Пред неколку дена, бев принуден да направам разлика помеѓу новинари и блогери
[tweetmeme source=”jolieodell” only_single=false]
Само накусо ја допрев темата:
Морам да се извинам во име на целата моја професија за начинот на кој сте третирани од неколку блогери, кои нема да ги именувам тука. Постојат блогери кои не знаат ништо и не им е гајле за вистинското новинарство, кои ја гледаат оваа професија како можност за краткорочна добивка на било чија сметка, кои не уживаат во неа и кои само сонуваат за моментална слава и профит подоцна. Овие луѓе не се новинари; тие се себични ѓубриња. И мајсторски го уништија начинот на кој многу луѓе гледаат на мојата професија.
По исходот од овој пост стана јасно дека дефинитивно мора да дефинирам што го прави еден новинар новинар.
Навистина, воопшто не е важно кој медиуми го користите. Може да работите во печатен медум, радио, телевизија, или на интернет – новинарството постои во секој облик на комуникација. Кога би немале медиуми, ќе постои орално новинарство. И како што комуникацијата продолжува да се развива и да вклучува нови форми на медиуми, новинарството напоредно ќе се развива.
На почеток ќе кажам: Не секој кој ја објавува својата работа на медиум е новинар.
Кои се тогаш знаците на препознавање на професионален новинар?

1. Новинарот е обучен во новинарство.

Независно дали има стекнато академско или практично знаење, еден новинар е обучен во професијата. Неговата работа била предмет на безмилосна анализа на професори, соработници и уредници.

Диплома во новинарство, медиумски студии, масовна комуникација, или некоја слична програма заедно со неколку годишно туторство на уредници е најдобра подготовка за некој да се нарече новинар.

Еден блогер може да има тони искуство во пишување, па дури и диплома по англиски или слично, но – и тоа е клучната разлика – писател не значи исто што и новинар. Исто како што некој што знае да свири на клавир не може да биде концертен пијанист, или како што механичар не може да биде техничар на нуклеарна подморница. Новинарот припаѓа на специјализирана, техничка подгрупа на професијата на пишување која бара посебна обука. Како некој кој уредувал многу писатели кои се обиделе во новинарството, можам да ви кажам дека разликите се огромни – и не станува збор само за естетика и нијанси.
2. На новинарот неговиот производ не му е прекумерно скапоцен

Како дел од ваквата новинарска обука, се навикнувате прозиводот да ви биде раскинат на парчиња и да гледате како цели параграфи се бришат од вашите текстови. Како резултат, нема да се навредите кога уредникот ќе ви каже, цитирам „Џоли, оваа реченица падна од дрвото на грдосијата и ја удри секоја гранка паѓајќи надолу.“
Почнувате да гледате на вашето пишување како што би го гледал странец. Ги гледате грешките, грдотијата, фактичката нејасност, неумесно избраните фрази. И вие или вашиот уредник вршите корекции без многу да се тревожите.
Овие зборови не се ваши екстремитети, деца, ремек дела. Тие се само уште еден збир на редови во текстот или уште неколку илјадници зборови кои треба да пополнат „дупки во вестите“. Не сте венчани за нив, бидејќи ќе преминете на нова колекција зборови во рок од еден или два часа. Со малку труд, следниот текст ќе биде подобро напишан од последниот како што брзо ќе учите од своите грешки.
Блогерот е автономно суштество кое не е навикнато да биде анализирано од страна на професионален уредник. Врз неговата работа и душа никој не газел така безмилосно – иако коментаторите може да бидат сурови навистина – па тој е малку повеќе поврзан со неговите зборови. Исто така, неговите зборови се почесто поврзани со неговите лични идеи. Повеќе за тоа за кратко.
3. Новинарот се воздржува од сопствено мислење кога пренесува вести.

Објективноста е збор кој често се користи во новинарските кругови. Новинарот се стреми кон: неутралност, неприсрасност, апсолутна вистина, факти без емоции. Не може да се задоволиме со „обете страни на приказната“. Мора да ги кажеме сите страни на приказната, и мора секоја страна да ја претставиме независно од нашите лични верувања и гледишта.
Кога тоа е целта, масакрирањето на вашата работа од страна на урендикот е полесно бидејќи, како што претходно кажав, не сте приврзани со самите идеи.
Понекогаш, новинарот ќе се прешалта од вести на колумни или мислења. Во почисто разграничените денови на печатеното новинарство, постоеше нешто што се викаше „коментар “; читателите знаеја дека мислењето во текстот е гледиште на авторот и не претставува чист факт. Тоа беше единствена страница во весникот на која можеше да се види зборот „јас“ надвор од цитати од други извори.

Новинарот, кога пишува вести, не коментира, не дава мислења, и никогаш не пишува во прво лице еднина.
Блогерот е посклон да дозволи пишувањето „вести“ да биде обоено со мислење. Како непрофесионалец, барем во почетоците од блогирањето кога електронските публикации не се сметаа за печат, блогерите немаа пристап до вести од прва рака. Тогаш, мислењето и анализата беа единствените нешта кои можеа да се додадат. Од таа и други причини (поврзани, претпоставувам, со инјектирање разнолики коментари заради поголем ефект), новинските блогови вклучуваа повеќе коментари и мислења отколку што сме навикнати да гледаме во новинарството. Тоа во некои случаи е добро, а во некои лошо; меѓутоа, формално обучениот новинар никогаш не ја коментира содржината.
4. Новинарот користи наводници и цитира извори.

Една од првите лекции во новинарската школа е дека „она што е општо познато“ не се смета за извор, и сè мора да има извор.

Дали паднале 13 сантиметри дожд вчера? Според кого?
Дали е гратскио буџет скратен? Според кои документи? На кој состанок? Од кого?
Дали одредена хемикалија е штетна за животната средина? Кои експерти го тврдат тоа и кои студии го докажуваат?
За да се одржат стандардите на објективност, ниту еден факт не може да се отпечати без повикување на силен извор надвор од редакцијата. Таквото повикување, задно со објективноста, се речиси неприкосновени заложби, и професионалниот новинар е под силен притисок да ги пречекори. Повикувањето на извор во дигиталното време значи наведување на линкот на изворот кога е достапен дигитален извор.

Блогерот, од друга страна пак, може да си игра со логиката „секој го знае тоа“ и да се повикува на семоќното „тие“ како извор на статистика или други информации. И наведувањето линкови се чини произволно, бидејќи многу блогери би претпочитале да тврдат дека информациите се нивни и да собираат прегледи на нивниот домен.
5. Новинарот е опседнат со вистината.
Како што споменав погоре, новинарите сакаат факти. Тие може да бидат изненадени кога фактите се спротивни на нивното верување, но веројатно нема многу да се вознемират или да тргнат во лов по нови „факти“ кои ќе ги побијат првите.
Слично како во науката, каде корисни информации се користат за да се дојде до одговор, а не да се потврди одговорот кој го имате во главата, новинарот ги претставува фактите какви што се без да ги манипулира во неизбежен заклучок. Зад оваа опсесија со податоци и факти – за многу новинари, вклучувајќи ме и мене – стои идејата дека вистината ќе нè ослободи.

Блогерот, кој не е нужно посветен на објективност или други новинарски стандарди, секако ќе се обиде да ги разоткрие фактите на начинот на кој тој/таа ги гледа; меѓутоа, без години обука како да се сузбие личната пристрасност, речиси е невозможно на податоците да не се гледа низ призмата на нечии убедувања.
6. Новинарот им служи на луѓето.
Ме излудува кога наводен новинар вели дека сака да ѝ помогне на некоја компанија, независно колку е мала или во криза, објавувајќи статија за таа компанија. Повикот на новинарот е да ги информира и да им служи на луѓето со мало или никакво влијание во светот. Не политичари, не капиталисти, не морални или верски водачи. Кога се пренесуваат сите страни на приказната во корист исклучиво на пролетеријатот, често се случува некои компании и поединци исто така да профитираат, барем до степенот до кој оперираат за најдобрите интереси на масите.

Новинарите соодветно се повикуваат да бидат двојно поскептични (во оригинална смисла) во споредба со просечниот граѓанин. Тие не го гледаат само сопствениот најдобар интерес, туку и се обидуваат да го заштитат оној на другите и, кога е потребно, да ги предупредат за опасност.
Блогерот си служи себе си и нема вистински општествен императив во најголем број од случаите.

7. Новинарот е скептик (и често критичар).
Новинарите ги бие лош глас дека се негативни, цинични и нетолеранти. И такви и треба да бидеме.Дел од објективноста и внимателноста на професијата е и гледањето толку многу страни на приказната со што се губи способноста било што да се земе здраво за готово. На ниту еден извор не му се верува имплицитно; факт не се прифаќа додека не се докаже.
Доколку некој кој пишува вести работел и на уредување на истите, тој не е само скептик, туку и критичар. Многу брзо почнувате да ги барате грешките во напишаното и во животот, за да можат да можат веднаш да бидат поправени.
Ваквиот став ги прави новинарите раздразливи. И алкохоличари.
Блогерите, пак, се често фини луѓе. Ним не треба да им се верува.
Но сериозно, блогерот може да постави прашање до или да нападне компанија, лице, или некоја вест; но за тоа да се стори како новинари потребна е малку поголема дистанца. Скептицизмот на новинарот е незаинтересиран и објективен; тој постои само за да обезбеди дека целата вистина ќе излезе на виделина. Не се работи за лична одмазда или профитирање.
8. На новинарот му е битна формата.
На почетокот ви кажав дека новинарот не е писател, тој е техничар.
На техничарите им е битна техниката.

Покрај граматиката (а новинарите мора да водат сметка за тоа, бидејќи нивните текстови одат неповратно во печат), на новинарот му е битен и стилот, кој може да варира во зависност од публикацијата. Поради механиката на медиумската продукција и потрошувачка, на новинарот му е битен и редоследот по кој се презентираат на информациите.
Блогерот е техничар од поинаков вид, и на новинарите би им било од корист да научат некои од блогерските техники. На пример, блогерот типично знае повеќе за метаподатоци, мрежен сообраќај, механизми на социјално споделување и СЕО – токму техниките кои беа најголема пречка за традиционалните медиуми на патот кон дигиталната ера. Но владеењето на дигитални техники не ве прави новинар.

9. Новинарот не е шпиун или кодош.
Точно е дека некои од најлудите и најдраматичните стории во аналите на овој занает се вртат околу откривање тајни. Вотергејт, на пример – каде што беше потребно првокласно шпиунирање и протекување на информации.

Но, еден новинар добива малку такви стории во животот. Новинарството не е возбудлива вртелешка на начуени зделки и прислушкување – или, во помодерен контекст, хакирани сметки и протечени документи. Да беше така, на новинарите никој немаше да им верува и никогаш немаше да бидат поканети на некоја забава, што е голем составен дел од нашиот буџет за храна и пијалоци бидејќи платите на новинарите се генерално ниски.

Тука блогерите ги имаат зезнато новинарите до степен кој не можам пристојно да го опишам.
Неколку блогери кои се преправале дека се новинари шпиунирале, кодошеле – и тоа го правеле на начин од кој само тие имале корист – и сега сите новинари се сметаат за лешинари на кои не треба да им се верува.
Вистионскиот новинар се потпира на длабоко знаење, тесни врски со експерти во индустријата, и посветеност на занаетот. Тој има вештини кои зборуваат за 20-годишна новинарска кариера, не детска снаодливост која ќе создаде еден блокбастер.
10. Новинарот има пасија за новинарство.
Конечно, и најевидентно, новинарот го сака новинарството. Тој може да се жали, но не е веројатно дека ќе ја промени кариерата. Тој не се грижи само за својата работа, но и за својата професија, и ќе ја брани од аматери кои сакаат да ја оцрнат. Блогерот ќе го спомне зборот „новинарство“ и ќе се нарече новинар, но тој знае што значат тие зборови. Едно е да се биде поетичен за „моќно новинарство“. Сосема е друго да се користи “превртената пирамида“, да се усвои и следи стил, да се работи со ПР луѓе со одреден вид интегритет, да се пишуваат стории и вести без да се дава мислење и комантари, и генерално да се однесуваш како новинар.

Блогер кој вели дека го сака новинарството е како кога ученичка која пее во студентски хор вели дека ја сака операта: можеби е искрена, но има уште многу да учи.

Ако сте блогер и ако напишаното ве навреди, запрашајте се зошто – се сомневам дека е поради тоа што вашето однесување го нареков недоволно „новинарско“. Иако е точно дека сите следиме некои професионални стандарди, гореспоменатите се навистина основни. Доколку се чувствувате загтозени или нападнати од напишаното, предлагам да ми се одмаздите така што ќе посетите неколку часови по новинарсво или ќе стажирате во локален весник; ќе ви го смени пишувањето и животот.

Автор: J. O’Dell

The post Која е разликата помеѓу новинар и блогер? appeared first on ССНМ.