цивил

Долгата историја на краткото помнење

Overreacted (претерана реакција), тоа би бил првиот опис на реакцијата на првиот човек на СДСМ, Зоран Заев, од резултатите од првиот круг. Прво два дена молк, а потоа реакција која, рака на срце, беше искрена и емотивна, но и претерана. Тоа што ја прави претерана реакцијата на СДСМ, изразена преку обраќањето на првиот социјалдемократ, не е во препознавањето и признанието на грешките и гревовите во текот на владеењето. Тоа е сосема в ред и ѝ личи на една демократска партија.

ЏАБИР ДЕРАЛА

Што е претерано во повикот на Заев за обединување?

Претерано е преземањето на голем дел од одговорноста за изборниот неуспех и давањето екстра ветувања поврзани со системот на вредности и перформансот на партиските кадри. Тоа не е реалистично. Макар и да сме општество со државни ресурси како Германија или барем Шведска. СДСМ не е партија што може да се трансформира побрзо отколку што веќе го направи тоа. Дури и тоа што досега го постигна во сопствената трансформација е многу повеќе отколку што можеше било кој да очекува. Секако дека не е доволно, но е значајно и многу видливо. Некои ќе кажат кон подобро, а секако некои тврдат дека партијата оди кон полошо. И двете групи се согласни – СДСМ со Заев е далеку од тоа што некогаш беше.

Сепак, тоа е партија и на голем број бранковисти, следбеници на човекот чие владеење во 90-те остави големи темни дамки со, благо речено, крајно проблематичната транзиција, полициската бруталност, контролата на медиумите, национализмот и системската дискриминација по повеќе основи. Таа слика за СДСМ почна да се менува во 2000-те, но беше прекината со 11-годишен уште потврд и длабоко националистички режим на Груевски. За потоа, Заев да влезе во партиски реформи со чекори од седум милји, како партиски лидер, паралелно со сите процеси што ги отвори во меѓувреме – како премиер.

Не „атер“, туку нова кадровска политика на сите нивоа

Не се менуваат работите така лесно. Како што ВМРО-Шиптари-во-гасни-комори-ДПМНЕ не е лесно да се промени со две прегратки меѓу Мицкоски и Таравари и сè уште ниту една со Села, а за извинување и да не говориме. Навистина, денешното СДСМ е многу поблиско до модерна, европска, па и обединувачка партија отколку кога и да е порано. Сепак, СДСМ треба уште многу „вредносни фурни леб“ да изеде, особено со (како што го бие глас) „атерџискиот“ стил на Заев.

Во таа смисла, Заев, и како партиски лидер и како премиер, мора да работи на воведување и строго придржување кон нов тип на кадровска политика на сите нивоа, од општинските комитети, до владата. Да, во владата. Тој тоа го може, барем се очекува од него да најде сили за тоа. Тоа особено подразбира и да биде поенергичен кон оние партии чија цена за одржување на парламентарното мнозинство е, едноставно, превисока, а ја плаќа целото општество. А нему му го раситнува тешко стекнатиот политички капитал.

Зоран Заев не може и не смее да презема повеќе одговорности на својот грб отколку што може да понесе. Ниту тој, ниту неговата партија, а најмалку делови од размазената коалиција што се влече по него од „длабоко искрени“ клиентелистички побуди, не можат „од денеска, од сега“, да дадат многу повеќе отколку што давале до вчера. Повеќе да, но не толку колку што Заев тоа го очекува од нив, па и од себе. Зошто? Општеството не е подготвено, нема доволно (такви) луѓе, таман сите најдобри да ги собере од сите партии во земјата. А и системот не зависи само од него и од неговата партија, па ни коалиција, туку и од „хидрауликата“ на опозицијата.

Тоа магично удопство на фотелјата

Дел од структурите на локалните власти предводени од СДСМ дефинитивно потфрлија. Очекувано. И многу поголема и подобро развиена партија да беше, немаше да собере толку човечки капацитет, за да ги спроведе сите локални политики како што треба. Особено со толкав број единици на локалната самоуправа во кои победи на локалните избори во 2017 година. Уште повеќе, имајќи ги предвид познатите партиски кадри кои, кога ќе се доберат до удопствата на фотелјата, тоа магично чувство (!), забораваат за што служат бирото, телефонот, канцеларијата, теренот, граѓанките и граѓаните… Не се единствени во тоа, но секако се познати и по легачење и како уживатели во функциите и привилегиите на власта, па макар да се работи за шалтерска позиција добиена по партиски „заслуги“.

Дури и да беа околностите „најнормални на свет“ и да живеевме во богата држава со развиено демократско и стабилно општество како, да речеме, скандинавското или канадското – тешко ќе беше да се задржи нивото во такви размери на освоена власт. Особено затоа што на централно ниво (во парламентот), размерот на освоени места не е пропорционален со обемот на места во локалната власт. Во македонски/балкански услови, тоа е многу важно.

Притоа, едноставно, еден дел од градоначалниците не беа дораснати на функцијата и само се втурнаа во добро познатото максимално искористување на функцијата за сопствени интереси. И толку. Нема што повеќе да се каже за тоа, освен само уште еднаш да се констатираат заслужените критики кои и самиот Заев често знае да ги упати јавно.

Дотука, критиката е позната и во најразлични форми е искажана и од опозицијата и од аналитичарите, но и од Заев.

Понатаму, кога се анализира изборниот (не)успех на СДСМ во првиот круг, се забораваат уште неколку факти.

Хибридната војна има висока цена

Институциите, оние што треба да бидат независни во своето работење, но и самата влада, само површно или никако не се фатија во костец со хибридната војна што се води против демократските држави на глобално и регионално ниво. Тоа е сплет од разузнавачко-економски и криминални дејствија со кои се разнишуваат демократските институции во земјата, токму со злоупотреба на демократските инструменти.

Демократиите во светот, па така и македонската, се нападнати од софистицирани, комплексни и упорни пропагандни машини, разузнавачки и контраразузнавачки агенции, подземни и криминални структури, лажни граѓански општества, верски кругови, бизниси, медиуми, академии итн.

За тоа е пишувано многу, а секако останува да се пишува уште повеќе и во многу повеќе детали. Засега, останува да се потсетиме на прашањето: Ако постои силен упад во американските изборни процеси, што останува за македонските?

Тоа се гледа на повеќе нивоа и тоа, почнувајќи од сајбер нападите, завршувајќи со грижливо планираната и спроведена црна кампања со дезинформации и говор на омразата, како и успешна злоупотреба и манипулација на процесите и настаните (КБугарија, ЕУ, НАТО, Преспа, ОВИД-19, попис, авганистански цивили, тетовската трагедија итн.).

Да, хибридната војна има висока цена.

За време на изборни и други важни процеси, фактурата на власта ѝ се испорачува во најнеповолни услови за власта, а секогаш најповолни за опозицијата. Само дотука гледано, СДСМ дури и добро помина во првиот круг. Се разбира, вториот круг има потенцијал да покаже нешто сосема поинакво. Заев изгледа дека е на добар пат. Само останува да се види колку е искрена поддршката што експресно ја доби од коалициските партнери кои на локалните избори решија да одат самостојно.

Операција за уривање на демократијата и инсталација на режимот

Не смее да се заборави ниту континуираната црна пропаганда и добро осмислените медиумско-пропагандни операции за уривање на демократската и прозападна влада на Зоран Заев. Големата бела палата на Груевски не е единствената од која се води вистинска пропагандна војна против демократијата во Северна Македонија. Не е тоа операција само за уривање на Зоран Заев.

Би било релативно лесно да се работи само за тоа – Заев да се тргне од премиерска и лидерска позиција. И не е тоа операција (само) за враќање на режимот на Груевски. И тоа би било релативно лесно. Се работи за операција за уривање на македонските стратешки определби, востановени од осамостојувањето пред 30 години до денес. И за инсталирање на структура која ќе го врати изолационизмот и тензиите, ќе биде антизападно ориентирана, а по дома ќе прави што сака (груевизам, ако сакате – и бранковизам). А сето тоа во служба на антизападни центи на моќта, не на македонските национални интереси.

Тоа е операција според која Северна Македонија и регионот на Западен Балкан треба да се одржуваат во состојба на континуирана напнатост, сиромаштија и тензии – политички, а по можност и безбедносни. Само еден, но далеку од единствен, пример: „Отворен Балкан“ е трн во окото на центрите на моќта во Москва, Будимпешта, Љубљана, Рим и други. Во други сфери на македонските демократски трансформации, свое влијание имаат и други центри на моќ во авторитарни и илиберални земји – Анкара и Пекинг, на пример.

Постои ли комплексна операција за повторно заробување на државата од кои само еден чекор е уривање на владата на Заев? Да. Кога тоа ќе стане јасно, не е веќе ни чудно тоа што се случува, на страна од тоа што . Имајќи го тоа на ум, сета црна пропаганда што се истура на дневно ниво изгледа како зуење на мува во тивко летно попладне.

Да станеме понормални, но како?

Што е лекот? Мораме да сфатиме дека е можно да станеме понормални. Но како? Тоа е можеби најтешкото прашање кое, за жал, барем засега мора да остане неодговорено. Но затоа можеме да видиме како станавме ненормални…

Вртоглавата агенда, неизвесноста, ковид-19, хибридната војна, жестоката црна кампања и политичка блокада го направија своето. Сите сме погодени од сѐ што се случуваше изминатите неколку години, и лично и колективно.

Замислете едно западно демократско општество да помине низ еден црн понеделник, каков што имавме на 24 декември 2012 година. Па тоа општество ќе направеше еден чекор назад и ќе дебатираше околу тој тежок и насилен инцидент најмалку десет години! Па ќе се носеа протоколи и декларации, на крајот и закони. Ние бевме сведоци на ситуација во која политичкиот договор една од партиите потписнички го прогласи за тоалетна хартија (Антонијо Милошоски). Но тоа не се случи кај нас.

Во меѓувреме, ова општество ги помина „олимписките кругови“ на локалните избори во 2013 година, тешките изборни кражби кои во континуитет се случуваа и пред тие локални избори, но и во 2014 година (маратонските судски процеси Титаник 1 и 2).

Потоа, тешките скандали кои следеа со откривањето на прислушуваните разговори (26.000 прислушувани луѓе, меѓу кои повеќе од 4.000 директно таргетирани) – слетаа и на насловните страници на светските медиуми… „Малата војна“ на 9 мај 2015 година (8 загинати полицајци, а сосе вооружените напаѓачи или терористи, 22 мртви во само еден ден)… Подемот и падот на СЈО… Тешки преговори за мирна транзиција на власта од режимот на Груевски во демократска власт со Пржино 1 и 2… Но и тие беа залудни, а договорите што се потпишаа, станаа „тоалетна хартија“.

Долг пад и тешка пострежимска транзиција

Изгледа е неопходно да се потсетиме дека транзицијата од режим во демократија беше тешка и насилна. Веднаш по декемвриските предвремени парламентарни избори во 2016 година, режимот покажа дека е длабоко инсталиран и отпорен. Тој долго паѓа, а транзицијата е тешка.

Да ги прескокнеме институционалниот напад на граѓанските организации и „Стоп операција Сорос“ и да се сетиме на режимската актерка и функционерка, В. Божиновска. Таа со треперлив, лош актерски тон, пред ДИК говореше за „долгите ножеви“ веднаш по првите, горе-долу, слободни избори што го означија падот на Груевски. А партиски милитанти вооружени со автоматско оружје се појавија во ходниците на Државната изборна комисија (не, никој досега не го кажал тоа, а снимки и сведоштва од тоа не излегоа во јавноста).

Веќе многу нешта се набројани, а се чини дека сме на почетокот. Јавноста мора постојано да ги има предвид погубните последици од Крвавиот четврток на 27 април 2017 година. Истата година се одржаа локалните избори на кои, изненадувачки, СДСМ како цунами го збриша ВМРО-ДПМНЕ од мапата на локалните власти.

Критични за напредокот и демократијата во земјата беа Преспанскиот договор и референдумот во 2018 година. Процеси кои мораше да завршат одамна, а не беа ни почнати, почнаа и се завршија за исклучително кратко време. Зачленување во НАТО е причина за славење, но зад тоа стојат огромни напори и учество на многу луѓе…

Да не заборавиме и на македонско-бугарскиот договор од кој, како што е добро познато, сега отстапува грубо, непријателски и подло токму Бугарија…

Па стратегијата „Едно општество за сите“ со која не се согласуваат ни огромен број, божем прогресивни, елементи во општеството и во системот…

Долга низа скандали

На секој успех во демократизацијата и отворањето на земјата кон Европа и светот, му беше спротивставена долга, непрекината низа скандали. Дел смислени во пропагандните кујни, а дел што вистински произлегуваат од слабостите на владејачката гарнитура. Вртоглаво, навистина.

Може уште многу да се набројува, но за миг да застанеме тука, бидејќи е повеќе од доволно да се разбере комплексниот одговор на прашањето: Зошто, освен реалното и оправдано незадоволство, дел од гласачите на СДСМ не излегоа на гласање? Висока политичка свест? Има и од тоа нешто. Знак за висока политичка свест е и тоа што тие гласачи не ја дадоа ниту за ВМРО-ДПМНЕ, партија што сè уште е далеку од реформи, без оглед на тој исчекор со Алијансата за Албанците и без оглед на долгогодишните обиди на вредни и продемократски поединци и групи во составот на партијата.

И сето тоа не значи дека тие гласачи што останаа дома на првиот круг нема да излезат во вториот круг. Напротив, пораката што ја испратија е значајна, гласна и директна. Откако е испратена првата порака, следи и втората порака, во вториот круг. (Забелешка: Овој текст би требало да се дополни на ова место, со таа, втора порака.)

Да заклучиме

Имајќи го сево ова предвид, како и сè што не беше кажано, а се подразбира, повикот за обединување што го упати Зоран Заев од говорницата звучи добро и возможно. Но не и сè што вети во својот обединувачки и емотивен говор.

По сето ова, сепак, се отворија и одредени прашања. Остана нејасно дали Зоран Заев, во одговорите на прашањата од медиумите, навестува сопствено повлекување или предвремени избори, доколку не однесе победа на локалните избори. И двете варијанти се неприфатливи.

Како што не му ја прифати оставката на министерот Филипче, иако требаше/мораше, ни јавноста не треба да ја прифати неговата оставка, бидејќи тој не треба да ги остави процесите незавршени. Уште помалку е упатно да се повикува на предвремени избори, од причина што особено предвремени избори се шок за системот, не само кога во прашање е нашата земја, туку воопшто. (Кутра Бугарија, видете што ѝ се случи откако тргна да ја блокира Северна Македонија…)

Знам дека оваа анализа ќе наиде на вообичаената реакција од креаторите на црната пропаганда, дека е релативизација (што не е). Очекувано е да има критики и од дел од прогресивната јавност која е склона да ги гледа само слабостите, а не целата слика. Но потребно беше да се стават овие премиси на едно место. Долгата историја на краткото помнење е добро позната препрека во извлекување реалистични заклучоци од состојбите.

Creative Commons 4.0 (дозволено преземање, со линк до изворот). Текстот е личен став на Авторот.

Продолжи со читање

  • Учество на осмата меѓународна регата Сава Наутик во Брчко – БиХ

    Претставникот на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ од Велес, Владимир Ивановски Вуцо и од Вардарска регата “Гемиџии“ Владимир Стојанов и Томе Шескокалов во периодот од 28-30.8.2026 год. на покана на здружението ИКС центар (X centar) од Брчко Дистрихт – БиХ земаа учество на осмата меѓународна туристичка рега “Сава наутик“. На оваа…

  • Погледнете го нашето ново промотивно видео и откријте како органскиот отпад може да стане вредна суровина!

    Преку силен фокус на циркуларната економија и еколошката едукација, сакаме да ги поттикнеме граѓаните на итна акција за правилно сортирање на отпадот — клуч чекор кон здрава животна средина и ублажување на климатските промени. Главни ѕвезди во видеото се наставниците и учениците од основните училишта каде што ги одржавме нашите едукативни работилници. Тие јасно порачуваат: со менување на секојдневните навики и активен граѓански ангажман, секој од нас има моќ да донесе позитивни промени во општеството!
    Ова видео е дел од промотивнтаа дигитална кампања со едукативно-информативни содржини за придобивките и начините за искористувањето на потенцијалот на органскиот отпад.
    Оваа видео е подготвено во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Resource Environmental Center – REC North Macedonia Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Eco – Logic и Center for Environmental Democracy – Florozon Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија и Embassy of Switzerland in North Macedonia преку програмата Цивика мобилитас #CivicaMobilitas.
     
    Содржината на оваа видео е единствена одговорност на партнерите во проектот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија #CHinMK, Цивика мобилитас #CivicaMobilitas, или организациите што ја спроведуваат.

  • Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери

    Програми Европски младински камп во Михелштат: Заедно растеме и создаваме лидери Кампот Михелштат во Германија беше домаќин на Европскиот младински камп, кој собра 135 учесници од 15 земји. По долго патување, а за некои и пристигнување во Михелштат низ серија на предизвикувачки услови, младите и нивните лидери се обединија околу заедничката тема: “Growing together – rooted in values – rising as leaders“, односно „Растеме заедно – вкоренети во вредностите – се издигнуваме како лидери“. Кампот понуди динамична програма исполнета со различни курсеви, интерактивни работилници и можности за размена на знаења и искуства. Курсевите беа задолжителниот дел и опфаќаа повеќе теми поврзани со менталното здравје, лидерството, активности на отворено поврзани со изградба на куќарки на дрва, обработка на темата “Do no harm” како методологија против било каков вид на насилство, односи со јавност, техники за раскажување приказни, театарски пристап во работата со млади и дигитално образование. Младите учесници и младинските работници активно придонесуваа со сопствените идеи, практики и перспективи, создавајќи простор во кој сите можеа да учат едни од други. Во фокусот беше заедничкото учење за иднината на младинската работа, како и развивањето лидерски способности засновани на вредности, соработка и меѓународно разбирање. Покрај едукативниот дел, програмата беше збогатена со многу креативни и забавни активности. Учесниците имаа можност да бидат дел од интернационален музички бенд, да создаваат уметност низ различни работилници за рачни изработки, цртање и сликање, работилници за дизајнирање восочни свеќи како и склопување и дизајнирање на куќарки за мали птици, да учествуваат во работилници за пеење (ten sing), да посетуваат сесии за релаксација и да учествуваат во спортски активности на терените на кампот во Михелштат. Дури и високите температури не ги спречија учесниците да учествуваат на сите овие настани, но и да уживаат во посетата на локалниот базен. За учесниците, покрај овие обврски, вклучена беше и прошетка до адреналински парк и возење на мал, планински ролеркостер, како и патување со брод по реката Мајна до блискиот град Милтенберг. Од Македонија имаше вкупно 7 претставници. Во изминатите четири години, овој камп прерасна во важно место за средба на европското ИМКА движење. Тој не претставува само меѓународен собир, туку простор каде што младите градат пријателства, споделуваат искуства и се инспирираат стекнатото знаење да го пренесат во своите земји и локални организации. Овој камп служи за сплотување на младинските работници низ камповите во Европа и е особено значаен за нашата земја од аспект на тоа што нуди споделување на искуства поврзани со камп културата која што ИМКА во Битола и во Македонија неуморно се труди да ја издигне на едно повисоко и препознатливо ниво за сите наши локални учесници, волонтери и поширока публика. * Пред да дојдам на кампот во Михелштат немав некои преголеми очекувања. Се надевав дека ќе запознаам нови луѓе, ќе стекнам пријатели и ќе разменам мислења со млади од различни земји. На крајот, сето тоа се исполни, па дури и ги надмина моите очекувања. Најинтересен и највпечатлив дел за мене беше курсот за лидерски вештини. Таму научив многу корисни работи за комуникацијата, тимската работа и начинот на кој еден лидер може позитивно да влијае на другите. Сигурно ќе ги применам овие знаења и во мојата заедница. За време на кампот стекнав поголема самодоверба во споделувањето на моите мислења и научив како подобро да ги разбирам и почитувам луѓето околу мене. Ова искуство ми помогна да пораснам како личност и да станам поотворен кон нови идеи и перспективи. Дефинитивно би го препорачал Михелштат кампот на секој млад човек кој сака да стекне нови искуства, да создаде меѓународни пријателства и да научи нешто корисно и вредно за својата иднина. Никола Гелов Кога првпат слушнав за кампот во Михелштат, сè ми дојде многу неочекувано. Бев пресреќна кога дознав дека и моите другарки добија можност да учествуваат, бидејќи знаев дека заедно ќе доживееме едно незаборавно искуство. Секој ден на кампот ми беше интересен на свој начин. Имав можност да научам многу нови работи и да запознаам луѓе од различни средини. Особено ми се допадна курсот по пеење. Таму научив дека не треба да се плашиме да пробаме нешто ново. Ако никогаш не се обидеме, нема да знаеме што можеме да постигнеме. Секој човек има свој талент и свој начин на изразување, а токму тоа нè прави посебни. Едно од највозбудливите искуства за мене беше активноста во Tree House. Искрено, пред да дојдам на кампот мислев дека тоа не е нешто што би го направила во мојот град. Но, овде решив да излезам од мојата зона на удобност и да пробам нешто ново. На крајот, многу се забавував и бев горда на себе што се осмелив да учествувам. Од курсот по пеење научив и една важна животна лекција: дека не треба да ги осудуваме другите. Секој може да направи нешто на свој начин и тоа не го прави помалку вреден. Наместо да критикуваме, треба да ги прифатиме и почитуваме разликите меѓу луѓето. Кампот ме научи да се дружам со сите, да бидам поотворена и да не донесувам брзи заклучоци за другите. Сфатив дека секој човек има своја приказна и дека сите заслужуваат почит, разбирање и поддршка. Најважната порака што ќе ја понесам со себе е дека треба да бидеме храбри и да не се плашиме од нови предизвици. Нема глупави прашања и нема неуспеси кога учиме нешто ново. Секое искуство е можност да пораснеме и да станеме подобра верзија од себе. Дефинитивно би им го препорачала Михелштат кампот на сите млади кои имаат можност да учествуваат. Пријателствата, чувството дека сте дел од едно големо семејство, новите искуства и сè што се учи таму се нешта што тешко можат да се доживеат на друго место. Тоа е искуство кое засекогаш останува во сеќавање. Јована Кирјаковска   Бидејќи и претходно имав учествувано на два меѓународни кампа надвор од Македонија, дојдов во Михелштат со високи очекувања и чувство на возбуда. Од моите претходни искуства знаев дека ме очекува нешто посебно, а кампот ги надмина сите мои очекувања. Она што најмногу ми се допадна беше разновидноста на курсевите и работилниците. Тие создадоа можност сите учесници да се запознаат подобро, да се дружат и да учат едни од други.

  • ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби

    ENSURE истакнат како значајна иницијатива за идната подготвеност на првите одговорни служби На 27 јуни 2026 година, Кирил Михајлов, командир на Доброволното противпожарно друштво Свети Николе, учествуваше на панел-дискусија во Скопје посветена на противпожарната заштита и подготвеноста за вонредни состојби. Во рамки на дискусијата беа разгледани дел од клучните предизвици со кои се соочуваат противпожарните…

  • Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE

    Реални искуства од шумските пожари во функција на подобра подготвеност преку ENSURE Доброволното противпожарно друштво Свети Николе продолжува да придонесува кон целите на проектот ENSURE преку своето директно учество во сложени интервенции на шумски пожари во Северна Македонија. За време на големиот пожар во Општина Македонски Брод, тимот на ДПД Свети Николе беше ангажиран како…

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор