Logo mreza protiv nasilstvo

МРЕЖА ПРОТИВ НАСИЛСТВО ВРЗ ЖЕНИ: УШТЕ КОЛКУ ЖИВОТИ ТРЕБА ДА СЕ ИЗГУБАТ ДОДЕКА СОБРАНИЕТО РАСПРАВА ДАЛИ ЗАШТИТАТА ОД РОДОВО БАЗИРАНО НАСИЛСТВО Е „ПРЕМНОГУ ПРОГРЕСИВНА“?

Длабоко сме потресени од трагедијата во Богданци, каде што се пронајдени две безживотни тела, а според досегашните информации, на настанот му претходела пријава за партнерско насилство врз 17-годишна девојка.

Бараме итна, темелна и независна истрага за сите околности на случајот, вклучително и за постапувањето на институциите по претходната пријава за насилство. Додека се утврдуваат идентитетот на второто починато лице и причините за смртта, едно прашање не може да чека: Дали институциите ги презеле сите мерки за заштита по пријавеното насилство?

Пред само осум месеци, трагичната смрт на Ивана и нејзината шестгодишна ќерка го потресе целото општество. По тој настан, претставниците на институциите и граѓанските организации седнаа на заедничка маса, со јасна обврска да подготват законски измени и одржливи промени во институционалното постапување, за жртвите да добијат навремена и ефикасна заштита.

Беа идентификувани слабостите во системот, потребата од подобра проценка на ризик, координација меѓу полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа, како и потребата од итни промени во повеќе закони и практики. Осум месеци подоцна, повторно зборуваме за трагедија на која ѝ претходела пријава за насилство.

Во меѓувреме, во август беа предложени измени во Собранието само на еден закон – Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство. Дури и законските измени во овој закон остануваат предмет на политички одложувања. Бараме Собранието веднаш јавно да објасни во која фаза се наоѓа предлог измените на законот и зошто не се донесени неопходните измени. Особено алармантни се информациите дека дел од парламентарното мнозинство ги оспорува предложените решенија како „премногу прогресивни“, затоа што во нив се користат поимите родова еднаквост и родово базирано насилство.

Ако ова навистина е причината поради која се одложува зајакнувањето на заштитата на жртвите, тогаш станува збор за политичка неодговорност со потенцијално тешки последици. Да се проблематизира поимот „родово базирано насилство“ во законите што треба да ги штитат жените од насилство, додека жените и девојчињата продолжуваат да пријавуваат закани, контрола и физички напади, е недозволиво.

НЕДОЗВОЛИВО е заштитата на жените и децата да биде заложник на идеолошки несогласувања. НЕДОЗВОЛИВО е осум месеци по трагедијата со Ивана повторно да бараме одговори на истите прашања.

Уште пострашно е што сето ова се случува во време кога јавни личности и претставници на политички партии отворено шират ставови што ја оправдуваат машката контрола врз жените и го релативизираат партнерското насилство. Наместо недвосмислена јавна осуда, сведочиме на простор во кој ваквите изјави се третираат како уште едно политичко мислење.

Не може насилството да се релативизира во јавноста, родот да се брише од образованието, а законските механизми за заштита да се одложуваат поради идеолошки приговори. Овие случувања не докажуваат директна причинско-последична врска со трагедијата во Богданци, но отвораат сериозно прашање за политичките приоритети и одговорноста на институциите.

Не може по секоја трагедија да слушаме исти ветувања, а никој да не одговара за можните институционални пропусти.

Национална мрежа за против наилство врз жените и семејно насилство бара:

  • Итна истрага за трагедијата во Богданци, со целосна проверка на претходното постапување на полицијата, обвинителството и социјалните служби, проценката на ризик и преземените мерки за заштита.
  • Итно јавно произнесување на Собранието за предложени законски измени на Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, поднесен во август во Собранието, со објаснување за неговиот статус, причините за одложување и конкретен рок за постапување.
  • Итно произнесување на Владата до каде е процесот на измена и на другите закони, а со цел нивно услогласување со Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, кои работната група формирана по фемицидот на Ивана требаше да ги подготви, со објаснување за нивниот статус, причините за одложување и конкретен рок за подготовка и поднесување.
  • Итно ставање во собраниска процедура и одлучување за неопходните законски измени, без политичко условување на заштитата на жртвите и без отстранување на поимите родова еднаквост и родово базирано насилство од законската рамка.
  • Јасна политичка одговорност од Владата и парламентарното мнозинство за спроведувањето на преземените обврски по трагедијата со Ивана и нејзината ќерка.
  • Итно спроведување на системските промени во институционалните практики, за секоја пријава за насилство да биде проследена со соодветна проценка на ризик, навремени мерки за заштита и координирано постапување.
  • Недвосмислена јавна осуда на говорот што ја оправдува контролата и насилството врз жените, особено кога доаѓа од носители на јавни функции и политички претставници.

Собранието мора да покаже дека е способно да одговори на современите општествени предизвици и на реалните ризици со кои се соочуваат жените и децата. Доколку парламентарното мнозинство не може да обезбеди донесување на законите неопходни за нивна заштита, мора јавно да ја преземе политичката одговорност за таквата блокада.

Заштитата од насилство не е „прогресивна идеологија“. Таа е основна обврска на државата.

Жените и девојчињата не можат да чекаат политичарите да се договорат дали зборовите „род“ и „родова еднаквост“ им се прифатливи. Нивната безбедност не смее да зависи од политички калкулации. Ниту една институција не смее да се задоволи со соопштение по трагедија, без јасни одговори за тоа што било преземено за таа да се спречи.

По трагедијата со Ивана ветивте дека системот ќе се промени. Денес повторно бараме одговори. Каде се законите? Каде се променетите практики? Каде е одговорноста? Нема повеќе простор за одложување. Нема оправдување за институционално непостапување. Нема оправдување за политичко пазарење со безбедноста и животите на жените и децата.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

  • Високите цени ја надминаа корупцијата како клучен проблем, но расте прифатливоста и подложноста на корупција во Северна Македонија

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше идентификувана како најсериозен општествен проблем, во 2025 година граѓаните на Северна Македонија ги рангираат високите цени како своја главна грижа (46,6%), а корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, зголемените трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, додека корупцијата и понатаму останува еден од клучните предизвици со кои се соочува општеството. 

  • Демир Капија: Жените бараат редовни средби со институциите и поголема поддршка за локалните иницијативи

    Демир Капија, октомври 2026 – Поголема вклученост на жените во локалното одлучување, редовни консултации со жителките од руралните средини и навремени повратни информации од институциите беа дел од главните теми на јавната дебата „Женското лидерство како огледало на заедницата“, одржана во Демир Капија. Дебатата ја организираше Хуманитарното здружение „Мајка“ – Куманово, во соработка со Организацијата […]

  • Младите од Струга во улога на новинари на работилница за медиумите на заедницата

    Средношколци од Струга учеа за медиумите на заедницата, разговараа за етиката во новинарството и за момент влегоа во улога на новинари. Тие предлагаа теми, анализираа како да ја обработат приказната и дискутираа колку е важно да се зборува јавно за проблемите на локалните заедници и да се бараат решенија.

  • Два дена партиципативно буџетирање со граѓаните на Општина Кисела Вода

    Во соработка со Општина Кисела Вода спроведовме процес на партиципативно буџетирање. Граѓаните ги споделија своите потреби, проблеми и предлози за подобрување на квалитетот на животот во општината. Тие ја препознаа иницијативата како корисна и изразија поддршка за организирање ваков тип на настани, кои овозможуваат нивните потреби и идеи да бидат слушнати. Следниот чекор е анализа […]
    The post Два дена партиципативно буџетирање со граѓаните на Општина Кисела Вода first appeared on Finance Think.
    The post Два дена партиципативно буџетирање со граѓаните на Општина Кисела Вода appeared first on Finance Think.

  • Ден на климатските промени – 4 Ноември

    Денес го обележивме 4ти ноември Денот на климатски промени со учество на Утринска програма на Телма телевизија со нашата  Тамара Радовановиќ Анѓелковска на која што разговаравме за активностите на нашата организација поврзани со заштита на животна средина и намалување/ адаптација на климатските промени.
    Зборувавме за тоа како локалните заедници можат да станат отпорни на климатски промени и зошто е тоа важно.
    Благодарност до редакцијата на Телма телевизија за поканата!
     

  • Од управување со миграциите до интеграција: Истражувањето во рамки на ФОСТЕР го анализира пристапот на странските државјани до права во Северна Македонија

    Миграцискиот профил на Северна Македонија се менува. Иако традиционално се препознава како транзитна земја, таа сè повеќе станува земја на дестинација за странски работници и други странски државјани што бараат подолгорочен престој. Според податоците презентирани во нашето истражување, бројот на странски работници се зголемил од […]
    The post Од управување со миграциите до интеграција: Истражувањето во рамки на ФОСТЕР го анализира пристапот на странските државјани до права во Северна Македонија appeared first on Myla.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор