Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Дигитализацијата на администрацијата е еден од клучните чекори за пристап до ЕУ

    Дигитализацијата на јавната администрација во Западниот Балкан претставува значаен чекор кон интеграцијата на земјите во Европската унија. Таа значи унапредување на институционалната позиција на регионот во европскиот интегративен процес. Имајќи го ова предвид и покрај недостатокот на потребната инфраструктура една ваква европска интегративна мерка треба да биде третирана внимателно. Во спротивно, постои можност надлежните јавни органи и општата јавност да се соочат со зголемен ризик како и недостаток на заштита на личните податоци.
    Во овој контекст, четири граѓански организации од регионот: Хелсиншкиот комитет за човекови права – Скопје, албанскиот Хелсиншки комитет, Програмата за граѓански права во Косово, и Хелсиншкиот комитет за човекови права од Србија, ја спроведуваат иницијативата „Дигитализација на јавната администрација и заштита на личните податоци: Внимателен пристап кон европската интеграција“, финансирана од Фондот за Западен Балкан и Европската унија во рамки на регионалниот проект „Поддршка за промоција на регионалните активности на граѓанското општество во Западен Балкан“.
    Како дел од активностите, во Скопје, на 6 март, 2025 година  се одржа тркалезната маса на тема: „Дигитализација на јавна администрација во контекст на Евопската интеграција – предности и предизвици на која учествуваа Станислав Василковски од Министерството за дигитална трансформација, од Агенцијата за заштита на лични податоци (АЗЛП), Валентин Фетаџокоски и Мила Јосифовска Даниловска, од Фондација Метаморфозис.
    Беше заклучено дека дигитализацијата на јавните услуги и заштитата на личните податоци се клучни компоненти на процесот на интеграција на Западен Балкан во Европската унија. Ова треба да биде приоритет во националните реформски агенди, со активно и инклузивно учество на граѓанското општество, органите за заштита на податоците и другите релевантни чинители во овој процес.
    Владите и парламентите од регионот треба да преземат проактивни чекори кон имплементација на овие препораки, демонстрирајќи ја нивната посветеност за обезбедување на дигиталната иднина на регионот во согласност со европските вредности и стандарди, во чија срж лежат човековите права и слободи.

  • Повик за избор на членови на Советодавна група

    Вторник, 11 март 2025 11:21

    Граѓанскиот ресурсен центар објавува повик за избор на членови на Советодавна група на ресурсните центри. Овој повик е дел од проектот ЕУ поддршка за Граѓанскиот ресурсен центар – фаза 2, финансиран од Европската Унија и спроведуван од Фондацијата Граѓански ресурсен центар, Македонскиот центар за меѓународна соработка, Асоцијација за демократски иницијативи Гостивар и Медиа плус Штип. Главните активности на проектот се насочени кон креирање поволна средина за развој на граѓанското општество во земјата и зголемување на капацитетите на граѓанските организации, за истите  да бидат компетентни, ефективни, одговорни и независни чинители во општеството.

     Оваа група ќе има советодавна улога во рамките на проектот и ќе го следи функционирањето на ресурсните центри и регионалните експерти за развој на граѓанското општество на локално ниво. Групата ќе обезбедува совети и препораки за подобрување на обезбедувањето на услуги и поддршка за граѓанските организации.
    Структура на Советодавната група на ресурсните центри
    Советодавната група се состои од 11 членови од следниве институции:

    Двајца претставници на владини институции;
    Двајца претставници на донаторската заедница;
    Претставник на локален младински совет/младински центар;
    Претставник на Центар за развој на плански регион;
    Претставник на локална акциона група;
    Претставник на локален економско-социјален совет;
    Претставник на мрежа доминантно активна на локално ниво;
    Претставник на организација/мрежа во област на медиуми;
    Претставник од академската фела.

    Критериуми за избор на преставник од:

    Локален младински совет или младински центар, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член во граѓанска организација која управува со локален младински совет или младински центар;
    Биде на возраст до 29 години;
    Има минимум една година искуство во граѓанско општество.

    Центар за развој на плански регион, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран во Центар за развој на плански регион;
    Има познавање од функционирањето и потребите на граѓанските организации на локално, регионално или/и национално ниво;
    Учество во работа на граѓанска организација е предност.

    Локална акциона група, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член на локална акциона група;
    Има најмалку три години искуство во граѓанско општество.

    Локален економско-социјален совет, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член во граѓанска организација која е вклучена во функционирањето на локален економско-социјален совет;
    Има најмалку три години искуство во граѓанско општество.

    Мрежа доминантно активна на локално ниво, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член во мрежа на граѓански организации (формална или неформална) која доминантно е активна на локално ниво;
    Има најмалку три години искуство во граѓанско општество.

    Организација/мрежа во област на медиуми, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран/член во организација/мрежа на граѓански организации (формална или неформална) која доминантно работи во областа на медиуми и медиумска писменост;
    Има познавање од функционирањето и потребите на граѓанските организации на локално, регионално или/и национално ниво.

    Академската фела, кандидатот треба да:

    Биде вработен/ангажиран во некоја академска институција (универзитет, институт или др. висока школа за високо образование) во Република Северна Македонија;
    Има познавање од функционирањето и потребите на граѓанските организации на локално, регионално или/и национално ниво;

    Краен рок за поднесување на апликации: 28.03.2025 година.
    Пријави се на: ПОВИК ЗА ИЗБОР НА ЧЛЕНОВИ НА СОВЕТОДАВНА ГРУПАПоврзани:

  • ОНЛАЈН обука за дигитална трансформација на граѓанските организации

    Граѓанскиот ресурсен центар во рамки на проектот  “ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2“, финансиран од Европската Унија, објавува отворен повик за учество на онлајн обука за дигитална трансформација на граѓанските организации што ќе се оддржи на 20-21 март 2025 на платформата ЗООМ.

     Оваа обука ќе им помогне на граѓанските организации да ги разберат основите на дигиталната трансформација, важноста на дигиталното работење и како тоа може да се примени за зголемена ефикасност, поголемо влијание и одржлив раст на граѓанските организации.
    Дневен ред, ДЕН 1: четврток, 20.03.2025

    10.00 – 10.45
    СЕСИЈА 1: Зошто е потребна дигиталната трансформација на граѓанските организации?

    10:45 – 11:30
    СЕСИЈА 2: Алатки за управување со тимови и проекти

    11:30 – 11:45
    Пауза

    11:45 – 12:30
    СЕСИЈА 3: Дигитално застапување и изградба на дигитално присуство преку социјални медиуми

    12:30 – 13:00
    Дискусија

    Дневен ред, ДЕН 2: петок, 21.03.2025

    10.00 – 10.45
    СЕСИЈА 1: Дигитални решенија на основ на социјални иновации

    10:45 – 11:30
    СЕСИЈА 2: Дигитални алатки за фандрејзинг и контакт со поддржувачи

    11:30 – 11:45
    Пауза

    11:45 – 12:30
    СЕСИЈА 3: Како да ја започнете дигиталната трансформација во вашата организација

    12:30 – 13:00
    Дискусија

    Пријавените учесници ќе добијат линк за да се вклучат на онлајн настанот.
    По завршување на обуката, ќе следат последователни менторски активности со обучените организации за да се поддржи дигиталната трансформација на нивната организација!
    Рок за пријавување: Најдоцна до 17ти март 2025 година. ПРИЈАВИ СЕ НА СЛЕДНИОВ ФОРМУЛАР!Поврзани:

  • Нов проект за борба против онлајн насилство врз млади жени

    Здружението на граѓани Иницијатива за европска перспектива (ИЕП) започнува со реализација на проектот „Младите жени против онлајн насилство“, финансиран од Европската Унија. Проектот има за цел да придонесе кон подобра заштита на правата на младите жени во Северна Македонија, со посебен фокус на креирање и промоција на граѓанска платформа за…

  • Уписи на постдипломските студии на Институтот за академската 2025/2026

    Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје објавуваКОНКУРСза академската 2025-2026 годиназа упис на студенти на магистерски студии од следниве области:

    УПИСИ ЗА АКАДЕМСКАТА ГОДИНА 2025/2026

    (Краен рок за аплицирање: 01 јуни 2025)

    -Студии на политиките (policy studies), едногодишни-Студии на политиките (policy studies), двегодишни-Студии на културата (едногодишни)

    Кус опис на содржината на програмите: 

    СТУДИИ НА ПОЛИТИКИТЕ (едногодишни и двегодишни)

    Интердисциплинарни студии на политиките, кои, освен философија на политиката и правото, вклучуваат и студии  на право, политички науки, применети економски истражувања, културна и родова теорија, и друго што припаѓа во интердисциплинарното поле на студии на политиките (policy studies).

    Изберете една од можните потесни насоки во рамки на оваа програма (тие се формираат преку пакетот изборни предмети и темата на магистерската теза). Ова значи: Магистер од полето на студии на политики и областа 1) култура, 2) род, 3) политичка економија, 4) добро управување, 5) граѓанско општество.

    Интердисциплинарноста, овозможува системски приод кон тематиката додека можноста од избор на тесна проблематика во образовниот процес и изработката на тезата овозможува тематско остручување: политики во областа на културата, здравството, родовата еднаквост, економијата и општествената еднаквост, итн. Бројните магистерски тези одбранети на Институтот на широк проблeмски опфат, ја покажуваат ползата од студиите – најголемиот дел од нашите магистри имаат значајни кариери и придонес кон општествениот напредок, од кои голем дел припаѓаат токму на граѓанското општество, меѓународните организации, вработени во министерства, вработени во културата, но и претприемачи-иноватори. За разлика од претходните години кога оваа програма повеќе се базираше на општествените науки наместо на хуманистичките, со оваа реакредитација воспоставивме нов баланс кој дава предност на филозофијата и другите полиња кои овозможуваат холистичка мисла и интегративен приод при комбинирањето на знаењата од различните дисциплини што е неопходно за успешна интердисициплинарна програма.

    Новата реалност на дигитализација на глобално ниво наметна и воведување нови предметни содржини како дигитална демократија, дигитални креативни индустрии, планетарни политики и иднината на Европа (како и земјата и регионот во поширокиот европски контекст), вештачката интелигенција и иднината на пазарот на трудот, додека прашањето на родова еднаквост е интегрирано во сите предмети, а може и да се студира како подспецијализација, благодарение на можноста да се изберат соодветни изборни предмети и тема на магистерската теза (со тоа звањето останува од областа на студиите на политиките, но вашите транскрипти покажуваат потесна специјализација од областа на родот). Истото важи и за културните студии, и политичките науки, како и другите кластери на изборни предмети и предметни содржини од задолжителните предмети. Предметот епистемологија, комбиниран со истражувачките методи овозможуваат преносни знаења и вештини кои ве оспособуваат за интердисциплинарна мисла (и интерсекторска анализа).

    СТУДИИ НА КУЛТУРАТА

    Вообичаено овој тип специјализација, особено во развиените академски средини, се одвива на ниво на втор циклус на студии. Интердисциплинарноста бара способност за примена на преносни алатки на истражување и учење, кои овозможуваат проблемско обединување на научната целина.

    Агендата за високото образование на ЕУ за 2025, а и подологрочната EHEA и ERA (European Research Area: New ERA 2030), бараат од сите земји – членки на Болоњскиот процес, уште подлабока интердисциплинарност и комбинирање на општествените и хуманистичките науки (SSH – social sciences and humanities) со техничките и природните науки (STEM – sciences, technology, engineering and mathematics). Индикативно е тоа што во моментов Европа (и со тоа и ние, како дел од Европската високообразовна област) поточно EU го промoвира терминот STE(A)M (science, technology, engineering, the arts and mathematics; (повеќе на: https://tinyurl.com/3dh6ckcf). Така, оваа програма нуди прилагодување на уметниците и авторите од областа на културата да одговорат на предизвиците на новата ера: развојот на креативните индустрии, учество во технонолшкиот и комуникациски развој што вештините на разните уметности може да го помогнат, учество во индустриите на дигиталната ера, кадешто е потребна уметничка споспобност (gaming индустријата), и она што е најважно – итниот развој на креативните индустрии, во кои Северна Македонија заостанува назад, не само зад ЕУ туку и зад остатокот од регионот.

    Креативните индустрии, кои се во центарот на оваа програма, и можноста за специјализација и оспособување во областа на културата, придонесуваат за практична примена на теориските знаења со културата, уметноста и претприемништвото. Програмата овозможува адаптација на новите медиумски алатки на уметниците, кураторите, продуцентите, теоретичарите на уметноста и останатите активни во секторот култура. Имено, инсталациите и перформансите се тоа што доминира по светските галерии и театри, кои се потпираат на видеото, телевизијата и интернетот. Од друга страна, пак, класичните форми на уметноста, преку креативните индустрии, бараат способност да се искористи ерата на дигиталноста, за да се направи културното наследство попристапно, но и своевидна индустрија (дигиталните тури на музеите, потоа платформите како digital theater – ги прават овие класични форми на уметноста достапни и примамливи за новите генерации публика). Според тоа, присуството на студиите на комуникации, медиуми и воопшто интернет културата – како култура на кибер-просторот – е неопходна за промислување и научна и професионална надградба во полето на културата.

    Со интердисциплинарниот и тематски баланс понуден во оваа програма, ИОХН-Скопје настојува да одговори на предизвиците и целите на програмата: епистемологијата комбинирана со квалитативните и квантитативните методологии, сместена во контекст на современите општествени и хуманистички теории, овозможува трансверзални алатки, кои, како и во сите интердисциплинарни области, претставуваат ткиво на врзување на целината.

    Услови на запишување:– за едногодишните студии: 4 години додипломски студии (или стекнати 240 кредити според ЕКТС) од областите на општествените и хуманистичките науки. Високиот успех не е услов, иако претставува предност.– за двегодишните студии: 3 години додипломски студии (или стекнати 180 кредити според ЕКТС) од областите на општествените и хуманистичките науки. Високиот успех не е услов, иако претставува предност.

    Голем дел од наставниот материјал е достапен и на англиски јазик, па затоа се очекува студентите солидно да го владеат овој странски јазик.

    Краен рок за аплицирање: 01 јуни 2025 година

    Потребни документи:– Пополнета пријава за упис на студии може да се преземе од интернет страницата на Институтот: www.isshs.edu.mk (под категоријата „Студиски програми“ во менито на насловната македонската верзија на страницата) или со пристапување до линковите на крајот од оваа страница (каде пријавата има свој посебен линк). Во оваа етапа на аплицирање единствено е потребно да ја пополните електронската пријава која можете да ја најдете на следниот линк. По завршување на процесот на селекција, пред потпишување на договорот за студирање ќе треба да ја приложите пријавата со Ваш своерачен потпис.– Доказ за завршени студии од прв циклус (4 години или 240 кредити за едногодишните студии, односно 3 години или 180 кредити за двегодишните студии) од областите на општествените и хуманистичките науки или, доколку кандидатката/кандидатот сѐ уште не дипломирал/а, може да достави документ за досега положените испити, а дипломата (или уверението) ќе ја достави дополнително пред потпишувањето на договорот за упис. Доказот за завршени студии од прв циклус студии се доставува и во тврда копија при потпишувањето на договорот за студирање.

    Пријавата со придружните документи можат да се достават по пошта на адресата на Институтот (ул. „20 Октомври“ бр. 8-2, 1000 Скопје). Исто така, пријавата во PDF форма со потпис на кандидатот/кандидатката може да се поднесе и електронски на [email protected].

    Трошоци на студирање:– За едногодишните студиски програми вкупната цена е 750 евра во денарска противвредност за севкупниот студиски циклус. Во оваа сума спаѓаат сите трошоци за студирањето како и: материјалите за студирање, користење на библиотеката, пријави, преполагања, консултации, диплома. Сите услуги и услови се обезбедени без никаков дополнителен и скриен надомест. Износот може да се плаќа според семестар или на најмногу 4 рати за една година. Одбраната на магистерската теза се плаќа одделно и чини 300 евра во денарска противвредност.

    – За двегодишните студиски вкупната цена е 1500 евра во денарска противвредност за севкупниот студиски циклус од 2 години, и во оваа сума спаѓаат сите трошоци за студирањето како и: материјалите за студирање, користење на библиотеката, пријави, преполагања, консултации, диплома. Сите услуги и услови се обезбедени без никаков дополнителен и скриен надомест. Износот може да се плаќа според семестар или на најмногу 4 рати за една година, односно на 8 рати за две години. Одбраната на магистерската теза се плаќа одделно и чини 300 евра во денарска противвредност.

    Институцијата е носител на Еразмус чартер за високото образование во Европа 2021-2027. Оценката за доделување на чартерот може да ја пронајдете овде каде што се подвлекува посветеноста на Институтот на меѓународната академска димензија и неговото солидно разбирање на целите и вредностите на Еразмус програмата. Преку Еразмус+ шемата за мобилност на студенти и наставен кадар помеѓу високообразовни установи од програмските земји (ЕУ членките и Северна Македонија, Норвешка, Исланд, Лихтенштајн и Србија), овозможуваме директна проодност во европските високообразовни институции по пат на „Европскиот кредит трансфер систем“ според кој работи Институтот (како и сите акредитирани високообразовни установи во земјава). Така, со дел од кредитите стекнати во други високообразовни установи во Европа и извесен број стекнати во домашната установа, може да ја одбраните својата магистерска теза на Институтот.

    Институтот во моментот има потпишано билатерални договори за размена на студенти и професори со неколку универзитети од овие земји, како што се: Централно Европски Универзитет (ЦЕУ, Виена), Универзитетот Гисен (од Германија), Универзитетот Утрехт (од Холандија), Универзитетот Македонија и Универзитетот Пантеон (од Грција), Универзитетот Пловдив (од Бугарија), Факултетот за медиуми и комуникација, Белград (од Србија) и Универзитетот Пантеон од Атина (Грција).  Заинтересираните студенти запишани на Институтот ќе имаат можност дел од своето образование да го поминат на некој од овие универзитети.

    Институтот располага со библиотека од над 2100 наслови на физички книги и повеќе од 4200 наслови на сертифицирани електронски книги и стручни списанија.

    Бројни меѓународни имиња со статус на визитинг професор може да станат ваши ментори. Листата на визитинг и домашни постојано ангажирани или визитинг професори може да ја видите на овој линк

    Лица за контакт: Ристо Алексовски и проф. Викторија Боровска (Координаторка на постдипломските програми и Еразмус координаторка), достапни на [email protected], [email protected], [email protected] и на тел/факс.: +389 2 31 13 059 / 070 894 174

    Листа на предмети: Студии на политиките (едногодишни)

    Листа на предмети: Студии на политиките (двегодишни)

    Опис на предметите Студии на политиките (едногодишни и двегодишни)

    ERASMUS POLICY STATEMENT

  • КАТЕРИНА КОЛОЗОВА: УНИВЕРЗИТЕТИТЕ МОРА ДА СТАНАТ ДЕЛ ОД ИНДУСТРИСКИТЕ ПРОЦЕСИ, А НЕ САМО МЕСТА ЗА ТЕОРЕТИЗИРАЊЕ

    Катерина Колозова, директор на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје (ИОХН-С) смета дека образованието не е само средство за стекнување знаење, туку и индустрија која брзо се менува за да се прилагоди на современите општествени и економски потреби. Нејзиниот институт, во партнерство со ФРП и БИРС, е дел од проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас, преку кој се стреми да се реформира образовниот систем со цел хармонизирање со европските стандарди но и прилагодување кон пазарот на труд.   
    Во интервју за списанието „Предизвици“ на Фондацијата Фридрих Еберт, Колозова истакнува дека трансформацијата на образованието во индустриски процес не треба да се гледа негативно. Наместо слепо производство на дипломи, таа повикува на едукативен систем кој ќе создава напредни академски кадри и експериментатори со идеи.
    „Образованието треба да следи еден манифест на новата ера – ера не само како историски период, туку и како European Research Area (ЕРА)“, вели Колозова. „Овој концепт, кој Европската комисија го прифаќа како стратешки приоритет, сугерира дека универзитетите мора да станат дел од индустриските процеси, а не само места за теоретизирање.“
    Со глобалната трка за технолошка доминација, образованието и иновацијата стануваат дел од геополитичката агенда, нагласува Колозова, цитирајќи ја претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
    „Америка има директна врска меѓу универзитетите и државните институции, што овозможува иновациите да станат дел од јавниот интерес“, вели таа. „Европа мора да се преориентира кон овој модел ако сака да остане конкурентна.“
    Таа го посочува примерот на Кина, која веќе интегрира хуманистички, општествени и STEM науки во единствено поле на истражување и развој. „Станува збор за длабока интердисциплинарност, која овозможува суштински иновациски напредок – нешто што Европа сѐ уште не го достигнала.“
    Колозова остро го критикува македонскиот образовен систем, посочувајќи дека тој е заглавен во застарени концепти. „Се создаваат кадри кои се несоодветно подготвени за новата реалност. Универзитетите сѐ уште имаат курикулуми на српско-хрватски, што е несфатливо, бидејќи студентите не го разбираат јазикот“, вели таа.
    Таа исто така ја критикува прекумерната бирократизација на високото образование, наведувајќи го примерот со нострификацијата на дипломите. „Професори кои докторирале на Оксфорд и Кембриџ со години не можеа да ги нострифицираат своите дипломи. Во меѓувреме, администрацијата носеше одлуки кои не ги земаа предвид креативните и иновативни аспекти на академијата.“
    Колозова укажува дека проблемот не е само во бирократијата, туку и во менталитетот на академските институции. „Проблемот не е само во патријархалниот конзервативизам, туку и во егалитаризмот наследен од социјалистичкиот период, кој во минатото подразбираше формална еднаквост, но без реални механизми за нејзино унапредување.“
    Таа истакнува дека автономијата на универзитетите треба да значи автономија на академската заедница, а не на индивидуалните професори. „Наместо бирократски наметнати решенија, академијата треба сама да создава механизми за селекција на квалитет.“
    Според Колозова, современиот свет веќе не функционира според принципите на неолибералниот глобализам од 90-тите години. „Сега зборуваме за нешто што се нарекува ‘планетарна политика’ – геополитичка стратегија која го става технолошкиот развој во центарот на глобалната конкуренција. Европските функционери постојано го користат овој термин, а Македонија мора да го разбере неговото значење.“
    Таа повикува на образовен систем кој ќе произведува кадри способни за критичко размислување, иновација и адаптација кон новите геополитички и технолошки реалности. „Ако сакаме да изградиме општество засновано на вредности како праведност, солидарност, слобода и еднаквост, мораме да ја преиспитаме улогата на образованието и да му овозможиме вистинска трансформација“, заклучува Колозова.
    Фондацијата Фридрих Еберт го покрена списанието „Предизвици“ во 2019 година како платформа за анализи и дебати за клучните политички и општествени предизвици со кои се соочува Северна Македонија. Во изминатите пет години, издадени се 20 броја, покривајќи различни актуелни теми со прилози од истакнати автори од земјата и регионот. Анализите се фокусираа на реформите и политиките од стратешко значење, како и на критичка проценка на нивната имплементација.

    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • Се одржа Маршот за женски права

    На 8 март, по повод Меѓународниот ден за економска, политичка и општествена борба за рамноправност на жените, во 13:00ч. пред Универзална сала во Скопје започна овогодинешниот Марш за женски права, под слоганот: „Нека јадат ружи!“. 

    Маршот, организиран од Платформата за родова еднаквост и независни активист(к)и за женски права, мобилизираше стотици присутни кои протестираа против нееднаквостите и неправдите кон жените и девојките, потенцирајќи дека 8 Март не е ден за учтивост и симболични гестови, туку за подигање на свеста од потребата за унапредување на здравствените, образовните, работничките, културните, политичките и економските права на жените.

    По пристигнувањето во паркот „Жена Борец“, каде што традиционално завршува маршрутата, активистките го прочитаа прогласот во кој со почит кон досегашните победи на жената за родовата еднаквост, се осврнаа кон секојдневните системски недостатоци со кои продолжуваат да се соочуваат: 

    „Сите сте добредојдени заедно да ја одбележиме и прославиме феминистичка борба за слобода, автономија и социјална правда и да ги потсетиме институциите и јавноста дека:

    Повеќе нема да ги молиме полицијата и обвинителството да постапуваат навремено, туку будно повикуваме на вистинска заштита и поддршка за жртвите на родово-базирано насилство. Ќе продолжиме да се бориме за правда за сите жени кои ги загубија животите поради системска негрижа и фемициди.

    Сакаме здравство кое лечи, а не убива! Нема повеќе да преговараме дали ќе има лекови за пациент(к)ите на онкологија, и нема да дозволиме родилки да умираат или некој да ги касапи нашите тела и потоа да не одговара пред правдата! 

    Сакаме безбедни јавни простори во кои се чувствуваме слободни! Потребни се осветлени улици и функционален јавен превоз, но и поголема вклученост на жените во урбанистичкото планирање.

    Крај на експлоатацијата и работната дискриминација! Работничките во текстилната, преработувачката, земјоделската и културната индустрија заслужуваат безбедни работни услови, праведен надомест и право на боледување и породилно отсуство.

    Отворен и еднаков пристап до образование и кариерни можности без репродуцирање на штетни родови стереотипи и предрасуди. Нема да дозволиме бришење на родовата еднаквост од нашето образование! 

    Поголем баланс помеѓу професионалниот и приватниот живот за поголема  достапност на јавни услуги за рана грижа и образование и можноста за споделено родителско отсуство.

    Одговорно и родово сензитивно известување во медиумите, но и заштита на новинарките! Наместо да предизвикуваат сензационализам, медиумите треба да го осудуваат насилството и да ги заштитат жртвите.

    Најпосле, бараме вредносен систем што ги почитува жените, им овозможува да живеат без страв и им гарантира активна улога во општеството.“

    На крајот, тие го посветија маршот на „сите паднати борки и храбри жени од минатото и денешницата кои си го посветиле животот на оваа борба“.

    Платформа за родова еднаквост

  • АЛИ ПАЈАЗИТИ: НЕДОСТАТОКОТ НА ИНВЕСТИЦИИ ВО НАУКАТА ГО ПОПРЕЧУВА ТЕХНОЛОШКИОТ РАЗВОЈ И ИНОВАЦИИТЕ 

    Недостатокот на инвестиции во образованието и научниот развој негативно влијае врз севкупниот општествен напредок, особено во ерата на знаењето и иновациите, изјави експертот Али Пајазити, професор на Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ) во Тетово.
    „Државите што предводат во оваа област, како Израел, Јужна Кореја, САД, Шведска и Швајцарија, инвестираат значителен процент од нивниот БДП во истражување и развој. Израел, познат како ‘Startup Nation’, потроши 5,56% од БДП во овој сектор во 2021 година, додека Јужна Кореја, лидер во 5G технологијата, инвестираше 4,93%“, истакна Пајазити. 
    Наспроти тоа, земјите со ниски инвестиции во истражување и развој се соочуваат со ограничени иновации, бавен технолошки напредок и загуба на таленти. „Научниците и истражувачите кои не добиваат доволна финансиска поддршка, универзитетот го претвораат во простор исклучиво за предавања, без вистински истражувачки перформанси,“ додаде тој, нагласувајќи го ризикот од „fake science“ – производство на формално, но не и иновативно знаење. 
    Според него, недоволните инвестиции во науката и технологијата го забавуваат подобрувањето на продуктивноста и конкурентноста, попречувајќи го наоѓањето решенија за современите предизвици во секторите како здравството, образованието, енергијата и животната средина. 

    Во процесот на преговори за членство во ЕУ се опфатени и кластерот 3, кој содржи поглавја што се однесуваат на неопходните реформи за усогласување на нашиот образовен систем со европскиот. Што можете да направите во оваа насока? 
    Али Пајазити: Со мојата експертиза во областа на етиката, можам да придонесам за афирмација на кодекс за научни истражувања, кој се однесува на принципите на интегритет во научното истражување, достоинството на професијата, развојот и подобрувањето на моралните и етичките вредности, заштитата на вредностите на знаењето и слично.
    Во социолошки контекст, можам да помогнам во афирмацијата на биномот „наука-општество“, во создавањето на профилот на јавниот интелектуалец, како и со учество во заеднички истражувачки проекти. Друг аспект каде што можеме да помогнеме е промоцијата на културната разновидност, унапредувањето на културното и уметничкото изразување на секој ентитет во Северна Македонија, од најголемите до најмалите заедници. Во таа насока, нашите студии за мултикултурализмот во контекстот на Северна Македонија по Охридскиот договор (2001) претставуваат основа за интеграција на културата во одржливиот општествен развој.
    Како да се убеди јавноста и властите за потребата од меѓусекторски пристап, со посебен фокус на основните вредности како што се правото на студирање, правото на работа и правото на добра администрација? 
    Али Пајазити: Меѓусекторската методологија, како пристап на соработка меѓу различни актери и засегнати страни за одредена кауза или проблем, е неопходна за здравото функционирање на општеството. Јавноста и носителите на одлуки треба да бидат убедени дека парцијалниот пристап е неефикасен, дека сектори како образованието, вработувањето и доброто управување се меѓусебно зависни, а предизвиците во еден сектор директно влијаат врз другите. Нема здраво и стабилно општество (како што се покажа и во поранешна Македонија) ако на дел од населението му се негира правото на образование, ако се соочува со дискриминација при вработување или ако администрацијата не функционира ефикасно. Заедницата треба да се убеди дека пристапот мора да биде заснован на перформанси, а не на етничка, религиозна или регионална припадност. Без социјална правда, нема економски напредок, благосостојба и одржлив развој. Функционалистичкиот пристап, кој го гледа општеството како еден организам, е особено важен во овој контекст. Неефикасната администрација создава проблеми за сите – за владата, граѓаните, бизнисите и граѓанските организации. Затоа, сите треба да бидат вклучени во градењето на одржливо, динамично и праведно општество.
    Дали Болонскиот процес се спроведува правилно и дали ја овозможува неговата основна вредност – мобилноста? 
    Али Пајазити: Северна Македонија од 2003 година е дел од Болонскиот процес, односно Болонската филозофија, како нов пристап во високото образование. Според извештајот на Европската комисија за 2024 година, главен предизвик во земјата останува подобрувањето на квалитетот на високото образование преку развој на процесите на акредитација и обезбедување на квалитет. Потребно е усвојување на нов модел за финансирање на високото образование. Според Светската банка (2017), компаниите во Северна Македонија имаат потешкотии во пронаоѓањето на работници со технички вештини, како и со пошироки когнитивни, социјални и емоционални способности. Една третина од дипломираните имаат квалификации кои не се соодветни за нивните работни места, додека друга третина се преквалификувани за работите што ги извршуваат (ETF, 2017). Во нашата земја, Болонскиот процес повеќе се сведува на форма отколку на суштина. Дополнителен проблем се кредитите – студентите со 180 кредити, поради проблемите со вработување, се принудени да продолжат со магистерски студии. Во периодот 2014-2020, во рамките на различни проекти, 3.291 студенти (во студии и практикантска работа) и 893 професори реализирале академска мобилност меѓу Северна Македонија и земјите-членки на ЕУ и кандидатите за членство, додека 107 наставници (обука, предавање) биле испратени во земји кои не се членки. Можностите се големи, но искористеноста на фондовите за мобилност од албанските универзитети е незадоволителна. Понекогаш мобилноста повеќе се доживува како авантура и туризам, отколку како искуство и шанса за академски и професионален напредок.
    Како да се подигне свеста на стручната и пошироката јавност за значењето на Болонскиот процес? 
    Али Пајазити: Потребни се едукативни кампањи; државните институции, универзитетите и професионалните организации треба да го објаснат Болонскиот процес, неговите цели и придобивки не само за академската заедница (предавачи и студенти), туку и за пошироката јавност преку семинари, работилници и онлајн ресурси. Тие треба да ги истакнат долгорочните предности за студентите, наставниците и економијата, да ја потенцираат важноста на поттикнувањето на истражувањата и иновациите, студентската мобилност, стандардизацијата на академските структури, образованието засновано на компетенции (а не само на теорија), меѓународното признавање на квалификациите, зголемената транспарентност и одговорност, како и учењето насочено кон студентот (student-centred learning). Во оваа насока може да помогнат и наставниците и студентите кои биле дел од мобилноста и се успешни приказни, како и јавни личности кои можат да влијаат врз перцепцијата за значењето на Болонскиот процес.

    Зошто во регионот сè уште постојат административни бариери за признавање на дипломите? Што треба да се направи за нивно елиминирање? 
    Али Пајазити: Државите треба да го разберат значењето на човечкиот капитал во модерната економија како еден од клучните фактори за севкупен општествен раст. Причините за бариерите може да се најдат во недостигот на стандардизирани процедури, балканскиот стил на бирократизација, бавните и комплексни административни процеси, разликите во наставните програми, различните системи за оценување, па дури и политичките проблеми, како што е случајот меѓу Косово и Србија. Решението лежи во хармонизацијата на академските структури, зајакнувањето на регионалната и меѓународната соработка и следењето на барањата на ЕУ за взаемно признавање на дипломите преку усогласување и искористување на стекнатите вештини. Сам Болонскиот процес, преку Европската област за високо образование (EHEA), има за цел да ја олесни мобилноста на студентите и наставниот кадар, да го направи високото образование подостапно и поинклузивно, како и да го зголеми атрактивноста и конкурентноста на европското високо образование на глобално ниво.
    Во земјата има околу илјада активни баратели на работа, додека во исто време недостигаат над 10.000 работници. Дали нашиот образовен систем одговара на потребите на пазарот на трудот?
    Али Пајазити: Овие бројки ја покажуваат разликата меѓу професионалната ориентација и реалноста на пазарот на трудот. Ова укажува дека образовниот систем не ги опремува поединците со потребните вештини и знаења за да ги задоволат барањата на работодавачите. Голем е јазот меѓу обуките и квалификациите што ги нуди образовниот систем и вистинските потреби на различните сектори. Образовниот систем ја запостави важноста на занаетчиските и трговските училишта, стручните училишта и техничките вештини неопходни за извршување на специфични задачи. Сè уште владее мислењето дека најдобрите ученици треба да одат во гимназија, додека послабите во стручни училишта, каде што „нема перспектива“. Сепак, денешните трендови покажуваат дека работниците со занаетчиски вештини се платени речиси исто како и академските кадри, а понекогаш и подобро, и се барани не само во земјата, туку и во западните држави. Гимназијата нуди широки можности, но истовремено остава многу млади луѓе во неизвесност за нивната иднина. Не секој мора да се движи во рамките на класичните „право, економија, медицина“. Многу млади го губат својот природен талент учејќи нешто што не им одговара. Откривањето на талентите треба да биде приоритет број еден за наставниците, во соработка со родителите.
    Државата одвојува помалку од 1% од БДП за наука и иновативен развој. Како тоа се одразува врз севкупниот развој?
    Али Пајазити: Ова негативно влијае врз развојот, особено во време кога живееме во општество на знаење и наука, каде што научниот напредок е столбот на севкупниот општествен развој.  Државите кои предводат во оваа област се Израел, кој во 2021 година инвестирал 5,56% од БДП во наука и развој (наречен Startup Nation), Јужна Кореја (4,93%), позната по својата 5G технологија, САД и Шведска со 3,46%, Швајцарија со 3,36%, Обединетото Кралство со 2,91%, Словенија со 2,13%. Кога ги споредиме овие бројки со нашата земја, веднаш станува јасно зошто сме таму каде што сме.  Ниското инвестирање во наука резултира со ограничени иновации, бавен технолошки напредок, намалена продуктивност и конкурентност, како и неспособност да се решаваат модерните предизвици во секторите како што се здравството, образованието, енергетиката и животната средина. Државата и граѓаните го губат чекорот со научните откритија и глобалната конкуренција. Се случува „талент дрејн“ (губење на таленти) и „брејн дрејн“ (одлив на мозоци), бидејќи најспособните научници избираат земји каде што ќе можат да го реализираат својот потенцијал. Научниците и истражувачите кои не се финансиски мотивирани, универзитетите ги сведуваат на места за предавање, без вистински истражувачки перформанси. Наместо автентична наука, се создава „лажна наука“ – научен формализам без реална содржина и иновации.

    Текстот е работен во рамки на проектот „Застапување за инклузивен развој“, финансиски поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.  
    Содржината на овој текст е единствена одговорност на Форум за разумни политики, ИОХН и БИРС и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Владата на Швајцарија, Цивика мобилитас, или организациите што ја спроведуваат.

  • 27 години братско живеење

    Пред дваесет и седум години, на 7 март во 1998 година на свечената Академија одржана во Големата сала на Општина Велес, а по повод 45 годишнината на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ – Велес се изврши збратимувањето на извидничкиот одред “Димитар Влахов“ со извидничкиот одред “Мија Станимировиќ“ од Ниш – Република…

  • Женска рурална акција за родово-одговорни локални заедници – Отворен промотивен настан

    Во надворешниот отворен дел на Китиното кале пораките за родово-одговорни локални заедници ги пренесовме низ музичките звуци на DJ Aco Sound – Aleksandar Stankoski а во посета ни беа и извидниците од Извидничкиот одред Мирко Милески од Кичево кои што пак со својата креативна работа се вклучија во пренесувањето на…

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор