[Aggregator] Downloaded image for imported item #43708

ЗНМ поднесе претставка до Адвокатската комора поради правно заплашување на порталот Скопје1.мк

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) поднесе претставка до Адвокатската комора на Република Северна Македонија поради допис испратен од скопски адвокат до редакцијата на порталот Скопје1.мк, за кој ЗНМ оценува дека претставува форма на притисок и правно заплашување со цел да се замолчи критичкото новинарство.

Според наводите во претставката, дописот е доставен како „реакција“ и „демант“, но е формулиран на начин што не ги исполнува условите за законски уредена постапка за исправка. Во него, како што се посочува, не се наведуваат јасно лицата во чие име наводно се постапува, не се прецизира што конкретно треба да се демантира и се користи тон на закани наместо аргументирана правна комуникација.

ЗНМ наведува дека во дописот се упатуваат неосновани закани за кривична одговорност кон редакцијата, вклучително и преку квалификации за наводно „оддавање службена тајна“, како и преку најави за кривично гонење и „нарушен углед“ на неидентификувани „клиенти“. Ваквиот пристап, според ЗНМ, претставува злоупотреба на правни средства за заплашување на медиум и создавање притисок врз уредувачката политика.

ЗНМ предупредува дека ваквите дописи имаат сериозни последици врз слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Наместо корекција на евентуални неточности преку предвидените механизми, се создава „ефект на ладење“ – новинарите и редакциите се доведуваат во позиција да се самоцензурираат, да одложуваат или да се откажуваат од истражувања за теми од висок јавен интерес, особено кога станува збор за работењето на правосудните институции. Дополнително, се троши време и ресурси на редакциите на правни одговори и одбрана, наместо на новинарска работа, што директно го слабее јавниот надзор и демократската дебата.

ЗНМ бара надлежните органи на Адвокатската комора да поведат дисциплинска постапка и соодветно да реагираат, со цел да се испрати јасна порака дека адвокатската професија не смее да се користи како инструмент за притисок врз медиумите. ЗНМ останува посветено на заштитата на новинарите и медиумските слободи и ќе продолжи да реагира во сите случаи на правно заплашување насочено кон замолчување на јавниот интерес.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение на новинари на Македонија (ЗНМ)

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор