Вести од граѓанските организации

Содржината на информациите презентирани во овој дел од веб странaта се единствена одговорност на грантистите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразуваат гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат. Информациите се презентирани како што се пристигнати и печатните или други грешки во нив се одговорност на самите автори.

  • Платформата за родова еднаквост силно ја поддржува Иницијативата на жени од Шуто Оризари и нивната реакција на последниот случај на фемицид

    Овој трагичен настан укажува на неуспехот на институциите во навремена и соодветна заштита на жртвите на родово базирано и семејно насилство. Апелираме до надлежните институции итно да го преиспитаат своето постапување во овој случај, да преземат одговорност и конечно да ја исполнат својата обврска – да заштитат, да постапат навреме и да спречат нови случаи на фемицид. 
    Случаите на фемицид не се изолирани инциденти – тие се последица на институционален занемарување и континуирано игнорирање на сигнали за помош. Сите жени, особено оние од маргинализирани заедници, не смеат да бидат оставени сами во борбата за своја безбедност. Затоа, изразуваме целосна солидарност со Иницијативата на жени од Шуто Оризари.
    Во прилог ја пренесуваме реакцијата во целост.
    ***
    До кога ќе потфрла системот во заштитата на жените жртви на семејно и родово базирано насилство?
    Овој викенд, просведочивме на уште еден случај на фемицид, во кој жртва е жена од Шуто Оризари. Најнапред, сакаме да изразиме длабоко сочувство до најблиските на жртвата. Овој случај на семејно насилство, за жал, е добро познат на институциите, на нашите сограѓани од Шуто Оризари и на нашиот тим од Центарот за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано и семејно нсилство „ИСИ АРКА“.
    Имено, Р.А. дојде во нашето советувалиште, но иако и беше понудена придружба од нашиот тим до полициската станица „Пролет“, бевме одбиени – токму поради тоа што жртвата ја имаше изгубено целосно довербата во институциите. Па, зарем може да имаат жртвите доверба во истите, ако секој пат кога се обиделе да го пријават случајот на насилство, наидуваат на зборовите „повторно ли ти тука, и онака ќе се вратиш пак кај маж ти“?!
    Здружението Иницијатива за правата на жените од Шуто Оризари може да постапува и понуди помош и поддршка само со согласност од страна на жртвата. За овој случај на насилство, последно дознавме дека и покрај бројните обиди за пријава во соодветните институции од страна на жртвата, сепак, надлежните лица во полициската станица воопшто не преземале некаков чекор – до таму, што нема ниту изготвен записник за пријавувањето од страна на полициските службеници. Уште колку вакви случаи на насилство со траорен исход треба да просведочиме, за институциите да сфатат дека нивното непостапување е по цена на човечки живот?!
    Постојаното адресирањето на недостатоците на системот за заштита на жртвите од страна на нашето здружение е само со една и единствена цел – институциите да ја препознаат својата улога во овој ланец, да преземат одговорност и да започнат сонавремено постапување, со што би се превенирало насилството и би ставиле крај на ваквите случаи! Семејното насилство не е карактеристика само на одредена етничка заедница, сите подеднакво сме подложни на истото. Напротив, нашето истражување за „Соодветна заштита, помош и поддршка на жртвите на родово базирано и семејно насилство во општина Шуто Оризари“, покажува дека во периодот од 2020 до 2024 година, најголемиот број на жртви (околу 70 % во текот на годините) се од македонска етничка припадност, додека пак, бројот на жртви на семејно насилство од ромска етничка припадност во 2023 година изнесувал 6,79 %. Затоа, време е да ставиме крај на стереотипите и апатичноста кај вработените во институциите – не е решение да се советуваат жртвите дека е залудно да ја започнат постапката за пријавување на сторителите, бидејќи „и онака ќе се вратат во домот на насилниците“!
    За сериозноста и бројот на случаи на насилството од септември 2023 година до сега, сведочат и податоците во нашиот Центар „ИСИ АРКА“ – во овој период вкупно 123 жени се обратија до нас и побараа помош токму за спречување и заштита од семејно насилство. Оваа бројка говори дека од една страна, потребата за навремено постапување на институциите и меѓуинституционална соработка е неопходна, а од друга страна, подигнувањето на јавната свест на овие теми уште од најмала возраст, игра клучна улога во препознавањето на формите на насилство и механизмите за заштита од истото.
    Се надеваме и сакаме да веруваме дека ваков случај нема да се повтори, дека ова е последната жртва на фемицид и дека конечно, ова ќе го вклучи алармот на државата да ги преземе следните чекори за соодветна заштита и поддршка на жртвите на семејно и родово базирано насилство:
    1. Зголемување на тимовите за постапување и спречување на насилство при Министерството за внатрешни работи;
    2. Зголемување на тимовите за постапување при Центрите за социјални работи;
    3. Градење на капацитетите на службениците при МВР и ЦСР преку обуки за облиците на насилство и соодветен третман на жртвите;
    4. Сензибилизација на службениците кои имаат законска обврска да постапуваат при случаи на семејно и родово-базирано насилство;
    5. Работилници за подигнување на јавната свест за превенција и заштита од семејно и родово базирано насилство, со цел охрабрување на жртвите и враќање на довербата кон институциите;
    6. Редовни работилници во образованието за препознавање на облиците на насилство и механизмите за заштита од истите.
    Силно веруваме дека Основното Јавно Обвинителство ќе ги преземе сите неопходни чекори во истрагата и на насилникот ќе му биде изречена максимална казна за стореното дело врз Р.А., за правдата да биде задоволена.
    Апелираме до сите жени кои имаат потреба од било каква помош и поддршка во случаи на родово базирано и семејно насилство, да се обратат кај нас. Во нашиот Центар за помош и поддршка на жени жртви на родово базирано и семејно насилство „ISI ARKA“ нудиме бесплатни психо-социјални и правни услуги, секој работен ден од 9:00 часот до 17:00 часот. Центарот „ИСИ АРКА“ се наоѓа на адресата „Хаџи Јован Шишко“ бр. 15, а може да не контактирате и на телефонскиот број: 070 385 831.

  • Тркалезна маса за проектот “Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата”

    Тркалезната маса која се одржа на 29.04.2025 (вторник) беше можност за презентација и дискусија на анализата од спроведената анкета во рамки на проектот “Да се соочиме со предизвиците и стигматизацијата”

  • Инспиративен GREEEN настан во Скопје!

    🎉 Инспиративен GREEEN настан во Скопје! 🌍📍 30 април | Младински Центар МатичноПод мотото „Пријави се. Поврзи се. Инспирирај се. Научи. Сподели. Развивај се себе и учениците“, Еко Логик и ССОУ „Димитрија Чуповски“ – Велес го организираа мултипликаторниот настан за промоција на резултатите од проектот GREEEN – Games, Resources, Environment, Entrepreneurship and Education Network.👥 На настанот беа споделени:Прирачник за претприемништво – со нови идеи за претприемачки предизвици.Прирачник за воннаставни активности – креативни решенија за учење надвор од училница. Онлајн лекции – 80 нови дигитални ресурси од областа на природни и општествени науки, уметност  технологија, кои ќе го збогатат искуството на наставникот. Презентација на најдобрите еколошки иницијативи и претприемачки проекти – извонредни примери на иновации и еколошки проекти во кои учениците активно учествуваa. Статии од онлајн весник, создадени од учениците- повеќе од 100 написи кои се фокусирани на еколошки прашања и претприемништвоПрезентација на стрип – визуелно инспиративно согледување на еколошките проблеми.Учениците зборуваа за своето искуство од нивното учество преку подготвка на статии, стрип и проекти📣 Што велат учесниците?✔️ Одлична организација и корисна содржина✔️ Практични и иновативни примери, особено стрипот како едукативна алатка✔️ Доволно време за дискусија и размена на искуства✔️ Силна желба за повторна соработка и идни активностиОвој настан го потврди значењето на креативниот пристап во едукацијата и важноста на соработка помеѓу ученици и наставници. Продолжуваме со уште поголема мотивација! 💡🌿

  • Граѓанските активисти од Источниот регион ги унапредија вештините за застапување и инспирирање промени за родова еднаквост и млади

    Граѓанскиот сектор постојано еволуира, под влијание на глобалните и националните случувања. Новите политички реалности, како што е примерот со промените во САД, имаат директен ефект врз стратегиите и приоритетите на граѓанските организации. Оваа динамична природа бара адаптирање на промените, следење на трендовите и постојана едукација. Во насока на потребата од постојана едукација, на 28-30 април 2025 во Берово беше одржана oбуката: “Застапување во областа на родовата еднаквост и младите и алатки за комуникација со целни групи и креирање на содржини за ефективно застапување“. На оваа обука претставници на граѓанските организации (ГО) и локалните младински совети од Берово, Пехчево, Виница и Делчево ги надградија своите знаења за застапување во однос на цели, задачи, форми, процес и елементи на јавното застапување, организирање кампања за застапување и содржина на документ за јавни политики, со посебен акцент на родовата еднаквост и младите.

     Клучно е активистите во граѓанскиот сектор да се стремат кон холистички развој на национално, регионално и локално ниво. Токму оваа способност за адаптација и иновација е она што го одржува секторот жив и релевантен во контекст на современите предизвици.
    Тодор Цонев од ГО ИНИ Виница истакна дека застапувањето и лобирањето е предизвик за малите организации, кои често се соочуваат со административни пречки. Тој потенцираше дека луѓето имаат потреба од дискусија и споделување искуства за добри и лоши практики.
    Претставникот на Младински Совет Делчево нагласи дека преку оваа обука, младите учат повеќе за своите права, бидејќи често се чувствуваат оставени на страна од случувањата и не се доволно информирани. За време на обуката, истакна тој, се појавија и нови идеи за локално делување.
    Според обучувачката Невенка Лонгурова, работната група е мешана со различни капацитети, но секој од својата област ќе има можност да направат индивидуални планови за застапување.
    Родне Деолска од Регионален Центар за застапување Делчево, изјави дека секој ваков или сличен настан носи нови знаења, но истовремено и нови насоки и трендови во процесот на застапување.

    Оваа тридневна обука се организираше во рамки на проектот „Застапувај, придонеси за својата заедница“, проект спроведуван од Организација ЖЕНА Делчево во партнерство со Здружение Надеж од Македонска Каменица. Овој проект е субгрант добиен во рамки на „ЕУ поддршка за Граѓански ресурсен центар – фаза 2”  финансиран од Европската Унија. Содржината на обуката не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија и на Граѓанскиот ресурсен центар.

    Следно >

    Поврзани:

  • Одржана средба помеѓу Фондацијата Метаморфозис и Министерството за дигитална трансформација за усогласување на националното законодавство со Законот за дигитални услуги на ЕУ

    На 5 мај 2025 година се одржа средба на претставници на Фондацијата Метаморфозис со министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, во просториите на Министерството за дигитална трансформација на Република Северна Македонија. Главна тема на разговорот беше иницијативата на Метаморфозис за усогласување на националното законодавство со Законот за дигитални услуги на ЕУ (Digital Services Act – DSA), која е веќе прифатена од Владата и вклучена во нејзината Програма за работа за 2025 година .

    На средбата се разговараше за конкретните чекори што треба да се преземат за успешна имплементација на оваа иницијатива, со посебен фокус на улогата на граѓанскиот сектор и потребата од вклучување на сите засегнати страни во процесот.
    Фондацијата Метаморфозис активно ќе учествува во процесот на реформирање на законодавната рамка со цел да се овозможи побезбеден, потранспарентен и поправеден дигитален екосистем во државата.

  • ОТВОРЕН ПОВИК ЗА АНГАЖИРАЊЕ НА МОДЕРАТОР ЗА ПОТКАСТОТ VISION OF VOICES

    Центарот за истражување и анализи НОВУС објавува јавен повик за ангажирање на модератор за потребите на подкастот Vision of Voices, кој ќе води епизоди посветени на младински погледи за поодржлив и зелен свет, во рамки на проектот.

    Водење на 4 подкаст епизоди во рок од 2 месеци.
    Темелно истражување на позадината на гостите на подкастот и подготовка на соодветни прашања.
    Креирање на програма за работа која ќе содржи информации за темите на епизодите и гостите, во координација со проектниот координатор.
    Поднесување краток извештај после секоја епизода за работата и координацијата на модераторите.

    Млади лица од 15-29 години.
    Одлични комуникациски вештини на македонски и/или англиски јазик.
    Претходно искуство во истражување на говорници и креирање на прашања од младински интерес.
    Ентузијазам за тимска работа.

    Избраните кандидати ќе добијат месечен надомест по завршување на месечните обврски.

    Заинтересираните кандидати треба да испратат своето CV и мотивациско писмо најдоцна до 15.05.2025 на е-маил адресата: d.kirova@associationnovus.org и во cc contact@associationnovus.org со назнака „Поднесување на апликација за модератор/ка за подкастот Vision of Voices”.
    За повеќе информации, контактирајте не на: contact@associationnovus.org.

  • Фондацијата Метаморфозис во фокусот на глобална кампања по повод Светскиот ден на слободата на медиумите

    По повод Светскиот ден на слободата на медиумите, глобалната мрежа IFEX ја започна кампањата „Соочување со моментот на АИ“, фокусирајќи се на напорите на граѓанското општество за справување со дезинформациите во ерата на вештачката интелигенција. Фондацијата Метаморфозис е меѓу истакнатите организации во оваа кампања, со својот иновативен пристап кон вклучување на младите и медиумската писменост, кој претставува инспиративен модел за справување со предизвиците од дезинформации засилени со АИ.
    Додека вештачката интелигенција сè повеќе го трансформира глобалниот информативен пејзаж носејќи и можности и ризици, граѓанските организации како Метаморфозис заземаат сè поважна улога во обезбедување дека слободата на медиумите не само што ќе опстане, туку и ќе се развие. Кампањата „Соочување со моментот на АИ“ го нагласува клучното значење на ваквите организации во градење на информирани и отпорни општества, во време кога синтетички медиуми, дипфејк содржини и генерирана содржина од АИ сè почесто се користат за искривување на јавната дебата и поткопување на довербата.
    Во Северна Македонија, каде што медиумската писменост останува на едно од најниските нивоа во Европа, а дезинформациските кампањи ги таргетираат темите од јавното здравје до изборите, Метаморфозис веќе подолго време еводечка организација во справувањето со штетните наративи. Преку повеќеслоен пристап што вклучува медиумски платформи како Мета.мк, Порталб.мк и сервисот за проверка на факти Вистиномер, како и регионалната соработка преку Центарот против дезинформации на Западен Балкан, фондацијата разви силен сет на алатки за заштита на информативниот простор.
    Меѓу впечатливите иницијативи претставени во кампањата на IFEX се Сајбер шејк настаните на Метаморфозис. Станува збор за серија настани насочени кон младите, започнати во 2023 година, со цел да се истражи влијанието на новите технологии врз интегритетот на информациите. Одржувани во неформални простори како кафулиња и клубови, Сајбер шејк настаните ги приближуваат експертите до младите, овозможувајќи дискусии за теми како дипфејк содржини, заштита на личните податоци и етички аспекти на технологијата, користејќи интерактивни алатки како квизови и промоции со инфлуенсери за поттикнување на дијалог.
    Еден таков настан, „Дипфејк или реалност“, одржан на почетокот на 2024 година, понуди динамична комбинација од експертски панели и вклучување на публиката во живо. Учесниците, меѓу кои новинари, професори по компјутерски науки и уредници од технолошки медиуми, ги водеа младите низ анализа на реални и манипулирани слики, охрабрувајќи ги критички да ги преиспитуваат визуелните содржини во дигиталната ера. Настанот овозможи младите слободно да ги изразат своите ставови за злоупотребата на АИ.
    „Ние не побаравме тие да дојдат кај нас – ние отидовме кај нив“, изјави Горан Ризов, менаџер на програмата Информациски и медиумски интегритет во Фондацијата Метаморфозис. „Целта не беше да држиме предавања, туку да создадеме простор каде што младите ќе можат да поставуваат прашања и да ги споделат своите грижи. Многумина веќе беа свесни за ризиците од АИ, но им недостасуваше платформа за отворена дискусија и споделување со други кои се чувствуваат исто.“
    Повратните информации од овие настани веќе го обликуваат идниот пристап на Метаморфозис. Во подготовка се нови серии на настани насочени и кон млади, но и кон повозрасни граѓани, кои ќе комбинираат едукација и забава за да се разгледаат комплексни теми како теории на заговор, надзор и етичко користење на АИ. Фондацијата останува посветена и на регионалната соработка, со натамошно зацврстување на својата водечка улога во Центарот против дезинформации на Западен Балкан.
    Клучно е што Метаморфозис задржува избалансиран пристап кон технологијата. „Го нагласуваме позитивниот потенцијал на АИ кога се користи етички“, вели Ризов. „Нашата цел не е да ги исплашиме луѓето – туку да им дадеме знаење со кое ќе можат да ја користат технологијата разумно, но и да бидат свесни за ризиците.“
    Преку својот придонес во кампањата на IFEX „Соочување со моментот на АИ“, Фондацијата Метаморфозис уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон овозможување на граѓаните, особено младите, да можат со критичко мислење и медиумска писменост да учествуваат во одбраната на слободата на медиумите во денешниот свет воден од вештачка интелигенција.

  • Зaпочна курсот во општина Кичево

    Со големо задоволство ве известуваме дека на 24.04.2025 година започнаа бесплатниот курс во општина Кичево. Обуката се одвиваат во две групи – една за маникир и педикир и една за шминкање.

    Преку овие обуки да им овозможиме на жените стекнување нови вештини и знаења, со што ќе се зголемат нивните можности за вработување, самовработување и самостоен економски развој.

    Обуките се одвиваат во пријатна и поттикнувачка атмосфера, под менторство на искусни обучувачи, а интересот и мотивацијата на учесничките претставуваат силна потврда дека ваквите програми се од исклучителна важност за развој.

    Им посакуваме успешна и инспиративна обука на сите учеснички, со надеж дека стекнатите вештини ќе бидат темел за нивниот понатамошен личен и професионален напредок.

    Курсевите се дел од партнерскиот проект: ,,Гласот и учеството на жените и младите во: Креирање јавни политики и овозможувачка средина за граѓанско учество.“ се спроведува од „Женска граѓанска иницијатива АНТИКО“, Скопје и проектните партнери Здружението „СЕКОГАШ СОЖИВОТ“– с. Канатларци – Прилеп и „ЗОК АДРИОН“, Желино. Поддржан од Владата на Швајцарија преку Civica Mobilitas

    Мислењата кои се изразени овде се на Здружението ,,Секогаш Соживот” не нужно ги одразуваат ставовите на Швајцарската Влада, Цивика мобилитас или организациите што ја спроведуваат.

  • Првомајски говор на Кристина Ампева, претседателка на #ГласенСиндикат, кој е дел од Сојуз на синдикати – 5та СИЛА

    📢 Првомајски говор на Кристина Ампева, претседателка на #ГласенСиндикат, кој е дел од Сојуз на синдикати – 5та СИЛА

    Почитувани другари и другарки, почитувани браќа и сестри синдикалци, почитувани медиуми,

    На сите денес присутни, тука, ви честитам за храброста.Им честитам и на сите синдикати кои денес покрај сите свои различни гледишта се обединија во единствената легитимна борба која треба да ја води еден синдикат, а тоа е борбата за повисока плата.Исто така, сакам да ги поздравам и сите синдикати кои денес не собраа храброст да застанат тука со нас во страв да не денешниот протест нешто им смени во нивното умилкување па вчера си правеа 1 Мај. И, сакам да им порачам срам да ви е, се срамам и за вас.Денес не е ден во кој ние протестираме против Владата, ние денес го славиме празникот заедно со работниците и бараме од Владата повисоки плати. На народот му е доволно од синдикалци во одела кои ги распродаваат нивните права и на кои главната цел им е да седнат во нечиј политички скут.Оваа борба која денес ја водиме нема партиска боја, нема ни синдикално лого, има само една цел – а тоа е повисока плата за работниците.500 евра одамна не се луксуз, туку сума за достојна живеачка.Станавме земја со нијнизок стандард, највисока инфлација која ги изеде работничките плата, станавме земја со нијниска плата.Земја во која нашите функционери и политичари од апсолутно сите политички партии земаат 79% покачена плата, земаат секакви додатоци и патни трошоци. Истите тие ни кажуваат дека е доволно ова усогласување и зголемување на платата од 1.800 денари. Која иронија. Луѓе со 2.000 евра плата им кажуваат на работниците дека е доволна платата од 24.000 денари.Не разбираат дека да не се работниците и даноците кои ги плаќаме, ќе нема за никој. Од ваквото неценење на трудот на работниците од страна на работодавачите, младите се исселуваат, но и цели семејства бидејќи сакаат да живеат во држава во која ќе имаат здравство,, правда, образование, платени работни места, плата за живот а не за преживување. Ветувам дека ова е само еден од многуте протести кои ќе ги има доколку нашите политичари не најдат за сходно да ги применат политиките макар од регионот, каде се покачија платите на работниците бидејќи најважен е стандардот на граѓаните, на семејствата. Бидејќи сите во регионот разбраа дека без работничката класа, нема даноци, нема пензии, нема плати, нема економија. Бидејќи работниците се оние кои ја движат економијата.

    Нека е честит 1 Мај. Денот на работничкиот труд!

  • Советот на МЦМС го усвои Годишниот извештај и избра нови состави на Советот и Управниот одбор

    Советот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) на 29 април 2025 година ја одржа редовната седница на која беше разгледан и усвоен Годишниот извештај на организацијата за 2024 година, наративен и финансиски, заедно со Извештајот од независниот ревизор и беа избрани нови состави на Управниот одбор и Советот на МЦМС.

    Годишниот извештај за 2024 година го презентираше Александар Кржаловски, директор на МЦМС. Тој се осврна на постигнувањата во програмите на кои работеше организацијата во претходната година, како и на финансиските податоци, а направи и рефлексија првите месеци од оваа година. „МЦМС ја заврши годината во која спроведуваше 28 проекти, а буџетот изнесуваше околу 180 милиони денари (околу три милиони евра). Фокусот беше на јакнењето на граѓанското општество, борбата против корупцијатаи социјалната инклузија“, рече тој.

    Членовите на Советот, во нивните дискусии се интересираа за диверзификацијата на фондовите, особено во светло на прекинувањето на договорот за една од програмите поддржана од УСАИД, на видливоста на резултатите и потребата повеќе да се работи на неа, а беше побарано од МЦМС да покрене иницијатива за воспоставување на платформа на граѓански организации која би ги застапувала нивните интересите пред институциите. По дискусиите, членовите едногласно го усвоија Годишниот извештај за 2024 година.
    Во вториот дел од седницата со тајно гласање беа спроведени избори на членови на Управниот одбор и Советот.

    Од предложените 22 кандидати за членови на Советот, беа избрани 18, па новиот состав на Советот го сочинуваат: Елена Кочоска (на предлог на УО), Надир Реџепи (ИнСок), Герман Филков (ЦГК), Лулзим Хазири (АДИ), Симонида Кацарска (ЕПИ), Назиф Авди (МЗМП), Неда Малеска Сачмароска (ЦУП), Дејан Страчковски (МПЦ), Ирсал Јакупи (ИВЗ), Благица Петрески (Фајнанс тинк), Марко Трошановски (ИДСЦС), Сања Васиќ (МИМ), Назим Рашиди (Диверзити медиа), Драган Секуловски (ЗНМ), Тетјана Лазаревска (МРФП), Наташа Вртеска (ЗЕЛС), Томе Христоски (општина Крушево), Никица Мојсоска Блажевски (Македонија 2025).
    Новиот состав на Управниот одбор е: Елена Кочоска (на предлог на УО), Надир Реџепи (ИнСок), Васил Манасиев (МПЦ), Неда Милевска Костова (Студиорум), Тетјана Лазаревска (МРФП), Сања Васиќ (МИМ), Назим Рашиди (Диверзити медиа).
    МЦМС им додели благодарници за досегашната посветена работа на членовите на двете тела на кои им завршија мандатите со посебно признание до Сашо Клековски, еден од основачите и долгогодишен директор на МЦМС.

    Следно >

    Поврзани:

Нема повеќе содржини

Нема повеќе содржини

Регистрирај се и добивај новости, информации и можности од Цивика мобилитас. Испраќаме не повеќе од 1 до 2 пораки месечно.

Регистрирај се за информатор