цивил

ИЗБОРЕН РАПОРТ #25: „Свиркач“ од избирачки одбор за проблемите при гласањето, борба за глас повеќе на сметка на туѓата несреќа, 14 случаи на попречување на набљудувачите на ЦИВИЛ

Во денешното, 25-то издание на Изборен рапорт на ЦИВИЛ, објавуваме две стории, една од „свиркач“ од еден избирачки одбор, а втората за една потресна ситуација со која се соочува семејството на едно лице со посебни потреби.

Сведоштво на член на избирачки одбор: Денот беше исполнет со проблеми, граѓаните коректни и трпеливи, подготовката слаба

Член на еден избирачки одбор во земјава, кој побара да биде анонимен, со ЦИВИЛ го сподели искуството од денот на гласањето, 17 октомври, како и за обуките што ги добиле од ДИК.

Што се однесува до обуките, нашиот извор раскажува дека имало две обуки. На првата обука, освен сувопарно објаснување, поточно читање од слајдови и ништо друго. На втората обука бил донесен и фингерпринт апарат, но се создала турканица, така што голем дел од посетителите на наставата не виделе ништо. Останатото било уште читање слајдови на глас.

„На денот на гласањето, 17 октомври, фингерпринт апаратот не функционираше, ниту ги читаше отпечатоците од прст, ниту личните исправи, ништо“ – вели за ЦИВИЛ, нашиот извор, член на избирачки одбор, чиј број и локација ЦИВИЛ не го објавува, со цел да го заштити изворот.

Претседателот на избирачкото место се обидел да добие насоки од ОИК, но оттаму само му кажале дека се запознаени со проблемот и дека треба да продолжат со обиди да ги стават уредите во функција.

Гласачите на тоа избирачко место, според нашиот извор, биле крајно коректни и трпеливи, со исклучок на два случаи кои немаат врска со функционирањето на фингерпринт апаратите.

„Фингерпринт апаратот многу тешко препознаваше отпечатоци од прсти, во најголем дел од случаите моравме да ги употребиме сите можни опции. На луѓето им беше непријатно. Некои објаснуваа дека не се криминалци и прашуваа зошто има проблем. Други срамежливо објаснуваа дека рацете им се премногу оштетени од работа. Им објаснивме дека проблемот не е во нив“ – вели нашиот извор, додавајќи и статистика дека дури кај секој шести гласач фингерпринт апаратот не функционирал никако.

Поточно, речиси 15% од гласачите на тоа избирачко место имале проблем да се регистрираат на биометрискиот уред.

Според податоците од теренот, овој процент на неуспешно скенирање со биометриските уреди во некои избирачки места е далеку повисок. Уредите не ги читале податоците на поголем број граѓанки и граѓани со право на глас.

Исто така, линкот што го добил избирачкиот одбор за испраќање на извештаите до ДИК, воопшто не функционирал. Затоа, на избирачкиот одбор не му преостанало ништо друго, туку да го користи стариот начин – извештаите да се испраќаат по Вибер.

Тоа не е крај. Системот често морал да се рестартира. Ова предизвикало големи редици пред избирачкото место. Била повикана и полицијата на помош, но ни тоа не помогнало многу.

За глас повеќе, се прават невозможни комбинации и притисоци

Уште една тревожна сторија доаѓа од нашите набљудувачи на теренот. И оваа пријава е целосно анонимизирана, по барање на лицата кои го пријавија случајот.

Во една општина, едно семејство чиј член е и едно лице со посебни потреби, пријави дека биле под притисок од една политичка партија. Лицето со посебни потреби за кое се работи во овој извештај има ограничена деловна способност и не е во состојба да гласа.

Сепак, тоа лице е на Избирачкиот список, што било причина член на избирачки одбор, припадник на политичка партија, да го убедува семејството лицето со посебни потреби и намалена деловна способност, да се пријави за гласање во саботата, на 16 октомври.

Кога бил известен дека нивниот член на семејството не е во состојба да гласа, членот на избирачкиот одбор продолжил со убедувањето дека може да гласа друг член на семејството, наместо лицето со посебни потреби.

Се разбира, ако гласа за „соодветната“ партија.

Набљудувачот на ЦИВИЛ во извештајот наведува и дека семејството повеќепати се обратило до надлежните дека во Избирачкиот список имаат лице кое не може да гласа.

Притисоци и попречување на работата на набљудувачите на ЦИВИЛ

Набљудувачите на ЦИВИЛ се соочија со голем број случаи на попречување на работата. Дури во 14 случаи, нашите набљудувачи не добија пристап до избирачките места под различни изговори. Организацијата ја извести за ова јавноста и меѓународната заедница и изразува надеж дека во вториот круг од гласањето ова нема да се повтори.

ЦИВИЛ инфо

Вториот круг на гласањето ќе го набљудуваат 284 акредитирани набљудувачи на ЦИВИЛ, како и првиот круг. Во текот на гласањето, ЦИВИЛ ќе одржи повеќе прес конференции, во 10, 12, 16 и 19:01 часот, како и еден или повеќе вонредни термини.

Џабир Дерала во соработка со Мониторинг тим на ЦИВИЛ
Камера: Атанас Петровски
Реализација и монтажа: Ариан Мехмети

Продолжи со читање

  • Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест

    Зад секоја вест за насилство врз дете, стојат дете со нарушено чувство на сигурност, семејство кое живее во страв и неизвесност; и заедница што треба да се запраша дали можела да стори нешто порано. Но, не секое насилство станува вест. Некои деца молчат од страв […]
    The post Насилството врз децата не почнува кога ќе стане вест, а превенцијата не треба да започне откако насилството ќе стане вест appeared first on Myla.

  • Eco Social Voices претставен на YCDF Skopje Local Point: Младите како двигатели на климатските промени

    Климатската акција започнува со младите, нивните идеи и можноста активно да учествуваат во создавањето промени. Во Europe House во Скопје, Еко Логик, во партнерство со Youth Climate Diplomacy Forum (YCDF), го претстави проектот Eco Social Voices на презентацискиот настан посветен на YCDF Skopje Local Point. Настанот беше можност за запознавање со целите, визијата и активностите […]

  • Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување

    На 16 и 17 октомври 2026 година, Институтот за европска политика (ЕПИ) го организираше првиот модул за обука во рамките на проектот „Decode the EU – Communicating EU policies together“ во Струмица. Дводневната работилница собра 10 новинари од различни медиуми, со цел да се зајакне аналитичкото известување засновано на докази за процесот на пристапување на […]
    The post Новинарите ги декодираат институциите на ЕУ, acquis и политиките за проширување appeared first on EPI.

  • Извидниците од Велес волонтерски работеа на санирање на конференциската сала во ИЦО – Охрид

    Членовите на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес, Валентин Јанкуловски, Благој Јорданов и Владимир Ивановски-Вуцо во периодот од 16 до 18 октомври 2026 год. во извидничкиот центар “Охрид“ во Охрид работена на санирање на Конференциската сала на ИЦО – Охрид. Со превземените активности од страна на нашите одредски членови ја…

  • Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација

    Силните економии се градат врз силни партнерства. Finance Think и British Business Association in North Macedonia – Британската бизнис-асоцијација во Северна Македонија вчера потпишаа Меморандум за разбирање, поставувајќи основа за поблиска соработка за прашања важни за бизнис-секторот, носителите на политики и општеството. Партнерството ја поврзува широката деловна мрежа на Британската бизнис-асоцијација со економските истражувања и […]
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација first appeared on Finance Think.
    The post Меморандум за разбирање со Британската бизнис-асоцијација appeared first on Finance Think.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор