Naslovna

Повеќе од 80 граѓански организации им ја претставија работата на граѓаните на Фестивалот на Цивика мобилитас

Шестиот по ред Фестивал на Цивика мобилитас „Ден на граѓанските организации“ се одржа на 3 октомври 2026 година, од 11 до 15 часот, во Градскиот парк во Скопје, кај фонтаната „Лотос“. Над 80 граѓански организации од целата земја пристигнаа за да им ги покажат своите активности и резултати на граѓаните. Програмата се одвиваше на главната бина, во пет шатори и во детското катче, а посетителите можеа да разговараат со организациите на штандовите.

„Овој Фестивал е прослава на граѓанскиот активизам и неговиот придонес за општеството и за граѓаните, и сакам да им се заблагодарам и да им искажам признание на организаторите“, рече амбасадорот на Швајцарија, НЕ Кристоф Сомер во своето обраќање до присутните. Амбасадорот потсети дека Швајцарија речиси 15 години ги поддржува организациите на граѓанското општество во Северна Македонија и нагласи дека демократските општества се под притисок, а дека организациите треба да се потпираат на веродостојни информации и да создаваат простор за добро втемелена дебата. „Ова е добар момент ние, како граѓани, да се потсетиме на клучната улога на активното и живо граѓанско општество за нашите демократии. Во тој дух, особено сум среќен што гледам сè поголем број посетители, граѓани заинтересирани за работата на организациите на граѓанското општество. Повторното поврзување на организациите со граѓаните, помагањето да ги консолидираат своите заедници и зголемувањето на довербата на граѓаните во организациите на граѓанското општество се важни цели на Цивика мобилитас и клучни предизвици во овие времиња“, рече Сомер.

Директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, нагласи дека организациите своите постигнувања ги претставуваат токму пред оние за кои работат. „Затоа ги поканувам сите да ги посетат штандовите, да разговараат со организациите и да се уверат колку многу може да направи граѓанското општество кога е поврзано со граѓаните“.

Граѓанските организации, учесници на Фестивалот се потрудија да им ја приближат својата работа на граѓаните преку интересни и едноставни примери. Подолу ви пренесуваме дел од активностите низ неколку теми.

Центарот за климатски промени од Гевгелија и Фондацијата за локален развој и информатички технологии од Гевгелија им покажаа на посетителите како да ја намалат потрошувачката на струја преку правилни навики и соодветен избор на уреди. Со уред за мерење на потрошувачката споредија апарати за домаќинство со различна потрошувачка. „Целта на денешната работилница е граѓаните да се информираат како можат да заштедат електрична енергија во домовите. Кога ќе видат колку струја троши секој уред, можат полесно да препознаат каде има простор за заштеда“, рече Филип Стојановски од ЦКП.

Учениците од основното училиште Саид Најдени од Дебар, со поддршка на Центарот за одржлив развој во заедниците од Дебар, поставија едукативна патека за климатските промени. Посетителите минуваа покрај табли со причините и последиците од климатските промени и со можностите за заштита и приспособување. Содржината ја подготвија самите ученици, преку истражување и обработка на информации.

Центарот за ресурси во животната средина (РЕЦ), заедно со Еко-логик и Флорозон, ги изложи производите што учениците ги создадоа на натпреварот „Зелени бизнис идеи“. На штандот имаше екоизолациски плочки, еколошка креда од лушпи од јајца, парфем од кора од портокал, етанол, еколошки сапун од прегорено масло, чинии од скроб добиен од отпад од компир и пелети од лушпи од јаболка. Трите организации одржаа и експериментални работилници за преработка на био-отпад. Едната група работеше со лушпи од јаболко и од нив добиваше пектин, природен засладувач, а другата од прегорено масло добиваше биодизел. „Целта на работилницата е да ги научиме децата дека е возможно органскиот отпад или био-отпад да се трансформира во корисни продукти“, рече Тамара Радовановиќ Анѓелковска, од РЕЦ. „Супер е што имаме прилика да работиме на ваква важна тема, да користиме професионална опрема и да научиме како да рециклираме, преработуваме и добиваме нови употребливи продукти, при што ќе направиме нешто позитивно за животната средина“, изјави еден од учесниците во експериментот, средношколец.

Еколошкото здружение Екозвон од Скопје го претвори штандот во место за разговор со порака „Не дојдовме да ви кажеме што треба да мислите за животната средина, дојдовме да ве прашаме што можеме заедно да направиме.“ Велат дека сакале да видат што мислат граѓаните за животната средина и да им дадат предлози кои понатаму ќе бидат клучни во барањето промени пред надлежните институции. „Верувам дека промената започнува од луѓето кои решиле да не бидат само публика“, изјави Слаѓана Стаменковска од здружението.

Оваа година, на исто место со фестивалот свој настан за биодиверзитетот, имаше и Слоу фуд Водно, кој организираше тематска дискусија за училишните градини. Проектот „Училишни градини“ веќе 13 години се спроведува во основни училишта низ земјата. Василка Стефановска, координаторка на проектот, објасни дека практичната работа им овозможува на децата непосредно да го следат целиот процес, од сеење и садење до добивање храна. „Целта е децата од најмала возраст да имаат контакт со природата, да учат за сеење и садење и да го следат патот од семе до трпеза. Со ова предавање сакаме посетителите да ги запознаеме со нашите активности, да станат дел од проектот и заедно да ја заштитиме животната средина“, рече Стефановска. Покрај училишните градини, организацијата спроведува и работилници на отворено. „Научивме која е целта на училишните градини и како тие ги доближуваат децата до природата, но и како ги поттикнуваат тимската работа и креативноста. Ни беа покажани и практични примери од училишните градини“, рече Матилда Бакова, наставничка во ООУ „Вера Циривири-Трена“.

ХЕРА, Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување на штандот понуди информации за сексуалното и репродуктивното здравје, ХИВ, менталното здравје и родово заснованото насилство. Посетителите можеа да направат доверливо и бесплатно тестирање за ХИВ, да подигнат тестови за самотестирање, тестови за бременост и контрацепција, како и флаери. Се запознаа и со младинските центри Сакам да знам, ММ центарот за советување и поддршка на момчиња и мажи во криза и Првиот семеен центар. „Нашата цел е да ги приближиме информациите, превенцијата и услугите до граѓаните. Веруваме дека информираноста, превенцијата и навремениот пристап до поддршка се клучни за луѓето да можат да се грижат за своето здравје и да носат информирани одлуки“, изјави Горан Јакимоски од ХЕРА.

Интерактивни игри за пристапот до здравствени услуги и превенцијата на ХИВ и сексуално преносливите инфекции им понуди на граѓаните Здружението за здравствени политики и права „Заедно посилни“ од Скопје, организација на луѓе што живеат со ХИВ. Квизот за митови ги предизвика посетителите да ги проверат знаењата. На ѕидот на грижата за себе граѓаните оставаа свои пораки. „Фестивалот на Цивика мобилитас е одлична можност да ја претставиме нашата организација и нејзините цели и да најдеме сојузници за нив меѓу останатите“, истакна Андреј Сениќ од здружението.

Здружението ХОПС, Опции за здрав живот Скопје, кое работи на намалување на штетите од дрога и на превенција на ХИВ, ги претстави програмите за социјална вклученост на ранливите и маргинализираните заедници. Посетителите можеа да купат изработки од работилниците за креативно изразување, во кои учествуваа корисниците на ХОПС и така остварија скромен економски приход. Граѓаните добија и печатени материјали за намалување на штетите од употребата на дрога. „Важно е ХОПС да биде присутна на овој настан бидејќи тоа е можност директно да претставиме дел од нашата работа, искуствата од терен и проблемите со кои се соочуваат луѓето со кои работиме. Присуството тука ни дава видливост, можности за поврзување со други организации и прилика јасно да покажеме зошто работата на ХОПС е важна“, изјави Ирина од ХОПС.

Здружението за помош и поддршка на лица со афазија ХОУП, одржа работилница за подигнување на свеста за оваа состојба. Ленка Угриновска, претседателка на Здружението на жени менаџери „ЕЛИТ“ и членка на ХОУП, нагласи дека афазијата не е болест, туку невролошка состојба која најчесто се јавува по мозочен удар или повреда на мозокот. Таа може да ги наруши говорот, читањето, пишувањето и разбирањето, но не и интелигенцијата, мислите и чувствата. Угриновска ја пренесе и приказната на адвокатката Мирјана Марковска, основачка на ХОУП, која по мозочен удар се соочила со афазија. „Никој во борбата не треба да биде сам. Заедно можеме да создадеме општество во кое секој ќе може да комуницира и да живее достоинствено“, рече Угриновска. Меѓу учесниците беше и 29-годишната Јасмина Ивановска-Филиповски, членка и правничка во ХОУП, која и самата се соочила со афазија по мозочен удар. „Имав тежок период, но го поминав. Денес работам, имам две деца и активна сум во ХОУП за да им помогнам на другите лица со афазија. Јас сум пример дека не треба да се откажеме“, рече таа.

Институтот за демократија Социетас цивилис Скопје (ИДСЦС) преку интерактивни квизови им го приближи на граѓаните функционирањето на институциите, доброто управување, Собранието и европските интеграции. Прашањата се однесуваа на бројот на пратеници и траењето на нивниот мандат, на Реформската агенда, на Планот за раст и на институциите што се борат против корупцијата. Учесниците добија награди. „Една од целите на интерактивните квизови е да ги едуцираме граѓаните и да ја зголемиме нивната свест за темите на кои работиме. Но, исто така, сакаме да придонесеме кон зајакнување на довербата меѓу граѓанските организации и граѓаните, како и на довербата меѓу луѓето во општеството воопшто. Довербата е важен дел од социјалниот капитал“, изјави Миша Поповиќ, програмски директор на ИДСЦС.

Центарот за граѓански комуникации ја претстави веб-платформата Open Data, преку која граѓаните гледаат како се трошат јавните пари. Со алатката „Каде одат моите пари“ посетителите добиваа пресметка колку даноци и придонеси плаќаат на дневно ниво според висината на платата. Многумина се изненадија од износот. „Кога луѓето знаат колку издвојуваат, повеќе сакаат да се вклучат во креирањето на буџетот и бараат поголема одговорност за трошењето на јавните пари“, истакна Герман Филков од ЦГК.

Македонското здружение на млади правници (МЗМП) постави интерактивна изложба „Скопје е повеќе од разгледница“, која започнува со прашањето „Што не гледаме кога го гледаме Скопје?“. Во основа на изложбата се состојби поврзани со дискриминација, па под туристичките разгледници посетителите откриваа факти што официјалната слика на градот ги прескокнува. Посетителите пишуваа разгледница до надлежната институција, која МЗМП ќе ја достави, и одговараа на прашањето „Која разгледница недостасува?“ на празни разгледници или во кратка анонимна анкета. „Секој од нас знае едно Скопје што го нема на разгледниците. Сакаме тоа Скопје да го видат и институциите“, изјави Мартина Дранговска Мартинова од МЗМП. На штандот граѓаните добиваа и информации за бесплатна правна помош.

Претставници од Програмата за парламентарна поддршка – НДИ одржаа обука за законодавно застапување. Форумот за разумни политики и БИРС прикажаа документарен филм, „Универзитетите на раскрсница: реформите, автономијата и иднината“, додека Националниот ромски центар пак, прикажа видео презентација за животот во ромските населби.

Младите од Сојузот на средношколци од Тетово, покрај тоа што го отворија фестивалот со музички настапи, беа дел од  младинскиот мини-фестивал „Гласот во акција“ што го организираа ЖГИ Aнтико и Адрион заедно со „Секогаш Соживот“. Унијата на средношколци од Тетово (НИМБУС) работеше со посетителите на интерактивни работилници во текот на целиот фестивал. Учениците ја претставија соработката меѓу училиштата, волонтерството и ангажманот во заедницата. Со презентацијата „Гласот на учениците“ ја објаснија улогата на ученичкото организирање, а во катчето „Мојата идеја за училиштето“ посетителите оставаа предлози за промени. Во рубриката „60 секунди“ младите ја раскажуваа својата приказна и она што го научиле преку активизмот, а со активноста „Нацртај го својот глас“ создадоа колективно дело на темата „Како изгледа гласот на младите?“.

Програмата „Гласот има многу форми“ донесе музика, рецитали и настапи на ученици. Учениците од средното медицинско училиште во катчето „Знаењето во служба на здравјето“ мереа крвен притисок и ниво на гликоза, а учениците од текстилното училиште ја претставија изложбата „Од идеја до облека“ со скици, материјали и готови облеки. Млади уметници цртаа карикатури за посетителите, а со инсталацијата „Мојот глас за заедницата“ публиката ги искажуваше промените што сака да ги види во својата заедница.

Институтот за човекови права од Скопје разговараше со младите за врсничкото насилство. Институтот соработува со основни и средни училишта и посебно се фокусира на булингот кон девојчињата. Им објасни на младите дека по навршени 14 години можат да сносат кривично-правна одговорност за своите постапки. Како давател на бесплатна правна помош, Институтот им понуди советодавна поддршка на посетителите што сакаа да дознаат кому да се обратат ако се соочат со насилство.

Работилницата на РастУм беше посветена на мнемоничка техника за помнење. Децата со замислување ги учеа фазите на растење на растението. „Фазите на растење, можеби звучат комплицирано за помнење, но кога ќе го визуелизираме тој процес, можеме полесно да ги запомниме“, изјави Марија Хана Трајкоска, ко-основач, едукатор и организатор во РастУм. „Оваа работилница е за секој што сака на креативен начин да ја развива меморијата и на креативен начин да ги научи фазите на растење и развивање на едно растение“, додаде едукаторката Тијана Костеска.

Здружението за едукација на деца и млади „Моќни млади“ од Скопје ги вклучи децата од 5 до 14 години во едукативната игра „Тркало на знаење“. Прашањата ги опфаќаа правата на децата, добрината и волонтирањето, здравата храна, екологијата и односите во семејството. Еден од предизвиците беше детето да му каже комплимент на член на семејството. За родителите здружението го отвори катчето „Прашај педагог“, за прашања поврзани со училиштето, мотивацијата за учење, односите со врсниците и родителските стилови.

Слоу фуд Водно им приреди на децата работилница за садење растенија и цртање „Сееме, садиме и се подготвуваме за нашата градина”, а кај магионичарот Кристијан Шопов – Кико Магико, очекувано, беше преполно со деца па се случи цела ерупција од смеа, радост и џагор.

Организацијата Ослон ја покажа „Силата на добрите зборови“. Децата заедно цртаа дрво и на него ги закачуваа зборовите со позитивно значење, како љубов, другарство, почит и поддршка. „Целта на работилницата е да ги поттикнеме децата да ги препознаваат и изразуваат своите емоции на позитивен начин, да научат како да ја канализираат негативната енергија и преку заедничка работа да развиваат соработка и позитивно однесување“, посочија од Ослон. „Го напишав зборот другарство затоа што е позитивен и убав збор. Тој е дел од мојот живот и имам многу другарства кои ги сакам и ги негувам“, сподели еден од учесниците.

Дигиталните технологии ги опфатија претставниците на СФЕРА Интернешнал и ИМКА Битола. СФЕРА Интернешнал, одржа работилница за пишување сценарио за ризиците од користењето на дигиталните технологии. Учествуваа шест лица, а работилницата ја водеше Мартин Мојановски, проектен асистент во СФЕРА Интернешнал. Преку приказна за 17-годишна средношколка, учесниците разговараа за притисокот што го создаваат социјалните мрежи: споредувањето со идеализирани животи, нереалните очекувања и нарушувањето на приватноста. Во сценариото, по расправија, момчето објавува приватни фотографии од девојката без нејзина согласност. Преку овој пример, учесниците го отворија и прашањето за дигиталното насилство. Учесниците го менуваа однесувањето на споредните ликови за да разгледаат како навремената поддршка може да го промени текот на настаните. Зборуваа за улогата на врсниците, пријателите и семејството, како и за помошта од психолог, педагог, социјален работник и полицијата. Мојановски нагласи дека е важно да се испита дали предложените решенија би помогнале и во реалниот живот. „Откако еднаш ќе споделиме порака, фотографија или локација, веќе немаме целосна контрола каде ќе заврши таа содржина. Затоа треба внимателно да размислуваме што и со кого споделуваме“, истакна Мојановски. Тој додаде дека родителите треба отворено да разговараат со децата за нивните активности на интернет. „Ако сакаме, можеме да најдеме решение – да споделуваме селективно, да ја чуваме приватноста и да ги едуцираме и децата и родителите“, посочи една од учесничките.

Учесниците заклучија дека навременото препознавање на ризиците, отворената комуникација и дигиталната писменост се клучни за побезбедно користење на дигиталните технологии.

ИМКА Битола одржа бесплатен час за дигитално образование. „Дигиталното образование треба да биде бесплатно и достапно, бидејќи не секој може да си дозволи платени курсеви, софтвер или соодветна опрема. Платформата HP LIFE ги нуди овие содржини бесплатно, а ние им помагаме на луѓето да ги користат“, истакна Виктор Илиев, извршен директор на организацијата. За пристап до HP LIFE, корисниците прво се регистрираат со адреса за е-пошта и отвораат профил. Потоа можат да изберат меѓу повеќе од 30 бесплатни курсеви од различни области. Учат со сопствено темпо и по успешно завршување на секој курс добиваат сертификат.

ИМКА Битола ја спроведува програмата од 2023 година и годишно опфаќа околу 700 млади, од седмо одделение до четврта година средно образование. „Курсевите се корисни и за приватниот и за професионалниот живот. Ова искуство ме мотивира да продолжам да учам и да ги споделам можностите со наставниците и учениците во моето училиште“, рече Ениса Рамиќевиќ, наставничка по босански и македонски јазик.

Учесниците можеа да стекнат и практични вештини благодарение на ЗУР Македонски ракотворби и „Бисер“ кои преку креативни работилници им овозможија на најмладите посетители да научат како се изработуваат алки, накит и модни додатоци од природни материјали, а воедно да се запознаат и со традиционалните техники на плетење. На работилницата на ЗУР „Македонски ракотворби“, Гордана Лазаревска, секретар во здружението, објасни дека ваквите активности, покрај забавата, имаат цел да ја поттикнат детската креативност. „Денес изработувавме алки приспособени за мали деца и тие научија сами да создаваат уникатни парчиња. Со ваквите активности се развиваат и вниманието и концентрацијата“, вели Лазаревска

Снежана Jaнкуловска од „Бисер“ – Битола, пак, на посетителите им ја претстави традиционалната техника на плетење „чингелаке“, како и изработката на накит и модни додатоци од природни материјали. Преку практична работа, учесниците се запознаа со вештини кои се пренесуваат од генерација на генерација. „Со овие активности се обидуваме да ја зачуваме традицијата на плетење со техниката чингелаке и да им ја пренесеме на младите, за тие да можат да ја продолжат. Плетењето ја развива моториката кај децата, а кај повозрасните е добар начин да останат активни“, вели Јанкуловска. „Многу ми беа интересни работилниците. Научив како се плете со ластичиња, а видовме и како се изработува накит од природни материјали. Ми беше интересно да научам нешто ново“, рече Нина Хачик, која се вклучи во двете активности. Работилниците покажаа дека традицијата може да им се доближи на најмладите преку практични, креативни и забавни активности.

„Секогаш соживот“ одржа обука за шминкање. Здружението, преку курсеви за жени и млади девојки работи на развивање практични вештини кои можат да им помогнат во нивното вклучување на пазарот на трудот и економското зајакнување.  Учесничките на курсот за шминкање практично ги претставија знаењата и вештините што ги стекнале. Тие шминкаа посетителки на штандот, а воедно го покажуваа процесот и различните фази на шминкање. „Оваа активност е дел од проект во чии рамки организиравме курсеви за жени и млади девојки, со цел нивно активно вклучување на пазарот на трудот и економско зајакнување. Денес нашите учеснички ги презентираа знаењата и вештините што ги стекнаа на курсевите. Она кон што се стремиме е силна жена, силно општество и силна иднина“, рече Умуѓулсум Јусуфовска од „Секогаш соживот“. „Интересно ми беше да ги видам различните фази на шминкањето и да научам некои важни детали. Денес научив и дека прво се започнува со очите, а потоа се преминува на лицето“, рече Фулиа Јусуфовска, учесничка во активноста. Преку ваквите активности, „Секогаш соживот“ ги поврзува обуките со практична примена на стекнатите знаења, со цел жените и младите девојки да добијат вештини кои ќе им помогнат при вклучувањето на пазарот на трудот и градењето поголема економска самостојност.

Додека сите овие активности се случуваа, атмосферата ја засилуваа музичарите. Бендот The Ringtones, а потоа и DJ UX, Андреја Јовановски, заедно направија фестивалот да биде уште позабавен и да привлече повеќе од 1000 посетители кои дојдоа, се вклучија и се дружеа со граѓанските организации, активистите и воопшто луѓето од граѓанскиот сектор.

Веруваме дека придонесовме за подобро разбирање на улогата на граѓанските организации, се надеваме дека тоа ќе ги мотивира граѓаните да станат дел од активностите, заедно да го јакнеме граѓанскиот активизам и да се бориме за подобро општество за сите!

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор