Cover

„Потребен е колективен одговор на предизвиците за постигнување трајни резултати“

Размената на искуства и дискусиите за предизвиците во спроведувањето на активностите беа во фокусот на традиционалната Средба за вмрежување на Цивика мобилитас што се одржа на 4 и 5 декември 2024 година во Скопје на која учествуваа 94 претставници на 58 граѓански организации, грантисти на програмата и експерти.

„Нема демократија без силно граѓанско општество на национално но, и на локално ниво“, истакна Амбасадорката на Швајцарија, Вероник Улман во нејзиното обраќање пред учесниците. Таа зборуваше за довербата на граѓаните во граѓанското општество која им го обезбедува кредибилитетот кај носителите на одлуки. Според неа, во оваа фаза Цивика мобилитас има цел да ја зголеми отчетноста помеѓу граѓанските организации и граѓаните. Другата цел е дијалогот со носителите на одлуки како што се Владата и општините, а третата, капацитетот за застапување. Овие цели се одразени во доделените грантови кои ги добија организации што работат заедно, не само не еден проект, туку на една кауза, на промена што сакаат да ја постигнат и промовираат.

„Вашето присуство и активно учество денес и утре се клучни за успехот на оваа Средба и за резултатите кои ќе ги пренесеме во нашето идно работење,“ истакна Дарко Димов, координатор на Цивика мобилитас во неговото обраќање.

„Цивика мобилитас е заедница која создава промени“, рече Салија Беќир Халим од Здружението „Иницијатива за правата на жените“ од Шуто Оризари во нејзиното обраќање. Таа, како член на заедницата на Цивика мобилитас и тековен грантист го истакна значењето на програмата како платформа за поддршка и вмрежување на граѓанските организации. Зборувајќи за постигнувањата на нејзината организација, таа ја потенцираше корисноста од партнерствата и размената на искуства, покрај финансиска поддршка. „Само заедно можеме да изградиме праведно и инклузивно општество,“ порача Беќир Халим, и додаде дека соработката со Цивика мобилитас и останатите организации е клучна за остварување на визијата за подобро општество.

Kако основа за дискусијата за состојбата во граѓанското беа презентиран три извештаи. Ричард Ален, лидерот на тимот на проектот ТАКСО 3 го презентираше Извештајот за проценка на Насоките за ЕУ поддршката на граѓанското општество во регионот на проширување за 2023 година. „Не гледаме посветеност на владите да му помогнат на граѓанското општество“, рече Ален. Според него, важно е да биде гласно кажано од владите дека ќе го поддржат граѓанското општество и тоа да биде проследено со дела, а не само со зборови. Според Извештајот за овозможувачката околина за развој на граѓанското општество за 2023 година, состојбата во земјата е генерално поддржувачка, но со значителен простор за подобрување. „Соработката со властите и активно вклучување на организациите во процесите на донесување одлуки останува суштински предизвик,“ рече Даниел Станоески од МЦМС, автор на извештајот за Северна Македонија. На средбата беше презентирана состојбата со Кодексот за граѓански организации. „Се надеваме дека бројот на потписници постојано ќе расте и дека потписниците ќе ги почитуваат неговите принципи,“ рече во својата презентација Наташа Сердаревиќ од МЦМС и ги покани организации да се приклучат на оваа иницијатива.

Во дискусијата што следуваше учесниците споделија мислења за подобрување на институционалната транспарентност, структурната соработка и процесите на донесување одлуки. Ашмет Елезовски, од  Националниот ромски центар истакна дека треба да размислиме и делуваме на надминување на економоската криза. „Ние во моментов дискутираме за крајни резултати, кои што се гледаат низ соработка  и низ финансиите.  Но многу малку дискутираме како сме стигнале до таквата состојба“, рече Благица Петрески од Фајнанс Тинк. За соработката меѓу Владата и граѓанскиот сектор зборуваше Ѓунер Небиу од Женската граѓанска иницијатива „Антико“. Таа се осврна на работата на Советот за соработка и на бојкотот што се случуваше во последните две години.

Амбасадорката Улман нагласи дека зајакнувањето на комуникацијата со донаторите и споделувањето на искуства и успеси се од суштинско значење за продолжување и проширување на нивната поддршка. Таа ги охрабри големите организации да играат водечка улога, поддржувајќи ги помалите и претставувајќи ги нивните гласови. Амбасадорката ја потенцираше важноста од колективен одговор на предизвиците за постигнување трајни резултати и одржлив развој.

Учесниците на Средбата за вмрежување поминаа низ процесот на политичко-економска анализа. Дел од работата започна уште пред самата сесија, кога граѓанските организации ја започнаа анализата на актерите кои клучни за спроведувањето на нивните проекти. Првичните наоди беа презентирани на крајот на првиот ден, а работата продолжи и вториот ден не само со анализа на актерите, туку и на просторите и ресурсите кои ги користат граѓанските организации. Петруш Toинес и Наташа Сердаревиќ ги водеа учесниците низ овој процес. Главната цел на оваа активност беше да се развие заедничка мрежа на ниво на проект, која ќе послужи како основа за идни активности и ќе помогне во реализацијата на целите на грантовите.

Во анализата на граѓанските организации, откриено е дека тие успешно функционираат во комплексна средина, каде што влијанието на формалните и неформалните структури игра клучна улога. Организациите користат различни простори, од формални институции до социјални мрежи и онлајн платформи, а посебно се забележува трендот на креирање хибридни простори. Иновативното користење ресурси и балансирањето помеѓу формалните и неформалните правила им овозможува да постигнат успех во своите цели, истовремено прилагодувајќи се на динамичните услови во општеството.

Тимот на Цивика мобилитас ќе ги документира придонесите и резултатите од оваа средба и ќе ги користи како поддршка за идни активности кои ќе го поттикнат развојот на граѓанскиот сектор и ќе обезбедат одржливост на социјалните промени.

Продолжи со читање

  • Меѓународниот ден на Ромите низ призмата на граѓанското општество

    Меѓународниот ден на Ромите е уште една можност за проверка на напредокот на општеството за предизвиците со кои се соочуваат нашите сограѓани, но исто така и е и можност да го препознаеме придонесот на сите оние што секојдневно работат на нивно надминување. Во тој процес, граѓанските организации имаат клучна улога….

  • Средба со раководителката на секторот за Источна Европа на СДЦ

    Тимот на Цивика мобилитас на 5 март се сретна со Северин Доне-Декарт (Séverine Donnet-Descartes), раководителката на секторот за Источна Европа во Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ). Таа се интересираше за предизвиците во граѓанското општество, како и за можностите што програмата ги нуди за граѓанските организации во земјата. Александар…

  • Швајцарскиот амбасадор Зомер во посета на семејствата од Кочани и граѓанските иницијативи

    Повеќе од десет родители и членови на семејствата погодени од трагедијата во дискотеката во Кочани се сретнаа со швајцарскиот амбасадор во земјава, Н.Е. Кристоф Зомер. На средбата со нивното здружение – Здружение на граѓани „16-ти Март 2025“ учествуваа ипретставници од Амбасадата на Швајцарија и тимот на Цивика мобилитас. Истиот ден,…

  • Социјалната правда не се слави, таа се создава!

    Денот на социјалната правда не е датум што треба само формално да се одбележи. Тој треба да не потсети дека правдата не е апстрактен поим, туку конкретна реалност што директно влијае врз животот на луѓето: врз нивната плата, сигурност, достоинство и иднина. За нас од „Гласен текстилец“, социјалната правда не…

  • Граѓанските организации дискутираа за како подобро да ги промовираат своите постигнувања

    Комуникациите и видливоста на Цивика мобилитас и на граѓанските организации беа тема на работилницата што се одржа на 11 февруари 2026 година во просториите на Граѓанскиот ресурсен центар. Вкупно 21 претставник од 20 граѓански организации, актуелни добитници на партнерски грантови (ЦМ-ПГ-2), дискутираа за комуникациските предизвици и како полесно да ги…

  • Граѓанското учество е право и одговорност на сите

    Во фокусот на овој број на Граѓаните за промена е граѓанското учество. Тема која граѓанските организации и во овој квартал не само што ја дискутираа туку и ја практикуваа. Колегите од ПроЛокал, од Битола, тоа го правеа на регионално и на локално ниво, во цела Пелагонија. Заедно со партнерите од…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор