор.
Секретарката на Општина Радовиш, Спасија Ефнушева, ги презентираше постојните механизми за комуникација и консултација со граѓаните, а најави и значаен чекор во унапредувањето на родовата еднаквост – воведување задолжителни родови индикатори во сите општински програми, кои ќе бидат разгледувани од Комисијата за еднакви можности пред нивното вклучување во општинскиот буџет.
Претседателката на Комисијата за еднакви можности во Општина Радовиш, Гордана Здравковска, ја истакна потребата од поголема иницијативност и вклученост на жените во процесите на планирање и распределба на општинските средства. Таа посочи дека проблемите со водоснабдувањето, патната инфраструктура и комуналните услови директно влијаат врз секојдневието на жените и нивните семејства.


Како позитивен пример за соработка меѓу женските организации и локалните институции беше претставена Општина Конче. Координаторката за еднакви можности, Тинка Ангелова, сподели искуства за обезбедување бесплатен превоз за жените од руралните средини до Здравствениот дом во Радовиш за мамографски и превентивни прегледи, ангажирање 13 негувателки за поддршка на околу 350 стари и изнемоштени лица, како и обезбедување простор и финансиска поддршка за женските кружоци.
Камелија Јанева, претставничка на женскиот кружок од с. Ораовица и советничка во Општина Радовиш, ја нагласи потребата иницијативите на жените од руралните средини почесто да стигнуваат до Советот, но и да добиваат навремена повратна информација од институциите. Таа посочи дека жените имаат идеи и капацитети, но им е потребна поголема поддршка и охрабрување.
Во отворената дискусија, жените од Злеово и Ораовица ги посочија потребата од соодветен простор за работа на женските кружоци, поголема функционалност на месните заедници и подобра транспарентност на општинските информации. Беше предложено слободните простории во старото училиште во Злеово да се адаптираат за потребите на жените, како и при идните избори за месни заедници да се разгледа воведување задолжителна женска квота.
Меѓу клучните заклучоци од дебатата беа редовно организирање средби и теренски посети во руралните населени места, доследно спроведување на родово одговорно буџетирање, воспоставување механизам за писмена повратна информација за секоја поднесена иницијатива, како и обезбедување здравствена и просторна поддршка за жените и нивните организации.



Дебатата потврди дека жените од руралните средини имаат знаење, искуство и конкретни предлози за подобрување на своите заедници. За нивниот глас да стане дел од локалните одлуки, потребни се институции кои ќе бидат присутни на терен, ќе ги препознаваат нивните потреби и ќе ги претвораат нивните иницијативи во конкретни промени.
Јавната дебата е дел од проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, поддржан од Европската Унија, Кралството Шведска и Фондацијата Kvinna till Kvinna, а имплементиран од Фондацијата Kvinna till Kvinna во партнерство со „Акција Здруженска“ – Скопје и Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово.
Содржината на овој документ е единствена одговорност на Хуманитарното здружение „Мајка“ и партнерите и не ги одразува ставовите на Европската Унија и Кралството Шведска.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Хуманитарното здружение Мајка Куманово





![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52833](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/6176-768x576.webp)


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52827](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/11/04-Pristapot-do-pravda-10.11.jpg)