1
|

И за комплицираните проблеми има решение

Кога Салија Беќир Халим, извршната директорка на здружението „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ прв пат го виде М.Х., тој беше загрижен за неговата малолетна снаа, која останала бремена на 16 години и сфатила дека нема здравствено осигурување. Средбата на Салија и М.Х. се случила на еден од граѓанските форуми на здружението посветени на здравствените права на  девојките и жените од ранливите групи.

„Информациите за нашите активности ги споделуваме на различни начини“, вели Салија, „па така М.Х. дознал за нашето истражување за бесплатни прегледи и анализи на бремени жени и дојде на граѓанскиот форум. Ни ја објасни ситуацијата во која се наоѓаат и побара совет, како да го решат овој проблем кој им изгледа доста комплицирано. Заради недостатокот на здравствено осигурување, девојката мора да ги плаќа прегледите. Таа како малолетно лице, има право на здравствено осигурување од нејзините родители. Меѓутоа, родителите се разведени, со татко и немаат контакт, а мајка и живее надвор од државата“, додава Салија. 

Што направија?

Претставниците на „Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари“ споделија важни информации и упатства за процесот на регистрирање на здравственото осигурување, како и за начинот на решавање на потребните документи за време на граѓанскиот форум, поддржан од Цивика мобилитас.

„Му кажавме на М.Х. дека, за регулирање на здравствено осигурување на неговата снаа, потребно е нејзината мајка да го регулира своето здравственото осигурување, а потоа и осигурувањето на ќерка и. Но, беше едноставно да се каже, спроведувањето беше друга приказна“, вели Салија. По ова, и мајката и ќерката, заедно со М.Х. дошле во здружението. За да ја почнат постапката, соработниците од здружението им ги побарале изводите од матичната книга на родени. „Тука се појави нов проблем“, продолжи да раскажува Салија, „девојчето немаше документи, на хартија таа не постоеше. Тажно е да се соочиш со беспомошноста во нивниот поглед, како на проблемите да им нема крај“.   

Сепак, активистите од здружението не се откажале. Тие ги придружувале луѓето во Службата за водење на матични книги, ги обезбедиле потребните информации и по една недела изводот на малолетното девојче бил готов. Со следните чекори ја комплетирале целата документација и здравственото осигурување било регулирано. „Таа изгледаше како да и паднал голем товар од плеќи, и изразот на беспомошност го замени израз на надеж, дека сепак може да се надминат проблемите“, се сеќава Салија. „И помогнавме да одбере матичен гинеколог во амбулантата во Шуто Оризари. Овој момент беше повеќе од административен успех – тоа беше почеток на нова, посигурна иднина за неа и нејзиното неродено дете. Знаеше дека од сега ќе може да ги добие сите потребни прегледи и грижа, без да се плаши од финансиски трошоци или правни пречки. Тоа ѝ донесе мир, сигурност и чувство дека конечно не е сама“ – објаснува Салија.

Што постигнаа?

Малолетната трудница не е единствената со ваков вид проблеми. Таа е една од  2500  жени во скопската општина  Шуто Оризари, за кои здружението се погрижи да ги упати, информира и  да им помогне да го регулираат правото на бесплатни гинеколошки прегледи кое им следува.

„Сега девојчето може редовно да ги врши испитувањата и анализите кои се потребни во текот на бременоста. Таа реши да го задржи бебето, а ние ги информиравме родителите за процедурата во државните клиники при породување на малолетничка,“ додава Салија.

Форумите организирани од граѓански организации не само што нудат платформи за размена на информации, туку и помагаат во решавањето на конкретни проблеми, особено за ранливите групи.

Овој случај покажува дека, со граѓански ангажман и поддршка од Цивика мобилитас  и најсложените проблеми можат да се решат. Благодарение на колективната акција, една ранлива малолетничка сега има можност да се грижи за своето и здравјето на своето дете, без страв од финансиски трошоци.

Оваа приказна е доказ дека и малите акции и поддршка можат да донесат големи промени и да спасат животи. За едни можеби  е само  еден од многуте настани, а за  други пак настан за паметење, настан кој ќе ги потсетува на поддршка и грижа. Таков беше всушност овој граѓански форум за  М.Х и неговото семејство. Ова не е само приказна за правна и медицинска помош, туку и приказна за човековата солидарност и хуманост.

„Унапредени здравствени права на девојките, жените и ранливите групи“ e проект на ХЕРА – Асоцијација за здравствена едукација и истражување што се спроведува во партнерство со Здружението „Иницијативата за правата на жените на Шуто Оризари“ од Скопје, Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – ЗАЕДНО ПОСИЛНИ од Скопје и Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ од Скопје.

Проектот финансиски е поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор