10 години Гласен Текстилец

Пред десет години започна една приказна, родена од потребата да се слушне гласот на оние што предолго биле замолчувани, односно текстилните работнички. Од таа потреба, од храброста јавно да се зборува за неправдите и од вербата дека промената е можна, се роди Гласен Текстилец.
Во изминатите десет години, Гласен Текстилец изгради препознатлива и силна приказна за солидарност, поддршка, борба и надеж. Приказна во чиј центар секогаш беа луѓето, работничките и работниците, жените, младите, семејствата, граѓаните и сите оние кои секојдневно се соочуваат со предизвици, но не се откажуваат од правото на достоинствен живот и работа.
Ова се десет години исполнети со илјадници средби, студиски посети, размена на знаења, конференции, правна помош и судски постапки, застапувања, иницијативи за унапредување на животот на граѓаните, едукации за млади, жени и девојки, кампањи за подигнување на свеста, волонтерски акции и заеднички чекори напред. Низ овие десет години, Гласен Текстилец не само што растеше како организација, туку растеше и како заедница на активисти. Заедница на луѓе кои веруваат во правдата, еднаквоста, достоинствената работа и моќта на здруженото делување. Заедница која покажа дека активизмот не е само отпор, туку создавање нови можности, нови соработки, нови идеи и нови простори за учество и делување.

Особено значајно место во оваа десетгодишна приказна има Текстилијада: настан кој со текот на времето прерасна во симбол на борба, солидарност, култура, уметност и заедништво. Текстилијада стана место каде што се среќаваат гласовите на работниците, активистите, граѓаните, партнерите и пријателите; место каде што со носителите на одлуки се отвораат важни прашања, се споделуваат искуства, се создаваат нови сојузништва и се слави истрајноста на сите оние што веруваат во подобро утре.


Во текот на овие години, организацијата се развиваше и јакнеше благодарение на поддршката и довербата на бројни донатори, меѓу кои Меѓународниот центар „Олоф Палме“, The Kvinna till Kvinna Foundation, Реактор – Истражување во акција, Косовската мрежа на жени, SMART Balkans, The European Endowment for Democracy (EED), Фондацијата Отворено општество – Македонија, Хелсиншкиот комитет за човекови права и UN Women, Општина Штип, Цивика мобилитас и Швајцарија, како и бројни меѓународни и национални партнери, институции, волонтери, активисти и пријатели.
Нивната поддршка не беше само поддршка за активности и проекти, туку поддршка за една визија – визија за поправедно, похумано и посолидарно општество.
Денес, кога одбележуваме десет години постоење, зад нас не стои само бројка. Зад нас стојат десет години храброст, упорност и раст. Стојат стотици и илјадници луѓе чии животи, искуства и гласови ја обликуваа оваа организација. Стојат мали и големи победи, научени лекции, изградени партнерства и создадена доверба.
Гласен Текстилец денес е многу повеќе од организација. Тоа е симбол на отпор и надеж. Простор каде што гласот на поединецот добива сила преку заедништвото. Место каде што неправдата се именува, а солидарноста се претвора во акција.
Десет години подоцна, продолжуваме уште посилни, уште погласни и уште порешителни, затоа што знаеме дека секоја промена започнува со глас, а кога многу гласови ќе се здружат, се менуваат и заедницата, и општеството, и иднината.

Една деценија посветена на работничките права
Кога ќе погледнам наназад на изминатите десет години, тешко е во неколку реченици да се собере сето она низ што поминавме како „Гласен Текстилец“. Од иницијатива создадена од реалните и секојдневни проблеми на текстилните работнички, израснавме во организација која денес работи на заштита и унапредување на работничките права и е препознатлива како дел од граѓанското и работничкото движење во Северна Македонија.Нашите почетоци се во 2016 година. Тогаш проблемите беа јасни и видливи насекаде околу нас, ниски плати, прекувремена и неплатена работа, лоши услови за работа и работници кои многу често не знаеја кои права им следуваат и каде можат да побараат помош.

Во 2017 година нашето делување го зацврстивме преку здружение создадено од текстилни работнички и активисти за човекови права. Уште тогаш знаевме дека не сакаме само да реагираме на поединечни неправди. Сакавме проблемите со кои секојдневно се соочуваат работниците да ги направиме видливи и за нив да зборуваме локално, национално, но и пред меѓународната јавност. Од самиот почеток, една од нашите најважни цели беше работниците да имаат пристап до информации, бесплатна правна помош и механизми преку кои навистина ќе можат да ги заштитат своите права.
Со текот на годините нашата работа се прошири. Од текстилната, кожарската и чевларската индустрија почнавме да работиме и со работници од поширокиот приватен сектор. Покрај директната правна поддршка, сè повеќе се вклучувавме во јавно застапување, организирање на работниците, родова еднаквост, економско зајакнување и добро владеење. Тоа се области кои и денес остануваат важен дел од нашата работа.Бесплатната правна помош и директната поддршка на работниците се меѓу најпрепознатливите сегменти на „Гласен Текстилец“.Уште во 2021 година можевме да кажеме дека за период од три години сме изнеле пред суд 250 случаи поврзани со работнички права, а сите постапки што дотогаш беа завршени беа решени во корист на работниците.Особено тежок период беше пандемијата со КОВИД-19. Текстилниот сектор беше силно погоден од отпуштања, прекинување договори и бројни прекршувања на работничките права. Во тој период преку „Гласен Текстилец“ поддршка добија повеќе од 12.000 работници. Но потребата од правна заштита не заврши со пандемијата. Напротив, обемот на нашата работа продолжи да расте. Само во период од 365 дена до мај 2024 година обезбедивме бесплатна правна помош за 5.369 работници. Денес зад нас стојат и повеќе од 400 судски постапки поврзани со неисплатена прекувремена работа, работа за време на празници, работа во недела и други повреди на работничките права.За мене, овие бројки никогаш не биле само статистика. Зад секој предмет стои човек. Работничка која со месеци чекала да биде исплатено она што го заработила. Работник кој не знаел кому да се обрати. Семејство кое зависело од една плата. Токму затоа индивидуалната правна заштита со текот на времето стана и поширока борба против проблемите што постојано се повторуваат. Покрај директната помош на работниците, во изминатите години постојано се обидувавме работничките прашања да ги внесеме и во јавните политики. Бевме меѓу најгласните иницијатори на барањето недела да биде ден за неделен одмор, прашање кое подоцна стана дел од националното законодавство. И кога тоа право беше воведено, не престанавме да реагираме на исклучоците и обидите неговиот опфат да се намалува. Гласот на работниците го внесувавме и во дебатите за минималната плата, платениот труд, К-15, безбедноста и здравјето при работа, мобингот, дискриминацијата и достоинствените услови за работа. Низ годините имаше и случаи кои покажаа колку е важно да не се откажуваме.Во 2023 година, Основниот суд во Штип донесе пресуда за кривично дело „намерно предизвикување стечај“ во случај од текстилниот сектор. Тоа беше значаен момент во борбата за одговорност на работодавачите. Во 2024 година, по долга јавна и правна борба за случајот на 69 поранешни текстилни работнички од Кавадарци, Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда со која нивното барање за неисплатени плати беше одбиено и со која работничките беа задолжени да платат околу 20.000 евра судски трошоци. Предметот беше вратен на повторно одлучување. Таквите моменти нè потсетуваат зошто е важно работниците да имаат некој што ќе стои со нив и кога постапките се долги, тешки и неизвесни.Но нашата работа никогаш не била само правна. Паралелно инвестиравме во едукација, информирање и јакнење на свеста кај работниците, младите и пошироката јавност. Одевме на терен, организиравме обуки и јавни дебати, спроведувавме истражувања и кампањи, протестиравме, разговаравме со институциите и соработувавме со домашни и меѓународни организации.Сакавме работничките права да престанат да бидат тема за која се зборува само кога ќе се случи неправда. Сакавме тие да станат постојано присутни во јавниот простор. Посебно место во овие десет години за мене има „Текстилијада“.Ја започнавме во 2017 година како културно-активистички настан преку кој сакавме за трудот, работничките права и човечкото достоинство да зборуваме и на поинаков начин – преку уметност, дебата, сведоштва и директно учество на работниците. Првата „Текстилијада“ се одржа во Штип на 15 и 16 декември 2017 година. Денес, во 2026 година, го одбележуваме нејзиното десетто издание. Кога денес ќе погледнам што претставува „Гласен Текстилец“, јасно е дека сме многу повеќе од иницијативата од која започнавме. Изградивме систем на бесплатна правна и параправна помош. Застапувавме стотици случаи пред институциите и судовите. Поддржавме илјадници работници. Отворавме прашања што претходно остануваа на маргините, инициравме промени и создававме простор во кој проблемите на работниците сè потешко можат да останат невидливи. Но зад секој резултат стојат луѓе. Стојат работничките и работниците кои ни веруваа доволно за да ни ги раскажат своите проблеми. Луѓето кои одлучија да не молчат. Активистите, членовите, волонтерите, пријателите, партнерите и сите оние кои во различни периоди беа дел од оваа приказна. Затоа за мене десетгодишниот јубилеј не е само роденден на една организација. Тоа е пресек на десет години работа, истрајност, застапување, солидарност, тешки битки, но и конкретни резултати. Пред десет години сè започна од потребата да се слушне гласот на текстилните работнички. Денес таа борба е поширока, но суштината останува иста: секој работник да ги знае своите права, да може да ги користи и, кога тие ќе бидат прекршени, да има начин ефективно да ги заштити. И токму затоа продолжуваме.
Оваа вест изворно е објавена на веб-страната на Здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“


![[Aggregator] Downloaded image for imported item #51156](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/IMG_4909-1024x683-1.jpg)

![[Aggregator] Downloaded image for imported item #51370](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/1000048093-1-1024x576-1-768x432.jpg)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #51332](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/studii-na-sluchaj-izdanie-3-mala-e1790835406627.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #51321](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/dokument-za-podobruvane-na-koristeneto-na-informacziite-za-vistinskite-sopstve-mala.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #51270](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/index-aktivna-2026-mala.png)
![[Aggregator] Downloaded image for imported item #51265](https://civicamobilitas.mk/wp-content/uploads/2026/09/ich-1-768x1024-1.jpg)