Прилеп: Жените од локалните заедници со конкретни предлози за поголемо учество во одлучувањето
Прилеп, октомври 2026 – Во Прилеп се одржа јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, посветена на можностите и предизвиците за учество на жените, особено од руралните средини, во процесите на локално одлучување.
Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Здружението за рурален развој „ЛАГ Агролидер“, во рамки на проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“.
Во воведниот дел, Даниела Цветаноска, претседателка на „ЛАГ Агролидер“, ги презентираше искуствата од терен, нагласувајќи дека организирањето на жените и нивната директна комуникација со институциите се клучни за нивните потреби да бидат вклучени во општинските програми и буџети.
Во дискусијата учествуваа претставнички на Општина Кривогаштани и Општина Прилеп, членки на локалните женски кружоци од селата Бела Црква, Кадино Село и Мало Коњари, граѓанки и претставничка на граѓанскиот сектор.



Жените од руралните средини ги истакнаа недоволната информираност, ограничениот пристап до институциите, недостигот од јавни простори за собирање и малата застапеност на жените во месните заедници како главни пречки за нивното учество во локалното одлучување.
Како позитивен пример беше посочено самоорганизирањето на жените од Кадино Село, кои иницирале средби со надлежните институции за решавање на проблемот со водоснабдувањето. Беше отворено и прашањето за зголемување на безбедноста пред училиштето во селото, преку иницијатива за изработка на сообраќаен проект.
Меѓу приоритетните проблеми беа издвоени и управувањето со отпадот, канализациската инфраструктура, јавниот превоз за децата и младите, како и потребата од поголеми капацитети и подолго работно време на градинките.
Посебно внимание беше посветено на транспарентноста на институциите и достапноста на информациите. Учесничките ја нагласија потребата од редовни средби во населените места, навремено информирање преку официјалните канали и јасни повратни информации за поднесените иницијативи.


Дискусијата покажа дека за поголемо и посуштинско учество на жените се потребни:
- Редовни средби на локалната самоуправа со жените од руралните средини.
- Поголема застапеност на жените во месните заедници.
- Подобра информираност и транспарентност на институциите.
- Јасни повратни информации за поднесените иницијативи.
- Подобрување на комуналните услуги, инфраструктурата и условите за грижа за децата.
Јавната дебата потврди дека жените не само што ги препознаваат проблемите во своите заедници, туку се подготвени да се организираат, да предлагаат решенија и активно да ги застапуваат своите приоритети. Следниот чекор е нивните предлози континуирано да се вклучуваат во локалните политики и општинските буџети.
Јавната дебата е дел од проектот „Жените го преземаат водството во локалните заедници“, финансиран од Европската Унија, ко-финансиран од Шведска, а имплементиран од The Kvinna till Kvinna Foundation во партнерство со Акција Здруженска и Хуманитарното здружение „Мајка“ Куманово.
Содржината на овој документ е единствена одговорност на Хуманитарното здружение „Мајка“ и партнерите и не ги одразува ставовите на Европската Унија и Шведска.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Хуманитарното здружение Мајка Куманово





![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52338](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/10/Објава-веб-1.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52334](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/10/MM-Report-Launch_MCMS-e1793197581344-768x432.png)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #52294](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/10/viber_image_2026-10-26_11-56-36-010_MCMS-768x512.jpg)