Како да се слушне гласот на граѓаните? РЕСИС организираше работилница и дебата во Велес
Како граѓанските барања и проблеми да бидат повидливи и слушнати од локалната власт? Токму ова прашање беше во срцето на работилницата и јавната дебата што Институтот РЕСИС ја одржа во Велес со граѓани и со претставници на општините од Вардарскиот Регион.
На настанот беше презентирана анализата на РЕСИС, во која споредувавме колку од барањата на граѓаните, кои ги собиравме преку директни средби, се содржани во изборните програми на актуелните градоначалници. Анализата покажа дека во четирите општини од Вардарскиот Регион (Велес, Кавадарци, Неготино и Свети Николе), речиси половина од проблемите не се адресирани во изборните програми на градоначалниците.
Главните проблеми што ги преокупираат граѓаните од Вардарскиот Регион беа екологијата и отпадот, како и грижата за стари лица и социјалната заштита генерално. Дополнително меѓу барањата што ги собиравме, често се споменуваа и проблеми во здравствениот дел, иселувањето на младите, проблеми во водоснабдувањето како и неконтролираната популација на бездомни кучиња.
Пред претставниците на општините беа презентирани и дел од сториите на „Локал Актив“ на кои активно работевме во изминативе години — приказни каде што новинари и активисти не само што пишувале за важни локални теми, туку конкретно се заложиле за решавање одредени проблеми и постигнале реална промена во локалните средини.
Во јавната дебата што следуваше, граѓаните и општинските службеници разменуваа предлози, коментари и позитивни примери за тоа како да се подобри работата на локалната власт. Еден од најпроблематичните аспекти беа каналите преку кои граѓаните комуницираат со локалната власт и начинот на кој можат да пријават проблеми и да иницираат промени.


Од РЕСИС нагласија дека и понатаму ќе следат колку од барањата на граѓаните и од ветувањата на градоначалниците ќе бидат исполнети, а преку „Локал Актив“ ќе се актуализираат голем дел од овие теми што граѓаните ги споделуваа.
На настанот, одржан на 20 мај, беше презентирана и платформата „Локал Актив Вардар“, каде што новинари и активисти заеднички подготвуваат истражувачки стории и се борат за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните од овој регион.
Игор Мицевски од Институтот РЕСИС го презентираше концептот зад медиумите на заедницата „Локал Актив“. Тој посочи дека замислата на овие медиуми е да придонесуваат за заедницата преку пишување и застапување за важни проблеми што ги засегаат граѓаните во нивните региони. Истовремено истакна дека е важно да се манифестираат барањата на граѓаните, со што ќе станат политички повидливи, а со тоа ќе се овозможи простор активистите да бараат нивно решавање преку процесот на застапување.
Работилницата, пак, ја водеше Билјана Георгиевска, извршна директорка на Советот за етика во медиумите на Македонија, која ја подвлече важноста на медиумите на заедницата. Низ практични примери, и низ дискусија со присутните, таа демонстрираше како овие медиуми обезбедуваат простор за маргинализираните гласови и го јакнат демократското учество.



Георгиевска напомена дека бидејќи локалните теми често се занемарувани од поголемите, комерцијални медиуми, постои огромен празен простор што медиумите на заедницата, како „Локал Актив“, можат и треба да го пополнат.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на РЕСИС институт


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #47858](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/05/Foto_9.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48251](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/06/2-7-768x960.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48229](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/06/kacamak_guse_vule-1024x578-1-768x434.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48231](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/06/712306485_1524434689428855_23387101925297955_n-1024x462-1-768x347.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #48233](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/06/D0A4D0BED182D0BE_7-768x510.jpg)
