Majka 9.jpg

Прво регионално вмрежување на руралните жени од Североистокот: Гласни и здружени за промени

Жените од руралните средини во Североисточниот регион, кои досега ретко добиваа простор и поддршка за активно учество во јавниот живот, за првпат се сретнаа на Регионална средба за вмрежување во Крива Паланка, организирана со цел да се поттикне женското учество во локалното одлучување и граѓанскиот активизам. Ова е првата од вкупно три планирани регионални средби во рамките на проектот „Активни жени“.

Настанот ги собра жените од населбите Карпош и Пуковско од Куманово, Конопница, Мождивњак и Дурачка Река/Станци од Крива Паланка и Кетеново, Шлегово и Туралево  од Кратово,  кои споделија лични искуства, предизвици и иницијативи насочени кон подобрување на условите во нивните заедници.

Мотивирани за акција и иницијатива

„Прв пат доаѓам на ваков организиран настан и се чувствувам мотивирано да делувам во мојата заедница. Вмрежувањето овозможува гласот на руралните жени да се слушне посилно при креирање на локалните политики, додека заедничкото делување придонесува за поефикасно решавање на клучните предизвици со кои сите се соочуваме, истакна Емилија Јакимовска од населбата Карпош, Куманово.

Нагласувајќи ја важноста на женско поврзување и охрабрување, слична порака испрати и Светлана Кирова  од Шлегово, која очекува конкретни промени во нејзината заедница.

„Иако жените се соочуваат со бројни бариери, промената е веќе започната. На наша иницијатива ја обновивме месната заедница, што претставува огромен чекор напред за целото село. Овој потег не е само израз на наша желба, туку јасна и реална потреба. Тоа покажува дека кога жените се здружуваат и преземаат иницијатива, можат да придонесат за вистински промени во заедницата“, рече Кирова.

Предизвици и бариери

И покрај растечката волја за промени, руралните жени се осврнаа и на главните причини за слабиот женски активизам. Се  уште се соочуваат со длабоко вкоренети општествени бариери кои ја отежнуваат нивната активна улога во заедницата.

„Патријархалните норми и политичките поделби сè уште ја кочат женската иницијатива. Во многу рурални средини жените се уште се гледаат само како поддржувачи, а не како носители на одлуки. Честопати се игнорира нивниот глас. Време е да се надминат стереотипите и да се отвори простор за еднакво учество, засновано на капацитет, а не на пол или политичка припадност“, вели младата Мирела Стојчевска од Конопница, Крива Паланка.

Негативно искуство за отпорот кон жените и поинаквата перспектива кон нивниот активизам сподели и Јасминка Јакимовска, единствена жена од Крива Паланка која била претседателка на Месната заедница во село Станци.

„Иако поднесував барања и настојував да отворам дијалог, вратите на општината ми останаа затворени. Сепак, тоа не ме обесхрабри. Зашто секоја жена што ќе се охрабри да проговори, да се спротивстави на молкот или да поведе иницијатива, претставува чекор напред,  не само за себе, туку за целата заедница. Нашиот глас заслужува да биде слушнат, а нашата посветеност – препознаена и поддржана“, истакна Јакимовска.

Учесничките на средбата заклучија дека  клучни пречки за поголема активност на жените во руралните средини е недостигот на информации и мотивација, што често ја задушува иницијативата уште на самиот почеток.

„Голем дел од жените не се доволно информирани за своите права и за начините како можат да се вклучат во иницијативи или да бараат промени. Кај многу од нив е присутен и недостаток на амбиција, што дополнително ја намалува нивната активност. Од друга страна, општината често само нè препраќа од една служба до друга, без реална поддршка“ , смета Тамата Костадиновска од Туралево, кратовско.

Жените – двигатели на промени

Тие беа едногласни  дека женската мобилизација е процес,кој е можеби тежок, но возможен. Иако се уште се на почеток, овие рурални жени носат голема волја за промена и енергија која може да ја трансформира заедницата.

„Ги дефиниравме проблемите едногласно, стапивме во контакт со општината и имаме план за работа. Поттикнати сме од желбата за подобри услови во нашата средина. Веруваме дека со заедничка посветеност и континуирана соработка можеме да создадеме вистински промени“, потенцираше Весна Ристевска од Куманово.

Учесничките изразија задоволство од досегашните активности на проектот „Активни жени“, кои им помагаат да се слушне женскиот глас, но и да бидат информирани и инклузивно да настапуваат пред надлежните институции.

„Сега знам како законски да донесам промена. Научивме сè да документираме, и најважно, конечно се слуша нашиот глас. Ние сме жени ентузијасти и нема партија што ќе нè обои, ниту институција што ќе не раздвои“, потенцираше кумановката Емилија Јакимовска.

Институционална поддршка

На средбата присуствуваше и координаторката на Комисјата за еднакви можности од Општина Крива Паланка Гордана Ристовска, која посочи дека мобилизацијата можеби оди тешко, но дека токму ваквите настани се вистинската можност за охрабрување и активирање на жените.

„Знам дека физичката оддалеченост и недостатокот на транспорт се едни од  клучните причини за слабото женско учество. Но ги охрабрувам жените да учествуваат во буџетски форуми и да даваат предлози, зашто општината реализира добар дел од граѓанските приоритети. Оваа средба со толку многу жени покажува колку се силни и активно ќе се залагам за јакнење на нивното учество во процесите на одлучување“, рече Ристовска.

На крајот беа детектирани заедничките проблеми на вклучените заедници што директно влијаат врз квалитетот на животот. Жените укажаа на хронични проблеми со водоснабдување, недовршена канализација, слаба осветленост, лоша патна поврзаност, како и недостиг од здравствени установи, детски и рекреативни простори.

Регионалната средба беше доказ дека кога жените се поврзуваат, се охрабруваат и поддржуваат една со друга, се раѓа вистинска промена. Преку размена на искуства, научени лекции и лични приказни, тие градеа солидарност и даваа нови идеи. Ова е само почеток на една посилна, поврзана и гласна женска мрежа.

Проектот „Активни жени“,го спроведува Хуманитарно Здружение „Мајка“ од Куманово, во партнерство со Регионален центар за одржлив развој од Кратово, РЦС „Спектар“ од Крива Паланка и Фондација за развој на мали и средни претпријатија од Куманово. Проектот е поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, што ја спроведува МЦМС.


This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор