Nastan fimi 19 05 2026 1024x683

Изборите се ранлив момент кога граѓаните се изложени на манипулации и надворешни влијанија

На 19 мај, во Скопје, Фондацијата Метаморфозис во соработка со International IDEA го организираше настанот „Зајакнување на отпорноста кон изборни манипулации со информации“, посветен на справувањето со странското мешање и манипулациите со информации (ФИМИ), дезинформациите и заканите по изборниот интегритет. Настанот се реализираше во рамки на проектот „Справување со изборно поврзани манипулации со информации и странско влијание“, поддржан од Global Affairs Canada.

Настанот обедини претставници на институции, регулатори, меѓународни организации, медиуми, граѓански организации и експерти од земјата и регионот, со цел да се отвори стратешки дијалог за зајакнување на отпорноста на демократските процеси и изборите кон дезинформации и координирани информациски влијанија.

На свеченото отворање се обратија Бардил Јашари, извршен директор на Фондацијата Метаморфозис, Кушбу Агравал од International IDEA, Микаел Атерог од Амбасадата на Шведска, Вилма Дамбраускиене, амбасадорка на Литванија, како и Марија Митева, портпаролка на Владата. Онлајн обраќање имаше и Мари Софи Пејр од Директоратот за проширување на Европската комисија.

Во своето обраќање, Јашари истакна дека изборите се особено ранлив момент кога граѓаните се изложени на манипулации и надворешни влијанија, а дезинформациите имаат за цел да ја ослабнат довербата во институциите, медиумите и демократските процеси. Тој нагласи дека спротивставувањето на ФИМИ не претставува ограничување на слободата на говор, туку заштита на отворената и информирана демократска дебата.

Според податоците од истражување на Метаморфозис, 65 проценти од граѓаните ја препознаваат сериозноста на проблемот со дезинформациите, додека 74 проценти очекуваат институциите да одговорат со конкретни мерки, функционални системи и навремена комуникација.

Марија Митева, портпаролка на Владата, посочи дека странското мешање и манипулациите со информации претставуваат сериозен демократски и безбедносен предизвик и нагласи дека Владата работи на координиран институционален пристап, вклучително и преку новата сајбер стратегија и формирањето меѓуинституционална работна група за справување со дезинформациски кампањи.

Микаел Атерог од Амбасадата на Шведска посочи дека и неговата земја не е имуна заканите со дезинформации, а општествена отпорност особено се тестира за време на изборите. Тој посочи дека земјата од 2021 година има постојана изборна мрежа составена од разни институции кои учествуваат и споделуваат знаења за правилно спроведување на изборите. Посочи дека не само институциите, туку и секој граѓанин може да даде свој придонес во процесот, заради што се работи и на јакнење на јавната свест за ширењето на дезинформациите.

Во рамки на дискусиите беше нагласено и дека земјите кандидатки за членство во Европската Унија, меѓу кои и Северна Македонија, треба поактивно да бидат вклучени во Европскиот демократски штит, со цел заеднички да придонесуваат кон зајакнување на демократската отпорност во Европа.

На панелите учествуваа претставници на Државната изборна комисија, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Министерството за одбрана, како и експерти и претставници на меѓународни организации, меѓу кои European Trust Alliance и European Fact-Checking Standards Network.

Бојан Маричиќ, претседател на Државната изборна комисија, посочи дека во дигиталната ера изборниот интегритет не зависи само од физичката безбедност на изборниот процес, туку и од способноста институциите брзо да реагираат на координирани дезинформациски кампањи. Според него, недоволната регулација на онлајн просторот и слабата институционална координација претставуваат сериозни слабости кои ги користат хибридните закани.

Горан Ризаов од Метаморфозис нагласи дека странското штетно влијание најчесто ги користи постојните слабости во системот – ниската доверба во институциите, политичката поларизација, слабата медиумска писменост и нерегулираните социјални платформи – што создава погодна средина за ширење на дезинформации.

Во вториот дел од настанот, меѓународни експерти дискутираа за европските искуства и механизми за справување со дезинформации и хибридни закани. Роб ван Бик од European Trust Alliance зборуваше за улогата на вештачката интелигенција и важноста од поврзување на земјите од Западен Балкан со европските иницијативи за медиумска писменост и демократска отпорност. Миндаугас Лашас од Министерството за надворешни работи на Литванија ги сподели искуствата на Литванија во справувањето со „невоени закани“, како дезинформации и сајбер напади, додека Клеманс Лонгли од Европската мрежа за стандарди во проверка на факти зборуваше за потребата од механизми за брза реакција и поддршка на факт-чекерите во кризни ситуации.

Настанот заврши со практична работилница и симулација на информациски напад за време на избори – прва ваква симулација организирана во земјава – на која претставници на граѓанскиот сектор работеа на сценарија за брза проценка на штета, комуникација со јавноста и координација со институциите во услови на дезинформациска криза.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Метаморфозис

Продолжи со читање

  • Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест

    Зад секоја вест за насилство врз дете, стојат дете со нарушено чувство на сигурност, семејство кое живее во страв и неизвесност; и заедница што треба да се запраша дали можела да стори нешто порано. Но, не секое насилство станува вест. Некои деца молчат од страв […]
    The post Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест appeared first on Myla.

  • Eco Social Voices претставен на YCDF Skopje Local Point: Младите како двигатели на климатските промени

    Климатската акција започнува со младите, нивните идеи и можноста активно да учествуваат во создавањето промени. Во Europe House во Скопје, Еко Логик, во партнерство со Youth Climate Diplomacy Forum (YCDF), го претстави проектот Eco Social Voices на презентацискиот настан посветен на YCDF Skopje Local Point. Настанот беше можност за запознавање со целите, визијата и активностите […]

  • Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување

    На 16 и 17 октомври 2026 година, Институтот за европска политика (ЕПИ) го организираше првиот модул за обука во рамките на проектот „Decode the EU – Communicating EU policies together“ во Струмица. Дводневната работилница собра 10 новинари од различни медиуми, со цел да се зајакне аналитичкото известување засновано на докази за процесот на пристапување на […]
    The post Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување appeared first on EPI.

  • Извидниците од Велес волонтерски работеа на санирање на конференциската сала во ИЦО – Охрид

    Членовите на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, Валентин Јанкуловски, Благој Јорданов и Владимир Ивановски-Вуцо во периодот од 16 до 18 октомври 2026 год. во извидничкиот центар “Охрид“ во Охрид работена на санирање на Конференциската сала на ИЦО – Охрид. Со превземените активности од страна на нашите одредски членови ја…

  • Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација

    Силните економии се градат врз силни партнерства. Finance Think и British Business Association in North Macedonia – Британската бизнис-асоцијација во Северна Македонија вчера потпишаа Меморандум за разбирање, поставувајќи основа за поблиска соработка за прашања важни за бизнис-секторот, носителите на политики и општеството. Партнерството ја поврзува широката деловна мрежа на Британската бизнис-асоцијација со економските истражувања и […]
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација first appeared on Finance Think.
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација appeared first on Finance Think.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор