Green tax

Finance Think: Став бр. 53 за намерата да се воведе еколошка такса на горивата

Владата на Република Северна Македонија објави намера за воведување еколошка такса од 3.5 денари за литар гориво (4.13 денари со вклучен ДДВ), со цел да се потпомогне зелената транзиција, односно да се дестимулира користењето фосилни горива и да се охрабри користењето обновлива енергија, како и алтернативни начини на транспорт.

Иако ваквата намера може да значи позитивен сигнал во процесот на зелената транзиција, сепак е неопходно да се согледаат нејзините потенцијални ефекти. Имено, имајќи предвид дека целната транзиција не може да се случи преку ноќ, од економска гледна точка е важен ефектот од зголемувањето на цените на горивата врз општото ценовно ниво на краток рок. Притоа, релевантни се следниве околности:

  1. Воведувањето на еколошката такса претставува еднократно зголемување на цените со постојан ефект;
  2. Воведувањето на еколошката такса може да има преносен ефект врз цените на другите добра и услуги (за чие произвoдство горивата се инпут);
  3. Побарувачката за горива е, главно, нееластична на промена на цените, поради што воведувањето на еколошката такса ќе има ограничен ефект врз однесувањето на корисниците;
  4. Воведувањето на еколошката такса се случува во време кога нерамнотежите кај повеќе добра и услуги на глобалниот пазар (предизвикани од пандемијата) вршат одреден (привремен) притисок врз цените на глобално ниво.

Со цел оценка на ефектот од воведувањето на еколошката такса врз општото ценовно ниво (според кое се мери инфлацијата), Finance Think изврши моделска оценка (види повеќе за методолошката рамка на крајот од овој ФТ Став). Слика 1 ја претставува врската помеѓу промените во општото ценовно ниво (според индексот на трошоците на живот) и промените во подиндексот за течни горива и мазива (7.2.2. во рамки на група 7. Транспорт). Сликата документира потенцијална позитивна врска, пришто линијата за вклопување има благ наклон.

Слика 1 – Можна врска помеѓу цените на горивата и општото ценовно ниво

Извор: ДЗС (период М1-2010 – М5-2021).

Табела 1  ги дава оценките на одговорот на општото ценовно ниво на зголемување на цената на горивата, на краток и на долг рок. На краток рок, зголемување на цената на горивата од еден процент, во просек, резултира со зголемување на општото ценовно ниво помеѓу 0.02 и 0.05 проценти. Оттука, воведувањето на еколошката такса во висина од просечни 6.2 проценти од цената на литар гориво ќе придонесе со дополнителни 0.15 до 0.3 проценти пораст на општото ценовно ниво на краток рок.

Долгорочниот ефект од зголемување на цената на горивата врз вкупните цени е посилен, и може да е позначаен бидејќи еколошката такса е перманентна промена. Еден процент зголемување на цената на горивата, во просек, резултира со зголемување на општото ценовно ниво помеѓу 0.14 и 0.16 проценти на долг рок. Оттука, долгорочно гледано, воведувањето на еколошката такса ќе придонесе со дополнителни 0.8 до 0.9 проценти пораст на општото ценовно ниво.

Табела 1 – Оценка на процентното зголемување на општото ценовно ниво при еднопроцентен пораст на цените на горивата

 Модел на авторегресивни дистрибуирани временски задоцнувањаМодел на векторска корекција на грешка
Краткорочен ефект (%)0.047 ***0.023 **
Долгорочен ефект (%)0.141 ***0.157 ***
Брзина на враќање во рамнотежа-9.6% ***

(10.4 месеци)

-6.0% **

(16.8 месеци)

Извор: Пресметки на Finance Think.

Забелешка: Пресметките се засноваат на периодот М1-2010 – М5-2021. *** означува статистичка значајност на 1%, ** означува статистичка значајност на 5%. Значајноста на долгорочниот ефект е сензитивна на бројот на временски задоцнувања.

 

Овие резултати ги илустрираме, заедно со 90-процентен интервал на доверба, на Слика 2. На неа се гледа дека ценовно зголемување кај горивата вообичаено го зголемува општото ценовно ниво (инфлацијата) на сосем краток рок, односно во првиот месец по зголемувањето на цените на горивата. Оттука, ценовниот ефект од еколошката такса би настанал веднаш.

Слика 2 – Функција на одговор на општото ценовно ниво од еднопроцентно зголемување на цената на горивата

Извор: Пресметки на Finance Think.

Забелешка: Пресметките се засноваат на периодот М1-2010 – М5-2021.

Потоа, зголемување се забележува и помеѓу седмиот и 15-тиот месец од воведувањето на еколошката такса (ефект кој е статистички значаен), а потоа исчезнува. Тоа потенцијално укажува дека освен еднократниот ефект, може да се очекува одреден понатамошен преносен ефект од воведувањето на еколошката такса во висина од долгорочниот коефициент од 0.14 проценти. Сепак, овој преносен ефект е оценет со максимална маргина на грешка од 10 проценти, па треба да се земе со големо внимание и за понатамошно испитување.

 

Според овие наоди, произлегуваат следните заклучоци и препораки:

  1. Воведувањето на еколошката такса врз цената на горивата ќе има еднократен краткорочен ефект врз општото ценовно ниво (инфлацијата) кој би се движел од 0.15 до 0.3 проценти. Долгорочниот ефект од еколошката такса врз инфлацијата е потенцијално посилен (0.8 до 0.9 проценти), но емпириските докази за неговата статистичка значајност се поограничени.
  2. Двата ефекта – краткорочниот и долгорочниот – не треба да се потценуваат. Оттука, препорачуваме еколошката такса да се воведе скалесто, и тоа: 1.5 денари во јули 2021, 1 денар во јануари 2022 и 1 денар во јули 2022. Со тоа, ценовниот ефект, без оглед колку е мал, ќе биде дополнително разводнет.
  3. Силно препорачуваме да се креира Фонд за зелена транзиција кој ќе осигури дека средствата собрани преку еколошката такса навистина ќе се употребат за поддршка на зелената транзиција во земјата. Во тој контекст, препорачуваме Владата да преземе акција со која ќе го демантира впечатокот дека еколошката такса се воведува за да ги компензира фискалните приходи кои ќе се изгубат поради намалувањето на ДДВ-то на електричната енергија.
  4. Препорачуваме Владата да го отвори прашањето за финансирање на зелената транзиција за поширока дебата и консултации, вклучително и за алтернативните модели за финансирање, на пример, издавање зелена обврзница.

Методолошка забелешка

Коефициентите се пресметани од биваријатна врска помеѓу промените во општото ценовно ниво и промените во цените на течните горива и мазива. Искористен е авторегресивен модел на распоредени задоцнувања, со оценка на долгорочна врска и со автоматски избор на оптималниот број на вклучени временски задоцнувања. За потврдување на резултатите, искористен е и модел на векторска корекција на грешка во кој, исто така, воспоставен е долгорочен вектор помеѓу двете променливи, а бројот на временски задоцнувања и избран со минимизирање на информацискиот критериум на Акаике. Оттука, методот овозможува изолирање на просечната еластичност на општото ценовно ниво на промена во цената на течните горива и мазива, врз основа на претпоставката дека историската врска помеѓу нив ќе остане стабилна и во иднина. Оттука, оценката во никој случај не треба да се толкува како стварниот ефект кој во одредени околности, како и земајќи предвид други влијанија врз општото ценовно ниво, може да отстапува од просекот.

Методологијата е симплифицирана од Choi, S., Furceri, D., Loungani, P., Mishra, S. and Poplawski-Ribeiro, M. Oil (2017) Prices and Inflation Dynamics: Evidence from Advanced and Developing Economies. IMF Working Paper, WP/17/196.

The post ФТ Став бр. 53 за намерата да се воведе еколошка такса на горивата appeared first on Finance Think.

Продолжи со читање

  • Елаборат за четириесетите – XL Средби на извидници Велес 2026

    Почитувани извидници, извидничкиот одред “Димитар Влахов” од Велес одбележувајќи ја седмата деценија на постоење на извидништвото во Велес и Денот на Државноста на Македонија, Ве поканува на традиционалните XL Средби на извидници 2026. Во периодот од 1975 до 2026 година, успевaме да организираме четириесет Средби на извидници од кои последните…

  • Ново регионално партнерство: Здружението започнува проект поддржан од Western Balkans Fund и Европската Унија

     Со голема чест и задоволство споделуваме дека Здружение на лица со церебрална парализа и други попречености е добитник на грант од Фондот за Западен Балкан (Western Balkans Fund), кофинансиран од Европската Унија! На 24 и 25 јуни 2026 година во Тирана, Албанија, присуствувавме на дводневната партнерска работилница и свечената церемонија…

  • Успешно реализирана XXVI Вардарска регата “Гемиџии 2026“

    Иако регатата се одвива по 26-ти пат, ова е трета година во која пловидбата заврши во Солун, идентично како онаа на велешките трговци во минатото. Чамците растоварени, пловењето успешно завршено, се сумираат впечатоците од Вардарска регата „Гемиџии“ која по 26-ти пат ја оживеа традицијата и патшествието на велешките трговци во…

  • Од отпад до производ: Како био-отпадот станува дел од нашето секојдневие

    Био-отпадот претставува органски отпад кој потекнува од домаќинствата, пазарите, градините и прехранбената индустрија. Во оваа категорија спаѓаат остатоци од овошје и зеленчук, талог од кафе, лушпи од јајца, лисја и трева.
    Иако најчесто се третира како отпад, био-отпадот претставува вреден ресурс. Во контекст на циркуларната економија, тој се користи како суровина за создавање нови материјали, енергија и производи што повторно се враќаат во економскиот циклус.

    https://unsplash.com/photos/person-holding-eco-not-ego-signage-_kB9NKpErH4
    Во традиционалниот модел, био-отпадот најчесто завршува на депонии, каде што при разградување без кислород се создава метан – силен стакленички гас кој придонесува за климатските промени. Во циркуларниот пристап, истиот отпад се третира како ресурс и се трансформира во компост, биоматеријали, природни ѓубрива и иновативни производи. На овој начин се намалува количината на отпад, се намалуваат емисиите и се поттикнува развој на зелени технологии и локални бизниси.
    Овој пристап е тесно поврзан со пораката „Eco, not ego“, која потсетува дека одржливите избори ја ставаат еколошката одговорност пред краткорочната индивидуална удобност. Со тоа, био-отпадот се гледа не како проблем, туку како почеток на нов циклус на вредност, обновување и одржлив развој.

    Примери на продукти изработени од био-отпад

    Биопластика и дизајн-предмети од талог од кафе – Coffeefrom (Италија): Италијанскиот стартап Coffeefrom го претвора искористениот талог од кафе во биопластика и композитни материјали кои се користат за дизајнерски производи, пакување и индустриска примена, покажувајќи дека дури и секојдневниот отпад може да добие нова вредност.

    (Извор: EU-Startups, август 2025 – eu-startups.com | Renewable Matter – renewablematter.eu)

    Биоразградливо пакување од мицелиум и земјоделски отпад – Grown.bio (Холандија): Компанијата Grown.bio користи мицелиум и земјоделски отпад за производство на целосно биоразградливи пакувања и изолациски материјали кои нудат одржлива алтернатива на пластиката и стиропорот.

    (Извор: European Circular Economy Stakeholder Platform – circulareconomy.europa.eu | Saladplate, октомври 2025 – saladplate.com)

    Еко-кожа од манго отпад – Fruitleather Rotterdam (Холандија): Fruitleather Rotterdam го рециклира отпадот од манго што не ги исполнува пазарните стандарди и го претвора во издржлив вегански материјал кој се користи за изработка на чанти, паричници и други модни производи.

    (Извор: Plant Based News, мај 2025 – plantbasednews.org | Nature Biotechnology, 2025 – nature.com)

    Фото:https://unsplash.com/photos/a-pile-of-garbage-sitting-on-top-of-a-grass-covered-field-pprCuLQopHw
    Овие примери покажуваат дека отпадот не мора да биде проблем кој треба да се отстрани. Со соодветна креативност, технологија и визија, тој може да стане вреден ресурс кој создава нови производи, нови работни места и помало влијание врз природата.
    Циркуларната економија нè учи дека секој материјал има потенцијал за нов живот. Наместо да гледаме на био-отпадот како нешто без вредност, можеме да го препознаеме како можност за иновации и одржлив развој. Токму во оваа промена на перспективата лежи клучот кон поодржлива иднина.
     
    Оваа статија е подготвена во рамките на проектот „Граѓански активизам за остварување на циркуларна економија во управувањето со органски отпад“, спроведуван од Центарот за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија, со поддршка од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас.
    Содржината на оваа статија е единствена одговорност на Центар за ресурси во животна средина (РЕЦ) – Северна Македонија, Еко Логик и Флорозон – Центар за еколошка демократија и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.
    Автори: Јасмина Петровска, Еко Логик и Ана Серафимова, Еко Логик

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор