Vdf27352 1536x1024 1.webp

Итно усогласување на регулаторната рамка на Балканот со Законот за дигитални услуги – клучно за борбата против дезинформациите

Недостигот од правни и институционални механизми за заштита на дигиталниот простор на Балканот го прави регионот ранлив на манипулации, дезинформации и странски влијанија. Додека Европската Унија со Законот за дигитални услуги (ДСА) воспоставува јасни правила за поголема транспарентност и одговорност на онлајн платформите, земјите од регионот сè уште немаат слична регулаторна рамка.

Kолективната борба против дезинформации не се однесува само на исправка на невистини. Таа се фокусира на сочувување на нашите демократски општества во кои граѓаните носат одлуки и дебатираат на основа на аргументи. Борбата се фокусира на зајакнување на медиумската писменост на сите нивоа, со што општествата стануваат отпорни на надворешни влијанија и мешања. Денеска, проверката на факти е под напад, а со тоа е нападната и демократијата. Ова беше истакнато на денешната конференцијата насловена како „Заеднички за вистина: Сеопфатен пристап на целото општество кон заштита на демократијата“, која се одржува во Скопје, во организација на Фондацијата „Метаморфозис“, по повод Меѓународниот ден на проверката на факти, 2 Април.

Конференцијата ја отворија Бен Нупнау, заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската унија во Северна Македонија, Стефан Мундгес, координатор во Европската мрежа за стандарди на проверката на факти (ЕФЦСН), како и директорот на Фондацијата „Метаморфозис“, Бардил Јашари.

„Метаморфозис е пример во Македонија и пошироко во борбата против дезинформациите. Вие со вашата работа се борите против поткопувањето на демократските вредности. Во ЕУ имаме механизми за борба против дезинформациите со Законот за дигитални услуги и Законот за слобода на медиумите. Онлајн платформите кои ги имаме се транспарентни и преку нив се шири независното новинарство. Ние сме со вас кога станува збор за поголема зашита на новинарите и проверувачите на факти. Оваа конференција е можност да размениме практики и да ги зајакнеме нашите напори за зачувување на демократијата и на независните медиуми“, истакна Нупнау, заменик-амбасадорот на Делегацијата на Европската унија во земјава.

Стефан Мундгес, координаторот на Европска мрежа за стандарди на проверката на факти (ЕФЦСН) истакна дека задача на сите е да се јакне демократијата и да продолжи борбата против ширење дезинформации.

„Да ве лажат и да ве манипулираат, значи да не сте слободни. Се среќаваме овде во време на криза. Проверката на факти е под напад, а со тоа и демократијата. Овие напади доаѓаат од Истокот, но почнуваат да доаѓаат и од Западот. Политичкиот притисок од САД прави големите американски технолошки компании да се повлечат од борбата против дезинформациите. Програмата на „Мета“ не е совршена, но е најдобра програма за проверка на факти во една голема социјална мрежа. Таа не ја отстранува содржината, туку ја проверува вистинитоста. Околу 95 отсто од корисниците кои ги гледаат тие ознаки не го кликаат постот, оти не сакаат да видат лажна содржина. Ако „Мета“ престане да користи проверка на факти, Европа ќе биде поранлива, а ќе се намалат приходите на проверувачите на факти. „Мета“ не е единствена која се повлекува, туку и „ТикТок“, „Мајкрософт“, „Гугл“, потенцира Мундгес.

Тој додаде дека проверувачите на факти се под удар во Западен Балкан и дека против нив има неосновани рации и истраги и дека ситуацијата не е сјајна. Мундгес го потенцираше упадот на полицијата во канцелариите на граѓанската организација ЦРТА од Србија, која е исто така членка на ЕФЦСН.

„Што можеме да промениме? Проверувачите на факти нема да исчезнат, имаме голем проект, со кој ќе работиме на зајакнување на нашата пан-европска мрежа за сите релевантни чинители, бидејќи работата на проверувачите на факти е бесценета и таа останува да функционира независно од политичко влијание“, додаде Мундгес.

Извршниот директор на Фондацијата „Метаморфозис“ Бардил Јашари, зборуваше за потребата од итно усогласување на регулаторната рамка на балканските земји со принципите на Законот за дигитални услуги.

„Земјите од Западен Балкан сè уште немаат потребни правни, технички и институционални заштитни мерки за заштита на правата на луѓето на Интернет. За разлика од ЕУ, ние немаме корист од заштитата што ја нуди Законот за дигитални услуги, а сепак сите живееме во ист дигитален простор. Ова создава опасен јаз во безбедноста и интегритетот на Интернет во Европа. Затоа бараме итно усогласување на регулаторната рамка на балканските земји со принципите на Законот за дигитални услуги и создавање силна регионална рамка за информациски интегритет“, рече Јашари.

Тој истакна дека граѓаните од Западен Балкан се значително изложени на штетни и нелегални содржини на Интернет и дека дезинформациите се насекаде – се инфилтрираат во политичкиот дискурс, ја поткопуваат довербата и ја искривуваат реалноста.

„Во меѓувреме, платформите за социјални медиуми, посебно т.н. големите онлајн платформи, продолжуваат да профитираат од алгоритмите и ги засилуваат несогласувањата и дезинформациите, иако се во голема мера неодговорни во нашиот регион“, додаде Јашари.

Свое видео обраќање на конференцијата имаше Сорен Либориус, главен советник во Европската служба за надворешно дејствување (ЕЕАЅ).

„Дезинформациите се суштински проблем со кој треба да продолжиме да се справуваме. Во 2015 година, шефовите на земјите членки на ЕУ и владите, се согласија дека нешто мора да се направи во борбата против дезинформациите на Русија. Потоа дојде почетокот на војната во Домбас, па се случија сите активности кои доведоа до денешната агресија и затоа беше одлучено дека треба да се формира тим за борба против тековните напори на Русија за ширење дезинформации. ЕЕАС има јавна платформа, на која ги соопштуваме нашите наоди во јавноста, кои се трендовите кои се присутни, како тие се поврзани со политичките случувања. Изготвивме и наша методологија. На платформата euvsdisinfo.eu, имаме база на податоци, достапна за јавноста, има и примери како руската страна шири дезинформации“, рече Либориус.

Извештајот на ЕЕАС за закани од странска манипулација и мешање во информации, го презентираше аналитичарката на податоци, Киара Паценти, која зборуваше за ФИМИ и за заканата на глобално ниво. Таа истакна дека Украина е главната цел кога станува збор за руски ФИМИ напади, чија цел е ослабување на западните врски, НАТО, ЕУ, Г7.

Целодневната денешна меѓународна конференција, се фокусира на заканите од дезинформации, странски манипулацијии и вмешување (ФИМИ), изборен интегритет, проверка на факти и меѓусекторска соработка. Во Тирана, пак, ќе се одржи вечерен форум „Демократијата е важна – важни се фактите“ организиран од страна на центарот „Фактоје“. Форумот ќе го истакне пејзажот на проверка на факти во Албанија, регионалната соработка и ќе ја одликува новинарската извонредност со наградата Фатос Баџаку.

Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Фондација Метаморфозис

Продолжи со читање

  • МЦМС ја започна новата антикорупциска програма

    Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) го започна спроведувањето на програмата „Градење општество отпорно на корупција“, која ќе се реализира во периодот од 1 јануари 2026 до 30 јуни 2028 година со финансиска поддршка од Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија.

  • Потврда на долгогодишното македонско-холандско пријателство

    Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП) и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 16 јануари 2026 година беа домаќини на Н.Е. Узлем Џанел (Özlem Canel), Амбасадорка на Кралството Холандија во Република Северна Македонија и Иван Илиев, советник за економија и трговија во Амбасадата.

    „Денес беше убава прилика за освежување на долгото пријателство меѓу МРФП и Амбасадата на Кралството Холандија“, истакна Лазар Неданоски, извршен директор на МРФП.На средбата, која помина во пријатна и отворена атмосфера, директорот на МЦМС, Александар Кржаловски, потсети на почетоците на соработката со Холандија и на клучните поединци кои придонеле за развојот на организацијата. МЦМС како организација е основана во 1993 година, како потфат на домашни иницијативи поддржани од Холандската меѓуцрковна помош (ХМП) и агенциите на Светскиот совет на црквите (ССЦ). Пет години подоцна, во 1998 година, МЦМС ја основаше Македонската развојна фондација за претпријатија (МРФП), фокусирана на развој на малите претпријатија, преку пристап до финансиски услуги и промоција на претприемништво.

    Директорот на МРФП, Неданоски, даде хронолошки приказ на развојот на Фондацијата, нагласувајќи дека поддршката од Кралството Холандија била од клучно значење во првите години од нејзиното работење. Според него, таа поддршка не била важна само од финансиски аспект, туку имала значително влијание и врз организацискиот развој на МРФП, како и врз пошироката заедница мултиплицирајќи го ефектот во развојот на институциите, организациите и нивните лидери.
    Амбасадорката Џанел изрази задоволство што поддршката од Кралството Холандија резултирала со одржливи организации кои успешно работат и го пренесуваат своето искуство на други организации и институции. На средбата беше разговарано и за можностите за идна соработка.
     

  • Презентиран Индексот на политички интегритет

    На 27 ноември 2025 година во Клубот на пратеници се одржа презентацијата на првиот Индекс за политички интегритет (ИПИ) во земјата – инструмент создаден да ја измери, поттикне и промовира културата на интегритет во политичкиот и јавниот живот. Настанот беше проследен од голем број претставници на институции, медиуми, граѓански организации. Во своето…

  • Bure-Cycle: Од отпад до иновативен велосипедски паркинг

    Во светот каде ресурсите се ограничени, а отпадот се зголемува, секоја мала идеја за реупотреба има големо значење. Еко Логик со својот проект Bure-Cycle го покажува токму тоа – како старите метални буриња можат да добијат нов живот и да станат функционални, визуелно привлечни и одржливи велосипедски паркинзи за јавни простори. Иницијативата се роди од […]

  • Младите уметници го освојуваат јавниот простор: PATS – Уметност за активизам и општествени промени

    Европскиот проект „Младите уметници го освојуваат јавниот простор – PATS“ (Performance Artists Take The Streets – PATS) официјално започнува со јасна и силна мисија: да им овозможи на младите уметници нови простори, алатки и можности за креативно изразување и општествен ангажман. Уметноста како глас на промената PATS е проект финансиран преку Erasmus+ програмата на Европската […]

  • Високите цени ја истиснаа корупцијата од првото место, но таа и понатаму е меѓу најголемите општествени предизвици

    За разлика од 2021 и 2023 година, кога корупцијата беше препознаена како најголем општествен проблем, во 2025 година граѓаните на прво место ги издвојуваат високите цени (46,6%), додека корупцијата е веднаш зад нив (40,1%). Ова укажува дека инфлацијата, растечките трошоци за живот и намалената куповна моќ ја зголемуваат економската несигурност, но и дека корупцијата останува еден од клучните општествени предизвици.

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор