Само ни треба шанса!
Млади од Полошкиот регион бараат услови за останување, не причини за заминување.
„Секој втор мој пријател веќе е во Германија. Јас уште се двоумам, сакам да останам, но не гледам перспектива”, вели Арбен, 24-годишен програмер од Тетово, кој секој ден се наоѓа пред истото прашање: да остане или да замине. Поголемиот дел од неговите врсници веќе ја донеле одлуката.
Неговата приказна не е изолиран случај. Таа ја отсликува реалноста на илјадници млади од Полошкиот регион кои секојдневно размислуваат за заминување. Зад статистиката стојат човечки приказни, надежи, разочарувања и семејства кои ги испраќаат своите деца во странство.
Бројките зборуваат, но луѓето зборуваат погласно
Емиграцијата на младите е еден од најдискутираните феномени во општеството, кој отвора сериозни прашања за иднината на земјата. Според истражувањето „Состојбата и причините за миграцијата на младите од Полошкиот регион“, спроведено во ноември 2024 година како дел од проектот „Зајакнување на младите: поттикнување на граѓанскиот ангажман и претприемништвото во Полошкиот регион“, половина од младите во Полог (50,4%), сметаат дека заминувањето најчесто се случува веднаш по завршувањето на средното образование. Одговорите дојдоа од над 500 млади на возраст од 15 до 29 години, анкетирани преку социјалните медиуми, средните училишта и факултетите во Полог.
Главните мотиви се јасни: подобар животен стандард (80%) и подобри можности за вработување (78%).Интересен е податокот дека дури 87,10% од испитаницитекои емигрираат не се членови на политички партии. Ова јасно укажува на заморот од партизацијата кај младите и недовербата кон политичките партии.

За жал, системот понекогаш обесхрабрува наместо да даде поддршка на младите, како во случајот на Ана, 23-годишна дипломирана економистка која сонува да отвори маркетинг агенција. Кога ги направила првите чекори кон остварување на таа идеја, наишла на препреки.
„Имам идеи и енергија, но кога ќе дојдам до општината, се губам во хартија и бирократија. Се чувствувам како да ми велат: ‘Не си добредојдена'”, раскажува таа.
Нејзиниот впечаток не е единствен. Многу млади ја повторуваат истата порака: „Не е само платата. Сакам да работам во фер систем, без партиски книшки и врски. Сакам да знам дека мојата работа се вреднува.“
Овие гласови ја потврдуваат реалноста, младите не заминуваат затоа што сакаат, туку затоа што чувствуваат дека немаат избор.
На овие предизвици директно одговори проектот „Зајакнување на младите: поттикнување на граѓанскиот ангажман и претприемништвото во Полошкиот регион”, спроведен од четирите организации: АДИ (Асоцијација за демократска иницијатива) Гостивар, Центарот за едукација и развој Теарце, Институтот за лидерство и јавни политики Тетово и Институтот за социјална промена ИнСоК Тетово, со поддршка на Цивика мобилитас.

Во текот на 2025 година, низ неколку општини од Полошкиот регион, повеќе од 150 млади за прв пат седнаа на маса рамноправно со успешни претприемачи и граѓански активисти. Пет настани за вмрежување им овозможија нешто што ретко го наоѓаат во секојдневието, простор да разговараат, да споделат искуства и да создадат контакти за идни иницијативи.
Паралелно со тоа, младите поминаа низ дводневни обуки за граѓански ангажман и за претприемништво, каде стекнаа практични лидерски вештини применливи во реалниот живот. На работилниците за локално граѓанско застапување научија како да го кренат гласот таму каде што одлуките навистина се донесуваат. На јавните дебати, наодите од истражувањето за миграцијата беа дискутирани отворено со засегнатите страни. Во Гостивар се одржа заеднички настан за промоција на традиционалните занаети и вредности, а во Теарце граѓанските организации и локалните производители на храна беа собрани на едно место. Идејата на организациите спроведувачи на проектот е да ги зајакнат капацитетите за лидерство и претприемништво на најмалку 190 млади од Полог, а веќе подготвениот документ за јавни политики со предлози за конкретни решенија за миграцијата да го разговараат со локалните самоуправи и релевантните чинители во регионот.

Бизнис секторот и општините, клучот е во нивните раце
За да останат, на младите им требаат конкретни услови: стабилни и добро платени работни места, можности за професионален развој, инклузивна работна култура без партиски влијанија и поддршка за стартапи и иновации.
„Ако имавме фондови за стартапи, многу од нас ќе останеа. Не бараме милостина, бараме шанса”, вели Ана.
Општините во Полошкиот регион имаат клучна улога во создавањето на таа клима преку индустриски зони, даночни олеснувања, инвестиции во инфраструктура и поддршка на младински претприемачки иницијативи. Таа улога ја препознава и Азра Садики, службеник за млади во општина Гостивар.
„Знаеме дека младите си заминуваат. Ако не вложиме во нив, ќе останеме со празни села и градови. Нашата задача е да им дадеме причина да останат”, истакнува таа.

Полог има потенцијал, само треба некој да го препознае. И покрај сите предизвици, Полошкиот регион крие значителни потенцијали: поволна географска позиција за регионална трговија, младо население кое може да биде двигател на промени, богата културна разновидност и природни ресурси за агробизнис и еко-туризам.
„Имаме планини, имаме земја, имаме култура. Само ни треба систем што ќе го препознае тоа”, вели Арбен.
Создавањето подобри услови за бизнис секторот во регионот е неопходно за да се отворат атрактивни работни места и да се задржат младите. Но тоа бара политичка волја и активна улога на локалната самоуправа. Општините не смеат да бидат само администратори, тие треба да бидат вистински двигатели на економскиот развој.
Ако младите видат перспектива, тие ќе останат. Ако не, ќе продолжат да заминуваат.
„Сакам да останам. Сакам да градиме тука, да живееме тука. Само ни треба шанса”, вели Ана.








