[Aggregator] Downloaded image for imported item #51956

Мобилни правни денови – правна поддршка поблиску до граѓаните

Во периодот од јуни до септември 2026 година, Здружението за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА ПЕТ реализираше четири мобилни правни денови во општините Долнени, Прилеп и Кривогаштани, преку кои 82 граѓани добија бесплатни правни совети, информации и насочување кон надлежните институции за полесно остварување на своите права.

Мобилните правни денови се дел од нашите заложби за унапредување на пристапот до правда и обезбедување достапна правна поддршка, особено за граѓаните кои се соочуваат со административни, социјални и други предизвици при остварувањето на своите права. Преку непосредна работа на терен, правната поддршка ја носиме директно во заедниците, овозможувајќи им на граѓаните да добијат навремени информации, индивидуално советување и насоки за понатамошно постапување.

Четирите мобилни правни денови беа реализирани на следните локации:

  • 6 јули 2026 година – с. Ропотово, Општина Долнени, во салата на Советот на Општината;
  • 29 јули 2026 година – населба Тризла, Прилеп, во Домот „Тризла“, во просториите на Урбаната заедница Тризла;
  • 31 август 2026 година – Прилеп, во Домот „Спиро Забрчанец“;
  • 25 септември 2026 година – Општина Кривогаштани, во просториите на Здружението на млади „Урбано гнездо“.

За време на активностите, граѓаните имаа можност бесплатно и доверливо да се консултираат за своите социјални и други права, да добијат информации за постапките за нивно остварување, како и насоки и поддршка при административни постапки и упатување до надлежните институции, во зависност од нивните потреби. Со цел граѓаните навремено да бидат информирани за можностите за добивање бесплатна правна поддршка, на секој мобилен правен ден му претходеа подготовка и дистрибуција на информативен леток во печатена и електронска форма. Летокот содржеше информации за датумот, времето и локацијата на одржување на активноста, како и за видовите услуги што граѓаните можат бесплатно да ги добијат. Преку онлајн и непосредно споделување на информативните материјали, се овозможи пошироко информирање на локалното население и полесен пристап до достапната правна поддршка.

Веруваме дека пристапот до правда започнува со достапна информација, разговор и соодветна поддршка. Затоа, мобилните правни денови не ги гледаме само како начин за обезбедување правни совети, туку и како можност да ги слушнеме потребите на граѓаните, да ги разбереме предизвиците со кои се соочуваат и да придонесеме за поинформирана и поактивна заедница.

*Активноста е дел од проектот „Правна поддршка и едукација за социјални права на ранливи граѓани во Пелагонискиот регион“, кој е финансиран од програмата за грантови на проектот „Иницијатива за административна социјална правда“, финансиран од Европската Унија, а спроведуван од Институтот за човекови права.

This post was originally published on this site

Продолжи со читање

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор